Connect with us

Инфо +

Од султанот во 1903-та до неодамна, никој друг не го забранил називот „Македонија“

Според мое мислење, Македонија, во последните неколку години постепено, за да конечно во 2020-та стане центар на регионалната дестабилизација. Тоа се случи, во голема мера, поради внатрешните политички превирања, отсуството на владеење на правото, неспособноста и ароганцијата на домашните политички елити, изразената корупција, криминалот и алчноста, но делумно и поради сличните појави и однесувања во дел од ЕУ-државите. Резултатите од дестабилизацијата се веќе видливи во Македонија катадневно, на пример во, благо речено, дивеењата што се случуваат во повеќе институции и на повеќе нивоа. Тие што тоа не го гледаат, всушност, од ним (не)познати интереси, не сакаат да го видат – порача претседателот на МАНУ,Љупчо Коцарев, на годишното собрание на Академијата.

Пренесуваме извадок од говорот на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев.

„Што треба да направи МАНУ?

Од временска дистанца од две години од потпишувањето на Спогодбата од Преспа, промената на Уставот и имплементацијата на Спогодбата, постои потреба да се разгледаат ефектите низ неколку аспекти: покрај геополитичкиот (глобален и регионален) аспект, треба да се земе предвид и аспектот на европската интеграција, но и внатрешните аспекти на (не)владеење на правото, демократските принципи, отчетноста и легитимитетот, вклучувајќи го и влијанието врз интра- и интеретничките односи во земјата. МАНУ треба да создаде форум за отворена академска дебата на која ќе се слушнат различни мислења, а ниту една тема, па ни Преспанската спогодба, не смее да се третира како табу-тема.

Нема потреба од идеализираниот пристап според кој спогодбите се исклучиво штетни/корисни. Спогодбите не се запишани во камен, а нивната вредност се мери само преку тоа колку даваат одговор на предизвиците и потребите на општеството. Се разбира, МАНУ треба да направи детална анализа на одредбите од договорите со Бугарија и со Грција, со посебен осврт на инхерентната поврзаност на спогодбите, кои веќе создаваат синергија која не беше предвидена или беше превидена во времето кога се потпишуваа двата договори.

Како понатаму?

Ќе понудам само една размисла. Според многу истражувања, моралните избори се возможни, „но луѓето се наклонети да ги поддржуваат професионалните“ и (не)етичките „кодови на апстрактната државна машинерија“. Така, на пример, одбивањето да се учествува во геноцидот над Евреите не било казнуван со смрт ниту со каква било неправда. Или, во некои држави, оние што одбиле да соработуваат со тајните служби на комунизмот не претрпеле никаква лична штета. Моралните избори треба да се однесуваат не само на поединци туку и на институции, вклучувајќи држави.

Кои се нашите морални избори? За моралниот избор на секој поединец, граѓанин, академик, оставам тој сам да реши. Моралниот избор на МАНУ е преточен во многу документи на МАНУ, за 2020 година, тоа се, на пример, Промеморијата за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ и ставовите на МАНУ во врска со реформите во образованието. Моралниот избор на државата Македонија е јасен: за државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава. Ваквиот избор нема да имплицира неправда кон државата Македонија ниту нанесување каква било штета, напротив, тој ќе значи поголемо почитување од другите држави. За нас, Македонците, ваквиот пристап ќе значи само спокој и достоинство.

Едмон Бушие де Бел, кој заземал висока функција во главниот штаб на Источната армија, во Солун, и загинал во 1917 г., во завршните битки во Македонија, ќе ја напише книгата “Македонија и Македонците” (објавена постхумно во Париз и наградена од Француската академија), во која со автентични сведоштва пишува дека „Македонците имаат свој говор, кој не е ни српски ни бугарски“, тврдејќи во книгата „дека би се направила огромна грешка ако на Македонците се гледа како на етничка материја што може да се меси и дотерува по волја“. Неверојатно, сто години подоцна, ние дозволивме, преку договорите со Грција и со Бугарија, на нас да „се гледа како на етничка материја што може да се меси и дотерува по волја“.

