Tag Archives: СашкоЈовев

Апасиев: Да бидеме реални, д-р Јовев е разрешен затоа што е Македонец

Пратеникот од редовите на Левица, Димитар Апасиев, смета дека директорот на Кардиохирургија бил разрешен по етничка основа, односно дека е Македонец.

Разрешувањето на д-р Сашко Јовев деновиве е главна тема во државава, а неговата преписка со министерот за здравство, Фатмир Меџити, ја коментираат сите.

Членот на Президиумот на Левица и пратеник во македонското собрание од оваа партија, професорот по римско право Димитар Апасиев, излезе со став дека смената на директорот Јовев има и етничка позадина.

„Ај да бидеме реални. Доктор Јовев е разрешен и затоа што е Македонец. Да беше по Рамковен, никој немаше да го пипа“, рече Апасиев во објава на Facebook.

За денеска е најавено обраќање на министерот Меџити на кое ќе ги објасни причините за разрешувањето на д-р Јовев.

Д-р Јовев: Нема да се спакувам и да си заминам, затоа што цел тим ќе дојде со мене

Кардиохирургот Сашко Јовев, кој беше разрешен од функцијата директор на Клиниката за кардиологија, изјави дека веројатно има некое недоразбирање и грешка во изјавата на министерот за здравство Фатмир Меџити. Министерот рече дека Јовев е разрешен по извештајот на инспекцијата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ). Меѓутоа, д-р Јовев во интервју за Слободен печат вели дека воопшто немало таква инспекција.

-Комисија од ДСЗИ воопшто не се појави, туку беше комисија од Министерството о за здравство. Со комисијата разгледавме 17 точки од кои постапуваме, бевме подготвени, бидејќи по тие точки секојдневно постапуваме. Едноставно да ја сфативме како редовна контрола од Министерството за здравство, не беше од ДСЗИ. Беше директно назначена од кабинетот на министерот, рече д-р Јовев.

На прашањето дали ќе си замине од Клиниката, Јовев беше дециден:

-Нема да се спакувам и да си заминам, затоа што цел тим ќе дојде со мене. Грев е да се затвори клиниката. По пресот добив многу поддршка. Добив поддршка од СДСМ, чие место е ова во Клиниката, од друга страна имам поддршка од сите колеги од ДУИ, и опозициските партии влегоа во моја одбрана, затоа што јас влегувам како професионалец, кажа д-р Јовев.

Тој најави дека ќе остане и ќе продолжи да оперира со својот тим, останал во државата и не заминал и покрај тоа што 7 години бил надвор од државата. Очекува да се разбере со министерот и ова да се исправи. Слушнал дека на повеќе колеги им било понудено директорското место во Клиниката, но сите одбиле.

Д-р Сашко Јовев: Во оваа држава само успехот не се простува

Политиката не беше иницијална каписла, но како тргна, веројатно ќе премине од суета во политички пазар, рече денеска д-р Сашко Јовев, разрешениот директор на Клиниката за кардиохирургија, пишува СДК.мк.

Министерот за здравство Фатмир Меџити вчера го разреши реномираниот кардиохирург од раководната функција откако, како што кажа, инспекторите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) утврдиле нерегуларности во работата на Клиниката.

Д-р Јовев денеска беше пречекан со аплауз и овации од колегите и од пациенти, кои вознемирени раскажуваа како ги примал, оперирал и негувал докторот.

-Очекував ваква поддршка, јас си го знам тимот. Ова е тим кој работи 24/7, кој нема работно време. Јас во моето 35-годишно искуство немам земено ден боледување. Минатата недела морав да земам поради притисоци. Неодамна отворивме хибридна сала на Клиниката, на која дојде премиерот. Министерот не дојде, дали сметаше дека е доцна пратена поканата, но имав притисоци зошто сме ја отвориле без него, рече кардиохирургот, додавајќи дека не е партиски кадар, и дека има целосна поддршка од заменик-министерката за здравство Маја Манолева.

Адвокатот на д-р Јовев, Мите Михајловски, кажа дека во решението за разрешување е наведено оти д-р Јовев двапати дежурал во 2022 без согласност од министерот, а тогаш беше Беким Сали на таа функција.Д-р Јовев кажа дека е нормално да се дежура и да се покриваат колеги, како што работат сите клиники.

Михајловски најави правна процедура за решението за разрешување.

-Во оваа држава само успехот не се простува, рече д-р Јовев.

Кардиохирургот Сашко Јовев лани беше меѓу добитниците на државната награда „Св. Климент Охридски“, највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес во држвата. Преходно ја доби наградата за животно дело „Гемиџиите“ на Општина Велес, а беше и дел од тмиот наградени со „13 Ноември“ на Град Скопје. Првата трансплантација на срце беше изведена на 23 мај 2020, оттогаш има изведено вкупно осум пресадувања на срце.