Tag Archives: Струга

Струшко село само си направило пат со помош од иселениците

Жителите на струшкото село Мислодежда со сопствени средства и со донации од печалбарите во странство го направија патот кој води кон нивното село. На иницијатива на месната заедница се реализира целата работа за отворањето на патот, почнувајќи од расчистување на местото до тампонирање. Државата им помогнала само за асфалтот.

„…Целата работа ја работеа печалбарите, уривање, тампонирање, учествуваа сите печалбари од селото. Собрани се околу 30.000 евра“, рече Идриз Мена-претседател на месна заедница во Мислодежда.

Неколку поединци ги отстапиле и своите приватни имоти за оваа намена. Таков е примерот со Авди Мена, кој отстапил цел хектар приватно земјиште.

„…За честа на селото, ви даваме земја, ги честиме и им благодариме на нашите поранешни соселани, бидејќи сега се преселивме во Ливада“, рече Авди Мена- сопственик на земјиштето каде што се гради патот.

Иако Миследежда е планинско село, располага со добра инфраструктура, но имаат друга мака.

„…Ако зборуваме за она што го засега селото, тоа е масовната миграција. Тоа е рана која го зафати општеството на нашата земја, но таа рана нè погодува и нас и ни остава очигледни последици“, рече Агим Мета-жител на Мислодежда.

Дека овде помошта од иселениците не е само преку летото, зборува и фактот што пензионерот од Швајцарија, Љуљзим Мена, секоја зима со свои средства и машини ги чисти патиштата низ струшките села од снег. Додека надлежните од државата стигнат до селата, тој веќе ги има исчистено патиштата.

Со нож прободен началникот на струшката полиција, напаѓачот приведен

Четириесет и четири годишен жител на струшкото село Велешта е приведен по напад со нож на началникот на Полициската станица во Струга.

А.Д. е пренесен во Општата болница во Струга каде му се констатирани тешки телесни повреди.

Против напаѓачот, во координација со јавниот обвинител ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Макијатото 90, хамбургер 220 денари, Овој народ е заслепен – Се жалат печалбарите од цените

Со започнувањето на летната сезона, цените на пијалаците и храната во рестораните и локалите во Струга се зголемија драстично. Граѓаните се жалат дека претходно било поевтино а сега едно макијато чини 90 денари, освежителен сок 120 денари и хамбургер 220 денари. „Релативно се високи!“

 И печалбарите кои се вратиле во родниот крај се зачудени како граѓаните во Македонија врзуваат крај со крај кога се знае колкави се нивните месечни примања. „Цените се катастрофални и овој народ ќе страда цел живот додека спие. Народот треба да се разбуди и да види што се случува по светот.

Овој народ е заслепен, нема очи, не слуша, не делува. Трошоци колку сакаш, прашај колку малтретирања имате, а не трошоци, трошоците ги носиме ние но не знам зошто, ова е многу голем проблем кој не се решава овде“. 

Граѓаните се жалат дека и сместувањето во хотелите и приватното сместување е поскапено но хотелиерите го мислат спротивното. Според нив Струга и Охрид има најниски цени, за разлика од другите туристички места.

Извор: mk.tv21.tv

Општина Струга забрани шетање низ центарот со костими за капење

Општина Струга забрани да се шетаат туристите со костими за капење низ центарот на градот. За таа цел веќе имаат поставено знаци низ централното шеталиште, а одлуката Општина Струга ја објави на официјалниот фејсбук профил.

Заради почитување на јавниот ред, особено за време на летната туристичка сезона, низ централното шеталиште (од Чаршискиот мост до Зелениот пазар), се забранува шетање во бикини и гаќички за плажа во текот на целиот ден.Ги замолуваме сите гости и туристи кои се разладуваат на езерото или на Црн Дрим, да ги почитуваат правилата на доброто однесување и на јавниот ред, со непокажување голотија на јавни места и простори.Вашето однесување е слика за градот, затоа сите заедно треба да се обидеме да ја зачуваме позитивната слика на една туристичка дестинација како што е Струга, стои во фејбук објавата на Општина Струга.

