Tag Archives: згради

ГАРЕВСКИ ЗА ФАКТОР: Кој живее во СТАН ИЗГРАДЕН од 2014 ГОДИНА НАВАМУ, МИРНО ДА СПИЕ

Градбите кои се изградени во нашата земја по 2014 година се посигурни бидејќи се градат според нови законски одредби кои бараат придржување кон построги правила за градба, и кои се контролирани за отпорност при потреси. Ова го истакна Михаил Гаревски, директор на Институт за сеизмички отпорни гради и климатски промени (ИСОГКП). 

Гаревски за Фактор потенцира дека од 2014 година градбите се контролираат од повеќе институции кои се регистрирани во Министерството за образование и наука, меѓу кои се ИСОГКП кои спроведуваат контроли на терен, Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) и други слични институции, кои ја проверуваат безбедноста на градбите.

По разорнот земјотрес кој ги погоди Турција и Сирија во понеделникот рано наутро, во кој веќе има голем број жртви, многу разуранти објекти, и се уште се трага по преживеани, стравот кај граѓаните се зголеми. На социјалните мрежи и низ медиумите постојано се споделуваат снимки од спасување на преживеани, но обемот на штетите е огромен, и неопходни се повеќе спасувачки екипи за помош на затрупаните граѓани. 

Ваквите информации очекувано создаваат паника и меѓу нашите граѓани, кои стравуваат од слично апокалитично сценарио. Сепак, некогашниот прв човек на Инситутот за земјотресно инженерство, Гаревски за Фактор потенцира дека во нашата земја не може да се очекува волку силен удар, а дополително вели новите градби се направени да истрпат посилни земјотреси. 

–  Во Скопје и Македонија не може да се случи земјотрес со магнитуда од 7,8 степени. Најголемата магнитуда е регистрирана во Пехчево-Берово во 1904 година и таа била меѓу 7,2 и 7,4 степени. Сепак, би нагласил дека во нашата земја не се очекува земјотрес со јачина како во Турција – потенцира Гаревски.

Тој појаснува дека земјотресот во Турција не се очекува да биде тригер за земјотреси во Македонија бидејќи е многу оддалечен. Сепак, додава дека е нормално таласите кои се ослободени да предизвикаат благо придвижување, но тој тип на „микротребори ќе ги регистрираат само апаратите“.

–  При волку јака магнитуда на земјотрес, која е во близина на големи градови, бројките на починати може да надминат и 17 илјади жртви, колку што достигнаа при последниот силен земјотрес во тамошниот регион. Турција е една од најтрусните зони заедно со САД, Јапонија, Чиле и Индонезија, но сепак, ова е еден од најјаките земјотреси, втор по јачина во земјата. Најсилниот бил во 1939 година како и сега на анадолскиот растер и при тој земјотрес биле изгубени дури 17 илјади животи. На истиот расед близу Измир имаше исто така силен земјотрес во 1999 година, кога магнитудата достигна 7,4 степени. Тој период два пати ги посетивме погодените региони, и со свои очи сведочевме на огромните штети. Тогаш имаше огромни рушевини, многу разурнати згради, но и покрај силината на земјотресот во големите штети уддел имаше непрописната градба, несоодветната арматура и несоодветните градежни материјали – објаснува Гаревски.

Тој за Фактор додава дека по 1999 година се воведени поризгорозни одредби за градење во Турција, но и контроли. Сепак, појаснува дека и понатаму има многу згради кои се изградени пред новите законски измени, односно пред 1999 година, што ги прави ранливи на силни удари, бидејќи начините на градење претходно биле многу „несериозни“.

–  Последователни земјотреси во следниот период е очекувано. Афтершоковите ќе продолжат во следните 2-3 месеци, па дури може да траат и 5-6 месеци. Сепак, по главниот удар, не се очекува нов толку силен удар, или близу до него. Веќе имаше некои посилни, во ваква ситуација, очекувано е одреден период да има последователни земјотреси со магнитуда околу 4 степени, па околу три, па два, но може и пак да се зголеми магнитудата и да има земјотрси со силина околу 5 степени, па пак да намалува и постепено да запрат – дополнува Гаревски. 

Во преминот меѓу зградите, направил дуќан! – Жителите се жалат дека нема од каде да поминат

Овој тунел е предвиден за премин за жителите од оваа зграда, на улицата Илинден во Тетово, но веќе не е така.

Истиот е претворен во продавница.

Општина Тетово одобрението го издала на 31 октомври, но по жалбите од жителите дека им е зафатена патеката по која минуваат, Општината на 12 декември го поништила решението, но патот не е ослободен!

„Овој човек ни дојде, два пати се случува ова, еднаш дојде, некој друг живееше, тој го спречи, го избрка. Сега повторно доаѓа, но тој ден беше празник, постави ѕид, ене преминот е таму, но тоа не е наш влез, немаме од каде да поминеме. Си направи дуќан. Сега од каде да поминуваме ние? Сите имаме исправни документи, нè лажат, всушност тој украл! Сер жалевме со адвокат, наше право е но тој си прави, како прави,не знам“, вели жителка..

Адвокатот Виктор Стојановски кој ги претставува жителите вели дека општината ја согледала направената грешка и го поништила решението кое издала пред неколку месеци.

Прашавме во Општината  како е издадена дозволата и зошто  по поништување на истата просторот не е ослободен и од страна на Општинскиот инспекторат? Од таму велат дека лицето кое го затворило овој простор сега се жали во второстепениот суд и дека процесот се уште е во тек.

„Во врска со барањето на жителите од зградата, Општина Тетово ја поништи одлуката со број 10-283. Во моментов предметот е во второстепен суд кој треба да одлучи за правосилноста на оваа одлука. Потоа ќе се преземат соодветни мерки согласно судската одлука“, велат од општината.

ТВ21 побара став од лицата кои се декларираа како сопственици, но не прифатија на зборуваат пред камера.

Во појаснување за ТВ21, еден од сопствениците ни рече дека ова место е во негова сопственост од 2019 и дека не е премин туку приватен имот-деловен објект.

Вели дека исто така сега за сега му е отфрлено барањето за соединување на двата локали, меѓутоа вели дека поседува имотен лист.

Додаде дека ќе се придржува до законските процедури и ќе бара оштета.

КУЛИТЕ ЏЕВАИР БЕЗ СТРУЈА И ВОДА, фирмата не плаќала сметки, а земала од станарите !

Првата и втората кула на „Џевахир“ од 15:00 часот останаа без напојување на заедничката електрична енергија која се користи за светло во влезовите, лифтови, топла вода, базен, теретана, но и без вода.

Станарите се оставени без лифт и на погорните катови се принудени да се качуваат пеш. Според информации на Прес24, ова е вторпат кулите да останат без колективната електрична енергија. Пред околу еден месец струјата била исклучена како предупредување поради неплатени сметки.

Станарите велат дека уредно ги платиле сметките, но дека проблемот е фирмата управител на висококатниците.

Дека фирмата „Се клуб фалисити менаџмент“ ѝ должи многу пари на ЕВН потврдува и самата компанија.

-Поради вкупен долг од 6 милиони денари, четири мерни места за заедничка потрошувачка во кулите на Џевахир се исклучени, потврдуваат од ЕВН за Прес24.

Освен струја, станарите немаат ниту вода бидејќи вентилите биле затворени.

Се обидовме да добиеме одговори од фирмата управител, но засега не можеме да стапиме во конктакт. Таков проблем имаат и самите станари бидејќи велат дека подолг период никој не им одговара на повиците, а кога од компанијата ќе им кренеле слушалка изговорот бил дека не знаат за зборуваат македонски јазик.

Проблемот е што струјата која се користи за осветлување во влезовите, но и надвор од зградите, за лифтови, рампи за гаража, базен, теретана, топла вода и загревање е на едно броило. Во становите има електрична енергија бидејќи за тоа станарите плаќаат посебни сметки на ЕВН.

Управителот за тоа им издава сметки на станарите според квадратурата на станот, но и според потрошена енергија. Со тие пари управителот потоа е должен сметките да ѝ ги плати на ЕВН.

Парк со големина колку Плоштад Македонија ќе се гради спроти „Холидеј Ин“, протест денеска против

Со најавата за почеток на градбата на комплексот „Гранд“ на парцелата 1.1 на паркингот спроти „Холидеј Ин“, компанијата МГ Фешн најави и капитална инвестиција на јавен парк со фонтана на површина близу 7.500 м2 како донација за градот и сите граѓани.

Оваа површина, велат од МГ Фешн, e колку површината на Плоштад Македонија, а предвидена е за нов, урбан, отворен и јавен простор за сите граѓани во рамките на ДУП Ц08 на територијата на Општина Центар.

Визијата на инвеститорот за овој јавен простор е да се уреди налик урбаните паркови во светските метрополи, како оној на “Porta Nuova” во Милано, за што е потребна соработка со надлежните органи на Општина Центар бидејќи важечкиот ДУП на оваа градежна парцела предвидува само партерно уредување со фонтана и спомен обележје. Оттука, она што инвеститорот го нуди како решение за парцелата кај „Холидеј Ин“ е уредување на просторот со разновидно парковско зеленило, оплеменето со современа фонтана, урбана опрема и бројни останати содржини од отворен карактер, достапни за сите граѓани, но и распишување јавен конкурс за идејно решение во соработка со Општината.

„Ваков модерен јавен простор, налик на светските уредени урбани паркови и простори, ќе понуди дополнително заживување и модернизирање на овој дел од центарот на градот, што е во интерес на сите граѓани и целата наша заедница“, изјавија од МГ Фешн, додавајќи дека за граѓаните од Ново Маало кои се сопственици на приватните парцели на кои е предвидена јавна површина, предвидено е обесштетување во истиот сооднос како и за останатите сопственици чии парцели се опфатени со новите објекти.

Дополнително, компанијата изрази подготвеност за соработка со Град Скопје, Шумарски факултет и зелените организации да изготви решение и да инвестира и во обновување на делот од Кејот 13-ти Ноември кој се протега по должина на локацијата.

А на Фејсбук има настан за протест „Стоп за висококатници во центарот на Скопје“, денеска во 16 часот.


 

ГРАЃАНСКИ РЕВОЛТ: Стоп за бетонот кај ГТЦ со кој се тура пепел на „Скопје зелен град за луѓе“

Планот спроти „Холидеј Ин“ кај ГТЦ во центарот на Скопје мора да се стопира и да се преработи. Во спротивно ќе се поткопаат декларативните заложби за „зелен“ град, „велосипедски“ град, „град за луѓе“, „отпорно Скопје“, „Скопје со квалитетен јавен простор“ баш на најцентралната и најрепрезентативна локација, каде можеше навистина да добијат свој идеален приказ тие заложби, сметаат од иницијативата „НаТочак“.

Од иницијативата посочуваат дека има голем проблем во самиот концепт на планот, односно поставувањето на регулациските линии кои го разграничуваат јавниот од приватниот простор.

-Додека во моментов во Новo Маало – колоквијално познато како „маалото и паркингот спроти Холидеј Ин“ има многу јавни улици кои попречно ја сечат оваа четврт, во планот, и во реалноста во иднина, доколку планот не се стопира, ќе има само една јавна слепа улица како крак од улицата „Мирче Ацев“, што е погрешно од многу аспекти. Нема ниту пешачки јавни патеки низ целиот комплекс. Ќе се добие непробивна, приватна и небезбедна зона во самото срце на Скопје, се наведува во нивното соопштение.

Според иницијативата, иако со ДУП-от е создаден голем плоштад со површина од околу 8.000 метри квадратни, и тоа делумно врз приватни парцели, тој не е воопшто поврзан со околината.

–Додека плоштад „Македонија“ има 10 активни јавни печашчки пристапи и еден блокиран, овој нов плоштад е испланиран само со еден јавен пристап, кој е истовремено и за пешаци и за автомобили кои се доведуваат околу самиот плоштад. Зошто се пропушта шансата кога веќе се планира голем плоштад, да се добие нов белег на Скопје со добро урбанистичко решение? Туку се форсира едно целосно небезбедно, недемократско и автоцентрично решение, соопштија од „НаТочак“.

Од иницијативата „НаТочак“ потенцираат дека градоначалниците би било логично да се заложат за повеќе јавни пристапи и кон овој плоштад доколку навистина се грижат за движењето, безбедноста, одржливоста, и да го стопираат овој план.

За таа цел, од иницијативата потенцираат дека им испратиле допис пред 11 дена и на градоначалниците и на министерот Благој Бочварски, на која се уште очекуваат одговор.

–Постоечкото решение од ДУП-от прави слободното, граѓанско, неконтролирано, некомерцијално пешачко движење (24/7) во јавен простор да се остварува дури на 350 метри растојание, практично пешаците се водат по патеки околу блокот, не низ блокот што е недозволиво за центар на град. Стручните препораки за пешачки движења велат дека препорачано растојание за пешачка мрежа е максимум 120 метри, со стремење кон 60 метри и помалку. Во спротивно, се демотивира пешачењето и се поттикнува поголемо користење автомобил, се наведува во дописот на иницијативата.