Connect with us

Инфо +

Ден на трудот! Обесправеност на работниците и експлоатација, над 43 илјади лица без работа, 67 илјади под минимална плата

Published

on

Првомајски проглас: Заеднички во борба за работничките права!

Најголемиот товар на кризата предизвикана од прогласената пандемија на COVID-19, повторно падна на грбот на сиромашните, додека богатите продолжија да се богатат од трудот и маката на работничките и работниците. Помина повеќе од една година од пандемијата, а работничките и работниците, сиромашните, младите, жените и сите послаби општествени групи се оние што најмногу страдаа и ќе продолжат да страдаат. На глобално ниво, 100 милиони луѓе западнаа во тешка сиромаштија, а сите работници заедно изгубија околу 3.700 милијарди долари, односно 8.4% од нивниот доход, исто онолку за колку што се зголеми богатството на светските милијардери. Во Македонија, десетици илјади лица останаа без работа за време на кризата. Многу повеќе останаа без примања, додека богатите го дуплираа својот капитал, заштитени од мерките што државата ги донесе за да им помогне на фирмите.

  • Минималната плата се зголеми за само 200 денари, иако најпогодени од кризата се токму работничките и работниците што работат за минималец. Наспроти тоа, Владата им даде 800 милиони евра на фирмите за справување со кризата и покрај тоа што тие грубо ја злоупотребуваат оваа државна финсиска помош. 20.000 работодавачи ја злоупотребија државната финансиска помош и не им ги исплаќаа платите или им исплаќаа плата под минималната на 67.000 работници. Коморите и организацијата на работодавачите беа задоволни од тоа што нивните барања биле прифатени од Владата при носење на економските мерки. За разлика од тоа, барањата на работниците пренесени преку нивните претставници не беа земени предвид17.000 работници не ја добија заработената плата за три месеци поради тоа што пратениците сметаа дека „работниците можат да истраат уште еден месец без плати“. Опозицијата со недели го блокираше петтиот пакет економски мерки, отворено покажувајќи дека не се грижи за работниците и сиромашните.

Според податоците на Агенцијата за вработување, 43.086 лица останале без работа по започнувањето на кризата во март 2020 година. Најновото истражување на Здружението за истражување и анализи покажува дека во 2020 година вкупно 6783 текстилни работнички и работници останале невработени. За споредба, во 2019 година овој број изнесува 2971. Петте општини со највисок пораст на невработеноста се: Штип, Тетово, Скопје, Прилеп и Куманово. Овие пет општини се всушност едни од општините каде што текстилната индустрија е најразвиена и има најмногу активни субјекти во овој сектор. 6000 текстилни работнички се испратени на „принуден одмор“, поради тоа што работодавачите ја чекаа државната финансиска помош, земајќи плата под минималната за овој период.

Работодавачите целосно ги занемарија прописите за заштита и безбедност при работа, што се покажа кобно за работничките и работниците, особено во текстилната индустрија создавајќи т.н. „текстилни кластери“, што резултираше со голем број заболени работнички и затворање на фабриките. Грубото и отворено непочитување на мерките и препораките за превенција и заштита од коронавирусот ги изложи работничките на сериозен ризик по своето здравје и живот.

Работниците со договори на дело, односно, прекарните работници – хонорарците, фриленсерите и слично, останаа надвор од заштитата на Законот за работните односи и без здравствено осигурување за време на најголемата здравствена кризаРаботниците со договори за вработување на определено време се во постојана неизвесност, затоа што во секој момент работодавачите можат да одлучат дека веќе немаат потреба од нив и да ги остават без работа.

Недела е ден на неделен одмор за сите, но не и за работничките и работниците во државава. Надлежните власти ги ставија профитот и конзумеристичката култура пред принципите на правичност, безбедност и почитување на човековото достоинство на работникот, занемарувајќи ја потребата за неделен одмор на сите работници како дел од поширокиот концепт на достоинствена работа. Измените на ЗРО што предвидуваат дека недела е неработен ден и е ден на неделен одмор, со исклучоци во одредени дејности, ќе се применуваат дури од 2022 година.

Лани ова време предупредувавме дека власта не смее да ги запостави работниците, сиромашните и обесправените, и дека сите економско-социјални политики мора да се носат во договор со синдикатите и здруженијата за заштита на работничките права, но една година подоцна гледаме дека работите се само полоши. Поради тоа, повторно бараме:

  1. Итно носење на новиот Закон за работните односи што ќе ги рефлектира потребите на работниците наметнати од кризата и ќе ги штити нивните права и интереси.
  2. Покачување на минималната плата, имајќи предвид дека потрошувачката кошница постојано се зголемува, односно, трошоците за задоволување на основните егзистенцијални потреби како исхрана, облека и средства за заштита од вирусот постојано растат.
  3. Измени и дополнување на Правилникот за професионални болести со цел болеста предизвикана од Ковид-19 да се предвиди како „повреда на работа“ за сите работници и соодветно на тоа, надоместокот на плата ќе се исплаќа во висина од 100% од основицата, додека трае спреченоста за работа.
  4. Правилникот за професионални болести да се измени и во однос на изолираноста заради спречување на зараза, со што висината на надоместокот на платата за привремена спреченост од работа да се исплаќа во полн износ за оние лица за кои Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) издал решение за самоизолација заради спречување на ширење на заразната болест Ковид-19. По контакт со заболено лице од коронавирусот, отсуството пред работодавачите може да се оправда со решение и истото се доставува до работодавачот за регулирање на привремена спреченост од работа.
  5. Да се овозможи паричен надоместок за невработени да можат да користат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината, за да се заштитат работниците кои останаа без работа на овој начин во кризава. Периодот за кој се исплаќа надоместокот треба да биде врзан со стажот на работникот.
  6. Забрана за доделување финансиска поддршка на фирми што ја злоупотребиле државната помош и не им исплаќале плати на работниците или пак, им исплаќале плата под минималната.
  7. Државната финансиска помош да се исплаќа директно на сметките на работничките и работниците, затоа што само на овој начин може да се избегнат грубите злоупотреби, а работниците навремено ќе ја добиваат заработената плата.
  8. Да се обезбеди заштита на прекарните работнички и работници, како што се хонорарците, фриленсерите и други, кои се најнесигурната категорија и немаат никакво социјално и здравствено осигурување. Оваа категорија работници да биде опфатена со економските мерки за државна финансиска помош.
  9. Мораториум на наплата на ратите кон банките и долгови кон извршители за времетраењето на кризата. Дополнително, да се забрани пресметување камати од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите за истиот период, односно, да се спречи претходно наведените субјекти да профитираат во оваа криза на грбот на сиромашните.
  10. Државните служби (ДИТ, АВРМ, УЈП)  брзо и ефикасно да реагираат за да се спречат злоупотребите и грубото кршење на работничките права.  Државните служби да ја користат можноста да иницираат постапки по службена должност кај работодавачите за кои има сознанија дека постапуваат спротивно на закон. Дополнително, државните служби да ја користат можноста за повикување на кривична одговорност на работодавачите.
  11. Задолжително консултирање со синдикатите и здруженијата на граѓан(к)и што се залагаат за работниците и за работничките права при подготовката на мерки кои се поврзани со нив и ниедна ваква одлука да не помине без нивна согласност.

Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)

Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС)

Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ)

Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)

Независен академски синдикат (НАкС)

Левичарско движење „Солидарност“

Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“

Хелсиншки комитет за човекови права

Македонија

Ќе ве расплаче! Објавена “Кажу да време лечи све” – гласот на нашиот ангел изваден со посебна технологија (ВИДЕО)

Published

on

„Кажу да време, време лечи све, ал шта ми врeди вечност без тебе”… се стиховите од рефренот на последната отпеана песна, која се чинеше никогаш нема да го здогледа светлото на денот.

Имено, со помош на новата АИ технологија е изваден вокалот и пијаното за од демо да се направи студиска снимка, која денес доживеа свое издание.

Песната е оставена како аманет на еден од ретките вистински пријатели кој што Тоше ги имаше во неговиот живот- нашиот познат радио водител, диџеј и продуцент Кирил Зарлинов попознат како Ерик Фокс, кој одлучи оваа демо снимка комплетно аранжмански да ја заврши и да ја даде како подарок од Тоше за сите негови обожаватели по повод неговиот роденден, се со цел неговиот лик и дело никогаш да не бидат заборавени.

Автор на музиката и текстот е Зоран Ѓорѓевиќ, а аражманот и продукцијата се на Кирил Зарлинов (диџеј Ерик Фокс).

Миксот и мастерингот се на нашиот познат микс инженер, кој долги години живее и работи во САД Костадин Камчев – „Студио Моцарт“ од Њу Џерси, кој има три номинации на музичките ГРЕМИ награди за најдобар микс инженер.

https://youtu.be/mpizP1g2dBo

Continue Reading

Македонија

Денеска ќе наполнеше 43 години: На денешен ден е роден Тоше Проески

Published

on

Во Прилеп на денешен ден е роден Тоше Проески.

Музичката кариера ја започна со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отворија песните „Усни на усни“, „Сонце во твоите руси коси“, „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14-то место со песната „Ангел си ти (Life)“.

Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „За овој свет“. Со песната „Чија си“ во 2003 година Тоше победи на белградскиот музички фестивал „Беовизија“ со што дефинитивно прерасна во најголема регионална музичка ѕвезда на некогашните ЈУ простори.

Тој ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004) „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005) „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“ – хрватска верзија (2007).

Сингловите од албумот „По тебе“ по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.

Неговото издание „Божилак“ е компилација од преработки на 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година.

Речиси секоја негова песна беше хит како што се: „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце није камен“, „Кој ли ти гризе образи“.

Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера за своја промоција во светски рамки.

Последниот концерт во Македонија го одржа на 5 октомври на Градскиот стадион ( Арената Филип Втори) во Скопје. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава.

Постхумно државата Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин.

Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Владата на Република Македонија во негова чест во неговото родно Крушево изгради мавзолеј – Спомен куќата на Тоше, каде низ музејска поставка од восочни фигури со неговиот лик во природна големина, лични предмети, музички инструменти, фотографии, видеа, сувенири… е прикажан целиот негов живот и музичкиот опус во кусата, но пребогата кариера

Continue Reading

Македонија

НОЌТА ПРЕД ВОДИЦИ Е НАЈМОЌНАТА НОЌ ВО ГОДИНАТА

Published

on

Големиот христијански празник – Водици, се слави на 19 јануари, со традиционално фрлање за Светиот крст.

На овој ден се слави споменот на Христовото крштевање на реката Јордан и Божјиот изглед во форма на гулаб и глас: „Ова е мојот Син и Него послушнете го“.

На Богојавление, 19 јануари, завршуваат некрстените денови. На овој ден се осветува вода во сите цркви и храмови. Тоа е свечен обред на кој, скоро редовно, присуствуваат многу луѓе, кои носат осветена вода во своите домови, бидејќи оваа Света вода – Богојавленска, се чува во секој дом во текот на целата година како големо светилиште, и се користи само при голема потреба (болест, вознемирување од зли духови).

Богојавление е еден од најголемите христијански празници и соодветно на тоа, се развиле многу народни обичаи поврзани со самиот ден, како и ноќта пред Богојавление.

1. Отворање на небото

Ова е најпознатиот обичај поврзан со Богојавленската ноќ. Имено, се верува дека еден ден пред Богојавление, точно на полноќ, се отвораат небесата. По тој повод, треба да се погледне во небото и да се замислат желби за кои се верува дека сигурно ќе се остварат.

2. Огледала под перницата

Вообичаено е невенчаните девојки да ставаат огледала под перниците ноќта пред Богојавление, бидејќи се верува дека така ќе го сонуваат младичот со кој ќе стапат во брак.

3. Вода од извор

Во некои делови, вообичаено е младите девојки да одат на недопрен извор на вода утрото на Богојавление, да фрлат неколку зрна пченица или некои други житни култури во неа и да кажат: „Како што поминува водата, така ќе се бере и жетвата на нашите полиња“. Потоа ја полнат водата и ја носат до своето домаќинство. На некои места, сè уште е зачуван обичајот на семејството да пие малку од таа вода преку секира, бидејќи се верува дека на тој начин ќе се избегнат расправии меѓу нив.

4. Предвидување на времето

Обичај е некаде постарите жени да ги земаат предвид временските услови на Богојавление и со тоа да предвидат каква ќе биде годината. Ако, на пример, има мраз и снег на тој ден, се верува дека годината ќе биде плодна, а ведро време најавува сува година.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк