Tag Archives: Верица

Две и пол години затвор за 18-годишното момче кое на пешачки ја прегази и усмрти Верица Белчовска

Апелациониот суд за тешката несреќа која се случи во Струмица во април годинава во која загина 20-годишната Верица Белчовска која беше прегазена на пешачки премин во центарот на Струмица, донесе одлука момчето што ја прегази и што го напушти местото на несреќата да добие казна затвор од две години и шест месеци.

Адвокатката на семејството на Верица вели дека за родителите тоа е неприфатливо ниска казна и дека тие не биле известени за одржувањето на јавната седница.

-Минимална казна му е изречена на обвинетиот за две кривични дела, судот беше должен да го цени фактот дека на пешачки премин засекогаш згасна млад живоот, рече адвокатката Сања Мирчов.

Семејството на Верица после нејзината смрт одлучи да се донираат нејзините органи, тие рекоа дека со овој хуман чин нашле сили да продолжат напред.

Семејството на Верица Белчовска ќе добие стан во Струмица

Комисијата за станбени прашања при Владата со која претседава министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на денешната седница одлучила на семејството Белчовски, чија ќерка Верица трагично загина во сообраќајна несреќа, а нејзините органи беа донирани, да им биде доделен на користење стан во општина Струмица, информира министерот преку својот фејсбук статус.– Имајќи ја предвид бескрајната хуманост на семејството Белчовски чија ќерка Верица трагично загина во сообраќајна несреќа, а нејзините органи беа донирани, како скромно оддолжување кон ова семејство, денеска на седница на Комисијата за станбени прашања при Владата со која претседавам, едногласно одлучивме да им биде доделен на користење стан во општина Струмица, стои во статусот на министерот.

Дополнува дека семејството Белчовски ги поместија вредностите во општеството, а граѓаните на Република Северна Македонија бескрајно им се благодарни за највисокиот чин на хуманост.

Одземен пасошот на 18-годишникот што ја прегази Верица

Од Основното јавно обвинителство за „Слободен печат“ велат на 18-годишникот кој на 7. април ја прегази Верица Белчовска на пешачки премин во Струмица му е одземен пасошот како мерка за претпазливост дека нема да ја напушти државата.

„До несреќата дошло кога автомобил нисан удрил во пешак кој преминувал на пешачки премин, по што возачот го напуштил местото на несреќата. Јавниот обвинител веднаш по несреќата издаде наредба за обезбедување на сите докази и траги на лице место и даде насоки за откривање на сторителот. Подоцна истиот ден, возачот на автомобилот, на возраст од 18 години, самиот се пријавил во полициска станица. Против него е поднесена кривична пријава за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 од кривичниот законик. По предлог на јавниот обвинител, Основниот суд во Струмица за осомничениот определи мерки на претпазливост, одземање на патната исправа и тој веќе даде свој исказ пред јавниот обвинител во кој не негира дека го сторил делото”, информираат од обвинителството за „Слободен печат“.

По смртта на Верица, нејзините органи беа донирани и трансплантирани.

Нејзиното срце продолжи да работи во градите на 22-годишниот Иле Стрезоски од тетовското село Брвеница, кој имаше срцева болест и се наоѓаше во животозагрозувачка состојба. Освен тоа, нејзините бубрези и коскени ткива беа донирани, спасувајќи животи на повеќе пациенти.

Сочувство и голема благодарност до фамилијата, срцето на Верица донесе живот за мојот син

Цветко Стрезовски од Брвеница, татко на Иле Стрезовски, лицето на кое му беше извршена трансплантација, истакна голема благодарност до сите што на неговиот син му беше продолжен животот. Тој изрази сочуство до фамилијата на Верица, која даде дозвола нејзините органи да бидат донирани.

„Сега сум среќен. Прво да изразам сочуство до фамилијата на Верица за загубениот живот. Нејзиното срце му донесе живот на мојот син. Од 6-7 јануари му беше дијагностицирано слабо срце. Се бараше донор, и ете фала му на Бога се најде донор. Се чувствувам добро. Разговарав со синот, добро се чувствува, се е супер. Голема благодарност до целиот лекарски тим кои учествуваше во оваа операција“, рече Стрезовски.

„Трансплантацијата е извршена со сите ресурси врз младиот пациент кој се наоѓаше во исклучително тешка состојба. Операцијата беше извршена успешно. Во услови кога сме соочени со пандемија, еве се виде дека не ги забораваме и другите пациенти и очекувам и други пациенти кои се на листи на чекање дека ќе добијат шанса за живот“, рече доктор Жан Митрев.

Семејството на Иле изрази благодарност до семејството на 20-годишната Верче Беловска и до лекарите кои го спасија неговиот живот.