Tag Archives: СтојкоДодоловски

Сведоштвата за ЕДИНСТВЕНИОТ МАКЕДОНЕЦ кој го ПРЕЖИВЕАЛ ТИТАНИК

Стојко Додоловски од село Чучер – Скопска Црна Гора, уште како млад, тргнал да оди за “ветената” земја. Со нешто заработени пари доаѓа во Саутхемптон, од каде требало бродот “Титаник” да замине.

Билет едвај успел да купи во последен час и тоа од еден поп кој иако купил бил спречен да појде, па му го препродал на Додоловски. Судирот на бродот и ледот е ноќта спроти 15 април 1912 год., Додоловски успеал да дофати еден појас и рипне од 15 метарската височина гонет од единственото чувство за живот. Се дофатил за еден чамец кој меѓу првите е спуштен со богати господа. Молел 15 – годишниот Македонец, да го примат, но погледите им биле студени дури укорувачки што се осмелил да се дофати за нив.

Еден господин си ги подвиткал нозете со топлото ќебе а го покрил и кучето да не настине, но за Додоловски немале милост. Држејќи се така во ледениот океан почнал да се грчи и мрзне, гласот му се фаќал и губел а силата го напуштала додека не се откачил од чамецот немоќен веќе. Господата не го ни погледнале а тој се нашол среде океан во темница. Постепено се наголемувал бројот на давеници и делови од инвентар.

Закачен за еден превртен чамец во мигот кога океанот почнал да го влече кон океанот напуштен и од последните сили, го наоѓа офицерот Лоу единствениот од таа ноќ вреден за почит кој со чамец ги собирал преживеаните подоцна. Еден од 12-мината спасени од Лоу бил и нашиот Македонец. Лоу го ставил во чамецот, го вртел и триел. Подоцна е префрлен на бродот “Карпатија”, каде се сретнал со господата со кученцето. Во Њујорк чекале милиони луѓе испаничени барајќи свои меѓу преживеаните. Од 2 224 патници на Титаник дури 1 517 останаа на морското дно.

За животот на Стојко после несреќата многу малце се знае. Според некој селани од Чучер, тој се вратил од странство во 1948 година во родното село. Се вработил во една фирма во скопската населба Ѓорче Петров. Се вратил со надеж дека ќе си живее и дека ќе умре во Македонија. Дури сакаше и да биде погребан во гробиштата во село Врвез. Но, неговата ќерка го повлече во САД и почина во Чикаго. Стојко во неколку наврати ја раскажуваше приказната за Титаник, и според постарите соселани, секогаш го правеше тоа со смеа. Беше секогаш насмеан и луѓето го викаа Стојко дебелиот. Имал околу 200 килограми.