Tag Archives: Вевчани

ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ: Ќе горат суратите за власта, автопатот за Охрид, францускиот предлог, Анима мунди… за да се избрка злото

Со традиционалното василичарско оро и палење на маските во дворот на Мултикултурниот центар во Вевчани, попладнево ќе заврши годинашното издание на Вевчански карневал.

Палењето на маските симболизира бркање на злото, а вевчанци веруваат дека прочистени ќе имаат среќна и бериќетна година. Претходно зетот, невестата, ѓаволите и глупавите Августи заедно со останатите маскирани, ќе ги посетат семејствата каде што има име Васил, Василиј.

Во фокусот и на годинашното карневалско издание беа актуелните состојби во земјава и светот. На сатиричен и уникатен начин вевчанци ги прикажаа енергетската и економската криза, изградбата на автопатот Кичево – Охрид, а се пошегуваа и со работењето на актуелната власт. Во Вевчани пристигна и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел со Францускиот предлог, имаше обид за решавање на спорот со соседна Бугарија, активисти на Анима мунди се бореа за правата на животните, продефилира и Жан Митрев со дел од неговата клиника, а антикорупционерите работеа на решавање на проблемот со корупцијата. И војната во Украина и Светското првенство во фудбал беа инспирација за вевчанци, но не ја заборавија ниту кралицата Елизабета, а свој настап имаше и Мањифико со својот бенд.

Поворката ја предводеа зетот и невестата заштитувани од ѓаволи и глупави августи, веднаш зад нив одеше оркестарпт со зурли и тапани.

Вевчанци 365 дена во годината живеат за Карневалот, тоа го потврди и еден повозрасен жител, кој со скршена нога маскиран во „полицајка“ продефилира низ улиците нагласувајќи дека е вевчанец и мора да е василичар. – Ако сакаш да си вевчанец мора да имаш маска, било каква, рече вевчанецот.

По палењето на маските, односно уште утре ќе почнат да планираат во што да се маскираат следната година. Добро познато е дека вевчанци ќе кажат се, но до карневалското дефиле не откриваат во што ќе се маскираат.

Вевчани изминатите два дена претставува отворена театарска сцена, каде дефилираа голем број маскирани вевчанци, пред своите сограѓани, но и бројна публика од земјава и странство.

Покрај традиционалното, не изостана ниту модерното со забава за присутните и привлекување гости од соседните населени места, кои Новата година, според Јулијанскиот календар ја дочекаа во Вевчани со огномет и настапи на групата Баклава, Банда Ентопика од Грција, Нино Величковски и Кумановските тамбураши, Некст Тајм и Перо Бели.

Вевчанскиот карневал, датира од настанокот на селото, со традиција од околу 15 века. Симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на пагнаството, а другиот на христијанството. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на Новата година по стариот, Јулијанскиот календар.

СКАНДАЛ: Во Вевчани шест години ги лекувал лекар што немал завршено медицински факултет!

Лекар без никаква диплома, кој воопшто немал завршено медицински факултет, цели шест години ги лекувал жителите на Вевчани, објави ТВ Алфа. Надлежните го истражуваат случајот.

Сомнежот меѓу жителите се јавил уште пред неколку дена, кога низ селото брзо се пренела информацијата дека Здравствениот дом во Вевчани го „чешла“ полицијата, за набрзо потоа да се расчуе дека всушност се проверува целокупната документација и печатите кои ги користел 33-годишниот лекар со спорна диплома, кому шест години му го доверувале нивното здравје.

Дозволете најпрвин органите на прогонот да си ја завршат работата, а потоа јас ќе се произнесам за целиот случај, до тогаш не би коментирал ништо“, изјави за Алфа Јован Стојкоски, директорот на Здравствен дом Вевчани.

Лекарот чие образование е спорно веќе една недела не работи, додека се испитува случајот. Во Здравствениот дом инаку се лечат пациенти од Охрид, Струга и околните места.

Од полиција кусо велат дека работат на расветлување на случајот и на утврдување на околностите.

Вевчански афористичар: Не кажувајте и на Бугарија дека ми е роденден (СТАТУС НА ДЕНОТ)

Вевчанскиот афористичар и сатиричар Сашо Бетоски на свој начин го коментира бугарското барање за заедничко славење на роденденот на Гоце Делчев.

,,НЕ КАЖУВАЈТЕ ИМ НА БУГАРИТЕ ДЕКА МИ Е РОДЕНДЕН.
ЌЕ ПОБАРААТ ЗАЕДНО ДА ГО СЛАВИМЕ”, пишува во ироничниот пост на Бетоски кој дава најдобар пример за вевчанскиот здрав хумор без да се упати навреда кон никого.

Бетоски е автор на книгата ,,Македонски политички новоговор” кој го покрива периодот од самостојноста до сега.

Во книгата единствен збор кој се користи е зборот ,,Ќе”.

Предходно група луѓе од Вевчани по урнекот на барањето на Софија за Бугарите во Македонија побараа Вевчанци да станат дел од македонскиот устав.

(Фотогалерија) Талибанци, Кастриот, Стојанче, вакцинални пунктови дел од маските на Вевчанскиот карневал

Талибанци во акција, инвестиции во струјата, зелена енергија, вакцинални пунктови, пратеникот Кастриот Реџепи, директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски…, беа само дел од маските што денеска продефилираа низ вевчанските улици во рамките на Вевчанскиот карневал.

Вевчанци на шеговит начин го прикажаа и копањето биткоинти, се пошегуваа со греењето со симболично собирање дрва „да си ги стоплат децата“, потсетија на екс премиерот Никола Груевски со бадниковото лепче, протестираа за ослободување на тенисерот Новак Ѓоковиќ, како и неговиот настап на „Австралија опен“. Не ја заборавија ниту хуманоста на словенечките пожарникари, кои помогнаа во гаснењето на пожарите во земјава, а неизоставен дел се и традиционалните маски на зетот и невестата, глупавите Августи, ѓаволите, зурлите и тапаните, но и други маски со секојдневни и несекојдневни содржини.

Градоначалникот Спасе Кочовски претходно соопшти дека василичарите не сакаат никого да навредат, ниту да повредат никакви национални или верски чувства, туку само ја прикажуваат годината што измина на сатиричен и хумористичен начин и на нив не треба да се гледа суетно.

– Ова е театар на отворено и секогаш треба да се гледаат работите кои укажуваат дека нешто не треба така да се прави. Ако видите многу грубост, пораката е не бидете груби, ако видите вулгарност, пораката е не бидете вулгарни. Сите оние негативни работи што ќе ги видите тука, можеби изгледаат екстремно прикажани, но не се во навредлива форма, туку прикажуваат онаков каков што можеби не сакате да се видите во текот на годината и сте биле онаков како што ќе се видите преку маските на василичарите, нагласи Кочовски.

Карневалското дефиле го следеше и лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со очекување дека ќе преовладува весел дух, а на вевчанци им посака успешни карневалски денови. На новинарско прашање дали очекува неговиот лик да го види меѓу маскираните, рече дека ја поздравува сатирата и ги охрабри вевчанци да бидат што покреативни.

– Што се не поминав овие последни четири години, така што ништо нема да ме изненади од недобро намерните, а знам дека тие луѓе се таму сите добро намерници, така што сатирата на денешниот карневал ја поздравувам и ја поддржувам и оваа традиција треба да продолжи. Така што не сум од оние луѓе коишто лесно се навредуваат. Напротив, ги охрабрувам да бидат што повеќе креативни, изјави Мицкоски.

Според традицијата, двете василичарски друштва Горна и Долна маала со зетот, невестата, двата ѓаволи, глупавите Августи и останатите маски продолжуваат со дефиле низ вевчанските улици. Во утринските часови традиционално невестите од двете маала заедно со гостите одат на Вевчанските извори да наполнат вода, со која се прави вевчанскиот кашаник (зелник) во кој се става паричка. Кај оној што ќе се падне паричката ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година. Според традицијата, манифестацијата завршува на 14-ти, попладне со карневалско оро и палење на маските во центарот на Вевчани.