Родителите на децата со посебни потреби се херои, секој ден е битка на Весна и Кристијан, Бог само на помош

Барам државата барем за терапија да ми помага. Терапијата на мојот син е многу скапа, а не е преку Фондот. Плаќам се сама. Само најважното го барам – лекарства за детето. Потребен ни е литиум кој извесен период не можеше ни да се најде во Македонија, сега малку набавив, вели Весна.

Од државата нема никаква помош, оставена е сама на себе да се бори за неа и за нејзиното дете. Ниту финансиска ниту институционална помош за Кристијан нема.

За тоа колку оваа мајка е посветен борец говори и фактот што таа работи во Црвениот крст. Ја избрала оваа професија за да им помага на луѓето од ранливите категории, знаејќи колку е тешко да нема кој да ти помогне.

Таа е дете растено во Дом за деца без родители и родителска грижа и нејзина најголема мисија е да му пружи љубов и заштита на синот.

Тешките моменти ги лекува со молитва и верба во Бог.

Само Бог и никој друг на помош. Мојот фокус е детето да ми биде прифатено. Пред се од таткото и неговото семејство, а потоа и од околината. Тоа е наше дете, за мене е благослов да бидам посебна мајка. Мајка на дете со посебни потреби е посебна мајка. Бог не ни дава терет кој што не можеме да го носиме, вели Весна.

Секој ден за Весна и Кристијан е нова битка. Битка од која излегуваат како победници бидејќи љубовта им дава најголема сила.

А љубов е тоа што оваа мајка најмногу посакува за својот син. И Кристијан пати единствено по љубов.  Весна вели дека посакува љубов и грижа, синот да има од својот татко. Дури бара и институциите ако треба да поработат со другиот родител за прифаќање на ова дете.

Кристијан посетува психолог и невропсихијатар, оди на обуки за млади во Детско село. Секој ден за него е нов предизвик, секој предизвик е нова планина.

Државата мора да застане и да им го чува грбот на овие деца, децата како Кристијан!

Целосното интервју за животната приказна на Весна и Кристијан можете да ја прочитате ТУКА.