Tag Archives: Владата

Нашите работници се иселуваат, додека Владата ДО СЕГА УВЕЗЕ 3.000 СТРАНСКИ РАБОТНИЦИ

Годишната конфереција на Стопанската комора на северо-западна Македонија ги исфрли на виделина критичните точки на бизнисот кои влечат корени од поодамна, но за нив нема решение, објави ТВ Алфа.

Јавноста ги слушна, но само на албански јазик, на кој се обратија домаќините, но и владините претставници, пренесува ТВ Алфа. Клучниот проблем вo бизнисот се платите, но и работната сила. За да ги задржат работниците и да можат да делат повисоки плати бараат намалување и либерализација на меѓународниот пазар на труд.

– Бараме од Владата придонесите за минимална плата кои се високи и изнесуваат 47,5 отсто да се намалат на 32 отсто за да се зголеми минималната плата. Исто така бараме Владата да ја либерализира увозот на работна сила, бидејќи се работи за многу сложена и долга процедура, поради што голем дел од странските работници работат на црно. Бараме и зголемување на квотата на странски работници од 5 на 10 или 15 илјади работници годишно. Заедно со Владата треба да ја подготвиме повеќегодишната програма за професиите кои се потребни во државата, изјави Менди Ќура, претседател на стопанска комора на северо- западна Македонија.

Младите ја напуштаат Македонија не само поради платата туку поради преголемата вработеност по пат на партиска врска, лошите политики, тоа што не се цени квалитетот. Покрај тоа што е најкритично во туризмот и градежништвото, сериозен проблем е и во ИТ секторот, во државава годишно недостигаат 600 ИТ техничари.

Главниот проблем е превработувањето, се вработуваат луѓе со врски и политички определби што создава нервоза кај младите, рече Анета Антова Пешева, Претседател на Собрание на МАСИТ.

Претставниците на Владата ги слушнаа барањата и забелешките упатени на нивна адреса, но не одоговорија конкретно дали ќе се прифатат предлозите. Се пожалија дека и во државните институции им недостигале вработени во ИТ секторот. Како краткорочно решение, допрва ќе се работело на либерализација на пазарот и зголемување на квотите. Според Битиќи, во агенцијата за вработување имало регистрирано слободни работни места, ама нашите невработени граѓани не биле квалификувани за тие позиции.

– Ние имаме еден парадокс во Агенцијата за вработување има илјадници слободни работни места, а 115 илјади лица бараат работа. Овие невработени не се оспособени за професиите кои ги бара пазарот. Точно дека квотите за странски работници се ограничени на 5.000 годишно, но оваа мерка не може да биде долгорочно решение на проблемот потребно е недостигот да се реши со домашна работна сила, рече Фатмир Битиќи вицепремиер за економски прашања.

Инаку, годишно ни недостигаат 10.000 работници, најмногу во туризам и градежништво. Планот на Владата е да увезува работна сила. Годишната квота моментално е 5.000 странски работници, а до крај на март над 3.000 странски граѓани годинава добиле дозвола да работат во Македонија меѓу кои и работници од Непал и Пакистан.

„Без паника, не јадеме колку Маричиќ“ – Студентите ја поздравија Владата

„Без паника, не јадеме колку Маричиќ“. „Од капитализам до канибализам“.

Ова се дел од транспарентите кои студентите денес ги истакнаа на својот протест.

Зголемување на субвенцијата за студентски оброк од 120 на 150 денари дневно, реконструкција на студентските домови чии услови се лоши, изедначување на стипендиите и изземање на студентите од антикризните мерки на Владата се барањата на студентите кои протестираат и го блокираат сообраќајот пред Собранието.

Таму за попладнево  е закажана средба, затворена за медиумите, меѓу студенти – претставници на студентски универзитетски собранија во земјава, пратениците кои предложија нов Предлог-закон за студентски оброк и министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

-Бараме да се зголеми субвенцијата за студентски оброк од 120 на 150 денари дневно. Со фактот што Македонија доживува одреден степен на инфлација, потребна е поголема финансиска и мотивациска поддршка на студентите. Реконструирање и реновирање на студентските домови – бидејќи во добар дел од нив условите се катастрофални и нечовечки. Потребно е и изедначување на стипендиите и оние студенти кои земале помала, сега да ја земаат поголемата стипендија. Исто така, многу важно барање е изземање на студентите од антикризните мерки на Владата затоа што државата не треба да штеди на студентскиот грб, изјави студентот Јован Јанев, член на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип пред почетокот на средбата во Собранието.

Тие се незадоволни од предлогот за измени  на Законот за субвенционираниот студентски оброк, кој по реакциите се повлекува од Собранието, откако беше на дневен ред на пленарна седница закажана за в среда.

Во Предлогот беа сменети досегашните критериуми за стекнување на правото на субвенциониран оброк, според кои студентите не треба да бидат корисници на стипендија од МОН, правото да не важи за апсолвенти и за студенти чии родители земаат плата поголема од минималната.

ССМ ја ТУЖИ Владата ЗА НЕПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) како репрезентативен синдикат на национално ниво и во приватниот и во јавниот сектор во Република … Македонија ги претствува сите работници и се грижи за остварување и заштита на нивните права од работен однос. Во таа насока ССМ поднесе тужба од јавен интерес против Република … Македонија, Владата на Република … Македонија како тужен во постапката поради тоа што со постапување односно непостапувањето на Република … Македонија, Владата на Република … Македонија се дискриминирани голем број на вработени во јавниот сектор.

– Владата не постапи во целост согласно Закон за измени и дополнување на Законот за минимална плата објавен во Сл. весник бр. 41 /2022година со кој е утврдена висина на минимална плата во износ од 18000 денари во нето износ, што преставува зголемување од 18,4 проценти во однос на вредноста на предходната минимална плата. Согласно член 8 од Законот за минимална плата потребно беше да се усогласат платите на сите вработени со порастот на минималната плата, се појаснува во денешното соопштение од Сојузот на синдикатите на Македонија.

Платите на другите вработени кои имаат плата под минималната, за дел вработени се усогласени со порастот на минималната плата, а без оправдани причини и спротивно на закон, се посочува во соопштението, Владата не го направи тоа за сите вработени во јавниот сектор односно паушално и без критериуми платите некаде не се зголемуват воопшто, а некаде се зголемуваат за одредени категории на вработени наспроти други категории на вработени во јавниот сектор за кои Владата е непосреден работодавач.

– Постапувајќи на овој начин Владата го наруши принципот на еднаквост на граѓаните и работниците кој е уреден во член 9 од Уставот на Република … Македонија во однос на остварување на нивните права и обврски кои произлегуваат од работниот однос. Токму почитувањето на принципот на еднаквост и недискриминација при остварување на работничките права како најзначаен дел од граѓанските права претставуваат показател дали една држава е демократски ориентирана и искажува еднаква грижа без дискриминација кон сите свои граѓани и работници, подвлекуваат од ССМ.

Правото на „достоинствена заработувачка, односно заработувачка што обезбедува пристоен животен стандард”, потенцираат од ССМ, е право гарантирано со меѓународните инструменти за човекови права (чл.7 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права на ООН; Дел 1, точка 4 од Европската социјална повелба), вклучувајќи ги и меѓународните стандарди на трудот (првенствено Конвенциите и Препораките на МОТ). Правото на „соодветна заработувачка”, се наведува во соопштението, е и уставно загарантирано право во РС Македонија, утврдено во чл.32, став 3 од Уставот на Република … Македонија . Од 2012 година, ова право, се стекнува со дополнителна поткрепа, преку усвојувањето на Законот за минималната плата.

Неусогласувањето на колективните договори со Законот за минимална плата, односно одбивањето на Владата да се вклучи во суштествен социјален дијалог за зголемување на останатите плати пропорционално со зголемувањето на минималната плата, информираат од ССМ, е причина и за генерален штрајк во цел јавен сектор кој веќе трет месец трае онаму каде што не се усогласени платите на вработените и за прв пат во историјата на Македонската држава се случува генерален штрајк во цел сектор кој трае толку долго, а една Влада одбива да разговара со претставниците на работниците.

– Владата добро знае дека е должна да постапи и да го примени член 8 од Законот за минимална плата и да ги зголеми платите за износот утврден во последното зголемување на минималната плата за сите вработени во јавниот сектор без дискриминација. Дотолку повеќе што во приватниот сектор особено каде што ССМ има синдикати, приватните работодавачи постапувајќи по законот ги усогласија колективните договори и ги зголемија платите на своите вработени, а истото го сторија и општините, градот Скопје и јавните претпријатија основани од општините и Градот Скопје, а останаа уште оние работници за кои е надлежна Владата како вработените во дел во министерствата и јавните претпријатија за кои е основач Владата, стои во соопштението.

Како што се посочува во соопштението од ССМ, произлегува дека без постоење на реални и оправдани причини, Република … Македонија, Владата на Република … Македонија постапи спротивно на Уставот на Република Северна Македонија во кои е уредена обврската за почитување на правото , законите и целосно функционирање на правната држава, односно Република … Македонија, Владата на Република … Македонија не постапи согласно Законот за минимална плата, другите закони и владеењето на правото и не обезбеди зголемување на платите на сите вработени во јавниот сектор туку тоа го направи само за еден дел од вработените во јавниот сектор во државата.

– На овој начин Владата на Република … Македонија како тужена во постапката го повреди правото на еднаков третман и со пропуштање на дејствија и нивно непреземање го повреди правото на еднаквост со што прави дискриминација кон своите вработени. Дополнително, со поднесувањето на оваа тужба, ССМ ќе ги искористи и сите други достапни механизми и ќе поднесе соодветни тужби и пријави пред меѓународните институции за што веќе добиваме помош и поддршка од Европската конфедерација на синдикатите, најавија од ССМ.

(Видео) Кои се новите министри

Централниот одбор на СДСМ вечерва ги одреди кандидатите за министри во новата влада на мандатарот Димитар Ковачевски.

Ковачевски, во својата изјава на прес конференцијата која се одржа по завршувањето на Централниот одбор, ги соопшти имињата, додавајќи дека утре ќе ги достави до Собранието.

Вицепремиер за борба против корупција – Славица Грковска

Вицепремиер за економски прашање – Фатмир Битиќи.

Вицепремиер за европски прашања – Бојан Маричиќ

Министерка за одбрана – Славјанка Петровска

Министер за внатрешни работи – Оливер Спасовски

Министер за правда – Никола Тупанчевски

Министер за земјоделство – Љупчо Николовски

Министерка за труд и социјална политика – Јована Тренчевска

Министерка за култура – Бисера Костадиновска Стојчевска

https://fb.watch/asvB23AQA-/

Кастриот Реџепи од БЕСА ја предаде партијата немало да гласа на седницата (Видео)

Една од главните причини за мене и за политичкиот субјект Движењето Беса на кое припаѓам е евроатлантската интеграција на Република Северна Македонија.Со оглед на политичкиот моментум, по одложувањето на оставката на премиерот Заев, за доброто на процесот и силните сигнали од стратешките партнери САД и ЕУ кои ми беа пренесени од високи дипломатски претставници, дека во декември земјата најверојатно ќе отпочне преговори за членство во ЕУ, решив да не учествувам на собраниската седница на која требаше да се донесе одлука со која ќе се доведе во прашање оваа национална и државна цел. Како одговорен политичар и пратеник, оваа одлука не ја донесов лесно, ставајќи го интересот на народот и државата на прво место.


На државата во овој значаен период не и треба политичка криза и тонење во турбулентни води полни со непознати работи – пишува на Фејсбук пратеникот од БЕСА Кастриот Реџепи.

Моментално седницата е на еден час пауза, а во Собранието влегоа заразените со Ковид пратеници.

Владата донесе одлука: Мажи може да се пишат како жени и обратно

Освен името и презимето, трансродовите лица да можат да го променат и полот во лична карта. 

Па, за трансродово лице родено како машко да може да се впише женски пол и да има соодветен матичен број, и обратно. Ова е предвидено во предлогот за измена на Законот за матична евиденција што е утврден на владина седица и треба да биде предмет на дискусија во Законодавниот дом. Сегашните регулативи, односно неусогласените податоци, за трансродовите лица значат пречки за домување, за апликација за работно место и слично, вели Лила Милиќ, активистка за заштита на правата на трансродовите лица.

Според здруженијата, во земјава има десеттина трансродови лица кои често се соочуваат и со нехуман третман, токму поради тоа што нивното име не соодветствува на полот, вели Милиќ.

Предлог-законот кој овозможува признавање на родовиот идентитет на трансродовите лица допрва треба да влезе во собраниска процедура. Процесот на подготовка на овие законски измени почна во февруари 2019 година, а по пресуда на Европскиот суд за човекови права за случај против Македонија, според која државата треба да му исплати 9.000 евра на трансродово лице поради повреда на правата на приватност и ефикасен правен лек во текот на процедурите за промена на полот во земјава.

Доколку и по ова не падне владата, Македонците не заслужуваат да имаат држава

Лука Андраши, хрватски експерт кој работи на проект на ЕУ кој врши мониторинг на работата на високи државни службеници во Македонија денешните настани во Собранието ги нарече скандалозни, злосторнички и масакар на човековите права.

Тој истакна дека доколку и поле ова не падне владата, македонскиот народ не заслужува држава.