Под објавата, од коментарите може да се заклучи дека дел од граѓаните ја одобруваат одлуката, некои не се согласуваат.

Линк од објавата: https://m.facebook.com/story.php?story_fbid=667396472099487&id=100064874192476&mibextid=Nif5oz

Деловен простор, земјиште, куќи, станови, девизни сметки – Еве што се пријавил струшкиот градоначалник во ДКСК

Откако струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, беше ставен на црната листа на САД, Фактор одлучи да провери што поседува таткото на Струга, со оглед на тоа што според Стејт Департментот на САД, струшкиот градоначалник бил вмешан во голема корупција, присвојувал пари и се мешал во судски и други јавни процеси, нанесувајќи штета на демократските процеси во земјава – пишува Фактор.мк.

Освен Мерко, на црната листа на САД, од вчера, 20 јуни се и неговата сопруга Шпреса и трите нивни деца Генц, Назмије и Дренуше од 20 јуни, а добија и официјално забрана за влез во Соединетите Американски Држави. 

(ВИДЕО) Претепаниот Кадриески од Струга, откако се почувствува Бугарин, посака да се лекува во Софија

Бекир Кадриески, копретседателот на бугарското здружение „Шемето“ кој беше претепан во Струга, сака да дојде во Софија за да продолжи со лекувањето, бидејќи се сомнева дека Македонија, чиј државјанин е, ќе му помогне.

Во „Денот почнува“ на националната телевиија БНТ тој коментира дека денеска се чувствува подобро, но истакна дека во болницата не се направени никакви испитувања, само му биле препишани лекови.

Според него, лекарите не биле особено трогнати од неговите повици за помош.

– Рекоа: кога ќе дојде редот, можеш да се сликаш“, вели Кадриески, кој се пожали на стомачни болки и главоболки.

Тој посочи дека го видел својот напаѓач, но немал блиски односи со него. Напаѓачот и се предал на полицијата.

Другиот копретседател на „Шемето“ – Бугаринот Живко Чакракчиев, синоќа замина за Струга да се види со својот колега.

„Денеска ќе се сретнам со полицијата за да дознаам што се презема за случајот. Она што досега го разбирам е дека напаѓачот навистина се предал, министерот за внатрешни работи на телевизија изјави дека ќе биде сослушан. Во исто време познаници на напаѓачот му се јавуваат на Кадриески, му праќаат луѓе дома да го натераат да оди на средба со напаѓачот за да се разбереме“, објасни тој.

Според сите сметки, се чини дека властите сакаат да ги прикријат работите и случајот да изгледа приватен, а не како злосторство од омраза, смета Чакрукчиев.

Кадриески инаку е државјанин на Македонија, а нема бугарски пасош кој може да го извади само ако има документи за бугарско потекло и потпише дека се чувствува како Бугарин. Првото го нема, но второто дека има бугарска самосвест се чини е доволно за властите во Бугарија да кажат дека инцидентот е извршен поради говор на омраза, слично како во случајот со Христијан Пендиков.

За Кадриески не се очекува претседателот Румен Радев да испрати службен авион, како што тоа го направи за Пендиков кој сепак имаше многу посериозни повреди кои ги излекува во Софија. А, поради стравот од луѓето во својата родна земја, Пендиков доби бугарски пасош со државни почести, платено лекување и стан во Софија.

ДОСТА МИ Е ОД ЗАКАНИ, МАЛТРЕТИРАЊА И НАВРЕДИ: Медицинска сестра ја напушти болницата во Струга

Медицинска сестра даде отказ од ЈЗУ Општа болница Струга – интерно одделение, а во нејзиниот статус на социјалните мрежи открива која е причината за тоа.

-Почитувани пријатели. Со насмевка ја облеков оваа униформа за да му служам на народот, но денеска давам отказ од ЈЗУ Општа болница Струга – интерно одделение. Изјавите се подготвени за малтретирањето, навредите и заканите на јавни површини од менаџерката на болницата. Мојот образ е чист и не припаѓам на ниту една политичка партија. Мојата работна задача е пациентите да ја добијат најдобрата нега, а на кој му „гори“ под нозе нека оди по штабови и нека собира гласови. Не дозволувајте никогаш некој да ви степна на честноста и професионалноста, вели Ружица Матлиеска.

