Tag Archives: слава

СРЕЌНА СЛАВА – ДЕНЕСКА Е СВЕТИ ФИЛИП, еден од дванаесетте апостоли

Еден од дванаесетте апостоли. Роден е во Витсаида крај езерото Галилејско, како Петар и Андреј. Од малечок научен на Светото Писмо, Филип веднаш се одѕва на повикот на Господ Исус и тргна по Него (Јован 1, 43). После слегувањето на Светиот Дух, Филип ревносно го проповедаше Евангелието во многу краишта на Азија и Грција.

Во Грција, Евреите сакаа да го убијат, но со Своите моќни чуда Господ го спаси. Така, еврејскиот првосвештеник којшто се устреми да го бие одеднаш ослепе и сиот поцрне. И имаше силен земјотрес и земјата се отвори и ги проголта злобните гонители на Филип. И многу други чуда се случија, особено исцеленија на болни, заради што мнозина незнабошци поверуваа во Христа. Во Фригискиот град Јерапол, свети Филип се најде на заедничка работа со свети Јован Богослов, со својата сестра Маријамна и апостолот Вартоломеј.

Таму имаше некоја опасна змија, којашто незнабошците грижливо ја хранеа и ѝ се поклонуваа како на Бог. Божјите апостоли со молитва ја умртвија оваа змија. Со тоа врз себе го навлекоа гневот на помрачените луѓе. Озлобените незнабошци го фатија Филип и го распнаа на дрво главечки, потоа го распнаа и Вартоломеј.

Тогаш, земјата се отвори и го проголта судијата и мнозина други со него. Во голем страв, луѓето притрчаа да ги симнат апостолите. Но, успеаја да го симнат жив само Вартоломеј, Филип веќе беше издивнал. На крстените, Вартоломеј им го постави за епископ Стахиј, когошто претходно тој и Филип го исцелија од слепило и го крстија. Стахиј беше слеп четириесет години. Подоцна, моштите на свети Филип беа пренесени во Рим. Овој прекрасен апостол пострада во 86 година, во времето на царот Дометијан.

УТРЕ Е СВ. АРХАНГЕЛ МИХАИЛ: Православните го слават војводата на сите ангели, еден од најголемите празници и многу честа куќна слава

Утре православните христијани го празнуваат Св. Архангел Михаил, еден од најголемите христијански празници и една од најчестите куќни слави.

Архангел Михаил е водачот на небесните војски кој секогаш се јавувал на местата на кои се појавувала Богородица, така што претставува небесна сила и заштита на земјата. Празникот на Архангел Михаил се нарекува уште и празник на војводата на сите ангели.

Главниот празник на Св. Архангел Михаил се празнува на 8 ноември (Јулијански календар) односно 21 ноември по нов стил. Се вика Собор на свети архангел Михаил. Тој е меѓу поголемите есенски празници што нашиот народ ги празнува со домашни служби, меѓу народот попознат како Аранѓел, Оранѓел или Аранѓеловден.

Црквата го определила овој ден за празник во чест на сите ангели, а најмногу на свети архангел Михаил кого го смета за водач на сите небесни сили.

Тогаш именден празнуваат: Ангел, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна, Ратка…

Пред да го создаде материјалниот свет (земјата, небото, ѕвездите, човекот итн.), Господ го создал духовниот свет ‒ ангелите. Ангелите се духови поради што се невидливи, а за подобро да бидат сфатени и за да се создаде претстава за нив на фреските и иконите се претставени во човечка форма. Тие се Господови гласници (ангел значи весник) ги пренесуваат божјите заповеди поради што на фреските се претставени со крилја. Тие се поим за младост и безгрижност поради што се претставени како деца бидејќи староста, обелувањето на косата и брчките на лицето се последица на животните грижи и страдања. Тие се насликани во бела облека што симболизира душевна чистина и невиност. Единствено архангел Михаил е претставен во војводска облека. Зошто архангел Михаил е насликан како војвода?

Во почетокот сите ангели биле добри. Подоцна некои од нив станале лоши, се одметнале од Бога и почнале да прават злодела. Нив ги викаме ѓаволи. Еден меѓу нив по име Деница, заслепен од големата моќ што му ја дал Бог, се одметнал од Бога, собрал големо друштво и создал цело невидливо небесно духовно царство. Свети архангел Михаил го победил, го симнал од небото, а и подоцна продолжил да се бори за славата Божја поради што е претставен во војводска облека со меч и копје во рацете.

Тогаш, кога некои ангели почнале да го напуштаат Бога и станале лоши архангел Михаил ги собрал сите ангели и како знак на верност кон Бога почнал заедно со нив да ја слави Света Тројца со песната: Свет, Свет, Свет е Господ Саваот. Во спомен на овој собир црквата го востановила празникот Собор на свети архангел Михаил што се празнува на 21/8 ноември. Со овој празник им се оддава признание на сите ангели кои ги има безброј.

Зошто токму на овој ден се празнува денот на ангелите? Според некои истражувачи месецот ноември е одбран поради тоа што во поранешното сметање на времето, кога годината започнувала од март, ноември бил деветти месец, а девет се чиновите ангелски. Денот осми (според стариот календар) е одбран поради тоа што на осмиот ден од страшниот суд ќе дојде Исус да им суди на живите и мртвите.

Денеска се празнуваат СВЕТИ КОЗМА И ДАМЈАН – Лекарите кои лечеа без пари, чудотворците

Бесребреници и чудотворци. Браќа по тело и по дух, родум негде од Азија, од татко незнабожец и мајка христијанка. По смртта на татко им нивната мајка Теодотија целото време и труд ги даде на тоа да ги подигне и воспита синовите како вистински христијани.

И Бог ? помогна, та нејзините синови израснаа како две слатки овошки и како два светилници на светот. Беа научени на лекарската вештина и бесплатно им помагаа на болните не толку со лекови колку со името на Господ Исус Христос.

Ги нарекоа бесребрени лекари, бидејќи лечеа бесплатно и така ја исполнуваа Христовата заповед: „Бесплатно примивте, бесплатно давајте!“ (Матеј 10, 8). Беа толку внимателни во бесплатното лечење на луѓето што Козма вистински се налути на својот брат Дамјан зашто овој зеде три јајца од една жена Паладија, па нареди Козма по неговата смрт да не го закопуваат до брат му Дамјан. Всушност Свети Дамјан не ги зеде оние три јајца како награда зашто ја исцели болната Паладија, туку затоа што таа го заколна со Пресвета Троица да ги земе оние три јајца. Сепак по нивната смрт, во местото Фереман беа закопани заедно според Божјо откровение.

Овие Свети браќа беа големи чудотворци и за време на животот и после смртта. На еден слуга на спиење му се беше вовлекла змија низ устата во стомакот и кутриот човек ќе издивнеше во најтешки маки, ако во последен миг не ги повикаше на помош Светите Козма и Дамјан. Така ги прослави Господ со чудотворство засекогаш оние коишто Го прославуваа Бога на земјата со вера, чистота и милост.

Тропар
Свети бесребреници и чудотворци, Козмо и Дамјане, посетете ги нашите немоќи; бесплатно примивте, бесплатно давајте ни.

Кондак
Откако примивте благодат за исцеленија, им давате здравје на оние што се во неволја, лекари и чудотворци преславни! Но, со вашата посета, соборете ја дрскоста на воините, лекувајќи го светот со чудеса.