Одличен гест: Срби донираа 35 илјади евра и подигнаа куќа за семејство во прилепско

Сиромаштија, беспарица и беда. Живот кој станува мачно, тешко и неизвесно патување, во кој очајот е секојдневие, а стравот од утрешнината, кошмар. Накратко, тоа е сагата на деветчленото семејство Мајетиќ, од долненското село Секирци, кое со години живее во тешки и субстандардни услови. Немоќта на родителите на петте малолетни деца, како и на старата баба и на чичкото, кој пак, е лице со посебни потреби, за самите да си го подобрат мизерниот живот, ги натерало нивните соселани да побараат помош од хуманитарната организација „Спона“ од Скопје и на овие луѓе да им се изгради комплетно нов дом.

„После успешните акции за санација на куќи на северот од Македонија, во селото Кучевишта, многу ми е мило што го завршивме и првиот посериозен проект од темел за семејството Мајетиќ во селото Секирци, во централна Македонија. Мислам дека ова ќе биде предизвик и за идните, следни акции на новите донатори“, – вели Милутин Станчиќ од Хуманитарната организација „Спона“  од Скопје. 

Носител на овој проект, кој е вреден 35.000 евра е српската Хуманитрана организација „Србите за Србите“, која преку собирање донации ги помага социјално- загрозените многудетни српски семејства низ целиот Балкан.

„Конечно успеавме, еве и во Македонија да спроведеме една таква поголема акција. Ние сме со години активни на овие простори, но ова е првата куќа која ја подигнавме од темел“, – објаснува Стефан Јачменица од Хуманитарната организација „Србите за Србите“ од Србија. 

„Се работи за изградба на куќа на семејството Мајетиќ кое брои 9 члена, од кои пет се малолетни деца. Во прашање е изградба и опремување на куќа од темел. Целиот проект е вреден 35.000 евра“, – посочува Предраг Маринковиќ од ХО „Србите за Србите“.

 „Првата помисла ми беше дека ниедно дете не смее да живее вака, како што живее ова семејство во 21 век. И ете, бев во можност да помогнам колку-толку“, раскажува српската манекенка Неда Стојановиќ, која најголемиот дел од средствата ги обезбедила преку донации од Турција.