Војводата Груев го поминал целиот живот организирајќи го националноослободителното движење, па некои велат дека живееше за да загине за Македонија.
Војводата и учителот од Смилево опеан во народната песна „Низ Петлец идат трима војводи“ починал на денешен ден во борба на врвот Петлец кај беровско Русиново. Се вели дека Даме Груев живеел за умре за Македонија. Возвишуван е како апостол и волја на револуционерна Македонија.
Груев е еден од основачите на ВМРО во Солун во 1893 година, меѓу најистакнатите организатори и раководители.
Роден е на 19 јануари 1871 година. Потекнува од ѕидарско-печалбарско семејство. Се школувал во родното Смилево, Демирхисарско, а потоа во Солунската машка гимназија. Од 1891 до 1893 година бил учител во селото Смилево и во Прилеп.
Од летото 1894 година почнал да ги формира првите револуционерни комитети на македонската револуционерна организација во повеќе градови и села во Македонија. Бил учител во Штип и инспектор во Солунско, а потоа и гимназиски наставник во Битола и раководител на Битолскиот револуционерен округ.
Во август 1900 година бил уапсен и затворен во битолскиот затвор, а од мај 1902 година бил заточен во Подрум Кале, во Мала Азија. Бил претседател на Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ на ТМОРО од 2 до 7 мај 1903 година, на кој бил избран за член на Главниот штаб на востаниците на претстојното Илинденско востание, во кое активно учествувал.
На 2 август било кренато Илинденското востание. Груев го доживеал мигот на историскиот чин, но и ужасите на страдањата на својот народ решен по секоја цена да се бори и да се избори за слобода и за своја држава. По неколкумесечните исцрпувачки борби со огромната, модерно вооружена непријателска армија, Главниот востанички штаб донел одлука за запирање на Востанието со цел народот да се поштеди и да се зачуваат силите и кадрите на движењето.
По Востанието Даме останал во Битолско со народот за да работи на консолидирање на Организацијата. Учествувал на подвижниот Прилепски конгрес (мај 1904), каде се залагал за централизирана Организација како тајна држава во османлиската држава, како подземна Република.
По неуспехот на востанието ја продолжил својата револуционерна дејност. Во 1904 година претседавал на Прилепскиот подвижен конгрес, а извесно време бил и претседател на Окружниот комитет на Скопскиот револуционерен округ и на Рилскиот конгрес, во октомври 1905 година.
Груев одлучил да се врати на теренот во Македонија. Загинал во борбата на врвот Петлец кај Русиново. Населението од Русиново го погребало во дворот на црквата. Потоа неговото тело било пренесно во Смилево.
Во негова чест секоја година на местото на погибијата на Петлец се собираат македонски патриоти да му оддадат почест.