Tag Archives: трансплантација

Медицинската сестра Котевска со емотивна објава за историската трансплантација

Докторите од Клиниката за Дигестивна хирургија, КАРИЛ и Гастроентерохепатологија во петок минатата недела ја направија првата трансплантација на црн дроб од починат донор во Македонија. 

Историски момент – пациент на возраст од 60 години доби здрав орган од починат донор! 

Дел од тимот кој ја спроведе трансплантацијата е и сестра Вики Котевска. 

Таа на својот фејсбук профил објави долг емотивен статус и фотографии од процесот. 

-За некои беше само обичен “black friday”, а за нас најсветлиот шо може…- пишува таа. 

Ова е нејзината објава во целост: 

И после 24 часа, два три реда за чудото што успеавме да го направиме..Затоа што денот ни продолжи во ноќ, ноќта си дочека ден, а ние сѐ уште работевме како да е само неколку часа.. А било многу подолго..

25.11.2022, еден петок…

За некои беше само обичен “black friday”, а за нас најсветлиот шо може..

Еден твит, краток, бидејќи за толку само остана сила вчера:

“Оние 3 мин клема ме коштаат сигурно 3 години од животот… Но вредеше…

После 40 часа неспиење, изморена, исцрпена, ментално и физички скоро убиена, прегорда сум шо бев дел од тимот кој многу години се спремаше за денов: Првата трансплантација на црн дроб во земјава. Историја”

Нема мерна единица за количината на среќа која нѐ преплави сите, која го замени стравот од одговорноста која ја имавме, после толку години чекање, после толку години очекување, после години припремање, после години игнорирање на скептицизам и неверување на голем дел од фелата, години на борба,учења, собирање искуства, и мнооогу желба, истрајност, упорност.

И кога во темнината на ноќта се собравме сите повикани, и кога пациентот со надеж во очите за живот спремен да заспие за последен пат, ни кажа:

” -Спремен сум, а спремни сте и Вие, со среќа да ни е”,

.. кога неколку тима работеа како еден, од болничари за набавка, од сестри со мал милион припреми кој што може да помогне, од координатори кои ги припремаат работите да нема никаков пропуст, од вккучени неколку клиники, постојани информации за наредните чекори, од растреперени срца од одговорноста на секој еден вклучен во процесот, клиники лаборатории и институти, клинички фармацевт, сестри кои водеа грижа секоја минута сѐ да има навреме, вештите инструментарки кои работеа како едно цела ноќ и во текот на денот, сѐ до вештите раце на хирурзите и острите умови на анестезиолозите и анестетичарите…

И перфузионистов, де .

.. Мали тимови, но големи во храброста и духот.. . Борба за секоја минутка, борба за секоја клетка, борба за секоја пулсација, сите , горди да помогнат за сето ова да успее..

И бидејќи сите работевме како еден, и секој веруваше на алката до себе во синџирот на учесници, конечно успеавме.. Кога фактите говорат и најголемите скептици треба да признаат дека ова е огромен успех.. Огромен.. Толку долго очекуван, и со толку голем притисок и очекувања од тимовите.

Првата трансплантација на црн дроб во Македонија од починат донор..Успеавме!

Мала беше “сала бр1” за набојот на емоции кога почна аплаузот за честитките на секој вклучен во процесот, кога органот почна да работи во новото тело..

Аплауз громогласен до небото, аплауз за секоја капка пот, за секоја солза, за секоја нервоза, за секое трчање, за секое учење, за секоја непрописпена ноќ, за секој сомнеж, за секој грам страв, за секој момент на притисок да дадеме сѐ од себе.. Аплауз на годината, на деценијата, за најупорните, најхрабрите, најиздржливите…

Одамна немало толку позитивна енергија, радости, честитки и среќа во Оперативниот блок.. Напишавме историја.. Креиравме почеток.

Како што си велевме : Еднаш мора да се почне..Можеме и мораме..

Благодарност прво до фамилијата на Донорот, им ја посакувам сета среќа и здравје ,.. Во најтешките мигови да помогнат на други.. Таква особина на несбичност и воља да се помогне кога губиш близок е одлика која ја имаат само ретките на овој свет, посебните.. Секоја чест, и само убавини да доживуваат..

Благодарност до реципиентот кој се согласи да ни го довери животот во наши раце, знаејќи дека ќе биде прв пациент во овој вид трансплантација. Посакуваме да ги помине успешно и оние најтешки чекори понатаму под закрилата на одличните анестезиолози и сестри во постоперативниот период, и да си го прифати организмот новиот орган и да си добие нов живот.

