Tag Archives: Татко

На празник си заминуваат праведните: По долго боледување, почина таткото на Тоше Проески

Почина Никола Проески, татко на легендарниот музичар Тоше, а веста за неговото заминување денес на социјалните мрежи ја објави Дора, неговата ќерка.

–Светол патот, татко мој! – напиша таа на социјалните мрежи. 

Татко го фрли детето од прозорецот на зградата, а потоа сам скокна (Видео)

Во Казахстан дошло до пожар во повеќекатница, во која, како што јавија локалните медиуми, се евакуирани повеќе од 300 луѓе, а посебно внимание привлече едно видео кое се појави на социјалните мрежи.

Со оглед на тоа што многумина останале заробени во зградата поради пожарот, еден татко немал многу избор, па решил да го фрли своето дете од петти кат, додека луѓето на земја ширеле чаршафи.

На видео кое кружи на социјалните мрежи може да се види како таткото го фрла малото дете од висина од 20 метри, а долу сепак го фаќаат безбедно неколку луѓе.

На драмата и немало крај, бидејќи родителот во паника веднаш скокнал. За среќа, некој донесе душек за да го ублажи падот, бидејќи чаршафите тешко ќе ја издржат тежината на возрасен човек. Останува нејасно зошто станарите не ја напуштиле зградата користејќи ги пожарните скали, а постои можност да биле блокирани.

На видеото се гледа како некои од нив стојат покрај прозорецот за да не се задушат од чадот.

Локалните медиуми јавуваат дека нема жртви, а во болницата се згрижени 31 лице, меѓу кои 16 деца. Пожарот по извесно време бил локализиран, а во акцијата учествувале 50 пожарникари кои донеле големи скали и на тој начин ги извлекле заробените луѓе, пренесува Сан.

Хит фотка: Штотуку родено бебе се насмеало кога го видело својот татко

Раѓањето на детето е посебен момент за секој родител, а многумина токму поради тоа ги прават првите фотографии од бебето уште во породилната сала.

Така родителите на преслаткото девојче Антонела успеале да направат навистина посебна фотографија само неколку моменти по нејзиното раѓање.

Имено, штотуку роденото девојче му се насмеало на својот татко, а фотографијата од преслаткиот момент расположи многумина. Мајката Тарсила Роса Кордеиро е убедена дека малата Антонела го препознала гласот на својот татко кој во текот на бременоста секојдневно разговарал со неа.

„Кога се роди, ја ставија во моите прегратки да спие. Но, штом нејзиниот татко ѝ се обрати, таа ги отвори очите и се насмевна“, раскажала мајката.

„Секогаш ѝ велеше дека многу ја сака. Наутро ѝ посакуваше добро утро, а навечер ѝ велеше „добра ноќ“. Ме галеше по стомакот и ѝ зборуваше. И штом се роди, ја повтори реченицата која ѝ ја кажуваше кога доаѓаше од работа – ‘еј бебе, тато пристигна’“, додала Тарсила.

Таткото Флавио Диего Вилела вели дека се чувствувал прекрасно кога неговата ќерка му се насмеала.

„Мислев дека знам што е вистинска љубов, но немав поим додека не ја здогледав таа најискрена насмевка на светот“, порачал тој.

Трагедија во Албанија, се удавија татко и два сина

Семејство од Тирана остана без тројца свои членови, кои се удавија кај познатата плажа Виле-Боштово, кај Каваја, Албанија.

Лицето идентификувано како Елвис Халилај на 50-годишна возраст и неговите двајца малолетни синови на 13 и 15 години се удавиле додека пливале во морето. Тројцата починале од силните морски струи.

Поморските служби веднаш интервенирале за да ги спасат, но без успех. Помош се обиделе да дадат и затекнатите капачи на плажата, но и тоа било безуспешно.

Телата се предадени на обдукција.

Што е богатство ?

Една поучна приказна за тоа што е богатство и беда:

Еден ден, еден богат татко решил да го прошета синот по државата. Сакал да му покаже на синот колку бедни луѓе има и како живеат тие за да почне да го цени она што го има…

Тие го поминале денот во селска куќа на едно сиромашно семејство.На патот кон дома, таткото го прашал:

– Виде ли колку се сиромашни? Што научи?

Момчето одговорило:

– Ние имаме едно куче, тие имаат четири,ние имаме базен, тие имаат река,ние имаме сијалици во ноќта, тие ги имаат ѕвездите,ние купуваме храна, а тие ја кинат од земјата,ние сме заградени со огради и ѕидови да не заштитат од непријателите, а тие се пријатели со сите.Ние имаме скапи книги тие ја имаат само библијата.Тие се среќни.

Детето замолчело за миг и му рекло на татко си:

– Ти благодарам татко што ми покажа колку сме бедни.

Парите не не прават богати, туку едноставните и вистински работи во животот.

11-годишно девојче собра пари за болниот татко од продажба на крофни: „Доаѓаат луѓе од сите страни …“

Откако на социјалните мрежи се прошири веста за девојчето со крофните, бројни граѓани застанале во ред. Крофните по симболична цена од 100 динари, што е околу 50 денари, се продаваат уште денеска.

11-годишната Нина, која последните денови продаваше крофни во Нови Сад за да собере пари за лекување на својот болен татко, успеала во својата намера. Како што потврди нејзината мајка Наташа, успеале да ги соберат потребните средства.

„Се отиде предалеку, луѓе доаѓаат од сите страни и многу сме им благодарни. Ги собравме парите и одиме во Москва, карта до таму чини 1.000 евра, а ќе видиме колкави се останатите трошоци. Засега имаме доволно пари“, открила таа, пишува „Kurir.rs“.

Откако на социјалните мрежи се прошири веста за девојчето со крофните, бројни граѓани застанале во ред за да купат. Крофните по симболична цена од 100 динари, што е околу 50 денари, се продаваат уште денеска.

„Јас прво сакав да продавам крофни за џепарлак. Но, се сетив дека би можела да му помогнам на тато да собереме пари што побрзо за неговите лекови. Така почнав да продавам поради него“, рекло девојчето за „Blic“.

„Колку сум горда на овие луѓе“, „Браво за новосаѓаните“, „Душа мила, браво девојче мало“, „Секоја чест за сите овие прекрасни луѓе“, се некои од коментарите на социјалните мрежи.

Таткото на Нина, Зоран, го загубил видот во 2016-та година по аблација на мрежницата. Во март 2022-ра година повторно ја јавила аблацијата, по што му се дијагностицирани симпатичка офталмија и панувеитис, поради што животот му е загрозен. Сега му е потребна помош за да може да оди на далечно лекување во Москва.

„Морам да кажам дека ние се лекуваме тука од 2016-та година, но ситуацијата е сè полоша. Им благoдaрам на министрите, на сите лекари кои се прекрасни и прават многу за нас“, рекла мајката на Нина.

Милош Биковиќ е ВНУК НА ВОЈВОДАТА ОД ЧЕТАТА НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ (Видео)

Војводата Иван Биковски од Берово, кој наводно бил во чета на Гоце Делчев можеби е предок на познатиот српски глумец Милош Биковиќ. Глумецот во интервју за порталот Црнобело вели дека би сакал да истражи ако има македонски корени и дали таа информација е за верување.

– Но, многу е интересно дека тој Иван Биковски, на таа фотографија што ја нашле од она време, многу личи на мојот чичко. И кога ги споредувам, си велам, па, тоа е таа генетика, постои врска – вели Биковиќ во интервјуто.

Се вели дека од двајцата браќа Биковски, татко на таткото на Милош, едниот морал да го смени презимето во Биковиќ поради тогашните правила во кралството Југославија.

Биковиќ во моментот е во етерот како главна ѕвезда во рускиот филм „Предизвик“. Тој е првиот филм кој некогаш бил сниман во вселената. Погледнете ја рекламата за фимот:

Први слики од апсењето на таткото на малолетникот убиец – со маска и капа изваден од зградата во која живее

Таткото на Коста Кецмановиќ (13), осомничен дека утринава во ОУ „Владислав Рибникар“ уби девет лица, меѓу кои наставник и обезбедувач, денеска е уапсен, соопшти на прес-конференција министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ.

Тој бил изнесен од станот во придружба на полицијата. Има црна капа на главата и хируршка маска на лицето.

– Двата пиштоли, оној во ранецот и оној со кој е извршено ова кривично дело, биле во легална сопственост на таткото на момчето. Тврди дека биле заклучени во сеф, под шифра, има неколку оружја, од 2016 и 2017 година, но очигледно детето имало шифра за тие пиштоли

Како што може да се види на фотографиите, полицијата од зградата ги изнесува компјутерите на момчето.

Во престрелката загинаа седум девојчиња, едно момче и еден чувар, а ранети се шест деца и еден наставник, кои во моментов се згрижени во Ургентниот центар и Тиршова.

Никогаш не било на лекар, ни на училиште: судбината на девојчето од Србија, кое таткото го држел со години заробено

Осумгодишното девојче, кое било држено заклучено во стан во населбата Мириево на Ѕвездара од страна на својот татко Урош Пашајлиќ, се претпоставува дека не одело ниту во градинка ниту во основно училиште, а требало да биде веќе во второ одделение.

Грозоморниот случај на малтретирање и запоставување дете бил откриен кога И. Л., белграѓанка, пријавила во полициската станица дека нејзиниот сопруг Пашајлиќ брутално ја тепал, а нејзиното дете долго време го чувал како роб.

Имено, според сознанијата на српскиот портал „Курир“, тој во друг стан во Борча ја држел заробена својата партнерка (46), која го пријавила за насилство врз неа и со тоа го спасила несреќното девојче од практично сигурна смрт.


Исто така, шокантен е податокот дека се претпоставува оти детето не одело ниту на редовни систематски прегледи, а не било ни вакцинирано. Се поставува прашањето кој ја сноси вината за ова, а очигледно потфрлил целиот систем, со оглед на тоа што девојчето, чија судбина ги потресе Србија и регионот, практично беше невидливо и оставено на милост и немилост на проблематичниот татко, пишува „Курир“.


Детето наводно со години не излегувало од станот, туку речиси цело време било во кадата во бањата. Кога во петокот ја пронашле две полицајки, кои упаднале во станот, таа била во исклучително лоша здравствена состојба.


Девојчето (8) сега е на Универзитетската детска клиника во Тиршова, каде што е примена на рехидратација и повторно хранење.
По раѓањето на детето, од родилиштето ги алармирале службите дека се сомневаат оти родителите не се способни да го згрижат детето бидејќи биле наркомани, а девојчето потоа било сместено во установа за социјална помош по што Центарот за социјална работа поведе постапка за одземање на родителското право на двајцата родители.
Во 2018 година судот донел одлука детето да остане со таткото. Тогаш при мониторингот немало индиции што би упатувале на занемарување и загрозување на здравјето и животот на детето од страна на таткото сè до 2020 година кога во одделението Звездар од полицијата биле известени дека имаат сознанија оти може да се слушне детски плач во станот. Таткото, постапувајќи по полицискиот извештај, малку подоцна одговорил на барањето за разговор со работници од социјалните служби , кои оцениле дека детето нема знаци на запуштеност.


Од таму додаваат дека Центарот немал сознанија оти детето не оди на училиште посочувајќи дека органот за старателство нема обврска да следи дали децата се вакцинирани ниту, пак, дали почнале основно училиште.


„Курир“ разговараше со соседите од Мириево, кои им кажале дека во последните три години најмалку трипати повикале полиција поради детскиот плач што ќе го слушнале од станот на Урош Пашајлиќ.


Велат дека полицијата доаѓала, ќе тропнела на вратата, а кога никој не отворал, си заминувале велејќи дека немаат налог насилно да влезат во станот.
Урош Пашајлиќ (38) вчера беше уапсен по четиридневна потрага поради сомнение дека со години ја држел заробена својата осумгодишна ќерка во стан во Мириево.

Таткото на починатата Јана: Сакаа и втора инфузија да и дадат, но кај ќе удреа со иглата крв избиваше

Стојче Христовски, таткото на починатото петгодишно девојче од битолско Кравари кое вчера почина во Клиничката болница во Битола откако прими инфузија, за „Макфакс“ во детали ги опиша последните моменти со ќерката. Иако премален од тага тој вели дека зборува за да нема други случаи како нивниот. Тој и сопругата се убедени дека за нивната Јана пресудна била инфузијата со гликоза што и ја ставиле откако ја донеле во болницата и покрај тоа што крвната слика покажала дека шеќерот и е деветка.

„Во болницата завршија работа за два саати, толку беше. Сега од почеток е ви кажам. Ние сакавме да ја носиме на матичен лекар, нејзината докторка, арно ама таа беше попладне,  после два саатот. На телефон ни се јави и рече да ја однесеме Јана в болница, на детско да не се мачи да чека до попладне. Два дена пред тоа, фактички пред три, не знам точно се тушираше со братот, се капеа и малку и пристуде. Другиот ден ни поткрена температура ама ништо 37 со 7-8. И дадовме сирупче, спадна температурата. Вечерта си спиеше, немаше никаков проблем, ни температура ни ништо. Следниот ден после ручек и се појави оток кај очињата, горе и се жалеше од ноџињата. Велеше – ме болат ноџињата, мускулите“, вели таткото Христовски.

Проблеми со оток на очните капаци таткото вели дека Јана имала и околу Нова година. Фатила грип, и отекле очните капаци. Лекарката им објаснила дека од грипот во очите и се собира слуз и затоа капаците и се отечени. Им дала капки и за еден ден отокот се повлекол.

Сличен оток, но помал имала и вчера, кога ја однеле на лекар. Христовски вели дека Јана на нога го дочекала да дојде од работа за да ја однесе во болница и сама си влегла во автомобилот.

„И беше мака ама не беше истоштена за да не може да оди. Стигнавме во болница. За да не се мачи ја кренав в раце до детскиот оддел. Почекавме тука во ходникот. Муабети си правевме. Влеговме внатре. Не натераа крвна слика да направиме. Појдовме за крвна слика, не можеа крв да и земат оти тој ден сабајлето повратила шлајм и наводно од што повратила била дехидрирана, не може крв да и земат. Дадовме и мокрача. Измерија шеќер деветка. Таа кај што и земаа крв ни кажа дека шеќерот и е деветка и го врати девојчето во амбуланта и кажа на докторката дека шеќерот и е деветка. И телефонски што контактираа со некого, го известија дека шеќерот и е деветка“, вели таткото Христовски.

Со Јана во собата кај што и давале инфузија влегла само мајката оти било дозволено само еден родител да влезе. Христовски останал во ходникот.

„И ставија инфузија, а резултатите ни рекоа после 12. Тие на детско пак и извадија уште две епрувети крв и ме пуштија и тие да ги однесам во лабораторија. За таа крв резултатите рекоа дека ќе бидат готови после еден, еден и пол. Дури таа што беше на шалтер рече – пауза е сега, гледаш колку е саатот, ама арно се погоди колегата нејзин и рече – ама за петгодишно девојче се работи, зема човекот ја внесе крвта ама ако се сомневаат во нешто требаше побрзо да бидат резултатите. Резултатите не ги видоа, почнаа со инфузии и рекоа дека шеќерот бил покачен од што повратила“, вели таткото.

Неговата сопруга на шишето од инфузијата прочитала дека се работи за гликоза, 500 милилитри и дека со живот гарантира дека и дале шеќер на ќерката иако измериле девет единици.

„Откако истече инфузијата ситуацијата почна да се влошува. Го мерат пак шеќерот, тој 19 и се обидуваат втора инфузија да стават. Арно ама не можат вена да му најдат на чупето. Кај што ќе мавнеле со иглата избивала крв. Од тогаш се комплицираат работите. Ја пренесоа во друга сала, тука од карши кај што има кислород и такви работи. Ми се јави по телефон сопругата и ми вели – влегувај, лоша е ситуацијата, се искомплицира, исплашена. Влегов, седеше внатре на едно столче, јас стоев се се гледаше преку стаклата. Викнаа од ансетезиолозите, и ставија нешто и се покрена малку. Ја прашаа како се вика, рече Јана, се се слушаше и ја гледавме. Имаше наредено штипчиња за срцето да го следат, за пулсот, кислород, Се поврати чупето, си заминаа анестезилозите што беа, по пет до десет минути чупето пак почна да се губи. Тука веќе настана хаос. Ѕвонеа пак по телефони да дојдат анестезиолозите, една чистачка што беше тука ја пуштаа некаде, кажуваа оди земи ова, таа оди се враќа вели нема клуч, не знам каде е клучот. Веќе тука беше крајно. Јас гледав преку стаклото. Пробаа со електрошокови, со масажи на градите за да ја вратат, но ништо. Многумина беа тука собрани, не можев убаво да гледам, Можеби имаше пет-шестмина доктори, медицински персонал. Тука веќе ми беше јасно, ја ставија на еден кревет за да не ја носат на интензивна горе, тоа е на вториот кат, ама веќе се гледаше дека чупето нема знаци на живот. Ја масираа по градите ама тоа беше само колку да не ни кажат тука“, со грутка во грлото се кажува таткото.

Откако ја качиле Јана на интензивна нега, околу 12 часот иако веќе не покажувала знаци на живот, лекарите и сестрите престанале да контактираат со нив и цели речиси три часа не можеле да дознаат што се случува со нивната ќерка. Шетале во ходникот и прашувале како е Јана секого што ќе го сретнеле.

„Излегуваат од тие салите сестри некои, ги прашувам – извенете, чупето што е внатре живо ли е, умрено, какво е, три саати веќе се направи ние тука не знаеме. Немав веќе ни надеж бидејќи видов, како се одвива ситуацијата и знаев дека одолговлекуваат само колку да не спремат малце, да не дојде набрзина. Излези друга, прашај вели работевме, не можев да видам. Прашај ја другата таа – не бевме ние во таа сала, никој ништо да ни каже. Два и пол до три саати не знаеме што се случува. Никој ни да излезе да каже, ние се вртевме тука во тој ходникот, си ги чукавме главите во ѕидот. Никој ништо“, вели Христовски.

Јана немала никакво претходно заболување, ниту пак била алергична на нешто. Била физички активна, играла фудбал, правела шпаги, сакала атлетика. Родителите се разочарани од изјавите на лекарите кои кажуваат дека три дена родителите ја лекувале Јана сами, дома и нагласуваат дека тоа не е точно како што не е точно ниту тоа дека имала дијареја.

Христовски е разочаран и од начино тна кој лекарите се обиделе да ги утешат кога им соопштиле дека Јана починала.

„Никому да не даде Господ, вакви работи да нема. Кога не тешеа таму, кога рекоа направивме се што можевме, не тешат и ни велат пред пет – шест дена истиот случај го имаше двегодишно дете. И тоа утеха било дека двегодишно детенце починало од ситиот проблем!? Пишаа во извештајот слабо срце, но од тоа нема ништо. Чупето беше здраво, немаше проблеми“, низ солзи вели таткото Христовски.

Директорот на болницата Александар Обедниковски за „Макфакс“ изјави дека девојчето било во болницата од 10 часот утрото до 14 часот кога починала, а за тој период била само рехидрирана оти родителите ја донеле дехидрирана, со покачена телесна температура и со оток на очите. Директорот Обедниковски рече дека телото на девојчето е дадено на обдукција, а за случајот е известен јавен обвинител.