Ќе напишам рецензија за вчерашниот концерт на Мизар, но не очекувајте никаква објективност од мене дека дури и со сила да се обидам нема да можам.
Тие кои ме познавате одамна знаете дека бев и сум исклучително голем фан. Така и ќе започнам. Се сеќавам точно на денот некаде 1991/2 кога на Зелено пазарче (на она истото каде што се продава овошје и зеленчук) ја купив касетата односно вториот албум на Мизар „Свјат Дримс“. Сѐ после ова одеше по некој природен тек на нештата или мојата желба да свирам, запознавањето со првиот албум „Девојка од бронза“, наоѓање на гаражни демо снимки од сите можни постави особено некои верзии на кои пее Горан Трајковски, па Вртев, следејќи ги сите откровенија на Мизар, па сите нови постави од Горан, па Нора, па Хармосини, Кисмет проектот на Горазд варијантата со девојката (нека ми прости ѝ го заборавив името). Да бидам малку реален сепак, некои од поставите имаа повеќе, а некои помалку успех.
Но, дури вчера во МКЦ сфатив дека секој кој „прошол“ низ Мизар имал причина или попрецизно минал дека така требало да биде за да можеме да ги слушаме во живо Мизар и во 2024 година. За жал, Мизар во постава со Горан Таневски имав можност да ги гледам само еднаш во живо пред платото на денешна зграда на влада, а тогашна ЦК. Беше групна свирка и звучеа страшно добро, а таа вечер со Деан Ќурчиев (Ќуре) мислам го запознавме и нашиот прв тапанар Пајо кој исто така беше фан на Мизар. Веќе на вториот концерт на кој бев присутен во Куршумли ан – Мизар имаа нов вокален изведувач односно пееше Нора наместо Таневски.
Во изминативе 3-4 години имав на некој начин подиректна врска, односно моите музички проекти меѓу другите локации ги снимав и правев во студиото на Нико (сегашниот вокал), „Вруток“, а таму проби правеа Мизар во горе доле екипа со вчерашната постава. Имав можност да ги слушнам неколку пати на проба и да ја осетам новата енергија. Ако не грешам Нико минатата година почна да пее бек вокали со Мизар за од оваа година да биде лид вокал. Истиот ден кога дознав за најновиот лајнап на Мизар, беше моментот кога започнав како Годо да го чекам вчерашниот ден за концертот во Скопје.
Денсинг салата на МКЦ вчера во ден недела кој не е не баш идеален ден за концерт на Мизар беше полна со народ како на времето. Локацијата за концертот е единствениот објект во Скопје кој во 2024 тоа и го залужил да биде. Пред концертот им се убацив на тонската проба и слушајќи ги како го нивелираат звукот свирејќи ја „Униније“ конечно ми дојде сознанието за она погоре што го напишав, за тоа дека секој што бил дел од Мизар бил со причина во Мизар за да остави трага, да остави ѕвездена прашинка и да ја пренесе на новите кои доаѓаат по него. И, сѐ ова за да може Горзад сето тоа да го склопи да звучи како што звучеше вчера – „силно и моќно – како да е направено за 2024 година“!
Влезот на концертот беше со новата ствар „Псалм 135“, а во првите 20 секунди присутните во МКЦ од кои повеќето не ги познаваа вокалните капацитети на новиот пејач Нико мислам дека беа разнесени од точноста, прецизноста и полниот израз на бендот. Некаде на половина песна знаев кој ќе биде муабетот утре у Скопје – „Мизар звучеа беспрекорно под конец“. На концерт бев со пријател странец кој да речеме има рафиниран музички вкус (малку повеќе џез) и кој за првпат ги слуша Мизар. Нему сите песни му имаа исто значење така што неговата констатација дека звучат како сериозен светски бенд има веројатно поголема објективна тежина од мојава рецензија. Скопје од доцните 80-ти и почеток на 90-тите вчера беше во МКЦ, но беа и нивните деца млади, некои претпоставувам ги донеле старциве на „сила“ да видат и да чујат како растеле. Но, тоа што мене особено ме импресионираше вчера е дека тие нови деца не слушаа некој стар бенд со носталгични звуци, туку слушаа зрел легендарен бенд кој произведува модерен звук.
Рецептот на Горазд – функционира и за младиве генерации.
После првите нови ствари кои ги отсвирија маестрално, со нови аранжмани започна серијата на концертот со старите ствари од „Униније“, преку „Дождот“, „Магла“ и очекуваната кулминација со „Девојка од бронза“ и хорскиот крај на сите заедно со публика и повик од истата „Разбудииииии се……разбудиииии се“!
После ова концертот течеше би рекол природно како што треба кон својот крај.
Тоа што сакам да го напишам на крај е дека ги имаме Мизар во 2024 година кои ако сакаат можат уште многу да донесат во нашево општество.
Влијанието на музиката е исклучително важно во развојот на генерации млади луѓе и тоа не само од аспект на музиката како уметност сама по себе. Факт е дека тоа на каква музика растеш, таа те води кон тоа какви книги читаш, како се образуваш, до моментот каков партнер(ка) ќе одбереш, другар, пријател, колега, дали ќе ти заминат некои од нив да станат монаси или да возат камион во САД, каде ќе се вработиш, дали ти ќе придонесуваш во социјално-општествена смисла за твојата земја одредена додадена вредност или нема и таканатака.
Мизар придонесуваат многу, веќе долги години, но тоа што ме радува е дека продолжуваат да го прават истото и тука ќе се, во Скопје, Македонија за децава во годиниве пред нас.
Извор: МКД.мк
3 Comments