Благодарност до сите колеги, сите вклучени во приказнава кои помагаа, даваа поддршка, доѓаа и со стиснати палци ни велеа-Ајде среќно, до колегите кои ни носеа вода или кафе и се грижеа да издржиме, кои нѐ прашуваа како си, дали треба нешто, браво, секоја чест.. Зборови кои во такви моменти се лек и стимул да се издржи..

Фала му на адреналинов шо нѐ одржа сите бистри, на нозе, растрчани, кинцентрирани, без паники, убаво нѐ излупа сите, ќе осетиме колку не раздрмал по некое време, уште имаме големи резидуи во нас..

Фала на сите. На сите.. На сите што веруваа, на сите кои сфатија колкав чекор е ова за нас, пионерчиња во нешто ново, нешто за нас “недостижно” но со среќа и чест да бидеме дел од приказнава.. Голема приказна, голема, долга, но важно со среќен крај..

Покажавме и докажавме дека само упорноста и желбата се најважни.. Ако се доволни силни и големи, колку време и да помине не може да уништи желба, само ќе донесе немерлива количина на среќа, која ете ние имавме чест да ја осетиме ..

Вечно ќе го паметам денов, како член на Првата трансплантација на црн дроб, и тие 3 минути каде една секунда ми беше како година…

А да, благодарам на мојот најдобар пријател Belmond Rapid infuser,за успешното функционирање, шо си ја докажа вредноста зошто е незменлив…

Честитки… На сите нас.. Да се мери среќата во крвта, сега само среќа и гордост ќе ни измерат…

БРАВО ! Направена првата трансплантација на црн дроб од починат донор!

Министерството за здравство информира дека денеска на Клиниката за дигестивна хирурија била направена првата трансплантација на црн дроб од починат донор, што претставува прва во историјата на македонскотo здравство.

Шеесет годишен пациент со хронична болест на црниот дроб доби здрав орган од пациентка со мозочна смрт чие семејство вчера се согласило да ги донира органите.

Покрај црн дроб, се вршат и трансплантации на бубрези кај двајца пациенти со бубрежна болест.

-Би сакал од мое лично име и од името на целиот персонал вклучен во трансплантациите да се заблагодарам на семејството на донорот и на нивната одлука да спасат не еден, туку три животи. Ни покажаа уште еднаш дека живот може да се подари. Благодарност и до сите медицински тимови вклучени во трансплантацијата кои изминтите 24 часа работеа и продолжуваат да работат со пациентите.Особена благодарност до професор Зоран Караџов и неговиот тим, како и тимот на Клиниката за гастроентерохепатологија, кои денес испишаа нов лист не само во делот на дигестивната хирургија туку и во целокупното здравство, истакна министерот за здравство, д-р Беким Сали.

(Видео) Босански фудбалер донираше црн дроб на мајка му и си ја ризикуваше кариерата: Таа ми даде живот, јас го продолжив нејзиниот

Фудбалерот на Босна и Херцеговина, Роберт Периќ Комшиќ ѝ го спаси животот на мајка му донирајќи ѝ црн дроб. 23 годишниот спортист иако ја ризикува кариерата, рече дека не размислувал и дека одма се одлучил да ѝ биде донор.

Мајка му претходно имала три неуспешни трансплантации, а лекарите му рекле дека не ѝ останало уште многу време живот. Сите други опции се покажале како ризични, па Комшиќ отпатува во Турција за да ѝ помогне.

„Во оваа приказна, мајка ми е поголем херој од мене. Не му го посакувам на никого она што таа го преживеа изминатите 13 години. Имаше три неуспешни трансплантации на црн дроб од починат донор. Ризикот беше голем, а времето истекуваше. Беше во животна опасност и беа во прашање денови. Кога дознав дека сите други опции се исцрпени одма летнав за Истанбул. Мајка ми мора да прима терапија, но тоа не е за неа никаква новост, затоа што со години е под лекови. Мене сите резултати ми се уредни, црниот дроб два месеци по операцијата беше целосно регенериран. Ги избегнувам приказните дека сум херој. Го направив она што би го направи секој. Мене мајка ми ми даде живот, а јас ѝ го продолжив нејзиниот“, рече Роберт.

Уште една успешна трансплантација на срце во Македонија ❤️

Македонските кардиохирурзи и тимот лекари кои денеска ја извршија шестата трансплантација на срце испишаа уште една успешна страница во македонската историја на медицината. 

Министерот за здравство Венко Филипче, извести декаво тек е и трансплантацијата на бубрег.

„Неколку часа траеше трансплантацијата на срце кај 53 годишниот пациент, кој имаше тешка срцева аномалија. Сега следи критичен период на опоравување.  Пациентот останува под надзор на стручниот лекарски тим на Клиниката за кардиохирургија. На клиниката за Урологија хирурзите полека ја завршуваат и трансплантацијата на бубрег кај дваесет годишната пациентка која подолг период беше на дијализа. На пациентите им посакуваме што побрзо опоравување и многу здравје. На колегите кои беа дел од овие експлантации и трансплантации на срце и бубрег, им честитам за уште еден успех. Вие пишувате историја! Изразувам незимерна благодарност за храброста, добродушноста и хуманоста на семејството на донорот“, напиша тој.

28-годишен починат ДОНОР со ретка крвна група е единствена шанса за 22-годишното момче, во тек ТРАНСПЛАНТАЦИЈА на бубрег и коскени ткива

На Клиниката за урологија во тек е трансплатација на бубрег од 28-годишен починат донор, а примател е 22-годишно момче. Како што соопшти Министерството за здравство, се работи за донор со исклучително ретка крвна група за која има мал број на приматели на органи на Националната листа за трансплантација и за овие пациенти ова е единствена шанса за живот.

Експлантацијата на бубрег и коскени ткива од починатиот донор била извршена ноќеска со тимовите на д-р Сотир Ставридис и д-р Александар Трајковски, а утрово почна трансплантацијата под раководство на д-р Сашо Дохчев.

„Семејството несебично се согласи да ги донира органите. Благодарение на нивната хуманост, утрово еден бубрег се трансплантира кај-22 годишно момче. Коскените ткива ќе бидат обработени и спремни за трансплантација во наредните денови. Голема благодарност до медицинските тимови кои учествуваа во експлантацијата и до семејството на донорот кои ни покажаа што значи хуманост“, велат од Министерството.

Успешно извршена уште една трансплантација на срце 💕

„Рано утрово срцето на 44 годишната пациентка чие семејство несебично ги донираше органите, почна повторно да чука. Следните денови се критични да се надеваме дека телото ќе го прифати новиот орган“, објави утрово на социјалните мрежи министерот за здравство Венко Филипче.

Се работи за пациент кој неколку години боледува од тешка кардиоваскуларна болест и со трансплантацијата добива шанса за нов живот.
„Во изминативе 24 часа околу 100 тина лекари, медицински сестри и болничари работеа заедно како тим и покажаа како беспрекорно функционира здравственитот ситем. Повеќе детали за трансплантацијата во текот на денот“.

Успешна трета трансплантација на срце во Македонија❤️ 40 годишна скопјанка е третиот донор на срце

-Утрово во 6:33 часот започна процесот за третата трансплантација на срце во историјата на нашата земја. На двајца пациенти ќе им се трансплантираат бубрези. Доцна синоќа заедно со моите колеги Националната координаторка за трансплантација доц. д-р Маја Мојсова Мијовска тимот кардиохирурзи проф. д-р Сашко Јовев, академик Жан Митрев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Васил Папестиев, д-р Тања Анѓушева ги направивме подготовките за трансплантација на срце и бубрези од мртов донор чие семејство даде согласност да се донираат органите на пациентот. На тимовите лекари кои ќе ги вршат трансплантациите им посакувам многу успех. Да им држиме среќа, напиша Филипче во својот статус на Фејсбук.

По околу пет часа, успешно е завршена третата срцева трансплантација во Македонија. Срцето на 40 годишната почината жена донор сега чука во градите на 32 годишна жена.

-Кога е човечки живот во прашање не е важно дали е ден или ноќ, викенд или работен ден. Согласно претходно извршените подготовки, рано утрово околу 6:30 часот тимот кардиохирурзи го почна оперативниот зафат со цел трансплантација на срце од починат донор. Во просториите на државната кардиохирургија Академик д-р Жан Митрев заедно со д-р Никола Христов и проф. д-р Сашко Јовев од државната кардиохирургија придружени од анестезиолозите, како и тим на перфузонисти, инструментари, медицински сестри ја изведоа оваа операција која траеше околу 5 часа со што и официјално успешно беше извршена третата трансплантација направена во нашата земја. Станува збор за 40 годишна жена чие семејство даде согласност, нејзиното срце да продолжи да чука во градите на 32 годишна жена, објавија на Фејсбук од Жан Митрев.

