Connect with us

Uncategorized

Јас сум едно обично 11-годишно девојче,се радувам на мали работи, но многу нешта и ме растажуваат – Писмото на Јана кое и донесе сребрен медал

Второ место и сребрен медал за Јана Поповска, претставничката на Пошта на Северна Македонија на 49–от литературен конкурс на Светскиот поштенски сојуз, организиран по повод 9-ти Октомври Светскиот ден на поштите.

Јана е нашата хероина, бидејќи за првпат во своето 49 годишно постоење претставник на Пошта на Македонија добива медал на Меѓународниот конкурс за млади на Светскиот поштенски сојуз. Награденото писмо на нашата Јана е едно од 1,2 милиони писма кои оваа година пристигнаа на Конкурсот во седиштето на СПС во Берн, Швајцарија.

Јана Поповска е ученичка во ООУ „Елпида Караманди“, Битола, а нејзин ментор е профсорката по македонски јазик Сузана Петковска.

Секое писмо блеска со иновативност и креативност, а тоа се квалитети кои постојат кај секое дете како и на кој начин тој или таа го гледа светот. Тоа е искра која не повикува внимателно да слушаме и да посветиме внимание. И оваа година победниците не се разликуваат од тоа, се зборовите на генералниот директор на Светскиот поштенски сојуз Хусеин Бишар.

Искрата во писмото на Јана е дел од оваа креативност и инвентивност и таа искрено не повикува да ја слушнеме и да посветиме внимание на она што не опкружува „ И самата не знаев дека се радувам и на училиштето во есен и тоа до неодамна, само до пред десетина дена, кога… се случи нешто многу необично! Училиштето ни се затвори. А и другите училишта, не само кај нас… Насекаде! Низ целиот свет. Рекоа: смртоносен вирус!



ДОБАР ДЕН, ДОБАР ЧОВЕКУ,
Јас сум едно обично 11-годишно девојче. Се радувам на мали работи, но многу нешта и ме растажуваат. Се радувам на дружење со моите другари и другарки, на сладолед во лето, на скијање во зима, на возење велосипед во пролет и… на училиштето во есен!? И самата не знаев дека се радувам и на училиштето во есен и тоа до неодамна, само до пред десетина дена, кога… се случи нешто многу необично! Училиштето ни се затвори. А и другите училишта, не само кај нас… Насекаде! Низ целиот свет. Рекоа: смртоносен вирус! Ние, децата, останавме во своите домови. Не смееме да излеземе надвор. Не смееме да си поиграме со другарчињата, да ѝ се радуваме на пролетта, на цвеќињата. Светот околу нас сега го гледаме само низ прозорското стакло. Со залепени носиња на прозорците тажно гледаме во расцутените дрвја и со поглед го следиме летот на птиците. Нема детски џагор на улиците. Ах, колку се залажувавме, Добар човеку, дека го познаваме светот во којшто растеме!? И дека тој свет никогаш нема да се промени! А се промени… за еден ден, за миг. И што сега?
Ги сонувам полјаните со разнобојни цвеќиња, кадешто можеш да трчаш сè додека те држат нозете; да се вртиш во круг, да танцуваш со ветрот; да се смееш и да пееш, а песната да одsвонува далеку, далеку… Сега си ги замислувам, Добар човеку, планините и падините покриени со снежна белина. Ние си играме во снегот, а снегулките ни се топат на дланките. Студот ни ги вцрвува образите, но ништо не ни може! Играта и радоста ни се најважни. И, среќни сме! Си ги замислувам бистрите езерски и морски води, брановите и сончевите зраци. А, ние, децата, градиме величествени песочни замоци. И, среќни сме!
Дали мојата фантазија, Добар човеку, е реалност? Или тоа само мојот детски разум си „поигрува“ со мене, затоа што не можам да излезам надвор!? Но, сега, затворена во четири ѕида, се сеќавам и на еден друг, поинаков, а и… погрд свет. Свет на загадени реки, езера, мориња, океани, на тони разнобојна пластика како плови по водните површини. А и на оној, водниот свет, што се бори за свое место во пластичниот отпад и… за спас од рибарските мрежи. Се сеќавам на уништени планини, исечени дрвја, соголени и опожарени падини. Се сеќавам и на обоениот, загаден воздух во зима, оној од кој не можев да дишам со полни гради. Се сеќавам и на мојата жолта маска на лицето. (Разиграните мечиња на неа не можеа да го исчистат воздухот, па затоа и тие беа тажни!) А црните јазици од високите оџаци на блиската централа, се извиваа кон небото како злокобна закана на она што нè чека. Се сеќавам и на ридовите од ѓубре од нечовечка несовесност и на гладните кучиња што бараат остатоци од храна во тој отпад.
Се сеќавам, за жал… На многу нешта се сеќавам. На добри и на лоши.
Но, Добар човеку, зар не е поубав мојот свет, оној којшто си го замислувам? Зашто, не сакам да се сеќавам на она што е лошо! Мојата фантазија зар не може да стане реалност?! Не сакам светот околу нас да остане онаков каков што го оставивме пред десетина дена!? Ние, децата, сакаме разнобојни ливади, чисти потоци, зелени планини, разлетани птици. Сакаме сини езера и разбранувани мориња, сакаме здрав свет. Свет обоен со боите на sуницата, распеан од безброј различни гласови слеани во една совршена мелодија што ја пеат сите заедно: и водите, и птиците, и инсектите, и ветрот, и дождот, и животните, и луѓето.
Поздрав до Тебе, Добар човеку, од едно обично девојче!

Јана Поповска, 6
ООУ „Елпида Караманди“, Битола
ментор. Сузана Петковска

Advertisement

Uncategorized

Чарлс откри каква е улогата на Британија ако Русија ја нападне Европа

Британскиот крал Чарлс истакна дека Велика Британија и Германија се подготвени да ја поддржат Европа во услови на закана од понатамошна руска агресија. Тој го пофали заедничкиот одбранбен договор со Германија, нарекувајќи го „уникатно партнерство во срцето на НАТО“, јави Скај њуз.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој е во тридневна државна посета на Обединетото Кралство, изјави дека двете земји работат рамо до рамо за да ја промовираат безбедноста и стабилноста на Европа, со посебна поддршка за Украина. Ова е прва официјална посета на германски лидер на Велика Британија по 27 години.

За време на престојот, Штајнмаер се сретна со британскиот премиер Кир Стармер на тркалезна маса со бизнис лидери, како дел од проект за електрични возила вреден 20 милиони евра, кој ќе отвори 150 работни места во Нортхемптоншир и Оксфордшир. Во јули, двете земји го потпишаа Договорот од Кенсингтон, со кој се зацврстува соработката во прашања како Украина, миграција, економски раст и трговија.

Посетата вклучи церемонијален воен пречек, возење со кралска кочија и положување цвеќе на гробот на кралицата Елизабета Втора во капелата „Свети Ѓорѓи“, а на банкетот во Виндзор кралот Чарлс се пошегува за нивната заедничка љубов кон фудбалот, додавајќи дека „на крајот, Германците победуваат“.

Continue Reading

Uncategorized

Сите камери за брзина веќе се мапирани од оваа апликација

Додека проектот „Безбеден град“ е во тест-фаза, возачите ширум земјата веќе ја користат апликацијата Waze за да се прилагодат на новите правила и масовното мерење на брзината. Корисниците го прават ова преку дигитално мапирање на речиси сите камери што мерат брзина.

„Waze“ е навигациска апликација која во реално време прикажува сите релевантни информации за патот. Од вчера, речиси целосната мрежа на камери на „Безбеден град“ е веќе внесена од страна на самите корисници.

Апликацијата нуди:

Прецизна мапа на камери за брзина – фиксни, мобилни и новопоставени. Гласовно предупредување при приближување кон камера. Информации за полиција, радари, работи на пат и метеж, внесени од самите возачи. Автоматско пресметување на најбезбедна рута со прикажување на сите критични точки. Можност за пријавување на нови камери од страна на корисниците, со што мрежата постојано се ажурира.

Возачите ја користат апликацијата за да го следат ограничувањето на брзината, да избегнат ненамерни прекршоци и да добијат предупредување неколку стотини метри пред камера. За многумина, Waze стана единствена гаранција дека нема да бидат „изненадени“ од камерите на „Безбеден град“.

Во првите 48 часа од стартот на тест-фазата, бројот на извештаи за камери на Waze драстично порасна, што покажува дека апликацијата е ефикасно решение за безбедно возење.

Објави: Скопје1.мк

Continue Reading

Uncategorized

ВЛЕН: Анкетната комисија мора да ја открие вистината за сите трагични случаи

Коалицијата ВЛЕН целосно го поддржува формирањето на анкетната комисија, нагласувајќи дека со години граѓаните останале без одговори и често биле манипулирани. Според коалицијата, време е оваа пракса конечно да заврши.

Од ВЛЕН посочуваат дека нивниот став отсекогаш бил јасен – потребна е сеопфатна комисија, без селективен пристап и без политички мотиви. Ваква инклузивна комисија, велат од коалицијата, конечно се формира.

Новоформираната комисија ќе ги разгледа сите тешки и чувствителни случаи што со години ја потресуваа државата: трагедиите со „Дурмо Турс“ и „Беса Транс“, пожарот во модуларната болница во Тетово, како и несреќата во Кочани. Само целосен пристап, оценуваат од ВЛЕН, може да ги открие институционалните пропусти што чинеле човечки животи.

Коалицијата очекува комисијата да укаже не само на индивидуалните грешки, туку и на длабоко вкоренетите модели на лошо управување кои овозможиле низа трагедии низ годините. Според ВЛЕН, откривањето на вистината е првиот чекор кон справување со системските слабости и враќање на довербата на граѓаните.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг