Tag Archives: Велигден

Овој вторник е најсреќен во годината, еве што треба да направите за да ви се исполнат сите желби

На некои места, велигденските прослави траат три дена. Тоа значи дека славењето и веселењето продолжуваат и во вторник.

Ова е период кога се собираат роднините од далечните краеви и ги обновуваат одамна склопените пријателства. Во некои краеви, денешниот ден е познат и како Свет вторник, а зад него се кријат многу обичаи и верувања.

За време на Водената седмица, односно првата недела по Велигден, се и Водениот вторник и Водената сабота. Според народните верувања, вторниците важат како баксузни денови, но не и овој. Овој вторник е најдобриот во целата календарска година. Според приказните, ова е денот кога сите се радосни и весели. Исто така се верува дека детето кое е родено на овој ден, ќе биде среќно и долговечно.

Поради ова многу свадби се одржуваат на овој ден, бидејќи се верува дека среќата и благодатот од денот ќе се пренесат и кај младоженците и нивното ново семејство.

Според некои верувања, овој ден најдобро е да не правите ништо со машката облека, како шиење и перење, особено ако мажот е иден војник.

Старите веруваат дека денес е добро да отидете на посета или на пат. Доколку планирате денес да тргнете некаде, според обичајот треба да замислите и желба. Наводно желбата ќе се исполни, а за време на патувањето ќе ве следи среќа.

На некои места се прославуваат три Водени вторници – денешниот, вторникот после Ѓурѓовден и вторникот после Света Тројца. Како што кажува и самото име, овие вторници се празнуваат за да падне дожд кој е неопходен за посевите.

Поради ова, единственото нешто што треба да го направат верниците во овие три денови е да се веселат и да се радуваат, а среќата да ја поделат со саканите. Според народното верување, доколку ги игнорирате традициите денес, нема да ви оди добро во животот.

Ова се најубавите пораки за Велигден

Велигден е најубавиот православен празни, а ова се најубавите пораки.

*Нека од Велигден до Велигден биде присутна кај сите вас … ЉУБОВТА … ИСКРЕНОСТА … ДОБРОДУШНОСТА … и секогаш бидете она што и всушност сте за да сите знаат колку е убаво да си бидете само … СВОИ … Имајте … ПРЕСРЕЌНИ ПРАЗНИЦИ …about:blank

*Додај мир во душата, љубов во срцето со верба во Бога, во слава на Христос да се радуваме, да простуваме, да сакаме и да се почитуваме. ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

*Да го празнуваме животот денес.
Да го воскреснеме Исус во нашите срца.
Да ги отвориме душите за љубов и радост.

*Додека велигденски јајца кршиш во твојата душа нека владее мир,нека Христос ти даде снага да злото не те совлада. И нека оваа реченица ти се мота низ глава “денес е почеток на нов живот” и денешниот празник нека ти донесе многу среќа и љубов. Христос Воскресе.

*Слезе од небото заради наше спасение. Страдаше па заради нас воскресна, се вознесе на небото. Нека силата божја го благослови твоето постоење. Христос воскресна – Навистина воскресна !!!

*Нека светлината на Христовото Воскресение ви ги осветли вашите срца,а неговата бесконечна љубов,го благослови вашиот живот и вашиот дом … Христос Воскресна

*Денес нека се веселат небесата, нека се радува Земјата, нека празнуваат видливите и невидливите светови, зашто Христос, нашата Вечна радост – Воскресна од мртвите ! Нека ни е за многу години празникот Христијани… Христос Bоскресе

*Ви го честитам овој животворен ден, кој е една и единствена основа на христијанскиот живот и христијанската надеж. Да поздравиме сé што е во светлината на Христовото Воскресение, зашто после него сé е поразлично од она што го имавме вчера, сé изгледа подобро и повеличенствено. Да ја искусиме целата сила на оваа Пасхална радост, зашто, само во светлината на Воскресението, животот добива вистинско значење.

*Честит Велигден!
Ви го честитам најголемиот христијански празник, и ви посакувам многу, здравје, радост, успех и слога! Од срце на сите им посакувам смирение и срцата да ви бидат исполнети само со љубов, оти нашиот бог се жртвуваше за нас заради преголемата љубов кон нас, земајќи ги врз себе нашите гревови.

Видео: Благодатниот оган директно од Ерусалим пристигна во Скопје

На Меѓународниот аеродром Скопје вечерва беше пречекана државната и црковната делегација која за првпат директно од Ерусалим го донесе Благодатниот оган.

На церемонијата во базиликата на Светиот Гроб во стариот град на Ерусалим присуствуваа голем број делегации од држави од светот, меѓу коишто, рамноправно беше и македонската државна и црковна делегација во чиј состав беа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, како и повеќемина свештени лица предводени од шефот на делегацијата на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, Митрополит Тетовски-гостиварски, г. Јосиф Тодоровски.

Церемонијата на преземање на Благодатниот оган е посветена на празнувањето на Светата светлина, што се смета за величествен момент што ги поврзува верниците ширум светот со светлината на Исус Христос, а се случува во Ерусалим речиси 2.000 години, на којшто присуствуваат христијани од целиот свет.

Благодатниот оган на скопскиот аеродром го пречека премиерот Димитар Ковачевски и црковна делегација на МПЦ-ОА.

Оганот ќе биде раширен низ православните храмови во државата каде вечерва ќе се одржат литургии по што на полноќ со биење на камбаните ќе биде објавено Воскресението Христово. Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан традиционално ќе богослужи во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Зошто за Велигден се вапцаат јајца? – Три легенди тврдат различно

Јадењето јајца за Велигден е поврзано со христијанската историја, пишува британски сон и објаснува дека јајцата биле симбол на животот и плодноста.

Во текот на шесте недели од Великиот пост, христијаните се откажале од консумирање на сите производи од животинско потекло, кои ги вклучувале сите млечни производи и јајца.

Денешните чоколадни јајца се забавна комбинација на религиозни обичаи и слатки кои децата ги сакаат. Но, зошто јајца?

Речиси и да нема домаќинство кое на Велигден на својата трпеза не практикува шарени варени јајца. Јајцата беа симбол на животот и плодноста.

Христијаните ги прифатиле јајцата како симбол на воскресението на Исус

Воскресението се симболизира преку лушпата од јајцето, која го претставува гробот во кој се наоѓал, додека пилето кое излегува од лушпата го претставува самиот Исус кој излегол од гробот.

Традицијата на јадење јајца има и практична функција. Бидејќи христијаните се откажаа од сите производи од животинско потекло, но кокошките сè уште снесоа јајца. Затоа луѓето ги готвеле и ги украсувале со бои, а потоа ги јаделе подоцна на Велигден.

Одлуката за одбележување на овој ден е донесена благодарение на светиот император Константин и во христијанскиот свет се користи веќе 17 века, а најважно е следното: Велигден секогаш се празнува по пролетната рамноденица во неделата по полната месечина (20 или 21 март), по еврејската пролет на празникот Пасха и услов е таа да се празнува во недела. Најрано може да падне е 4 април, а најдоцна 8 мај (пред Благовештение и по Ѓурѓовден).

Еден од најстарите христијански обичаи за Велигден е да се бојадисуваат јајца на Велики четврток наутро.

Обоените јајца за прв пат се споменуваат во 12 век, а кај нас дури некаде во 16 век, а обичај е првото јајце да се бојадисува црвено, во спомен на пролеаната невина крв и воскресението Христово, и тоа е исто така симбол на радост и живот.

Jaгнешкото ЛУКСУЗ за Велигден: Цените во месарите и до 550 денари за килограм

Македонското јагне се извезе на европскиот пазар за католички Велигден, а сега стигнува во домашните месарници. Кланичарите велат дека годинашниов извоз е нешто помал од лани.

Во споредба со лани помал е извозот на македонското јагне на европските пазари. Се извезуваше за Хрватска, Италија. Главно поради цената, зашто имаше доволно стасано јагниња поради топлата зима. За сточарите е ниска цената од околу 200 денари за килограм жива мера, за извозниците и крајните европски купувачи беше висока. Има останато замакедонскиот пазар, ама не знам колку ќе се продаде зашто цената моментално во месарниците е од 500 до 550 денари за килограм. За потрошувачите е скапо, зашто за да испечеш јагнешко и да има доволно на трпезата, мора да се купи барем два, три килограми, вели Тони Павлески од кланичарската индустрија.

Според Марјанчо Стојаноски, сточар од Прилепско, трошоците се високи за одгледувањето јагниња, а со години е трендот на намалување на фондот, зашто нема млади сточари.

-Со овие откупни цени и со зголемени трошоци е многу тешко. Во светот е најевтино македонското јагне, зашто во Албанија, Бугарија е по 6 евра за килограм жива мера. Се намалува сточниот фонд. нешто подзадржуваат субвенциите што ги зедовме, но ситуацијата ќе биде тешка. Скапи се храната, препратите. А никој нема од младите заинтересиран за одгледување овци. Освен тоа, не може да се најде овчар. Последниве години нема млади сточари кои отвориле одгледувалиште. Тешко е, вели Стојаноски, кој е и потпретседател на здружението во Пелагонија „Орлови бари“.

Граѓаните чекаат пред месарниците и пресметуваат. Велат, зависи од џебот. Некои земаат само јагнешки дроб, колку да замириса за Велигден, други ќе купат месо, оти, еднаш во годината е Велигден.

Последната недела од Велигденскиот пост е Страдална седмица- еве што треба да прават верниците

Последната седма недела од чесниот пост што му претходи на Велигден е Страстната – Страдалната седмица.

Таа недела, од Велики понеделник до Велика сабота верниците ја поминуваат во строг пост, молитви и покајание.

На богослужбите во црквите се потсетува на последните земни денови на Исус Христос, неговото приведување и страдањето на крстот.

Неделата се нарекува „страстна“ според старословенскиот збор „страст“ што значи страдање, трпение и болка.

На Велики понеделник црквата потсетува на осум библиски настани – четири од Стариот и четири од Новиот завет. Велики понеделник е: ден на старозаветниот Јосиф, намразениот од браќа си, ден на пророчките виденија, ден на маките во ропството и ден на праведниот Јов, како и ден на бесплодната смоква, неправедните лозари, за крајот на светот и очистувањето на храмот.

На Велики вторник православната црква го покажува Богочовекот Исус Христос како сезнаечки, кој во саботата кога го воскреснал Лазар, знаел дека еврејските старешини го осудиле на смрт. На богослуженијата се читаат текстовите од Светото евангелие што ги опишуваат настаните што се случиле токму на Велики вторник, кога Исус Христос изговорил најмногу поуки и параболи во Ерусалим. Тоа се Неговите последни поуки и опомени пред да биде предаден и распнат.

На Велика среда се споменува предавството на Јуда. На тој ден во спомен на жената која истурила миро на христовите нозе, во црквите се врши една од седумте свети тајни-осветувањето елеј. Верниците тогаш се помазуваат со осветеното масло како лек за телесно и за душевно здравје.

На Велики четврток си спомнуваме за Тајната вечера и сè што се случувало тогаш – подготовката, миењето нозете на апостолите, поуката за смирението и братољубието, посочување на предавникот и излегувањето на Јуда од вечерата. На тој ден Исус Христос ја востановил светата тајна на причестување во облик на леб и вино што го претставуваат телото и крвта Господово. На Велики четврток се служи литургија на Василиј Велики. Вечерта има бдеење и се читаат 12 евангелија за Христовите страдања.

На Велики петок нема литургија. Тоа е најжалосниот ден за христијаните бидејќи Исус Христос бил осуден и распнат на крст. Во времето на смрттта на Синот Божји земјата се затресла, Сонцето се помрачило, а завесата во ерусалимскиот храм се искинала на два дела. Наместо камбани, во црквите се до недела се слуша звукот на клепалото. Вечерта се изнесува плаштеницата која го означува посмртното облекување и полагање во гробот на Исус Христос и се служи опело. По обиколката околу храмот верниците минуваат под плаштеницата.

Велика Сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста, исчекување пред Христовото Воскресение. На Велика сабота последниот ден од Велигденскиот пост се служи опело за Исус Христос. Во раните попладневни часови се служи литургија на Свети Василиј Велики. Во ерусалимскиот храм на Светиот гроб на Господ Исус Христос во кој претходно се изгасени сите свеќи и кандила се пали светиот оган што го прима ерусалимскиот патријах и потоа го пренесува на народот.

Во недела е Велигден, денот на воскреснувањето на Исус Христос, кога ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ се објавува во сите православни храмови, а се одржуваат воскресенски литургии. Овој празник е спој на верата и традицијата. Широко е распространета традицијата кршење со велигденски јајца за здравје, благостостојба и напредок.

Велигден е тридневен празник кој покрај недела ги вклучува и понеделник и вторник.

На Велигден верниците се поздравуваат со поздравот „Христос воскресе“ и „Вистина воскресе“.

Ни доаѓа Лазарова сабота, па Цветници – овие работи никако не смеете да ги направите една недела пред Велигден!

На 8 април е Лазарова сабота, еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус. Лазарова сабота е променлив празник и секогаш се паѓа еден ден пред Цветници, кои се точно една недела пред најголемиот празник Велигден.

На овој ден се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос. Овој настан бил на шест дена пред предавството и убиството на Христос на Голгота. На Лазарева сабота обичај е да се носат гранчиња од врба што симболично претставува свечено Христово влегување во Ерусалим, каде што го пречекале следбениците.about:blank

На овој ден обично се оди на река и се вели: Колку далеку го фрлив овој камен, толку подалеку да биде змијата од мене! Дента се бере цвеќе, но не се внесува дома, туку важно е да се остави во дворот. Потоа со цвеќето се кити домот, а со водата каде стоело се замиваат домашните.

Во Македонија групи девојчиња – Лазарки, облечени како невести одат и пеат лазаревски песни, како обичај за големиот празник.

Лазарова сабота

„Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението: да ги отфрлиме сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на Светлината. Да одиме чесно како дење“ (2 Кор. 6, 2) – зашто ни се приближува сеќавањето на спасоносните Христови страдања, се приближува нова, голема и духовна Пасха, награда за бестрастието (палмовото гранче), почетокот на идниот век. Тоа го најави Лазар, кога излезе од оние кои се скриени во пеколот; по заповедта на Божјиот Син, Кој има власт над животот и смртта, оној кој четири дена беше во гробот, стана од мртвите. Кога било извршено чудото над Лазар, и кога Христос јасно истакнал дека Тој е Бог, народот го прифатил тоа и поверувал, додека некои кнезови, односно книжници и фарисеи, биле далеку од верата, па неразумно смислувале лоши работи против Него и со своето безумие сакале да Ги убијат Оној, Кој преку тоа што го рекол и направил се претставил како Господар на животот и смртта. Овие зборови, иако заради народот изговорени во вид на молитва, не биле молитвени зборови, туку зборови на власт: „Лазар, излези надвор!“ – и Лазар веднаш, иако четири дена мртов, застанал жив пред Него; зарем не биле едно заповедта и молитвата на Животодавецот? Тој викнал со силен глас, и тоа заради присутните, бидејќи можел не само тивко, туку и само со волјата да воскресне, и тоа оддалеку, додека каменот с? уште лежел над гробот. Тој, пак, му се доближил на гробот и им рекол на присутните да го тргнат каменот, а овие го почувствувале непријатниот мирис на распаѓањето и тогаш Тој со силен глас му се обратил на Лазар, го повикал кај Себе, и токму тогаш го воскреснал. И сето тоа, за тие да видат со сопствени очи, бидејќи биле крај гробот, со сопствениот нос да ја почувствуваат смрдеата на мртвото тело кое четири дена било во гробот, и со сопствениот допир да почувствуваат – затоа што со своите раце го допреле каменот кога го отстранувале од гробот, потоа плаштаницата и убрусот на главата кога го одвивале, како и лично да го чујат Господовиот глас, кој допрел до ушите на сите присутни. Значи, преку сето тоа, тие поверувале дека Тој е Оној Кој „го повикува непостоечкото кон постоечко“, Кој се носи со силата на Своите зборови и Кој на почетокот со еден Свој збор се доведе од небитие во битие. Свети Григориј Палама.

Веднаш по Лазарова сабота е празникот Цветници. Познат уште и како Цветоносна недела и Врбица, секогаш е една недела пред Велигден и се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и врбови гранчиња, како и со својата облека, му го постилале патот.

Неделата, една седмица пред Велигден е празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица, што се празнува во спомен на влегувањето на Исус во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери кршеле цвеќе од дрвјата и врбови гранки и со нив, како и со својата облека му го постилале патот по кој минувал. Саботата пред Цветници се вика Лазарева Сабота или Лазарица, односно Лазара. Според преданието, во саботата умрел Лазар од Витанија, а во неделата Исус го воскреснал. Поради тоа во народот неделата се смета за поголем празник од саботата.

Според тогашните закони учител можело да биде само лице што наполнило триесет години. Исус веќе четврта година го проповедал своето учење, а бидејќи за Пасха мноштво народ доаѓал во Ерусалим за да го прослави празникот и Исус по четврти пат доаѓал како учител.

Но тогаш разбрал дека неговиот пријател Лазар од Витанија е тешко болен. Исус веднаш се упатил таму, но стигнал четири дена по неговата смрт и по погребот. Сестрите на Лазар, Марта и Марија, го прекориле Исуса велејќи му дека ако дојдел на време немало Лазар да умре. Марта му рекла: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде“.

Легендата вели дека Бог сакал Лазар да умре за врз него да се манифестира силата Божја. Кога дошол до гробот, Исус го повикал Лазара: „Лазаре, излези надвор“. И Лазар веднаш излегол завиткан со платно на рацете и нозете и со крпа околу лицето. Сите што го виделе тоа се почудиле и поверувале дека Исус е синот Божји. Со овој чин Исус уште повеќе се здобил со слава. И пак се упатил кон Ерусалим.

Кога стигнал во подножјето на Маслиновата гора, Исус пратил двајца свои ученици во Витфагија за да му донесат осле (магаре) и ослица. Им рекол: „Одете во селоно, што е наспроти вас и веднаш ќе најдете врзана ослица и осле со неа; одврзете ги и доведете ми ги. А ако ви рече некој нешто, ќе му кажете дека му се потребни на Господа и веднаш ќе ги прати“.

Учениците ги донесле, а потоа ги ставиле на ослето своите облеки врз кои седнал Исус и така влегол во Ерусалим поздравен од мноштво народ. Ваквиот пречек на Исус во Ерусалим бил последица од неговата голема популарност меѓу народот уште повеќе зголемена по воскреснувањето на Лазара. Се поставува прашањето, зошто Исус во Ерусалим влегол качен на магаре?

Толкувачите на Светото Писмо истакнуваат дека кај источните народи магарето било симбол на мирот, наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служело на човекот, како што и Исус му служел на народот. Пречекувајќи го Исуса воодушевениот народ со цвеќе, врбови гранки, но и со својата облека го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на вистините“.

Во спомен на ова свечено влегување на Исус во Ерусалим уште од најраните христијански времиња е востановен празникот Цветници кој, меѓутоа, се празнува од III век. На иконата овој чин е насликан како Исус јава на магаре, а неговите ученици и народот му го постилаат патот со цвеќе и облека.

ВО ТЕК Е ВЕЛИГДЕНСКИОТ ПОСТ: Се воздржува од храна, но и од гревовност, се посветува на духовното

Во Стар Египет постоела примена на т.н. „тераписко гладување“ кое било спроведувано низ подолг период, со цел јакнење на организмот. И Хипократ, како „Татко на медицината“, верувал дека гладувањето е одличен начин за прочистување на организмот и одмарање на системот за варење, кој го сметал за речиси најважен органски систем. Во текот на 19.век гладувањето било прилично популарно како терапија, односно начин за детоксикација на организмот.

Моделот на испрекинат пост е исхрана која има упориште во модерната наука, а подразбира ограничено време за внесување на храна во текот на денот и подолг пост преку ноќта.

Истражувањата спроведени на животни и помал број истражувања врз луѓе покажале дека таквиот начин на исхрана поволно влијае на чувствителноста на исулин, на функцијата на бета-клетки на панкреасот кои произведуваат инсулин, како и на крвниот притисок, оксидативниот стрес и апетитот.

Дури и минимални промени во ритамот на исхраната- на пример, внесувањето храна во текот на 11 часови и гладување во текот на 13 часа во денот- можат да предизвикаат позитивни промени.

ВО ТЕК Е ВЕЛИГДЕНСКИОТ ПОСТ

Велигденскиот пост е најстрогата форма на постење. А постот значи воздржување телесно и духовно: воздржување од мрсна храна и од гревовност. Во постот ние му даваме предност и поткрепа на духовното пред телесното. Тоа е време за повеќе молитва и за повеќе добри дела. Време за откажување од гревот и за покајание.

Во Велигденскиот пост не се прават свадби, ниту се дозволува венчавање.

Телесниот пост значи во сите дни воздржување од месо, млеко, јајца и производи со нив, односно од сè што содржи месо, млеко и јајца, а во одредените денови, воздржување и од масло и од вино. Храната доминантно е од растително потекло.

Иако, само во сабота и недела е дозволена храна со масло (зејтин), а во другите денови без масло, сепак, има и ублажување на постот, кога е тоа потребно. Ако е човекот болен, слаб и немоќен, може да добие благослов, да пости со зејтин, млеко и риба. Тоа се однесува и на малите деца до 7 години, но и на длабоката старост, како и за луѓето во посебни услови и состојби, како што се болестите, затворите, армијата, војните, бремените, леунките, доилките, патниците и сл.

Во таквите случаи постот може да се ублажи. Благословот за тоа се добива од православен свештенослужител. Од постот не се ослободува, туку тој се олеснува. Никако не се допушта месо.

Светите отци постот го нарекуваат мајка на здравјето, а и современиот начин на исхрана сè повеќе му придава значење на постот, односно на откажувањето од храната со животинско потекло.

Постот е потреба и за телесното и за духовното здравје. И најважно, постот не е само воздржување и одрекување од храна, туку е важен и духовниот пост – одрекувањето и воздржувањето од секое зло и грев. Во тие дни треба да се испитаме себеси, да се воздржиме од лошите мисли, зборови и дела, да се покаеме и да се исповедаме. Да се измириме и да се очистиме. Духовно да се зајакнеме и да се збогатиме. Да правиме добри дела и да покажеме љубов кон Бога и кон луѓето.

Од телесниот пост може да бидеме и ослободени, но од духовниот пост – никако и никој, од никого, па дури ни ангел од небото не може да нè ослободи.

Велигденскиот пост завршува пред Страстната седмица која се издвојува во посебна седмица на страданијата. Постот, според поставениот ред, ги завршува своите 40 дена во петокот пред Лазарева сабота (во VI седмица).

Тие последни денови пред Велигден се поминуваат во строго постење, според зборовите на Господ Исус Христос, којшто рекол: „Но, ќе дојдат дни, кога ќе се оддели од нив младоженецот и тогаш, во тие дни, ќе постат“ (Лука 5,35; Марко 2,19-20; Матеј 9,15).

Апостолските правила, Велигденскиот пост го нарекуваат Велика/Голема Четириесетница на која се надоврзува Страстната седмица, постејќи со страв и трепет.

„Четириесетница е до седумте дена пред Пасха. Потоа, шесте дни до Пасха целиот народ ги поминува во сувојадење“, вели свети Епифаниј Кипарски.

На Велики Четврток, се јаде еднаш дневно и тоа по завршувањето на Светата Литургија.

На Велики Петoк, по своја волја, некои верници не јадат ништо до зајдисонце.

Велика Сабота е единствената сабота во која се пости со пост на вода, а оние што можат, остануваат цел ден на суво јадење.

Постот не е диета. Неговата цел и задача е друга. Не се пости за да се слабее, туку за да се зајакне духот и за да се претпочита духовното над телесното. Но, се разбира, тоа воздржување во текот на постот може да придонесе и за зацврстување на волјата и за решеноста да се храниме поумерено и поздраво.

Добро е да се користи разновидна храна и за време на постот. Сите сме различни во односот кон храната и во односот на храната кон нас и кон нашиот организам. За некого храната се лепи веднаш, а за друг не. Важно е и воздржувањето од количината во исхраната. Таа навика ќе помогне.

Сигурно е дека постењето е здраво и корисно.

Денеска е Томина недела или мал Велигден

Денеска е Томина Недела или Нова Недела, Антипасха, во западното христијанство позната како Бела Недела или Мал Велигден. Ова е значаен христијански празник кој се прославува во првата недела по Велигден и е посветен на светиот апостол Тома.

Кога Исус Христос се јавил на апостолите, Тома не бил со нив, а кога тие му кажале дека го виделе учителот тој не поверувал и им одговорил: „Дури не ги видам клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам“.

Православните верници го слават Велигден- Христос воскресна, навистина воскресна!

Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.

Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.

По две години со ковид-рестрикции, годинава на велигденските богослужби можеше да се присуствува без никакви ограничувања.

Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан служеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски”- Скопје каде што по Полуноќницата и опходот околу храмот го објави Христовото воскресение, а потоа беа отслужени Утрената и Света Златоустова литургија.

Поглаварот на МПЦ-ОА и денеска на првиот ден од Воскрсението Христово – Велигден, во 9:00 часот ќе богослужи Воскресна литургија во Соборниот храм. Во 11:00 часот ќе се слави Второ Воскресение, со читање на Евангелието на повеќе јазици – Едноцрквие.

Воскресението Христово е празник што ги спојува верата и традицијата, негувана од памтивек, а почнува на Величетврток уште пред изгрејсонце, кога домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца.

Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – Христови ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото предание.

Велигденското јајце е старо колку и христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото воскресение.

Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав: Христос воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина воскресе!

Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во воскресението. Оваа практика и до ден-денес е запазена во Светото послание, па верниците со овој поздрав се поздравуваат сè до Христовото вознесение, Спасовден.

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а водено ја симболизира и Христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Така, бојата на јајцето нè потсетува на крвта Христова и спасението.

Според хронологијата на Христовите настани забележани во Евангелието, се знае дека на Величетврток, Господ Исус Христос на Тајната вечера ја востановил Светата тајна причест (Евхаристија), земајќи ги за основа лебот и црвеното вино, кои се претвораат во Христовото тело и крв. Оваа света тајна – Евхаристија е дадена за спасение на луѓето, а за основа ја има Христовата крв.

Затоа црвената боја, симболизирајќи ја Христовата крв од светата причест ги украсува велигденските јајца. Како што бојадисаните црвени јајца од Величетврток се јасна најава за блискоста до Велигден, така и тогаш, на Величетврток на Тајната вечера, Христос јасно најавил и кажал дека наскоро ќе биде предаден, ќе пострада и ќе воскресне.

Според Светото предание, се смета дека Марија Магдалена, една од жените мироносци прва го започнала овој обичај за велигденските црвени јајца.

Се вели дека Марија Магдалена наскоро по Христовото вознесение (Спасовден) го напуштила Ерусалим и тргнала по светот да го проповеда Евангелието.

Во Рим таа побарала да појде и кај римскиот император Тивериј, со цел да му раскаже на царот за Господ Исус Христос. На средбата, таа на царот најнапред му подарила едно црвено јајце и го поздравила со зборовите Христос воскресе.

Потоа му раскажала за сè што учел Христос, за неговите добри дела и чуда што ги правел на луѓето.

Следејќи го нејзиниот пример, првите христијани започнале да си подаруваат црвени јајца на празникот Велигден и притоа да се поздравуваат Христос воскресе – вистина воскресе!