Лазаров: Ќе пробаме да одиграме меч за душа, за Велигден

Македонија со обезбеден пласман, на коло пред крајот на квалификациите се подготвува за последниот предизвик во овој циклус, а тоа е дуелот со Швајцарија на домашен терен, закажан за во недела во 18:00 часот во Скопје. 


Македонскиот тим се комплетираше по победата над Финска и се спрема за овој меч, на кој ќе настапи без Дејан Манасков кој, пак, заработи ситна повреда на мечот во Рихимаки, па сега со оглед на тоа дека нема резултатско значење, Лазаров нема да го става во позиција да ризикува да ја влоши состојбата.

„Атмосферата е одлична, на сите ќе им значи доколку победиме. Им напоменав на момците дека Швајцарија е екстра квалитетна репрезентација, на последното СП им направи големи проблеми на сите селекции. Не е истата репрезентација која што ја победивме во октомври пред СП, имаат многу промени, во составот, тактички и стратегии.


Тешко е да се подготвиш за еден противник како што е Швајцарија, но ние имаме доволно време, исто еден голем предизвик за нас како стручен штаб е да се подготвуваме за репрезентации како што е токму оваа. Останува уште ден и пол, максимално ќе се подготвивме. Ќе пробаме да одиграме квалитетен меч за душа, за Велигден, победничките да го завршиме овој циклус“, рече нашиот најдобар ракометар.