Tag Archives: военрок

Задолжителниот воен рок се враќа во Европа!

По завршувањето на Студената војна, повеќето европски земји ја укинаа обврската за служење воен рок. За ова сега повторно се разговара во некои земји, и тоа не само откако Русија започна агресорска војна против Украина, пишува агенцијата МИА во своето истражување.

Со крајот на Студената војна, владите во Европа почнаа да придаваат помало значење на воената одбрана. Во последните дваесет години, огромно мнозинство држави ја укина задолжителната воена служба, односно обврската за воена обука.

Германија, на пример, ја суспендираше задолжителната воена служба во 2011 година. Воениот рок може да се активира само доколку Бундестагот утврди дека има тензии или дека е неопходна одбрана.

Исто или слично е и во многу други европски земји. Од денешните 29 европски земји на НАТО, вклучително и Турција, само шест ја задржаа воената обврска од 1993 година до денес. Велика Британија, САД и Канада имаат професионални армии педесет или повеќе години.

Кој повторно го воведува воениот рок?

Во контекст на руската агресија врз Украина, задолжителната воена служба повторно стана тема. Многу земји не само што ги зголемија буџетите за одбрана, туку размислуваат и за повторно воведување воен рок. Досега само неколку земји направија големи чекори во оваа насока.

Украина и Литванија

Набргу по анексијата на Крим, Украина (2014) и Литванија (2015) повторно го воведоа воениот рок за мажи на возраст од 18 до 26, односно до 25 години, соодветно.

По големиот руски напад врз Украина минатата година, украинската влада донесе закон со кој се дозволува сите мажи на возраст меѓу 18 и 60 години да бидат регрутирани во војска.

Летонија

Оваа балтичка земја е една од трите држави членки на НАТО што граничат со Русија. Другите две се Естонија и новата членка Финска, која никогаш не го укина воениот рок. Сега и Летонија сака повторно да го воведе.

Од 2024 година, сите мажи на возраст меѓу 18 и 27 години ќе мора да поминат единаесет месеци воена обука. Од 2028 година, секоја година треба да се регрутираат 7.500 Летонци – толку професионални војници имала земјата во 2022 година, покажуваат податоците на НАТО.

Романија

Во 2015 година, обидите за повторно воведување на задолжителна воена служба не успеаја во Романија. За ова повторно се разговара од пролетта оваа година. Премиерот и пензиониран генерал Николае Јонел Чиука ја поддржува иницијативата.

Посебно барање на Министерството за одбрана е, во случај на општа мобилизација, сите млади Романци кои живеат во странство да се пријават за воен рок во рок од 15 дена.

Холандија

На холандските вооружени сили им недостасуваат околу 9.000 регрути. Затоа владата размислува за проширување на армијата преку задолжителен воен рок, како што тоа го прави Шведска од 2018 година.

Шведска

Најголемата скандинавска земја би можела да стане следната членка на НАТО. Шведска го укина воениот рок во 2010 година, но повторно го воведе во 2018 година бидејќи немаше доволно доброволци.

Оттогаш сите 18-годишници мораат да се пријават за воен рок. Меѓутоа, како и во Норвешка, само мал дел од нив служат воен рок.

Норвешка и Данска

Во татковината на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, од 2016 година не само сите мажи, туку и сите жени постари од 18 години мораат да поминат регрутација.

Меѓутоа, само околу 9.000 од 60.000 кои секоја година се подложени на воен медицински преглед се повикани на 19-месечна воена служба. Поради строгиот процес на селекција, официјални извори велат дека воената служба во Норвешка има сличен престиж како и другите високообразовни дипломи.

Во Данска, воениот рок е теоретски задолжителен, но има доволно доброволци за да ги задоволат потребите.

Франција

Франција дебатира за еден вид „лајт воен рок“. Претседателот Емануел Макрон во 2019 година ја воведе Универзалната национална служба, во која младите волонтираат еден месец за доброто на земјата.

Владата сега размислува да го направи тоа задолжително за сите Французи и Французинки на возраст меѓу 15 и 17 години. За тоа младите би поминале две недели во воени објекти.

Германија

Германскиот канцелар Олаф Шолц го отфрли предлогот на неговиот министер за одбрана Борис Писториус за воведување задолжителен воен рок. Сепак, повиците за дебата за тоа доаѓаат од целиот политички спектар во Германија.

Неодамна, комесарката на германскиот парламент за Бундесверот, Ева Хејгел – социјалдемократ како Шолц и Писториус – предложи да се разговара за задолжителна „година на служба“ во армијата или во цивилните институции. Се предвидува претставниците на армијата да зборуваат за нивната работа во училиштата.

Потребен ли е задолжителен воен рок за младите во Македонија?

Поделени мислењата за служењето задолжителен воен рок.

Откако минатата недела од Министерството за одбрана сооштија дека нема никакви планови, ниту консултативни процеси за враќање на задолжителното служење воен рок, темава повторно се актуелизираше.

Одлуката за професионална војска ќе продолжи да се применува, истовремено исполнувајќи ги сите обврски на државата кои произлегуваат од членството во Алијансата, порачаа минатата недела од ресорното министерство.

Дел од граѓаните на социјалните мрежи бараат да се врати задолжителниот воен рок како во минатото, но има и такви кои сметаат дека тоа ќе биде дополнително оптоварување на државниот буџет.

– Редовно служење на воен рок, бара многу повеќе пари. Треба да се обезбедат ресурси, згради, услови, храна, вели еден граѓанин. 

-Апсолутно да, потребно е враќање на задолжителниот воен рок, меѓутоа доволно е само 90 дена, односно 45 обука до заклетва и 45 дена примена и пракса. Се друго е само губење време, непотребен трошок и броење цифра, смета друг. 

-95% незнаат кревет да наместат и облека да скоцкаат. Војска обавезно по завршување на средно училиште. И машко и женско. Да се стекнат обавезно секој дневни навики, гласи еден коментар на социјалните мрежи. 

-Не е мал интересот за доброволно служење во Армијата.

Доброволното служење на воен рок во Армијата се врши во три упатни рокови: февруари, јуни и октомври, во една календарска година, во времетраење од 3 месеци и се служи во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес.

Тримесечното служење војска би ги подготвило младите идни кадри, а земјава би добила многу, порача началникот на Генералштабот на АРМ, Васко Ѓурчиновски, во гостување во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21.

– Би добиле оспособување на кадрите за било какви можни ангажирања во случај на пожар, поплави, земјотреси. Би ги подготвило за сите овие предмалку што ги споменав карактеристики, на почитување на хиерархии, субординација, едно старешинство, помлад постар, вештини кои сите вие повозрасните генерации сте ги стекнале додека служевте воен рок – вели Ѓурчиновски.

Началникот вели дека тоа е местото каде нас сите различности ни се спојуваат.

Но, што коментираа граѓаните на социјалните мрежи:

https://twitter.com/Vajldy/status/1577308036342890498?s=20&t=YxxMVminGdBb7aXa4f_NHA

Младите во Македонија против задолжителниот воен рок

Дефинитивно сѐ почнува од образованието, па затоа се поставува прашањето зошто да нема повеќе обуки, презентации, часови, каде АРМ заедно со ЦУК, редовно ќе информираат, ќе ги учат и ќе ги насочуваат младите во насока колку е важно за колективната безбедност секој да знае и да се вклучува за помош кога има на пример природни катастрофи?, вели познатиот водител Ване Маркоски, а неговите идеи не се далеку од идеите за заживување на работните акции на некогашниот шеф на военото разузнавање, Владимир Пивоваров.

Младите „гугл“ и „јутјуб“ генерации, оние на возраст меѓу 18 и 26 години не се баш заинтересирани да служат војска ако се врати воениот рок, како што неодамна во гостување на ТВ 21 предложи првиот генерал на АРМ, Васко Ѓурчиновски. Ваков е впечатокот што Плусинфо го доби по разговорот со неколкумина млади инфлуенсери и јутјубери, но и постари ТВ-лица. Тие имаат своја идеја за тоа како младите да бидат подисциплинирани, а интересно е што во нивните одговори сегде проникнува зборот „домашно воспитување“ кое, според нив е незаменливо во однос на воениот рок.

Денешните млади, по сѐ изгледа не се против служењето, но се за правото на избор, кое го сметаат за битно во 21 век. Миленијалците изгледаат како поддржувачи на конзервативните вредности, но само на еден модерен начин. Нивниот став е поблизок до оној на врховниот командант на војската, претседателот Стево Пендаровски кој изјави дека професионалната војска ги задоволува потребите на Македонија.

Командантот на Генералштабот пак, вели дека 3 до 4 месеци служба, вклучително и за девојките е „категорично потребно“.

– Категорично ќе кажам да, има потреба. Знам дека на одредена популација можеби ова нема да им е популарна мерка. Има потреба од причина што 3 или 4 месеци служење на задолжителен воен рок, пример, за машката популација, доколку се воведе, не мора да стартува веднаш. Може првите година, две да бидат преодни, па да се започне од 2025 година на пример.

– Зошто да не и женскиот пол, доброволно, да може да служи три месеци воен рок – предлага Ѓурчиновски.

Идејата на генералот ја поддржаа домашни експерти кај нас. А еве што одговорија некои од влијателните млади.

Војската нема да промени ништо ако немаме домашна култура

Познатиот стилист и мејк-ап артист Даниел Николовски чија шминка на естрадни ѕвезди добива лајкови на Инстаграм не гледа што би се променило со воен рок ако луѓето немаат домашна култура.

– Служењето војска би требало да биде избор и со оглед на тоа дека сме 21 век како што е нагласено погоре мислам дека баш повозрасните генерации треба малку повеќе да се насочат кон разбирање на новите генерации кои и те како во одредени моменти имаат и грешки поради недостатокот на етика и и морал, но тоа е сепак нешто кое го носиме од дома, а дома воспитуваат возрасните…со оглед на оваа констатација не сметам дека војската би променила нешто значително во развојот и дисциплината. Затоа и би требало војската да е избор на сите оние кои имаат таква амбиција да служат војска – вели Николовски.

АРМ и ЦУК да држат кратки часови, наместо задолжителна служба?

Ване Маркоски, водителот на утрински емисии на МРТ е на интересна мисла. Наместо задолжителен рок тој вели дека можат да се организираат разни часови, работилници со кои ќе се популаризира вештината да се брани безбедноста на нашата земја.

– Задолжителен воен рок, ако гледаме од аспект на дисциплина или учење на младите на одговорност на пример, не знам колку би била паметна и применлива работа денес, гледајќи глобално што се случува во оваа нова ера, но и колку е голема разликата во воспитувањето на децата некогаш и денес – вели познатиот шоумен и додава:

– Дефинитивно сѐ почнува од образованието, па затоа се поставува прашањето зошто да нема повеќе обуки, презентации, часови, каде АРМ заедно со ЦУК, редовно ќе информираат, ќе ги учат и ќе ги насочуваат младите во насока колку е важно за колективната безбедност секој да знае и да се вклучува за помош кога има на пример природни катастрофи? Кај нас впечатокот е дека се тоа се прави колку да помине. Со поголема посветеност и посериозен пристап кон ова, ќе им се даде можност на младите сами да одлучат што понатаму– подвлекува Маркоски.

Оваа идеја можеби и не е толку далеку од идејата за младински работни акции Владимир Пивоваров, поранешен шеф на македонското воено разузnавање. Пивоваров претходно за Плусинфо ги врати своите сеќавања на пријателството, тавче-гравчето и на задоволството кои би го кренало моралот на младите луѓе. „За“ идејата е и професорот Борис Мургоски од Факултетот за безбедност.

Доста е со војни, дисциплината се стекнува во училиште

Инфлуенсерот Давид Давидовски препознатлив по екстравагантните модни фотографии на Инстаграм е против војна во 21 век. За него образованието во раните години е клучот со кој подоцна Македонија ќе ја браниме со збор, а не со пушки.

– Јас мислам дека идејата е добронамерна, но сепак за ова време ужасна. Затоа што стекнувањето на дисциплина кај младите треба да се стекне уште во раната училишна возраст. Во време на демократија, во време на „слобода” мислам дека не треба да има воен рок, затоа што нема да се почитува различноста. Треба да градиме иднина како што доликува на една европска земја во 21 век. Доста е со војни! Време е за живот, љубов и радост! Македонија не треба да се брани со пушка, Македонија треба да се брани со збор! – вели Давид Давидовски.

Но, во мислите на првиот генерал Васко Ѓурчиновски, различностите се нешто друго. Првиот човек на АРМ во заедништвото на војската гледа место „каде сите различности ни се спојуваат“. Ѓурчиновски како прва придобивка од служењето не ја става одбраната, туку способноста младите да реагираат во случај на непогоди.

– Би добиле оспособување на кадрите за било какви можни ангажирања во случај на пожар, поплави, земјотреси. Би ги подготвило за сите овие предмалку што ги споменав карактеристики, на почитување на хиерархии, субординација, едно старешинство, помлад постар, вештини кои сите вие повозрасните генерации сте ги стекнале додека сте служеле воен рок – изјави Ѓурчиновски за ТВ21.

А да ја вратиме довербата во полицијата, судството и да си го средиме образованието?

Марко Новески, долгогодишно ТВ-лице познато ја враќа топката кај институциите како што се полицијата и судството. Истовремено, тој нагласува дека младите вештините можат да ги научат и во образованието.

– Деликатна тема малце на која искрено немам конкретен одговор. Еден дел од мене е за служење задолжително војска и за мажи и за жени, но не гледам како би го направиле тоа со целава финансиска ситуација. Од друга страна пак мислам дека има подобри начини за „воведување ред и дисциплина” кај младите, а тоа е преку подобар образовен систем, стекнување работни навики уште од мал, секојдневно учење на нови вештини и имплементирање на истите во секојдневниот живот, враќање на довербата кај полицијата и судството, отварање на нови работни места за младите и слично – вели тој.

Грижата од родителите, клучна за домашното воспитување 

Влијателниот Стеки, чии уметнички фотографии на Инстаграм тотално се вклопуваат во хипстерскиот ретро и еклектичен вкус на миленијалската генерација зборува за грижата на родителите за децата која како да ја има сѐ помалку во модерното воспитување. Како и останатите, за него служењето треба да е прашање на избор, а не на обврска наметната од државата.

–  Ниту задолжителен воен рок ниту било која друга активност нема да ги направи младите повеќе дисциплинирани ниту ќе ги доведе ,,во ред“ како правилното домашното воспитување и грижа од страна на родителите врз своите деца во нивното детство и најрана возраст како и доброто образование во училиштата, но пред сѐ најмногу доаѓа како фактор самиот карактер на поединецот. Кој има желби и пасија може слободно да оди да служи војска, а за задолжително служење нема никаква потреба – вели инфлуенсерот Стеки.

Дебатата за служење воен рок брзо спласна во Македонија неколку дена по изјавите на Ѓурчиновски. Можеби во една сеопфатна анкета и со поголема вклученост на општествените чинители може да се добие слика на кој ум се младите во однос на ова прашање. Засега, Министерството за одбрана нема планови за враќање на службата која е укината во 2006 година.

Парламентарната иницијатива за укинување на воениот рок во Македонија започна во 2005 година, а последната класа која служеше војска е од 2006 година. Финска, Шведска, Норвешка, Данска, Австрија, Швајцарија, Литванија, Естонија, Русија, Белорусија, Украина, Грција, Турција и Кипар сѐ уште имаат задолжителна воена служба во Европа.

Извор: ПлусИнфо

Јавните личности го имаат одговорот: „Дали треба да се врати задолжителното служење на воениот рок во Македонија“? (ВИДЕО)

Служењето на воениот рок во Македонија не е задолжително веќе десетина години, односно последната генерација што задолжително мораше да оди во војска тоа го стори  во сега веќе далечната 2006-та година.
Но од 2011 година граѓаните што ги исполнуваат условите поставени од АРМ можат да се пријават за доброволно служење на воениот рок. Притоа, кандидатите мора да имаат наполнето 18 години, но и да не бидат постари од 26 години.

Со сите општествено-политички случувања, но и оние предизвици кои ги носи созревањето и секојдневниот живот, особено во овие таканаречени „модерни“ и турболентни времиња на денешницата, во који се повеќе царуваат криминалот, насилството, наркоманијата, проституцијата, извртените вредности… особено кај младите и после толку време од уклинувањето, почна повторно да се наметнува и поставува прашањето: „Дали треба да се врати задолжителното служење на воениот рок“?

Кај населението мислењата по ова прашање се поделени. Едни велат дека не треба да има задолжително служење војска, други велат дека „служењето наа татковината“ мора да повторно да се врати, а дел велат дека треба да има некаква, каква и да било обука со цел младите да се оспособат за ракување со оружје.

Но војската не е само пукање со огнен арсенал. Редот, работата, дисциплината, хиерархијата, моралните вредности, патриотскиот дух, техничко-тактичката обука, социјализацијата, начинот на самостоен живот… и уште илјада и една придобивки се резултат на некогашното служење на воениот рок, во кој се челичеа и духот и телото, се градеше карактерот, се издигнуваше линоста. Се разбира како и враќањето на „долгот кон татковината“ за која стоеше и заклетвата во вид на свечена обврска дека за светите придобивки како што се слободата, независноста, сувереноста, самостојноста,  тогашното братство и единство… и ред други нешта, за кои ако треба и животот ќе се жртвува, како што тоа беше на пример при некогашното задолжително служење војска во тогашната ЈНА, во тоа време 4-та армија по моќ во Европа.

Естрадниот ТВ магазин  од зад сцената, “Бекстејџ” истражуваше: „Дали треба да се врати служењето на воениот рок?“, а одговорот  го побараа  кај нашите јавни личности. Нивните размислувања, ставови и  мислења околу ова прашање проследете ги во видеото во продолжение (ТУКА):