Connect with us

Истражување

Македонските војници во Ирак ги нарекувале ”Војници на сонцето

Published

on

Ирачаните главно не поврзуваа со поранешна Југославија. Но, во Вавилон, кога кажавме дека сме Македонци, луѓето нè допираа, сакаа да се сликаат со македонски воjници. Американците се сликаа со нас до тврдината што jа освоил Александар Македонски, до, како што велеа „вашата некогашна престолнина“, раскажува Хаџи Јанев .

Ирачаните главно не поврзуваа со поранешна Југославија. Но, во Вавилон, кога кажавме дека сме Македонци, луѓето нè допираа, сакаа да се сликаат со македонски воjници. Американците се сликаа со нас до тврдината што jа освоил Александар Македонски, до, како што велеа „вашата некогашна престолнина“, раскажува Хаџи Јанев

Игор K. Илиевски

„Одеднаш нè облеа топлината на пустинското сонце. Сè околу нас беше разурнато, а врелиот воздух беше тежок од мирисот на животни во распаѓање. Во авионот со часови размислувавме за секој детаљ на тоа што нè очекува, но штом стапнавме на почвата, сè заборавивме.“ Со ваков прв впечаток 38 македонски војници, од кои 28 припадници на специјалните сили „Волци“, на 6 јуни 2003 година ја почнаа првата борбена операција на АРМ надвор од македонска територија – операцијата „Слобода за Ирак“. Но, шокот на армиските командоси не траел долго – до крајот на македонското учество во мисијата тие ќе заслужат 120 американски медали ва борбени заслуги и, што е најважно, сите живи и здрави ќе се вратат дома.

Десет години подоцна, командантот на првиот контингент потполковник Методи Хаџи Јанев, тогаш капетан, раскажува за мисијата.

– Првата глетка на која наидовме беше американски камион што налетал на заседа. Сè Уште гореше, заедно со луѓето во него. По некои десетина километри налетавме на американска единица која возвраќаше на напад од една куќа. Но, моравме што побргу да се превеземе од аеродромот во Багдад до базата во Таџи и да „пролетаме“ покрај Американците – вели Хаџи Јанев, денес универзитетски професор, кој мина повеќе од 12 години во специјалните сили.

Домашните подготовки не излегуваат на терен

Македонија испрати свои трупи во Ирак веднаш по американската инвазија и Резолуцијата 1546 на Советот за безбедност на Обединетите нации. Специјалните сили на АРМ беа дел од американската дивизија со матична база во Таџи. Првиот контингент служеше со 4. Пешадиска дивизија. Во извештајот по првата ротација на американската дивизија стои: „непријателската активност во зоната на операции на 4. Пешадиска дивизија беше поголема отколку во која било друга област во земјата, поради големата концентрација на сунитски групи на отпорот, лојални на режимот на Садам Хусеин.

Една и пол година по Рамковниот договор, првиот контингент на АРМ во Ирак мораше да го одрази новиот принцип на пропорционална застапеност на заедниците. Затоа, на тимот од 28 командоси му беа додадени и припадници на други единици на АРМ. Покрај таа отстапка од стандардната процедура, војниците добија само три месеци за да се подготват за мисијата. Но, „волците“ велат дека и покрај тоа успеале да состават добар тим и да ги завршат сите подготовки. Вистинското изненадување дошло од друга страна – како што велат војниците, и најдобриот план се крши со првиот испукан куршум.

– Се подготвувавме ефективноста да ја мериме со број на неутрализирани борбени цели, на кршење врати и заробување луѓе. Но, во Ирак многу бргу моравме да научиме како да соработуваме со цивилите бидејќи веднаш сфативме дека целта не треба да биде да го уништиме системот, туку да го вратиме во нормала. Ако имате поголема соработка со населението, добивате навремено безбедносни информации бидејќи тие ги имаат информациите. Вие може да се занесувате дека имате информации – вели ирачкиот ветеран.

Така македонските командоси почнале да се учат на стрпливост, соработка и дипломатија. Наместо во бројот на заробеници, успехот го броеле во бројот на луѓе чија доверба ја стекнале. Првично замислената операција на „директна акција“, за која биле дизајнирани подготовките, по третиот месец станала најспоредниот сегмент на задачите во Ирак, што го опфатиле целиот спектар специјални операции. „Волците“ учеле на терен, а првиот македонски борбен контингент немал туѓи грешки на кои би учел.

– Таму првпат почнавме да работиме „меки упади“, првпат почнавме да работиме со локални сили, бевме тренери на ирачките специјални сили, научивме да работиме со нив, да ги инкорпорираме. Научивме дека треба многу добро да ја запознаеме културата на луѓето за да може да ги разбереме и нив, и средината во која оперираме – вели Хаџи Јанев.

Тимот на „Волците“, нагласува неговиот командант, успеал и да го премести фокусот на операцијата, но и многу брзо да ги „стави во колосек“ останатите членови на контингентот, кои се вклопиле во мисијата и почнале да даваат резултати.

„Волците“ како „зелени баретки“

Само шест дена по пристигањето во Ирак, на 12 јуни „волците“ учествуваат во првата голема операција „Заливски удар“ западно и северно од Багдад, сè до Тикрит, каде што заробуваат тројца важни„опасни личности“.

Набрзо, и високите офицери од 4.Пешадиска дивизија увиделе колкав е квалитетот на специјалците од земјата чиј вкупен број вооружени сили е колку американската единица. „Волците“ самостојно си ги одредуваат мисиите, а Американците им ги ставаат на располагање сите расположливи капацитети: од оклопни возила за заштита, хеликоптери за транспорт и огнена поддршка, артилерија и авиони за воздушни напади…

– Дури, немаа проблем да ни дадат и радиооператори, што е исклучителна отстапка, бидејќи системот на кодови во врските е строго чувана тајна. Не ни дадоа радиоуред, но ни дадоа радио-оператот и офицер кој постојано беше со нас, што помогна и во надминување на правните бариери – вели командантот на првиот контингент во Ирак.

По првите неколку месеци, „волците“ добија задача да ги обучуваат ирачките специјални сили, но и да организираат обука за урбано војување, тактика на мали единици и борбени вештини за американски единици. За статусот на првиот контингент „волци“, покрај американските медали кои им ги врачи лично тогашниот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд, зборува и еден друг, ретко забележан детаљ, во моментот кога слетаа на скопскиот аеродром, по ротацијата во Ирак, командосите на униформите носеа американски ознаки за специјални сили – истите ознаки кои ги носат „зелените баретки“.

Репутацијата значела и голем ангажман – „волците“ за шест месеци имале повеќе од 340 мисии, од снајперски мисии, заседи, рации, до операции кои бараат продолжен престој на терен.

– Ќе отидевме на мисии по 15 дена, поради тајноста на мисијата ќе замрзневме во некој пустински дел. Дел од тие операции сè уште се класифицирани, но, на пример, неколкупати имавме задача за обезбедување нафтени платформи, во времето кога остатоците од Садамовиот режим почнаа да ги палат зашто беа оценети како критична, стратешка инфраструктура. Американците проценија дека редовната војска нема капацитети сама да го направи тоа, во 2-3 наврати бевме испратени како засилување. Наша задача беше од таму да вршиме истурени патроли. Поради нашата мобилност и елементот на изненадување, кои ни беа принцип на дејствување, најдовме и заробивме неколку „лоши момци“ – раскажува ветеранот.

Во текот на разговорот, офицерот со повеќе од 12 години искуство во специјалните сили, речиси да не изустува реченица во која не истакнува дека секоја операција во Ирак е резултат на целиот тим на „волците“ и на исклучителните професионални квалитети на секој од нив.

Избегнувавме оклопни возила

Но, репутацијата на македонските специјалци многу брзо по нивното доаѓање се проширила далеку надвор од заштитните насипи на базата во Таџи. Околу месец и пол по пристигањето на контингентот, разузнавачите од 4.Пешадиска дивизија добиле информација дека „лошите момци“ веќе ги познаваат македонските војници.

– Почнавме да даваме резултати, успеавме во неколку наврати да заробиме „сили што не соодветствуваат со системот“. Тогаш стигна разузнавачки податок од информатор дека се испитува кои се „се војниците со сонцето“ кои не се Американци. По тоа наредив да се тргнат знамињата од возилата. Го спуштивме и знамето на базата бидејќи беше добар репер за гаѓање од дистанца – раскажува Хаџи Јанев.

Реномето на „војниците со сонцето“ било потврдено и со застрашувачки податок – терористите распишале награда за нивните глави. Kомандантот вели дека тоа е еден од моментите во шестмесечната мисија, каде што секој ден е борба за живот, кој најмногу го загрижил.

– Особено опасно беше и во неколку наврати кога требаше да изведуваме операции надвор од зоната на одговорноста, на пример во Самара или во Вавилон, во периодот кога почнаа сериозно организираните заседи, не само со импровизирани експлозивни направи, и кога требаше сериозно да дебатираме дали ќе бараме смена на возилата или ќе го задржиме курсот на лесни возила, подвижни, со голема маневрибилност за сметка на оклопот – вели командантот. „Волците“ во Ирак употребуваа теренски возила „хамви“, без оклопна заштита, но со голема мобилност и брзина. Иако голем дел од тимот сметал дека треба да се заменат со оклопни борбени возила, „волците“ сепак решиле да ги задржат, за да не ја изгубат најголемата предност – факторот на изненадување, брзина и мобилност.

Операциите во Ирак неколкупати ги однеле македонските војници во Вавилон, што го инспирало капетан Хаџи Јанев по враќањето да ја напише книгата „Слобода за Ирак – патот за Вавилон“.

– Ирачаните главно нè поврзуваа со поранешна Југославија. Но, во Вавилон, кога кажавме дека сме Македонци, луѓето нè допираа, сакаа да се сликаат со македонски војници. Американците се сликаа со нас до тврдината што ја освоил Александар Македонски, пред, како што велеа „нашата некогашна престолнина“ – раскажува Хаџи Јанев.

Во Ирак АРМ научи да учи

Од медицински прегледи на локалното население, до координирање на здружени операции на авијација, оклопни единици, пешадија и артилерија, првиот контингент на „волците“ во Ирак многу работи мораше да направи за првпат. Привилегијата да бидат прва единица во борбена операција надвор од татковината на командосите им донесе и хендикеп да немаат претходник од чии грешки и искуство би можеле да учат.

– АРМ денес е најискусна во регионот во учество во меѓународни операции. Но, во Ирак научи како да учествува во борбени операции кои не се само мировни, научи што значи да се биде дел од коалиција, промени принцип на донесување одлуки и успеа да го тестира, научи да го цени ефектот што единиците може да го постигнат на терен. Научи како да учи – заклучува денешниот потполковник.

Гледајќи на мисијата од дистанца од десет години, вели дека денес многу работи би направил поинаку и смета дека тогаш во одлуките го водела младоста. Најважната работа што тој ја научил е дека не е важно времето минато во некоја работа, туку посветеноста со која ~ се пристапува. Истиот принцип важи и за командување со тим врвно обучени професионалци, како што се „волците“.

– Водството, лидерството на тие момци не може да им го наметнете со чинот. Во специјалните сили не добивате почит од војниците заради тоа што имате чин, туку заради тоа што ќе успеете да им докажете дека можете да им бидете водач. Тоа значи да пукаш добро како нив, да трчаш добро како нив, да се тепаш добро како нив… Но ќе мора да знаеш и да бидеш многу правичен, иако тоа е тешко, и да носиш одлуки што не секогаш ќе ти се допаѓаат. Најмногу од сè, мораш да знаеш да го почитуваш тимот и да знаеш да го истакнеш ефектот на секој од нив – вели Хаџи Јанев, кој и денес би отишол да предводи контингент од своите некогашни соборци.

Чекор до Садам

Меѓу „лошите момци“ кои првиот контингент македонски командоси ги зароби во Ирак се и тројца од „шпилот карти“ на 55 најбарани Ирачани. Иако до денес не постојат официјални податоци за тоа, еден од заробениците на „волците“ е директната врска преку која е откриено скривалиштето на Садам Хусеин. Хаџи Јанев, како и сите „волци“, е многу воздржан кога зборува за оваа операција.

– Станува збор за операција во која учествувавме за да го оствариме центарот на гравитација на мисијата. Нашата операција беше одлучувачка точка. По неа, Американците за многу краток период, 15-20 дена, успеаја да го постигнат центарот на гравитација – вели Хаџи Јанев.

Во воената терминологија, „центар на гравитација“ е клучната цел на секоја воена операција, критичната мисија за да се оствари целта на војната. Во Ирак, тоа беше неутрализирање на силите на режимот и фаќањето на Садам Хусеин.

На 13 декември 2003 година, поддржувани од 4.Пешадиска бригада, американските специјални сили го заробија Садам Хусеин, поранешниот претседател на Ирак. Ротацијата на дивизијата заврши во пролетта 2004 година.

Ирачаните ни зборуваа српски

„Волците“ имаат безброј приказни од операцијата во Ирак. За среќа, не сите се поврзани со заседи, куршуми и експлозии.

– Беше забрането да се користи алкохол, но бидејќи му верував на тимот, исклучителни професионалци, знаевме понекогаш да купиме пиво на црниот пазар и да се почестиме. Kога ми се роди ќерката, ги викнав колегите, а на еден од нив му реков да оди под креветот и да донесе една од „бомбите“. Но, тој се враќа, а во рацете држи вистинска бомба. Така си доби прекар – раскажува командантот.

Во времето на Движењето на неврзаните, Ирак имаше богата традиција на соработка со тогашна СФРЈ. Со тоа е поврзана една од најпознатите анегдоти на „волците“ во Ирак. Тим командоси спроведувал неколку заробени Ирачани, кога еден од нив спокојно почнал да се оддалечува од групата. Продолжувајќи шега со своите колеги, еден од „волците“ му се обратил на српскохрватски, фаќајќи го за рамо: „Ма где ќеш бре ти?“. Ирачанецот, спокоен, одговара: „Kод сестре.“ На подзинатите војници им раскажал дека бил воен пилот и студирал во Белград, каде што го научил јазикот.

– Еднаш вршевме упад во објект и еден од колегите кој беше до мене едноставно исчезна. Се стаписав и почнав да се вртам наоколу, барајќи го. Одеднаш, слушам глас некаде одоздола. Погледнувам, а тој пропаднал до септичка јама, само очите му се гледаат – раскажува ветеранот.

Добиени 119 американски одликувања

АРМ учествуваше во операцијата „Слобода за Ирак“ од 6 јуни 2003 година до 31 декември 2008 година. Во 11 контингенти наизменично се заменуваа тимови на „волците“ и ренџерите. Во 2008 година на контингентите им беше додаден и по еден пешадиски вод, кој ја обезбедуваше базата во Таџи. Низ мисијата минаа вкупно 490 македонски војници.

За борбени достигања, меѓу кои и спасување живот на коалициски војници, македонските војници добија 119 американски одликувања: осум „Бронзена ѕвезда“, 43 „армиски медали за достигања“ и 68 „армиски медали за заслуги“.

Медалите на припадниците на првиот контингент им ги врачи лично американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд, кој затоа допатува во Скопје.

Истражување

Во оваа земја нема комарци, змии и други рептили

Published

on

Дали сте знаеле дека Исланд е единствената земја во светот каде што нема комарци, змии и други рептили? Студената клима, специфичната географска положба и вулканскиот терен го прават овој остров уникатно место без овие животински видови. За многумина, ова е уште една причина да го посетат Исланд и да уживаат во неговата природна магија!

Continue Reading

Истражување

ПИСМО НА БРАТОТ НА МАРА БУНЕВА ОД 1945: „Кажете им, да им ја е*ам мајката, зашто сакаат автономна Хитлерова Македонија!“

Published

on

Што му пишал на македонскиот министер за внатрешни работи Борис Бунев за неговото великобугарство и за членството во ВМРО? Како ја минирал идејата, по капитулацијата на Бугарија од Македонија да добие автономија под германско покровителство? Колку луѓе спасил од затвор? Зошто за македонската историја и јавност, овој човек, кој вели дека токму поради неговата борба за Македонија бил осуден од Бугарите, е непожелна личност?

Борис Бунев е брат на Мара Бунева, една од најнапаѓаните личности во досегашната македонска историја, жена врз чиј грб стотици подбуцнувачи и се додворуваа на комунистичката и неокомунистичката власт на Македонија и градеа кариера. Пред повеќе години, во Белград, Србија, е откриено едно писмо од Борис Бунев до амбасадата на Демократска Федеративна Југославија во Софија, кое потоа било препратено до Министерството за надворешни работи во Белград, а оттаму до Министерството за внатрешни работи на Демократска Федерална Македонија во Скопје. Писмото прв го објавив, а потоа по принципот копи пејст беше преземано од други сајтови. Писмото е прилично интересно со содржина од која на многумина веројатно ќе им се дигне косата на главата. Станува збор за извонредно сведоштво за настани за кои пошироката македонска јавност речиси ништо не знае, освен тоа што партиските директиви преку своите ‘научници’ и дозволуваа да го знае. Меѓудругото, во писмото се опишуваат и моментите кога е направен обид, по повлекувањето на бугарската војска од Македонија и нејзиното излегување од сојузот со Хитлерова Германија, нашата држава да добие автономија под германско покровителство. Од спомените на Ванчо Михајлов се дознава дека во врска со тоа и тој самиот лично допатувал во Скопје, но ја одбил идејата со мотивација дека таа ќе значи ново пролевање македонска крв. Во ова писмо, Бунев сведочи за тоа како тој размислувал за истото прашање и што кажал на состанокот со бугарската управа на кој биле повикани 30-тина тогашни угледни граѓани на градот со цел да се изјаснат за ова.

Покрај тоа, писмото е изворно сведоштво и за размислувањата на братот на Мара Бунева во врска со односите меѓу Македонците и Бугарите, изнесувајќи работи кои или досега не биле познати или биле строго криени од очите и ушите на Македонците.

ТРИ ГОДИНИ ТАНЦУВАВТЕ

Меѓу двете војни, Борис бил член на михајловистичкото ВМРО, а во 1941 година доаѓа во Скопје и тука живее до 1944 година. Потоа одново се враќа во Бугарија, а на 15 октомври 1945 година го испраќа писмото кое сега го изнесуваме. Во писмото Борис Бунев бара враќање на покуќнината од куќата во Скопје во која живеел за време на војната и во него меѓудругото вели:

‘Почитуван г. министре,

Во текот на септември 1941 година, заедно со семејството, сопругата и синот, се доселив во Скопје, при што од Софија ја пренесов сета покуќнина.

Немајќи сопствен дом, бидејќи моите родители живеат во Тетово, од чиновникот за државни имоти ми беше определено да живеам во куќата на ул. 248 бр.6, во која ја сместив сопствената покуќнина. Поради настаните на 8 септември 1944 г. го напуштив Скопје без да ја изнесам покуќнината и заминав за Софија. Причините поради кои ја напуштив татковината Македонија, ќе ги изнесам подолу.

Поради различните патишта по кои одев за Слободата на Македонија, денес сум обележан како неподобен жител на татковината…, иако постојано живеам со убавата мисла дека ќе ми биде дозволено да живеам во Македонија и да бидам полезен…

Тоа мое решение да живеам во Бугарија е привремено и ми налага да си ја соберам покуќнината.

Домашните ми соопштуваат дека во куќата во која се наоѓа покуќнината, се вселило службено лице, кое одбило да ги предаде работите…’, пишува братот на Мара Бунева.

Но, тоа што за нас е интересно е делот од писмото во кое Бунев се обидува да му објасни на македонскиот министер за внатрешни работи некои работи поврзани со него, а кои се однесуваат на денес веќе стандардните квалификации дека е великобугарин и антимакедонски елемент. Па, вели:

‘На почетокот на молбата ветив дека ќе ги изложам причините поради кои го напуштив Скопје.

Бев загрижен од навлегувањето на Љотичевците и Дража Михајловичевите вооружни групи, за кои имаше сведоштва дека се веќе кај Сурдулица и второ, ако останев во Скопје, ќе требаше да се потчинам на германските војски.

Од Љотичевците и Дража Михајловичевците се плашев дека како стар борец на ВМРО ќе посегнат по мене, а на Германците не сакав да им служам.

Треба да ви раскажам и за следното:

Неколку денови пред бугарските воени и административни власти да ја напуштат Македонија, во кабинетот на обласниот директор Тома Петров, на состанок бевме повикани околу 30 граѓани.

Обласниот директор ни соопшти дека бугарската влада му наредила да свика состанок со видни граѓани и да основа ‘привремена македонска влада’ под покровителство на германската воена команда и германскиот конзул во Скопје, и таа влада треба да ја објави автономијата на Македонија.

Сите присутни требаше да се изјаснат. Јас прв се јавив за збор и буквално, го кажав следното:

Господине директоре, не во 11 часот, туку сега земете го телефонот и соопштете им на министрите, да им ја ебам мајката, зашто ни советуваат да ја објавуваме автономијата на Македонија. Ние тоа нема да го направиме. И продолжив:

Господине директоре, Вие… не водите сметка дека меѓу нас нема претставници на тие што имаат право да зборуваат, тие што се по планините. Вие ли сте врската со нив, со тие што утре ќе влезат со оружје в рака во градот? Тие со право ќе кажат: Кои сте вие да основате привремена влада на автономна Македонија без да не прашате? Вие ли, кои цели три години танцувавте во воениот клуб, вие ли имате право на такво нешто без да сте ополномоштени од нас, кои во тоа време бевме во планината и водевме борба со бугарските и германските власти?… Затоа господа, предлагам понатаму да не се дебатира по ова прашање.’

Предлогот на Бунев не бил прифатен и сите што биле поканети на тој состанок зеле збор, но се покажало, тврди во писмото братот на Мара Бунева, дека сите размислуваат како него. Затоа состанокот завршил без да се донесе било каков заклучок, сите се разотишле и така не дошло до реализирање на идејата за автономија на Македонија, со сопствена власт под покровителство на Германија.

ЦАРСКИ ПРИЕМ

Потоа, во писмото Бунев продолжува:

‘Господине министре, мојот став по ова прашање им беше познат и на германските воени власти и на германскиот конзул и го ризикував животот во Скопје поради повлекувањето на бугарските власти.

Некој би прашал: А, зошто не отиде в партизани?

На тоа прашање, еден чесен човек како мене би можел кратко да одговори:

Немав гаранција дека ќе бидам примен од нив, ниту пак сакав да бидам смешен и да се определувам во последната минута за да се наредам до тие што со месеци беа по планините’, пишува Бунев.

Потоа, тој додава и други работи кои според него не оделе во прилог на желбата да остане во Скопје. Како пример го наведува случајот со вербалниот судар во ресторанот Метропол со некоја жена чиј татко и брат биле во служба на Германците (му рекла дека ‘вие Бугарите немаше да дојдете во Македонија ако не беа Германците’ на што тој ја нарекол ‘пизда’), како и спасувањето од затвор на некои работници од Кучково, како и работниците Атанас Митрев, Јовчев, Петко и др.

Борис Бунев на министерот се обидел да му објасни и за трите работи со кои е оквалификуван: дека е великобугарин, дека е противпрогресивен елемент и дека е бивш член на ВМРО.

‘Великобугарин сум до толку, до колку сум можел да имам право да живеам во сопствената татковина Македонија, слободен и невознемируван.

За слободата на Македонија сум се борел против велико бугарство, за што во Бугарија сум бил осуден на смрт и сум лежел во затвор 5 години и четири месеци.

Ако бев великобугарин ќе се согласев на државната служба во Скопје која настојчиво ми беше нудена.

Ако бев великобугарин, барем на едно државно собрание во Македонија ќе говорев. Ќе пишував во весниците за великобугарството…

Ако бев великобугарин, немаше да ги одбегнувам прославите и банкетите, иако сум бил специјално канет…

И најпосле, ако бев великобугарин, ќе отидев на приемот во општината организиран од цар Борис. Упорно бев покануван да присуствувам, но откажав и не отидов. Тоа ќе го потврди г. Кирил Жерновски, кој во својство на помошник на кметот имаше наредба да ме покани.

И кога официјалните органи ми составуваа белешки, дека избегнувам од тоа, им одговарав:

‘Додека бугарските власти ја сметаат Македонија за своја колонија, јас не сакам со присуството да го потврдувам тоа’.

За квалификацијата дека е противпрогресивен елемент, Бунев вели: … Ако бев непрогресивен елемент, немаше да молам и да давам гаранции за ослободувањето од затворот на неколку десетина прогресивни младинци. Тоа го знае цело Скопје. Тоа го знае и г. Стамат Дуковски, чии две деца беа ослободени.

Ако бев антипрогресивен елемент, немаше да му одговорам на обвинителот од Воениот суд дека ќе сведочам за судените прогресивни елементи зошто ‘има нешто убаво во нивната борба’.

Ако бев антипрогресивен елемент, немаше да застанам на страната на жителите на с. Вратница, селаните можат да го потврдат тоа, и откако полицијата бесчувствително истепа неколкумина вратничани, да и објавам војна на полицијата…’

Потоа Бунев раскажува како извесен Тома Апостолов во октомври 1944 година дошол дури во Ќустендил со намера да го уапси затоа што не се заложил за уапсените Срби од Тетово, што според Бунев не било точно:

‘Јас успеав да ја издејствувам слободата на многу мои сограѓани. И може да се утврди дека сите работи сум ги извршил без каква и да е материјална придобивка.

‘Па кој ги спаси Сане Јајчар, Ѓоко Михајловиќ, Кочо Богоевиќ, Урош и Владо Парлиќ, Сима Моисиќ, зетот на Стефан Лешков, Славе Парлиќ, Ѓоќо Ристиќ од Скопје, Милан Ристиќ од Скопје, илегалните младинци од Врање, свештеникот од Сурдулица и др.

Да можев ќе сторев многу, но не можев, не ме слушаа’, велел Бунев.

 СЕ БОРЕВМЕ ПРОТИВ КРАЛСКА ЈУГОСЛАВИЈА

На крајот од писмото тој се осврнува и на тоа дека бил член на ВМРО, но со логика која веројатно многу комунисти и неокумунисти ќе ги изнервира. Еве што напишал Бунев за тоа:

‘Како член на В.М.Р.О. Да, таков бев и имав престапи против бившото Кралство Југославија. Титовата Југославија и Федерална Македонија не можат и не треба да бараат сметка од тие кои по својата идеологија се бореле против Кралска Југославија.

В.М.Р.О. и неговите членови не водеа борба против новата демократска Титова Југославија.

Почитуван г. Министре

Интересно е да наредите едно сеопфатно истражување на мојата дејност во Скопје за времето до 1941 г. до 8 септември 1944 година… И ако се докажат моите полезни работи во Македонија, да наредите да ми се врати покуќнината според приложениот список, за да останам со добри чувства кон управителите на мојата татковина Македонија во која мечтаам да живеам.

Со почит кон вас и за доброто на мојата татковина Македонија

Софија 15 октомври 1945 г.

Со почит

Борис Бунев’

Ете, тоа е скратената верзија на писмото кое од белградскиот Архив е донесено во Скопје, а кое братот на омразената во Македонија Мара Бунева, го испратил до македонската повоена влада. Бунев, кој за нашата официјална историја е асли Бугарин, непожелна личност, од која треба да се бега безмалку како од чума, со ова писмо се претставува како поинаков човек, дури и само половина од изнесеното во писмото да е вистина. Тој зборува за неговата татковина Македонија, тврди дека поради борбата за слобода на таа татковина токму од Бугарите бил осуден на смрт и лежел во затвор, дека токму тој спасил десетина Македонци од окупаторските власти нудејќи и сведоци за тоа и, во крајна линија, како човек со револуционерно минато, знаел да ја цени борбата што партизаните по планините ја воделе во време на Втората светска војна. Но, можеби токму затоа, токму поради тоа што тој веројатно бил со поинаков лик од сликата што овде ни е наметнувана и ни ја наметнуваат за Мара Бунева и нејзиното семејство, е забранувана личност.

Пишува Дарко ЈАНЕВСКИ

Избвор: denesen.mk

Continue Reading

Истражување

Реката Јордан во која Јован Крстител го крстил Исус полека исчезнува

Published

on

Реката Јордан, која тече 251 километар низ Блискиот Исток, претставува природна граница меѓу Израел, односно Палестина, и Јордан. Се влева во Галилејското Езеро, а потоа продолжува кон југ, каде конечно се влева во Мртвото Море.

Реката Јордан е од особено значење за Евреите, христијаните и муслиманите, бидејќи во Библијата се спомнува како река која Евреите ја преминале за да влезат во Ветената земја, но и како река во која Јован Крстител го крстил Исус. Таа е карактеризирана и како место на чуда, а бројни аџии до неодамна патувале на исток за и самите да се крстат во неа.

Денешниот изглед на реката Јордан е само сенка на тоа што некогаш било. Се проценува дека текот на реката е сиромашен за најмалку 60 отсто во споредба со 20 век. Некогаш богата со вода, денес, пак, на некои места ја гледаме само во траги – широка едвај нешто повеќе од десетина метри, со нова „најголема“ длабочина од скромни пет метри.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк