Таму kаде cе гледа Бoг (втор дел)

Некои луѓе си поставуваат прашање, дали е неопходно да одам во храм, на Света Литургија, да учествувам во Таинствата, за да влезам во личносен однос со Бога, да ја стекнам таа љубовна врска за која говорам. Тие мислат дека е доволно да се помолат дома или да отидат во некој храм надвор од градот и таму да влезат во комуникација со Божјата љубов, наместо да станат рано наутро и да отидат на Литургија.

Вистина е, човек може да го одржува својот организам јадејќи само зеленчук, но ако до него има нешто покалорично и тој го изеде тоа, ќе внесе во себе повеќе полезни животни состојки. Несомнено, ќелијата и параклисот се нешто многу вредно, но искуството на Црквата кажува дека пред тоа треба да се стекне опит во комуникација со луѓето. Комуникацијата со луѓето има два аспекта. Едниот е општењето на љубовта, а другиот – општењето на верата.

Општењето на љубовта значи да чувствуваме дека другиот е мој брат, дека е Божјо дете, дека е дел од мене, дека заедно со него можам да ја споделам својата радост и својата тага.

А општењето на верата е да можеш да ја споделиш со другите верата во Бога. Одам на богослужби затоа што чувствувам потреба да бидеме сите заедно. Тоа заедничарење, чувството за еднодушност, за заедничка молитва, за заедничко трагање, нѐ чува од заблуди. Зашто јас можам да се вообразам дека имам врска со Бога, а да сум на погрешен пат, додека, пак, во Црквата одам по нејзиниот сигурен пат. И второ, заедничкото богослужение ја зголемува силата на комуникацијата со Бога.

Едно е да стојам пред Бога сам со тоа што го имам, а друго е вие да сте близу до мене и да се радувате на Божјата благодат врз вас и на вашата вера, од која јас, исто, имам потреба. И така, сите сме заедно – може да е бучно, но кога покажуваме љубов заради ближниот, кој, на пример, кашла, тоа е комуникација со него којашто помага и во општењето со Бога. Така нѐ учи искуството на Црквата. Следствено, живеењето на богослужението како заедничко стоење пред Бога со ближниот е сигурната храна од која имаме потреба.

Митрополит Николај Месогејски – Бигорски Манастир