Tag Archives: сосед

„Животот ми го упропасти, полицијата не помага, а капка по капка собирам да преживеам“ – Атиџе низ солзи

Кај да одам, што да правам, животот ми го упропасти, а полицијата не мрда со прст, вели низ солзи  хероината од „Медена земја“, Атиџе Муратова, која по којзнае кој пат се жали од проблемите што и ги прави нејзиниот сосед.

Атиџе се жали од него и на полицијата и во медиуми, но овој проблем откако се појави во документарецот и откако сите дознаа за неа и нејзиниот мед, не се решава. Така е и овој пат. Таа се јавила во редакцијата на ММС расплакана и очајна.

-Ми украл кошарина.  Пчелите сами пред 10 дена ми се роеја во куќата, силни беа можеа 10 кила мед да дадат. И ги снема.  Детето на соседот кажало на брат ми дека тој ги земал. Рекло- татко ми ја однесе ама не знам каде. И сега што да правам? Ова не е прв пат. Кај да одам кој да ми помогне? Не е прв пат да ме краде. Кај да одам? Ни полиција реагира ни бутур.  Што да правам? Да одам ли јас  неговите да ги крадам, бидејќи полицијата не сака да го реши проблемот со години. Овој човек животот ми го упропасти. Се му е одобрено и сите не изгоре, сите што таму чуваме пчели. И никој ништо не помага, вели низ солзи Атиџе за ММС и додава:

-Ако нешто се случи полиција не сакам да видам, штом си седат со скрстени раце. Затоа апелирам до сите добри луѓе кои можат да ми помогнат, бидејќи јас многу сум разочарана од полицијата. Се трудиш да работиш чесно и не бива.  Лани ми украде, сега пак. Па јас од што ќе живеам.  Утре ќе одам во Свети Николе во полиција да го пријава. Иако знам, што да одам во полиција, кога не е прв пат, сум го пријавувала и до сега и ништо не превземаат.  Затоа ќе го тужам и него и полицијата. Лани се пожалив ми рекоа не можеме да го најдовме.  И мед ми кардеше, па лаже мигрантите го направиле тоа и тие му веруваат, вели Атиџе за ММС.

ММС и порано информираше дека Атиџе има проблем со соседот, но очигледно дека ништо не е превземено. Според неа овој човек не ја краде само неа, туку и другите, кои во селото Бекирлија чуваат и питоми и диви пчели.

-И овој живот не е живот, ти да работиш а друг да печали.  Кај да одам, кај да бегам, кај да се иселам ова веќе не се трпи. Ми се жалат луѓето што исто така чуваат пчели таму и викаат како да да одиме во полиција, зарем нешто ќе направат. Џабе. Биле и никому ништо. Ќе им речат таков си е што да правиме. Тоа ли е одговор? Сериозно ќе го тужам и него и полицијата.  Еднаш барем да го казнат мислам дека нема да прави така,  ама вака е силен, дека никој ништо не му може и си прави што сака. А јас капка по капка собирам да преживеам. Чесно да живеам. И не бива и не бива. Утре, пак, ќе одам во полиција во Свети Николе да се жалам кај командирот, да го  пријавам по којзнае кој пат. Оти јас навистина нема веќе кај да се обратам. Сите во селото исто мислиме, дека човеков ќе направи поголема беља и после ќе биде доцна за реагирање. Па и екипата од „Медена земја“ рече ќе ми помогне и тие никаде ги нема, ќе му речат да не прави веќе така и толку. Ваков човек не сум видела во животот, штетник, додава на крајот Атиџе за ММС.