Матлиеска вели дека не е чудно тоа што квалитетниот персонал ги напушта работните места поради овие причини.

-Сакам да им се заблагодарам на пациентите, како и на директорот Арменд кој беше горд на мене како човек, а потоа и како медицински работник. Голема благодарност до докторите кои навистина им беше жал поради ова. Јас имав огромна поддршка да останам. Благодарност до сите други колеги, кои го почитуваа мојот труд. За сите други, кои облековте униформа мислејќи дека сте Бог, токму вашата менаџерка ве нарекува шпиони. Ве поздравувам господине, министре Фатмир Меџити, немој да се чудите зошто квалитетниот персонал ги напушта болниците, објави таа.

Како изгледаше ЛИТИЈАТА во Струга – ВО НАЈСЈАЕН БЛЕСОК (Видео од дрон)

Свештената бигорска обител во текстот посветен на Струшката Еордија оценува дека традиционална литија станала сенароден настан, кој вчера ја следеле илјадници граѓани.

– Торжествата кои сè уште го следат серадосното празненство на Воскресението Христово, со особено ликување ги радуваат срцата на Христијаните не само од земјава, туку и од подалеку. Така, и оваа година традиционалната струшка Еордија, која веќе прерасна во сенароден настан кој собира огромно множество верни, восхитувајќи ги и сплотувајќи ги во еден дух и во една мисла, му оддаде благодарност и почит на големите светињи – моштите на Светиот Георгиј Победоносец од манастирот во Рајчица, неговата древна чудотворна икона, како и Крнинскиот образ на Мајката Божја. Како ниедна година досега, десетици илјади луѓе стоеја на улиците, тротоарите и плоштадите, следејќи ја раскошната литија, составена од Христовите свештенослужители, монасите, псалтите, бигорската мијачка гарда, знаменосците, Градскиот дувачки оркестар на Скопје и младите облечени во народни носии. За возврат, пак, сите добиваа обилен благослов од Мајката Божја и од Победоносецот, кои ги озаруваа нивните срца со вишен благослов, наведуваат од манастирот.

Традиционално, молитвената поворка тргна од црквата „Свети Георгиј“ и продолжи низ централното градско подрачје, од другата страна на реката Дрим за прв пат на литијата учествуваше и владика од Веселенската Патријаршија.

Бројните верници со свеќи во рацете се помолија и поклонија пред светите икони.

Зa традиционално литија кoja се одржува ден по големиот христијански празник посветен на Свети Георгиј Победоносец или кај народот познат Ѓурѓовден,  струшката полиција спроведе посебен сообраќаен режим, и поголема безбедност.

ВИДЕО:

Ненормална работа – УКРАДЕНА БИСТАТА НА СЛАВКО ЈАНЕВСКИ

Бистата на македонскиот писател и поет Славко Јаневски е украдена од постаментот на алејата на поетите на кејот на истекот на Црн Дрим, соопшти фестивалот Струшки вечери на поезијата (СВП). Вчера е утврдено дека бистата на Јаневски е откорната од постаментот, а бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин се видливо расклатени во очигледен обид да се откорнат од постаментите. Директорот на СВП  Тодорче Тасевски ја пријавил кражбата е пријавена во полициската станица во Струга, пишуваат од СДК мк.

„Најостро го осудуваме вандалскиот чин на кражба на бистата на нашиот истакнат поет Славкко Јаневски како и обидот за кражба на бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин. Настанот е пријавен во полиција од која очекуваме да ги пронајде и да ги казни сторителите на овој вандалски чин. Бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин ќе бидат превентивно и привремено дислоцирани за да се извршат потребните технички зафати за нивно поцврсто фиксирање на постаментите за да се оневозможат ваквите вандалски чинови“, вели директорот Тасевски.

Од СВП потсетуваат и дека на 1 октомври 2021, бистата на македонскиот поет Анте Поповски беше откроната од постаментот и беше фрлена во крајбрежјето. Потоа беше санирана, дополнително зацврстена и вратена на постаментот.

„Ваквите вандалски чинови ќе треба да се оневозможат во иднина со заеднички напори на Струшки вечери на поезијата, Општина Струга и МВР преку засилени мерки на обезбедување на оваа вообичаено фреквентна локација како и со организирање кампањи за подигање на јавната свест за значењето и угледот на Струга како светска престолнина на поезијата“, велат од СВП и апелираат граѓаните да помогнат да се најде бистата.

Украл 7.500 евра од неподвижно девојче и жена болна од рак, а собирал и лажни донации

Му довериле на чување неподвижно девојче и жена болна од карцином, а тој трагедијата на семејството ја искористил за да заработи пари и да ги ограби. Жител на струшко Октиси е осомничен за тешка кражба на околу 7.500 евра и измама.

Собирал и лажни донации во име на семејството, кое го замолило да ги чува мајката и ќерката. Халид Муратоски работел како болничар во Финска за да може да го издржува своето семејство во Македонија, на кое му се потребни поголеми средства за лекови. Во трагичната приказна што ја раскажа за МКД.мк неколку пати повтори дека треба да се внимава кому му се подарува довербата.

Соседот Верди Цаноски, кому претходно му помагал, на крај го оставил без денар и згора на тоа во негово име лажно собирал донации и измамувал роднини. Случајот за МКД.мк го потврдија и од СВР Охрид, од каде што е најавена и пријава за сторителот.

Работам во странство. Имам една сестра што 34 години е со тешка парализа и во количка целосно неподвижна и уште една сестра што работи во Австрија. За неподвижната сестра се грижеше мајка ми, но на мајка ми ѝ беше дијагностициран карцином на белите дробови, кој метастазирал сѐ до мозокот, и беше хоспитализирана на онкологија. Поради тоа веќе немаше кој да се грижи за едната сестра, на која ѝ треба 24-часовна нега. Мојот татко е починат пред неколку години. Некое време се грижеше таа сестра од странство, но потоа ги замоливме соседот и неговата сопруга додека да се вратам јас да се грижат за моите. Сопругата на Верди беспрекорно ги чуваше, но тој нѐ ограби и собирал лажни донации од мои роднини за мојата фамилија. Тие пари ниту ни требале, ниту стасале до нас“, вели за МКД.мк Муратоски.

Тој апелира до сите негови роднини и граѓани на кои Цаноски им барал пари во вид на донации за неговите мајка и сестра да пријават во полицијата. Дел од парите биле најдени во домот на осомничениот, но нашиот соговорник вели дека поголемиот дел се искоцкани. Вели стравува дека оние што се измамени ќе му тропнат на врата и ни крив, ни должен ќе настрада.

Муратоски му помагал на Цаноски и неговата фамилија,  ама на крај кога овој требало да му се најде, буквално му забодел нож во грб и го оставил без пари, кои сега му се потребни за лекови за мајката болна од рак, а ги нема. Вознемирен и во неверување прашува како може некој да украде пари од парализирано дете и болна мајка, која се бори со тешката болест. Вели, мајка ми е болна, ама не и склеротична, и точно знае што се случувало и што зборува и колку пари имало дома, а сега ги нема.

„Не можам да поверувам како може човек на кого сте му помогнале и во кого верувате, да ве ограби и измами. Сум работел и заработувал, а сега ги немам ниту парите што беа исплаќани за нега на сестра ми, ниту оние што сум ги праќал. Лековите за болеста на мојата мајка се скапи, а јас не можам да ги купам бидејќи соседот нѐ ограби. Како може некој да земе пари од неподвижно дете и болна жена?“, вознемирено прашува Муратоски.

Од СВР Охрид за МКД.мк велат дека на случајот се работи и дека знаат за овој настан. Велат дека деновиве против осомничениот ќе биде поднесена пријава, но детали најавија по завршувањето на целата постапка.

Како што дознаваме, осомничениот од една соба, во која стоеле 7.500 евра, а која била заклучена, си направил дупликат клуч без да забележи семејството, а потоа клучот го вратил.

Отклучил без да биде забележан, ги нашол и ги украл парите. Оштетеното семејство по настанот ги сменило сите брави на куќата, на која сега се поставени и камери.