Tag Archives: старост

СИТЕ СЕ ПРЕД ПЕНЗИЈА – НЕМА КОЈ ДА ГИ ЗАМЕНИ ПЕКАРИТЕ И БУРЕКЏИИТЕ

Просечната старост на вработените во пекарската индустрија е 57 години. Кога ќе одат во пензија, не ќе има кој да ги замени. Компаниите од оваа област и сега се соочуваат со проблеми поради недостиг на квалификуван кадар. Младите воопшто немаат интерес за пекарската струка, ниту се заинтересирани да бидат сопственици на пекарници, покажува најновата анализа на Стопанската комора.

Како што беше речено денеска на прес-конференција, ситуацијата е алармантна, а дополнително ја комплицира тоа што дел од процесите во пекарската индустрија не може да се автоматизираат за да се компензира кадарот.

-Во големата пекарска индустрија најмногу недостигаат месачи, обликувачи на тесто и пекари, а во малата и микропекарска индустрија стопанствениците кубурат со пекари и бурекчии. Проблемот е сериозен и треба системски и институционално да се решава. Една од опциите е да се предвиди субвенционирање на работодавачите или работниците кои ќе ги одберат овие занимања во пекарската индустрија зашто идниот период може да дојде до блокада во работењето и до зголемување на цените на секојдневните пекарски производи и печива од рачна изработка, истакна Наташа Јаневска од Комората.

Комората најавува поддршка за своите членки преку преквалификација и доквалификација за бараните вештини.

– Почнуваме со обука за пекари во соработка со пекарницата „Пастел“, која се соочи со потребата од обучен кадар. Станува збор за верификувана, модуларно дизајнирана програма, изработена на барање на „Пастел“, која содржи теоретски и практичен дел. Лицата ќе бидат обучувани од искусен практичар, додека трае обуката ќе добиваат парични средства, а потоа, по завршувањето на обуката ќе бидат и вработени во фирмата, нагласи Јаневска.

Според Игор Стојановски од „Пастел“, проблемот со немањето кадар во пекарската индустрија е исклучително сериозен.

-Драстично се качува цената на трудот на постојните работници – пекари. Веќе нема многу разлика дали бурекчијата ќе работи тука или во Германија, цените им се скоро изедначени. Не се исти, но полека ги стигнуваат зашто, едноставно, нема кој да работи, рече Стојановски.

За обуката веќе има четири кандидати, сите се жени, на возраст од околу 50 години. Тие сакаат да се преквалификуваат зашто бараат работа.

-Млади засега не се пријавиле, потенцира Стојановски, додавајќи дека во пекарската индустрија просечната плата е над 30 000 денари, а достигнува и до 60 000. Притоа, платата е во процес на раст.

Според последната анализа на Стопанската комора, 82 отсто од компаниите се обиделе да обезбедат кадар со потребни вештини, но не успеале во целост, 45 проценти од компаниите причината ја гледаат во ограничениот број кандидати со соодветни квалификации и работно искуство, додека 42 процента сметаат дека кандидатите имаат некои соодветни теоретски знаења. (МИА)

Милионер војува со староста, сака повторно да биде 18-годишник – Ова е неговата неверојатна дневна рутина

За својата секојдневна рутина технолошкиот могул троши по 2 милиони долари годишно за повторно да се чувствува како да има 18 години.

Брајан Џонсон (45), тврди дека темпото на стареење му се забавило за 24 отсто благодарение на тешката дневна рутина.

Брајан којшто „тежи“ стотици милиони долари, вработува „војска“ од 30 доктори и експерти кои му помагаат да изгледа помладо.

Што би дале за повторно да имате тело на тинејџер?

Брајан мисли дека тоа може да го направи за околу 2 милиони долари годишно. Тој предводи нова војна против стареењето во која милијардерите и славните лица се обидуваат да го вратат времето.

Овој милионер сега има „војска“ лекари и експерти во тоа што тој го нарекува „Operation Blueprint“.

Конечната цел е да направи пресврт во биологијата и секој од неговите 78 органи – вклучувајќи ги и мозокот, срцето, белите дробови и бубрезите – да го направи медицински стар 18 години.

Детално го опишал својот ригорозен, а некои го нарекуваат и бизарен режим за „Bloomberg Businessweek“.

Тоа вклучува ставање очила за блокирање на сината светлина на два часа пред спиење, што секоја вечер го прави во исто време.

Потоа се буди во пет наутро и вежба еден час со 24 вежби, консумира 10-на додатоци во исхраната кои вклучуваат креатин.

Држејќи се до строгата веганска диета, јаде по 1.977 калории дневно, вклучувајќи бадемово млеко, ореви, ленено семе и многу мешан зеленчук.

Својата млада кожа ја одржува со седум видови креми, со киселински пилинзи и ласерска терапија.

Според неговиот лекарски тим се чини дека се функционира којшто вели дека сега има кондиција и капацитет на белите дробови како 18-годишник, а кожа на 28-годишен маж.

Неговото срце иако малку заостанува, добро е и моментално има 37 години.

На својата веб-страница каде ја забележува својата потрага по вечна младост, Џонсон наведува дека неговото вкупно темпо на стареење се забавило за 24 отсто и тврди дека тоа е рекорд.

Исто така тој иницирал и Олимпијада за подмладување на која се пријавиле 1.750 учесници.

Тој исто така навел дека неговата мисија започнала откако ја продал својата фирма за 800 милиони долари. Тој додал и дека сега се чувствува посреќно, поживо и поисполнето за разлика од порано.

Телесната маснотија на господин Џонсон се намалила на пет отсто, а медицинскиот тим на Џонсон го предводи д-р Оливер Золман, 29-годишен човек којшто ја истражува терапијата против стареење во Кембриџ, Англија.