Во текот на денешниот ден се очекуваат уште две бурежни транспланатации.

Донорот е жена од Скопје на возраст од 40 години. Таа добила спонтано крварење во мозокот и случајот бил иноперабилен.

Секоја чест: Ова се имињата на докторите кои извршија трансплантација на срце

Трансплантацијата на срце се изврши на Клиниката за кардиохирургија.Тимот го предводеше директорот на државната кардиохирургија проф.др Сашко Јовев, академик д-р Жан Митрев, д-р Васил Папестиев, д-рМарјан Шокаровски, д-р Никола Христов, д-р Тања Анѓушева, д-р Дејан Димитровски, д-р Александар Колев, д-р Кујтим Џелили, д-р Ванѓел
Здравевски, д-р Соња Граждани, д-р Марија Ѓеракаровска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Дарко Стефановски, медицинските сестри Марија Дојчиновска, Слаѓана Гроздановска, Мартина Караџоска, Имран Елези,Христина Николоска, Милица Ѓ. Ристовски, Анита Ангеловска,
Магдалена Томовски, перфузионистите Стефан Кметовски и БорчеДимоски, Верче Стојкоска.
Клиника за Урологија- д-р Сотир Ставридис, д-р Сашо Дохчев, д-р Алксандар Јосифов, д-р Трајковски, д-р Јосиф Јанчулев, д-р Александар Трифуновски, д-р Виктор Станков, д-р Елена Деспотовска, доц. д-рПетрушева, д-р Александра Гавриловска, медицински сестри Бојана
Шатева, Јулијана Петрушева, Весна Ќокеска, Анѓелка Маринова.

Секоја чест за успешноста на сложената операција и да се живи и здрави нашите доктори.

Точи за семејството на Верче: Во тагата никој не може да им помогне, но да им се олесни животот може

Повеќе сега ќе значи поддршката до семејството на Верица, отколку да ставаме профилни на фејсбук. Во тагата никој не може да им помогне, но да им се олесни животот може. Колку што слушам се преселиле од Берово во Струмица за да најдат работа, а живеат под кирија.

Таткото не нашол работа, мајката работи во маркет, а другата ќерка во кладилница. Им треба да почувствуваат дека и оваа држава се грижи за нив. Им треба сериозна работа! Не само заради нивната неверојатна хуманост, туку и заради свеста која ја разбудија кај јавноста. Ниту една кампања не може да го постигне тоа! Во оваа држава не е проблем да се изврши трансплантација, проблем е што нема органи.

Затоа повеќе од “длабок наклон”и профилни на фејсбук, потребна им е оваа поддршка од државата!, порача преку Фејсбук, новинарката Менче Точи.

Повеќе сега ќе значи поддршката до семејството на Верица, отколку да ставаме профилни на фејсбук.. Во тагата никој не…

Posted by Mence Toci on Saturday, April 17, 2021

Сочувство и голема благодарност до фамилијата, срцето на Верица донесе живот за мојот син

Цветко Стрезовски од Брвеница, татко на Иле Стрезовски, лицето на кое му беше извршена трансплантација, истакна голема благодарност до сите што на неговиот син му беше продолжен животот. Тој изрази сочуство до фамилијата на Верица, која даде дозвола нејзините органи да бидат донирани.

„Сега сум среќен. Прво да изразам сочуство до фамилијата на Верица за загубениот живот. Нејзиното срце му донесе живот на мојот син. Од 6-7 јануари му беше дијагностицирано слабо срце. Се бараше донор, и ете фала му на Бога се најде донор. Се чувствувам добро. Разговарав со синот, добро се чувствува, се е супер. Голема благодарност до целиот лекарски тим кои учествуваше во оваа операција“, рече Стрезовски.

„Трансплантацијата е извршена со сите ресурси врз младиот пациент кој се наоѓаше во исклучително тешка состојба. Операцијата беше извршена успешно. Во услови кога сме соочени со пандемија, еве се виде дека не ги забораваме и другите пациенти и очекувам и други пациенти кои се на листи на чекање дека ќе добијат шанса за живот“, рече доктор Жан Митрев.

Семејството на Иле изрази благодарност до семејството на 20-годишната Верче Беловска и до лекарите кои го спасија неговиот живот.