„Купив билет, заминувам за Германија, ЗАСЕКОГАШ!“

Навистина дадов сè од себе да се снајдам во Македонија… Но, работа нема, народот е ужас, па одлучив да се вратам во Германија, овојпат засекогаш.

И по којзнае кој пат вклучувам Скајп, но што ако… Па, поубаво ми е да го поминам слободното време во разговор со него, отколку да одам на кафе со лицемериве тука. Плус, си го вежбам германскиот вака, нели?

Како е таму? – прашувам, иако веќе го знам одговорот. Но, убаво ми е одново и одново да го слушнам.

Ми вели дека времето било ладно ама убаво, воздухот чист. Во неделата речиси во секој парк имало собиранки со музика, скара и пиво, како и секогаш кога времето е сончево. Значи, сепак сѐ е исто како кога си заминав.

А како е во Македонија? – ме прашува.

Како е овде? – си повторувам во себе, а во глава ми прелетуваат милион мисли, слики, моменти за чудење.

Да, од секогаш ми биле чудни бабите што се распрашуваат за сѐ и сешто, од твоето здравје до лебот на мајка ти дали е печен, изгорен или недопечен.

Бидејќи нели тоа е најважната работа во животот, ако не ти е совршен лебот не си домаќинка, не си достојна за оваа планета.

Ми смета и гужвата по булеварите, редиците во банките, кавгите на шалтерите. Ми смета и што ми продаваат храна со поминат рок, фармерки со нееднакви рабови.

Ми смета што вработените во јавната администрација се крајно нељубезни со оние кои се партиски неопределени. Ми смета што таму некој си со средно ми ја кажува постапката за поднесување документи со висок тон и се изморив да го поправам и да објаснувам како е всушност правилно, бидејќи маката те учи на сѐ.

Сега, веднаш, веќе ми се спакувани куферите и билетот во еден правец купен. – го кажувам ова, а од мене претекува среќа како пената на ладно пиво од преполна кригла.