(…)

Овој текст ќе го завршам со три пораки.

Прво. Македонија ќе мора да знае „што и каде понатаму“, дури и ако другата страна, тука пред сѐ мислам на ЕУ, нема намери да нѐ прими во своите редови. Ми се чинат неприфатливи изјавите, најмногу на политичарите, од типот „никогаш“ и „нема алтернатива“. Синтагмата „ЕУ е единствена алтернатива“ е сосема погрешна – многу е подобро да зборуваме, на пример, дека ЕУ е најдобрата од повеќето алтернативи. Или, слично. Вака, ако ЕУ од повеќе причини го стопира целосно процесот на проширување или го одложи за подолг период, што ќе значи тоа за Македонија? Со други зборови, ја поддржувам политиката дека европскиот пат е приоритетен, но не и единствен пат за Македонија.

Второ. Македонското име, јазик, култура, идентитет, историја, национална свест и самобитност се суверено, нераскинливо и неотуѓиво универзално право на македонскиот народ. Парадоксално и жално, некои од овие права ги загубивме во потрагата по античкото минато, додека се чини дека сите тие права ќе ги загубиме, наскоро, во името на европската иднина. Се плашам дека, како и многупати досега, она што сега се прави, за потребите на македонскиот внатрешнополитички амбиент, е наоѓање рамка што ќе создаде привид дека македонскиот идентитет и јазик не се загрозени, засегнати. Затоа, повикувам 2021 да биде година во која еднаш засекогаш ќе се договориме, со акламација, и тоа е услов за влез во ЕУ, дека македонското име, јазик, идентитет, историја имаат повеќевековна традиција во и надвор од границите на денешна Македонија.

Трето. Мене ми се познати само два државни документи со кои се забранува употребата на терминот Македонија. Првиот документ, од 25 март 1903 година, е наредбата на султанот Абдул Хамид II со која се забранува употреба на називот „Македонија“. Повеќе американски весници, тогаш, коментирајќи го спроведувањето на наредбата, пишуваат за цензурирањето на Библијата. Така, на пример, весникот „The Times Dispatch“ од 5 јули 1903 година, на страница 3, пишува: „Американската библиска издавачка куќа, задолжена за печатење на светата книга, официјално беше спречена од турскиот цензор, кој го забрани зборот ’Македонија’ во посланијата на апостолот Павле и инсистира истиот тој да биде заменет со ’Вилаетите Солун и Монастир’ за да дозволи да се печати Библијата“. За вториот документ нема да проговорам тука. Меѓутоа, впечаток е дека состојбата, во која се наоѓаат денес многу институции и граѓани на Македонија, поради користењето на името Македонија и придавките што произлегуваат од тоа име, е грда, непријатна, одвратна, застрашувачка. Што ни останува нам? Се надевам дека нема да дозволиме, во 21 век, Библијата да биде цензурирана.

Балкан

Албанија го враќа TikTok: Рама најави укинување на забраната

Претседателот на албанската влада, Еди Рама, најави дека ќе биде укината забраната за социјалната мрежа TikTok која претходно беше воведена во земјата.

Одлуката за укинување на забраната, според Рама, доаѓа по интензивни консултации и анализа на влијанието на платформата врз граѓаните и дигиталната комуникација.


Рама истакна дека владата ја преиспитува одлуката поради реакции од јавноста и бизнис-заедницата, кои укажале на значајната улога на TikTok како алатка за информирање, образование и промоција на локалните креатори. Тој додаде дека социјалната мрежа игра важна улога во дигиталната економија и комуникациските текови кај младите, што било еден од клучните аргументи во промената на курсот.


Според најавите, укинувањето на забраната ќе овозможи слободен пристап до апликацијата со почитување на законските и безбедносните регулативи, кои ќе бидат дополнително дефинирани во соработка со надлежните институции и технолошки експерти.

Владата, како што посочи Рама, ќе работи на рамка за заштита на приватноста и безбедноста на корисниците, со цел да се овозможи одржливо користење на платформата.
Одлуката доаѓа во време кога многу земји ширум светот ја преиспитуваат регулацијата на социјалните мрежи поради загриженост за безбедноста на податоците и влијанието врз младите.

Рама нагласи дека Албанија ќе продолжи да ги следи најдобрите меѓународни практики и стандарди во уредувањето на дигиталните платформи.
Во однос на времето кога ќе стапи на сила укинувањето на забраната, премиерот најави дека деталите и новите регулативи ќе бидат објавени во наредните недели, откако ќе завршат консултациите со експертските тела и технолошките компании.

Continue Reading

Македонија

КОЛАПС НА УНГАРСКО-АВСТРИСКАТА ГРАНИЦА: 33 автобуси со македонски патници вратени назад

На унгарско-австриската граница настанаа големи застои, поради што 33 автобуси полни со патници од Северна Македонија останаа заглавени во долги колони и беа принудени да се вратат назад кон државата, јавуваат очевидци и патници.


Причината за блокадата, според информации од терен, е зголемениот сообраќаен притисок и редици на камиони и други возила на граничниот премин, што предизвика застој во сообраќајот на влезот кон Унгарија.

Патниците што патувале со автобусите се најдоа во тешка ситуација со долг период на чекање, поради што некои компании донеле одлука да се вратат кон Македонија без да го поминат преминот.
Патниците што беа сопрените на границата изразија незадоволство поради долгото чекање и отсуството на информација за тоа колку ќе трае застојот. Според нив, околу ситуацијата владеело големо нередење и недоволна координација, што дополнително ја компликуваше нивната патна рута.


Автобусите што се враќаа кон Македонија ги носеа патници кои патувале за зимски одмор и други сезонски дестинации во Европа, а многумина беа принудени да ги откажат или сменат нивните планови поради неможност да ја продолжат патеката преку Унгарија.


Од надлежните институции за транспорт и граѓани кои патуваат преку границите се очекува дополнителна информација и можни препораки како да се избегнуваат слични ситуации, особено во периоди со интензивен меѓународен сообраќај.
Во меѓувреме, патниците се повикуваат да ги следат објавите на одговорните служби за состојбата на граничните премини и да имаат предвид дека зимските месеци често носат зголемен број на патувања и сообраќајни застои на главните трансферни точки.

Continue Reading

Свет

Прекинот на струја во Сан Франциско ги блокираше автономните возила кои застанаа среде улица

Прекинот на електричната енергија во делови од Сан Франциско предизвика неочекуван хаос во сообраќајот, откако сите автономни возила целосно запреа таму каде што се наоѓаа, покажува видео што брзо се прошири на социјалните мрежи.


На снимката се гледа како самоуправувачките автомобили остануваат неподвижни на крстосници и коловози, додека пешаците и другите возачи се обидуваат да се снајдат во услови на зголемена конфузија.

Според објавата, возилата не можеле да продолжат со движење, ниту да реагираат на сообраќајната ситуација, поради губење на врска со инфраструктурата неопходна за нивното функционирање.


Експерти за автономни системи објаснуваат дека ваквите возила, иако имаат сопствени батерии, зависат од надворешна комуникација, мрежи и сообраќајни сигнали, како и од сервери за навигација и контрола. Кога тие системи се недостапни поради прекин на струја или комуникации, безбедносниот протокол налага возилото автоматски да застане.


Настанот повторно ја отвори дебатата за ранливоста на автономниот транспорт, особено во ситуации на инфраструктурни дефекти, природни непогоди или сајбер-инциденти.

Дел од јавноста и аналитичарите поставуваат прашања за подготвеноста на градовите целосно да се потпрат на ваква технологија без резервни сценарија.
Надлежните служби во Сан Франциско засега не објавија детали за времетраењето и причината за прекинот на струјата, но потврдија дека ситуацијата е стабилизирана и дека сообраќајот постепено се нормализирал откако електричната енергија била повторно воспоставена.


Видеото од настанот предизвика илјадници реакции, при што многумина коментираат дека случката е јасен потсетник дека технологијата сè уште не е целосно независна од основната инфраструктура.

Видеото може да го погледнете тука

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг