Tag Archives: СветиЈован

ДЕНЕС Е ТЕЖОК ПРАЗНИК: Отсекување на главата на свети Јован Крстител

Ирод Антипа, синот на стариот Ирод, убиецот на Витлеемските младенци во времето на раѓањето на Господа Исуса, беше господар на Галилеја во времето на проповедта на свети Јован Крстител. Овој Ирод беше оженет со ќерката на арапскиот кнез Арета. Но, бивајќи зол изданок од зол корен, Ирод ја протера својата законита жена и незаконски ја зеде за сожителка Иродијада, жената на својот брат Филип, кој сè уште беше жив.Loading…

Против ова беззаконие стана Свети Јован Крстител и силно го разобличи Ирод. Заради тоа, Ирод го фрли во затвор. За време на еден пир во неговиот дом во Севастија Галилејска, пред гостите играше Салома, ќерката на Филип и Иродијада.

Пијан и занесен од таа игра, Ирод ѝ вети на танчерката дека ќе ѝ даде се што ќе посака, па дури и кога би побарала половина од неговото царство.

Наговорена од мајка ѝ, Салома ја побара главата на свети Јован Крстител. Ирод нареди и му ја отсекоа на Јован главата во затворот, па му ја донесоа на Ирод на чинија. Учениците Јованови ноќе го зедоа телото на својот учител и чесно го погребаа, а Иродијада го избоде со игла Јовановиот јазик, а главата му ја закопа на некое нечисто место.

Што стана понатаму со главата на светиот Претеча е опишано под 8 март. Набрзо оваа група злосторници ги постигна Божја казна.

За да ја измие честа на својата ќерка, кнезот Арета удри со војска на Ирод и го порази до темел. Поразен, Ирод беше осуден од кесарот Калигула на прогонство, најнапред во Галија, а потоа во Шпанија.

Како прогонети, Ирод и Иродијада живееја во беда и понижувања, додека земјата не се отвори и не ги проголта. Салома загина со зла смрт на реката Сикорис (Сула). Смртта на свети Јован се случи пред Пасха, а празнувањето на 11 септември е востановено затоа што тој ден е осветена црквата што на неговиот гроб ја подигнаа во Севастија светиот цар Конастантин и неговата мајка, светата царица Елена. Во таа црква се положени моштите на Јовановите ученици: Елисеј и Авдиј.

Чудото на светиот апoстол и евангелист Јован

Споменот на овој голем апостол и евангелист се празнува на 26 септември. А на 8 мај се споменува чудото пројавено на неговиот гроб.

Имено, кога Јован имаше повеќе од сто години, зеде седуммина од своите ученици, излезе од Ефес и им нареди на учениците да му ископаат гроб во вид на крст.

Потоа старецот слезе жив во гробот и беше погребан. Кога подоцна верните го отворија Јовановиот гроб, не го најдоа телото во гробот. А на 8 мај секоја година се креваше некоја прашина од неговиот гроб од која се исцелуваа болни од разни болести.

Чудото на Свети Јован со болното дете на албанскиот бег – Свети Јован во Бигорски не престанува да твори чудеса

За Свети Јован, Претечата и Крстител Господов, се вели дека додека бил жив на земјата не направил ниедно чудо, додека откако заминал на Небесата не престанал да твори чудеса. Сепак, ние со вистинитост ќе кажеме дека самата негова личност, неговото необично, ангелоподобно житие преставува едно огромно чудо Божјо! Образ на воздржанието, на девственоста, на покајанието и на чистотата од страстите преку испосништвото и молитвата, Свети Јован се покажал како „ангел во тело“ и „телесен ангел“, како тајноводец во тајните на монаштвото, но и на добродетелниот христијански живот воопшто, кој нè подготвува за патот Господов.


Бигорската чудотворна икона на Свети Јован Претеча и Крстител

Овој светилник на Сонцето на правдата – Христос Бог, најславниот од сите пророци, крајот на Стариот и почетокот на Новиот Завет, Претечата и Крстителот Господов Свети Јован, го удостоил и нашиот народ со неговата покајничка и преобразувачка светлина, која веќе илјада години ги осветлува нашите простори преку неговото славно Бигорско Светилиште крај Радика. Во една прилика, за „најголемиот меѓу родените од жена“, нашиот старец и игумен, Епископот г. Партениј, ќе каже:

„Се наоѓам во недоумение дали да ја отворам својата уста и да проговорам нешто за богопрославениот Крстител Господов. Верувајте ми, воопшто не е лесно да се најдат достојни зборови за оној кој од устата Христова ги понесе најголемите пофалби. И навистина, каква пофалба би можел да искаже човек за оној за кого Самиот наш Господ Исус Христос, Синот Божји, рекол: Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител (Матеј 11,11)?!

Сведоци сме како гласот на оној, што вика во пустината (Матеј 3,3), и во нашево време повикува со истата моќ и со истата привлечност, како што повикувал и пред две илјади години во пустината крај Јордан. А неговата порака тогаш била сосема јасна и останува таква и до денес. Неговата света и од пост истоштена рака, и сега како и во тоа време, покажува кон Христа, а неговиот трепетен глас на сиот свет триумфално му возвестува: Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе! (Јован 1,29)

Понекогаш, кога зборуваме за некои историски собитија, особено од животот на Црквата, ни се чинат некако бледи, далечни, па тешко можат да го смекнат нашето срце. Така на пример, кога читаме, или се раскажува за времето кога Свети Јован проповедал на земјата; потоа за тоа како тој низ вековите правел безброј чудеса, вклучително и во овој Манастир; за тоа како неговата света икона на чудесен начин самата дошла овде, или како чудно се спасувала секогаш кога Манастирот бил разрушуван и пак се враќала кога бил обновуван – сето тоа, макар и да звучи восхитувачко, може да ни изгледа како нешто далечно. Меѓутоа, да ви исповедам искрено: во овие дваесет и шест години поминати во Манастиров, моите очи видоа многу, навистина многу чудеса на Свети Јован, така што лесно го разбирам неговото чудотворство и добротворство низ историјата. Во повеќе наврати реката Радика сум ја нарекувал нашиот Јордан, бидејќи Свети Јован благодатно присуствува на ова место, како некогаш во јорданската пустина и громогласно повикува на покајание. И стотици, илјадници млади луѓе се одѕвале на неговиот повик и го нашле патот на Евангелието, Го нашле Јагнето Божјо. Не е ли тоа едно најголемо чудо? Не е ли тоа претворање на камените срца во чеда Авраамови?“

(Епископ Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител)

Од чудотворната бигорска икона на Свети Јован, од лицето на светителот прикажано на неа, се излева, како благодат и дар на Светиот Дух, една несоздадена и незалезна светлина, која носи мир, спокојство и радост. Сето ова ќе го почувствува човек кога со чисто срце и искрена мисла ќе застане пред ликот на Претечата, која со смирено достоинство ги пречекува сите поклоници во Бигорскиот манастир. Зрачејќи, во сребрен, сјаен оков и преукрасена со дарови од благодарност поради многубројните чуда, иконата, како непресушен извор, излева благодат која чудотвори. Исто така, огромно достоинство и благодат за Бигорската Обител, но и за сето наше општество, е честа што Манастирот поседува едно големо парче од чудотворните мошти на Свети Јован, кое се чува во прекрасно изработениот кивот во храмот. Во кивотот, изработен во 1833 година во с. Битуше, покрај моштите на Светиот Претеча, се наоѓа парче од Чесниот Крст на кој бил распнат нашиот Спасител, Господ Исус Христос, а исто така мошти и од: Света Марина, Света Параскева, Свети Евстатиј, Свети Пантелејмон, Свети Јаков Брат Божји, Света Јулита и Свети Кирик, Свети Трифон, Свети Харалампиј и Свети Никита.


Кивотот со светите и чудотворни мошти: на средина Чесниот Крст на Господ Исус Христос; десно од него – моштите на: Свети Јован, Светите Јулита и Кирик, Свети Харалампиј, Свети Никита и Свети Трифон; лево од Крстот – моштите на: Свети Јаков Брат Божји, Свети Пантелејмон, Свети Евстатиј Плакида, Света Параскева и Света Марија

Првото од чудата на Свети Јован во Бигорски е самиот начин на кој иконата му се открила на првиот ктитор на Манастирот, Свети Јован Дебранин, Архиепископ Охридски. Таа, според преданието на манастирот, едноставно лебдела во воздухот над изворот со вода, на чие место денес се наоѓа неговиот главен храм. Чудо било и нејзиното исчезнување во немирните и тешки времиња, низ кои минувал Манастирот. Благодатта што иконата ја носела во себе, ја чувала од погибел и не дозволила таа да биде уништена во неколкукратното пустошење на манастирот. Таа секогаш одново се појавувала, сведочејќи за вечно-живиот дух на Манастирот, кој повторно се раѓал како феникс од своите урнатини.


Јавувањето на Чудотворната икона на Свети Јован Крстител на монахот Јован Дебранин, првиот ктитор на Бигорски, почеток на 11 век.

Така, уште од самиот почеток, иконата не престанала да чудотвори. Неизбројното мноштво намерници, кои пред неа застанале со вера и од срце го помолиле Крстителот, биле услишани, исцелени од болести, утешени. Претечата преку својата икона им доаѓал на помош на сите: стари и млади, болни и здрави, православни и иноверци. Како што се нижеле чудата, така се множеле и даровите пред иконата. Секој дар крие вистинита приказна зад себе. Бројните сребрени медалјони во облик на бебе сведочат дека Свети Јован израдувал многу бездетни родители, дарувајќи им со солзи посакувани рожби.

Како што сребрениот оков ја покрива иконата, така Свети Јован сокрил од нас многу од неговите безбројни чуда, смирено оставајќи само дел, што новото братство се потруди да ги забележи и зачува, како сведоштво за светоста на иконата.

Во продолжение, во серија од неколку написи, ќе објавиме еден мал дел од чудата на Свети Јован случени во Бигорски, почнувајќи со најстарите запишани, од нашите духовни претходници, монасите од 19 век.


Чудото на Свети Јован кога некој бег сакал да го претвори Манастирот во теке

Во 1814 година се случило големо чудо: против Светата Обител се кренал некој силник, којшто имал намера да го разруши Манастирот и да го претвори во теќе. Тоа бил дебарскиот Јусуф-бег. Но на 8 септември Јусуф-бег бил ранет и на 21 истиот месец – умрел. Кога го погребувале, од небото паднал силен град и страшни грмотевици кои погубиле 20 души од луѓето на Јусуф-бег. Исплашени, преостанатите агарјани се разбегале. Така, со застапништвото на Свети Јован Крстител, Манастирот бил спасен од погибел.


Чудото на Свети Јован со болното дете на албанскиот бег

Кон средината на XIX век, Свети Јован му помогнал и на некој турски бег од Албанија, којшто имал болно дете. На бегот на сон му се јавил Свети Јован и го повикал да дојде во Манастирот и да го измие своето дете со чудотворната вода. Бегот го послушал и заедно со детето отишле во Манастирот и направиле како што им било советувано. И ете чудо! Детето било потполно исцелено! На иконата во Манастирот бегот го препознал својот добротвор, Свети Јован Крстител, и од голема благодарност му поклонил на неговото светилиште маслинови полиња кај Елбасан. Долго време Манастирот се снабдувал со масло од овие имоти. Во 30-те години на ΧΧ век, свештеникот Атанасиј (поп Ташко) од село Битуше, којшто во тоа време бил настојател на Бигорскиот Манастир, ги продал овие полиња.


Чудото на Свети Јован кога разбојници го нападнале Манастирот

Друг пат, арнаутски разбојници го ограбиле манастирскиот караван со маски што носеле храна за Манастирот. По тоа злодело, водачот на разбојниците тешко се разболел. Уплашен од казната за овој грев и сметајќи ја болеста како Божја опомена, тој го ослободил караванот и луѓето, а згора на тоа подарил и големо количество масло за Манастирот. Оттогаш никој повеќе не се осмелил да напаѓа или пакости, било на луѓето од Манастирот, било на неговите имоти. Манастирот уживал голема почит и кај друговерците, бидејќи манастирските врати деноноќно биле отворени за сите што доаѓале, без разлика на верата и народноста. Сите наоѓале и наоѓаат потслон и утеха во домот на Претечата.


Свети Јован исцелува жена од тумор во градите

„Јас, Станче Здравковска, пред две години, на бдението на Пресвета Богородица, бев во Бигорскиот Манастир ‘Свети Јован Крстител’. Претходно, според лекарските наоди, ми беше откриен еден необичен оток од левата страна на градите, за кого беше констатирано дека најверојатно станува збор за тумор. Од мојот доктор имав препорака за операција во најбрзо време. Утредента по бдението требаше да одам на мамографија. Меѓутоа, кога отидов на лекар, стручен хирург, се зачуди кога ја виде снимката. Ми рече: ‘Вакво нешто никогаш не ми се случило! Просто, немаш повеќе ништо!’ Му благодарам на Свети Јован Крстител и на мојот духовен старец, Владиката Партениј, кој се помоли за мене пред Чудотворната икона. На Бога слава, амин!“

(Писмо добиено на манастирската електронска адреса на 5 септември 2021 година)


Свети Јован спојува двајца млади и по три години им подарува дете

„Почитувани браќа од Бигорскиот Манастир,

Со особена радост, по повод празникот на Свети Јован Крстител и од пишанијата за неговите чуда, би сакале да пишеме и ние, Горан и Христина Петровски.

Откако се случи моето доаѓање во Манастирот, ги увидов и почувствував убавините и благословот на Свети Јован, особено откако Неговото Преосвештенство, нашиот духовен татко и Владика г. Партениј, ме зеде под негово духовно раководство. Оттогаш мојот живот се промени во целост, започнав да го отфрлам моето старо јас. Преку Манастирот и по молитвите на Свети Јован и со благословот на мојот духовен отец Владиката Партениј, се запознав со мојата сопруга, којашто ја побарав за жена пред чудотворната икона на Крстителот.

Изминаа 3 години заеднички живот во брак и ние постојано посакувавме да имаме дете, но тоа никако не се зачнуваше. Најпосле, нашата желба му ја споделивме на нашиот духовен отец Партениј и тој се помоли за нас пред иконата на Свети Јован. И ете, Господ, по молитвите на Претечата, нè удостои да се зачне плод и ни се роди машко дете. Во знак на благодарност кон Претечата го крстивме Јован.

Се надеваме дека ќе го примите и ова сведоштво, коешто е едно од многуте што постојано се случуваат и ќе се случуваат во Манастирот на Свети Јован преку неговата чудотворна икона и моштите.

Срдечен поздрав и со љубов,

Горан, Христина и Јован Петровски, деца бигорски“.

(Писмо добиено на манастирската електронска адреса на 6 септември 2021 година)

Извор: Бигорски.орг.мк

Осветена новата црква Свети Јован Крстител во Велес

Повардарска Епархија во присуство на бројни православни верници денеска свечено ја освети новоизградената фрескоживописана црква „Свети Јован Крстител“ во месноста „Багремче“ во новиот дел на Велес.

Чинот на осветување започна со Архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на Митополититот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј и бројно свештенство на Повардарската епархија.Пред присутните верници се обрати Владиката Повардарски Г.Агатангел.

По овој свет чин во изјава за МИА, Митрополитот Повардарски Агатангел, за значењето на оваа новоизградена велешка црква во најновиот густо населен дел на Велес, информира дека поминааа 11 години откако Повардарската Епархија размислуваше за изградба на нова црква во овој дел од градот бидејќи голем дел на македонско население живее на оваа страна на Велес.

-Бог не просвети дека на овој народ е потребен еден духовен центар, кој ќе ги задоволува сите духовни потреби. И еве после толку многу години и поминати многу фази и барања за нејзина изградба до надлежните министерства и останати институции во нашата македонска држава еве денеска успеавме и ја изградивме. Денеска исполнети со голема радост со сите велешани се радуваме заедно затоа што уште едно духовно катче македонско во Велес никна и сега воскресна. Затоа јас сум многу радосен бидејќи ова е веќе четврта нова црква во Велес откако ја градиме, а сите други ги обновивме, потенцира митрополитот Повардарски Агатангел.

На чинот на денешното осветување, синоќа му претходеше Празнична вечерна Богослужба на која богослужеше Митрополитот Повардарски Агатангел со бројното свештенство.

Изградбата на црквата заврши во јануари 2020 години,а се градеше 4,5 години, почнувајќи од 30 август 2015 година кога беше осветен камен-темелник. Во изминатите скоро три години со извесни прекини, црквата беше живописана од двајцата велешки фрескоживописци Велко Свеќаров и Гоце Василески.

Во рамки на црковниот комплекс изградена е и камбанарија, на која се поставени три камбани, како и црковно-административни простории, а изграден е и параклис посветен на „Свети Агатангел Битолски“.

Оваа најнова црква во Велес се изгради со средства на Повардарската Епархија како и со доброволни прилози на православните верници.

Патрон на оваа најнова велешка црква ќе биде 20 јануари денот на Собор на Св. Јован Крстител.

Светиот пророк Захарија и праведна Елисавета – родители на Свети Јован

 Родители на светиот Јован Претеча. Захарија беше син Варахиин, од родот на Авиј, кој ја држеше осмата чреда на богослужење во храмот јерусалимски. Жена му беше Елисавета, ќерка на Совија, сестрата на света Ана, мајката на Пресвета Богородица.

Во времето на царот Ирод детеубиецот, еден ден кога Захарија служеше според својата чреда во јерусалимскиот храм, во олтарот му се јави Ангел Божји, од когошто Захарија се уплаши. А Ангелот му рече: „Не плаши се, Захарија“ (Лк. 1). И му објави Ангелот дека неговата жена Елисавета ќе роди син, според нивните молитви. А беа обајцата стари, и Захарија и Елисавета.

Кога Захарија се посомнева во зборовите на небесниот известител, Ангелот му рече: „Јас сум Гавриил кој стојам пред Бога.“ И онеме Захарија од тој миг, и не проговори додека не му се роди синот и додека не напиша на табличка: „Јован му е името.“ Тогаш му се отвори устата и Го величаше Бога.

Подоцна, кога се роди Господ Исус и кога Ирод почна да ги убива децата во Витлеем, Ирод испрати да го најдат и синот на Захарија и да го убијат. Бидејќи Ирод имаше чуено за сè што му се случи на Захарија и како се роди Јован. Кога ги виде војниците, Елисавета го зеде Јован на раце – тогаш имаше една и пол година – и побегна со него од дома, и бегаше по каменливи и пусти места. Гледајќи ги војниците како ја гонат, таа повика кон гората: „Горо Божја, прими ја мајката со дете!“ И се отвори карпата и ги скри во себе мајката и детето. Ирод, разјарен затоа што не го заклаа Јован, нареди да го заколат Захарија пред олтарот.

Крвта на Захарија се истури врз мермерот и се стврдна како камен, та остана така како сведоштво за злосторството на Ирод. А таму каде што се скри Елисавета со Јован, се отвори пештера и потече вода и со Божја сила израсна плодородна палма.

Четириесет дена по смртта на Захарија се упокои и блажената Елисавета. И остана младенецот Јован во пустината, хранет од Ангел и чуван од Божјата Промисла до оној ден кога требаше да се јави на Јордан.

Свети Јован Милостив

Патријарх Александриски. Роден е на островот Кипар во кнежевско семејство. Воспитан од детството како вистински христијанин. На настојување од родителите се ожени и имаше деца. Но, по Божја Промисла се упокоија и децата и жена му. Прочуен заради милосрдието и благочестивоста, Јован беше избран за патријарх Александриски во времето на царот Ираклиј. Десет години управуваше со александриската Црква како вистински пастир, чувајќи ја од незнабошците и од еретиците.

Беше пример на кротост, милосрдие и човекољубие. „Ако сакаш благородство“, велеше, „не барај го во крвта туку во добродетелта, зашто тоа е вистинското благородство“. Сите свети се одликуваа со милосрдие, но свети Јован ѝ беше предаден на оваа света добродетел. Еднаш, служејќи Литургија се сети патријархот на Христовите зборови: „Ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот“ (Матеј 5, 23, 24) и се сети дека еден од клириците е зловолен кон него; тој брзо ги остави Светите Дарови, му пријде на тој клирик, му падна пред нозете и го замоли за прошка. И, дури кога се измири со човекот се врати пред жртвеникот.

Еднаш, пак, одејќи кон црквата на светите Кир и Јован, се случи да го сретне една бедна вдовица и почна да му говори за својата беда. Придружниците на патријархот почувствуваа здодевност од долготрајната поплака на жената, па му рекоа на владиката да побрза в црква на служба, а жената би можел да ја слуша и после службата.

Свети Јован им одговори: „А како ќе ме послуша мене Бог ако јас не ја послушам нејзе?“ И не сакаше да мрдне од местото дури не ја ислуша нејзината поплака докрај. Кога Персијците удрија на Египет, патријархот Јован седна во кораб за да се оддалечи од напаста. По пат се разболе и кога стигна на Кипар умре, завршувајќи го животот во својот роден крај, во 620 година. Неговите чудотворни мошти се пренесени најпрво во Цариград, а потоа во Будимпешта и најпосле во Пресбург.

Денеска се празнува милоста,чудото и мудроста Божја -Зачнување на Свети Јован Крстител

На овој ден се прославува милоста, чудото и мудроста Божја; милоста кон побожните и праведни родители на светиот Јован, старецот Захарија и старицата Елисавета, кои целиот живот посакуваа и просеа од Бога едно дете; чудото на зачнувањето на Јован во престарената утроба на Елисавета; и мудроста во домостројот на човековото спасение.

Ова стана затоа што Бог имаше извонредни намери со свети Јован: имено, тој да биде Пророк и Предвесник на Господа Исуса Христа. Преку Своите ангели, Бог го објави раѓањето на Исаак од бездетната Сара и на Сампсон од бездетниот Маној и неговата жена, и на Јован Претеча од бездетните Захарија и Елисавета. Преку Своите Ангели Бог го објавуваше раѓањето на оние со коишто имаше посебни намери. Како можеа да се родат деца од стари родители?

Ако е некој љубопитен да дознае, нека не ги прашува за тоа ниту луѓето, бидејќи луѓето тоа не го знаат, ниту природните закони, бидејќи тоа е над природните закони, туку нека го управи погледот кон силата на Семоќниот Бог Кој од ништо го создаде сиот свет и Кој за создавањето на првиот човек, Адам, немаше потреба од никакви родители, ни стари ни млади.

Наместо љубопитност, да Му воздадеме пофалба на Бога, Кој често ни ја јавува Својата моќ и милост и мудрост и покрај природните закони, во кои оковани ние, без вонредните Божји чуда, би паднале во очајание и богозаборав.

На Иванден цвеќето има волшебна моќ, закачете венче пред влезната врата 💐

Денеска се празнува Свети Јован- летен, повеќе познат како Иванден, денот на раѓањето на Свети Јован Крстител.

Во очи празникот жените плетат венчиња од цвеќе и навечер ги ставаат пред влезната врата. Ако венец од иванското цвеќе осамне на празникот пред куќата, се верува дека семејството ќе го заштити од сите тешкотии.

Свети Јован, кого утре го празнуваме, познат бил како тревар, бидејќи живеел скромно и се хранел со она што се наоѓа во природата. Овој голем празник познат е по иванското цвеќе од кое се плетат венчињата. Верувањето вели дека воочи Иванден треба да се набере јовановата трева и во неа да се вплете ајдучка трева, мајчина душица, вртика и лук, а сето тоа да се врзе со црвен конец. Наместо црвен конец некои вплетуваат црвено цвеќе, од кое се е поубаво.

Венчето се закачува вечерта пред Иванден за да ве чува од се лошо.

Се верува дела и водата на има волшебна моќ, па многумина се бањаат во реки и езера.

За Иванден велат дека е празник на девојките бидејќи младите жени палат ивански огнови, берат цвеќе и трева, пеат и плетат венци, а се разидуваат во самата зора.

Се верува дека жените кои не можат да родат треба да се провлечат низ венец од јованова трева, а потоа да се избањаат во река, како од себе би си го измила урокот.

Според светото предание св. Јован и Исус Христос биле блиски роднини зашто мајката на Јована, Елисавета ѝ била братучеда (според други сестра) на Ана, мајката на Марија, односно тетка на Марија, мајката на Исуса. Во времето кога според предвидувањето на старите пророци требало да се роди Спасителот Евреите биле под ропство на Римјаните. Во тоа време живеел еден чесен и побожен свештеник Захариј со својата жена Елисавета. Тие веќе беа остареле , а немале деца што во тоа време се сметало за голема несреќа и за божја казна за некој голем грев. И двајцата постојано и искрено го молеле Господа да им даде рожба, а Бог ја слушнал нивната молитва. Еднаш кога Захариј во храмот се молел на Бога го слушнал гласот на ангелот Гаврил кој му рекол дека ќе добие син кој ќе се вика Јован. Бидејќи не поверувал, за казна веднаш онемел. Кога му се родил синот според обичајот требало да го носи името на таткото, но кога Захариј го запрашале за името тој бидејќи го изгубил говорот зел штица и на неа напишал: „Нека се вика Јован“. Кога го напишал тоа говорот пак му се вратил и тој раскажал дека детето ќе биде пророк што ќе оди пред Спасителот и ќе му го подготвува патот.

Во младоста Јован го сакал животот во пустината. Живеел во некоја пустина во долниот тек на реката Јордан, се облекувал со ткаенини од влакна од камила, а се хранел со скакулци и мед од диви пчели и со корења од билки. Кога наполнил 30 години по Божја волја ја напуштил пустината и се вратил меѓу еврејскиот народ, каде што ги учел луѓето да се покајат и да се подготвуваат за доаѓањето на Спасителот.
Јован отворено зборувал против сите неправди, мани и негативности кај луѓето. Грешниците ги повикувал да се покајат и поправат за да им стане достапно царството небесно. Многумина помислиле дека тој е ветениот Спасител на што Јован одговарал: „Јас не сум Христос. Тој е посилен од мене, јас не сум достоен ниту врвците на обувките да му ги одврзам. Јас ве крштевам со вода, а тој ќе ве крсти со Светиот Дух. Мене Господ ме испрати да одам пред него и да му го подготвувам патот“.

Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето пак дека тој ден играло Сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.

Од обичаите што се изведуваат на овој ден повпечатливи се оние поврзани со растението папрат. Имено вечерта спроти празникот се бери папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во неговата апотропејска моќ. Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи.
Вечерта спроти празникот жените берат цвеќе што се вика Иванден, коешто го ставаат на ковчезите со алиштата за да ги чува од молци. Е. Спространов запишал дека во Охрид на Иванден ги ваделе „рутишчата“, ги распостилале по прозорците за да ги види сонцето и ги оставале да ветрејат. И во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека тој ден во Воден, треви лековити „висеет на дуќаните за да имает повеќе покупници“. За вакво вадење од ковчезите на најубавите облеки пишува и Кузман Шапкарев кој напоменува дека надвор ги чуваат до заоѓањето на сонцето за да не ги јадат молци.

Во Разлошко празникот се викал Ињовден. Спроти празникот се правел венец од бело и жолто ињовче (бела и жолта ајдучка трева), а на самиот празник, откако стоката ќе се вратела од паша венецот се ставал на роговите од кравата, која потоа се молзела. По тој обред се верувало дека кравата ќе има млеко во текот на целото лето. По молзењето венецот се симнувал од роговите на кравата и се закачувал на чардакот каде што останувал до следниот Ињовден.

Со празникот Иванден е поврзан и обичајот Тајане, што се изведувал во повеќе краишта на Македонија, но најдолго се задржал во Прилепско, Битолско и Крушовско. Имено вечерта спроти Иванден момчиња и девојки собирале билки со кои закитувале едно ѓумче и го полнеле со вода од три чешми. Едно од нив на возраст од 10-12 години го носело ѓумчето на глава и него го викале „Тајане“, а другите момчиња и момичиња оделе околу него и му пееле пригодни песни. Утрото групата со Тајането одела по дуќаните, каде што, исто така, пееле песни и собирале подароци, од кои потоа правеле заедничка вечера. Притоа се пеело:

Тајане, Бојане, имам брат Свети Јоване,
ункеши, ункеши, ункеши по маглата.
По магла, по магла, по магла ситна роса,
по роса, по роса, по роса мома боса.
Играле момите крај манастирот,
калуѓер гледа од пенџериња,
фрли си шапка на герамиди,
од герамиди на трендафилот,
белата брада на берберница
црната брада на касапница.

Кус опис на овој обичај пред околу еден век направил М. Цепенков кој сведочи дека во Битола спроти Иванден „ќе нанижат еден ѓум со секакви цвеќиња и ќе му клаат тел од невестата што гувеела. Ќе го покријат со еден превес и ќе му го клаат на некое дете на глаа, да го носит. После ќе се ватат девојчињата рака за рака, секое спроти бојот, та ќе одат од чешма на чешма пеејќи една влашка песна вака: Тајани, ѓанизмата кокʼ за, ќи кʼ за“ и др. Утрото ќе шетаат по куќите и ќе пеат та ќе му даваат кај пари, кај брашно, кај масло и др. Од собраното зајре ќе направат и сите ќе ручаат, а парите ќе си и делат или ќе и купат нешто емиш за јадење. Во Крушоо клаваат во ѓумо прстење и кој ќа биди пообелен таа мома побрго ќе се мажи“.
Според еден запис на Ѓорѓи Киселинов во минатото во преспанскиот крај Иванден бил празник на момите. Тие еден месец порано се подготвувале за празнување. Се собирале во некоја куќа во маалата и со песни и веселби ја подготвувале куклата наречена Иванка. Преку дента момите во полето собирале иванско цвеќе и лајкучка (боливач), а други по куќите собирале пари, потоа брашно, циронки (сушени риби), суво месо и плодови. Секоја домаќинка, особено таму каде што имало девојки, со задоволство давала зашто потоа се правел и печел кравај од кој девојките што ќе каснеле побрго ќе се омажеле. По собирањето на даровите едни работеле, а други ја правеле „Иванка“.

Иванка, куклата што игра важна улога во иванденските празнувања е голема кукла со женски лик, но без нозе. Се земал голем бакарен ѓум, во него се турала вода, а потоа се фрлале и цветови, од разни билки. Потоа секоја девојка во ѓумот ставала свои украси како прстени, гривни, гердани, обетки итн. Потоа се земало една стомна со големина колку човечка глава, се завиткувала со бела шамија и со грлото се ставала во грлото на ѓумот, при што се врзувала цврсто да не паѓа и да не се мрда. На главата на куклата ставаале коса исплетена во плетенки што ја заврзувале со шамија со темна боја. Со јаглен ѝ ги цртале очите, носот и веѓите, а со црвена боја устите и образите. Со уште поцрвена боја ѝ ги цртале ушите и брадата. Потоа околу ѓумот врзувале снопчиња боливач за да изгледа телото пополно. Притоа внимавале да стават толку цветови колку што собира фустанот за да можат да ја облечат и да ја закопчаат.

Облеката на Иванка се состоела од една долга бела риза и фустан на момиче од 5-6 години. Ракавите на кошулата се полнеле со боливач и потоа се облекувале на куклата, над неа се облекувал фустанот и во ракавите ги вовлекуваат ракавите на кошулата. Ја опашувале со свилен појас, главата ѝ ја украсувале со цвеќиња и со украси, околу вратот ѝ ставале гердан, на градите сребрен крст, а на уште убетки. Момите се натпреваруваат која побргу на Иванка ќе го стави својот украс зашто веруваат дека така побргу ќе се омажат. Подготвувајќи ја куклата момите пееле повеќе песни, но најчесто се пее песната „Иванко, Иван девојко“. По стемнувањето Иванка ја ставале на главата на некое момиче и тргнувале по улиците на градот или селото, пеејќи разни песни и веселејќи се. Момчиња оделе во близина на куклата и ја чувале од друга група којашто сакала да им ја растури. Сето население излегувало да ја гледа куклата да ги слуша песните. Куклата облечена како невеста ја носеле на чешмата, таму ја попрскувале со вода и ги полнеле двете стомни што ги носела една од момите. Потоа се враќале во куќата на вечера, а по вечерата цела ноќ шетале по улиците и пееле.

Следниот ден по Иванден ја растурале куклата, секоја мома си го земала својот украс, дел од облеката од куклата, по малку вода од ѓумот во чаша, и по еден или два страка иванско цвеќе и лајкучка. Тогаш го сечеле кравајчето и раздавале касаи кои момите заедно со водата и цвеќето си го носеле дома. Момите што собирале брашно сега разнесувале од кравајчето во секоја куќа од каде што земале брашно за да каснат домашните за здравје, а момите за скорешна свадба.Содржината продолжува после огласот

Пробајте го ова и псоријазата ќе исчезне за 24 часаSponosored by MonadPlug

На Иванден, рано наутро мажите, жените и децата оделе во лозјата и береле растение наречено „наваличе“ кое го ставале на дуќаните за да навалуваат муштериите. Обичајот „Тајане“ бил познат во Битола, Крушево, Прилеп и други места, со тоа што во Прилеп го изведувале само девојчиња.
Во Мала Преспа според сведоштвото на Стерјо Спасе на Иванден се пеела песната:
Ивано, Иван девојко,
качи се горе на Иван,
на Иванови врвови,
да видиш поле втасано,
фтасано и обелено!
Да видиш пченица класана,
да видиш снопје врзани.
Ивано, Иван девојко,
што си вечера зготвила?
‒ Погача, пресна ржена,
циронќи со штир варени.
Во Струга било обичај на Иванден да се касне јаболко за здравје. Поради тоа уште од есента се чувале јаболка во слама или во ковчези. Тие што не зачувале јаболко многу скапо го плаќале, само на тој ден да се касне, ако не да се изеде цело јаболко барем секој член од семејството да изеде по едно „фелче“. Во Струга береле и иваново цвеќе за против молци, а правеле и разни лекарства.
Со Иванден е поврзано и верувањето дека со помош на магиски дејствија може да се украде млеко од стоката, масло или други плодови. Се разбира, според верувањето тоа го правеле жени маѓесници кои со своите магиски дејствија што ги изведувале на овој ден можеле и житото од туѓите ниви да го доведат во своите амбари, или млекото од туѓите овци или крави кај своите. Во Кочанско, спроти празникот маѓесницата се соблекувала гола и гледала да му го пресече патот на некое стадо овци или кози или незабележана да влезе во некое стадо каде што со друга маѓесница три пати ги повторивале зборовите: „Гас и гас, сето масло у нас“. Потоа јавале кросно, а кросното и во други случаи има важно место во изведувањето на разни магиски дејствија. Во некои краишта ако времето околу Иванден е многу сушно правеле додоле и се молеле за дожд.