Uncategorized
Свети Рамноапостолни Кирил и Методиј основоположници на словенската писменост и литература
Published
4 years agoon
By
Уредник
Големите македонски и сесловенски просветители Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, тие имаат и заеднички празник на 24/11 мај. Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.
Именден празнуваат: Кирил, Киро, Методиј, Мето… нека им е честит на сите што го слават!
Во почетокот Црквата одделно го празнувала споменот на двајцата браќа, на деновите на нивното упокојување Кирил на 27/14 фев. и на св. Методиј на 19/6 април. Но подоцна се јавила потреба за нивен заеднички празник, едно затоа што тие се родени браќа и друго затоа што заедно извршувале иста дејност. Најпрвин заедничкото празнување било на денот на упокојувањето на св. Методиј, како што е запишано во Станиславовиот пролог: „И се празнува нивниот спомен на 6 април и црквите многу празнуваат во нивниот спомен“. Но поради тоа што овој датум се паѓа во строгите велигденски пости кога црквата забранува свечено празнување, се нашло за попогодно ова празнување да биде пренесено на 11 мај (с.с.). При празнувањето на илјадагодишнината од Моравската мисија во 1863 година, Светиот серуски синод донел одлука, почнувајќи од таа година 11 мај (с.с.) да се празнува како црковен празник на преподобните Кирил и Методиј. Потоа ова празнување било прифатено од сите словенски народи.Родени се во Солун во семејство на висок византиски службеник. Татко им Лев бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија.
Најстариот од седумте деца, Методиј е роден околу 815 година, а Константин бил седмо дете и е роден во 826/27 година.За постариот брат Методиј многу малку се знае. Не се знае дури ниту неговото крстено име, а името Методиј е добиено во монаштво. Се знае дека завршил највисоки школи во Константинопол, дека во младоста ја избрал воената служба и десетина години бил управител на Словенско кнежевство во Македонија што било под власта на византискиот император и дека таму го напишал делото „Закон судниј људем“ („Закон за судење на луѓето„). Но ја напуштил оваа служба и заминал во манастирот на планината Олимп (Мала Азија) каде што се закалуѓерил. Подоцна во овој манастир дошол и неговиот помал брат Константин со кого заедно учествувале во две значајни мисии: Хазарската и Моравската. Константин, пак, уште како дете го учел напамет познатиот христијански беседник Григориј Богослов, се истакнувал во учењето поради што бил забележан од царските советници, кои му овозможиле да се школува во познатата Магнаурска школа во Цариград којашто имала ранг на денешен универзитет. Тука се афирмирал како извонреден мислител, богослов и апологет на христијанството. Во житијата се вели дека граматиката ја изучил за три месеци, дека го учел Хомер (Илијадата и Одисејата), дека кај Лава и Фотија ги учел дијалектиката, сите филозофски науки, потоа реториката, артиметиката, астрономијата, книжевноста, сите елински уметности итн. По завршувањето на школата работел како библиотекар во познатата Патријаршиска библиотека во Цариград, од каде што заминал во еден манастир на Босфор. По престојот во манастирот бил поканет за професор на Магнаурската школа каде што станал познат професор по филозофија, поради што го добил прекарот Филозоф. Бидејќи се истакнал со познавање на црковните но и на световните прашања на 24 годишна возраст од страна на византискиот двор бил испратен во Арапската мисија кај Сарацените, којашто имала државно-политички и религиозен карактер. Со Сарацените водел полемики по повеќе верски прашања, а се запознал и со нивниот живот и обичаите.
Во 858-859 година Кирил, Методиј и повеќе други пратеници од Византија престојувале во Мисија кај Хазарите каде што требало да решат повеќе важни политички и верски прашања. Овде ги нашле и моштите на папата Климент I, кој уживал голема почит кај Римјаните, а Кирил напишал и пофално слово за Климент и химна за него. По успешното завршување на оваа мисија, Методиј повторно заминал во својот манастир на Олимп, а Кирил во некој манастир во Цариград. За време на овој престој во Цариград тој се прославил со дешифрирањето на еден запис од чашата на еврејскиот цар Соломон која се чувала во црквата „Света Софија“ во Цариград.
Сепак, за двајцата браќа најважна е Моравската мисија, којашто е важна и за иднината на сите Словени. Иницијатива за оваа мисија дал моравскиот кнез Ростислав кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземал мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Имено, замолил да му испратат луѓе кои Божјото слово ќе го проповедаат на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим.
Но и Византија имала свој интерес па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. А тие мисионери биле Кирил и Методиј. Но тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.
Во Моравија Кирил и Методиј биле пречекани со воодушевување од страна на кнезот Ростислав, но и со жесток отпор од страна на германските свештеници. Тие ги обвинувале солунските браќа затоа што службата ја изведувале на словенски јазик, тврдејќи дека Божјото слово треба да се проповеда само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот.Поради ваквите пречки во работата двајцата браќа тргнале за Рим со намера, лично поред папата, да ја образложат својата дејност и да ги оспорат многуте клевети. На пат за Рим минале низ Панонија каде што кнезот Коцел бил одушевен од нивната служба и посакал и во неговото кнежевство службата да се изведува на разбирлив словенски јазик. Потоа стигнале во Венеција каде што Кирил имал остра полемика во одбрана на правото сите народи, па и Словените, на свој јазик да ја изведуваат богослужбата. „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А Сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво? Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“ ‒ им рекол Кирил и додал дека и Персијанците, Ерменците, Арабјаните, Хазарите и други народи словото Божјо го проповедаат на свој јазик и дека е незамисливо дури и апсурдно тоа да се прави на јазик неразбирлив за верниците.
Во Рим браќата биле пречекани со голема свеченост, уште повеќе што со себе ги носеле моштите на папата Климент I, коишто св. Кирил ги нашол за време на Хазарската мисија. Во Рим во тоа време сè уште бил жив култот кон папата свети Климент I, кој маченички го завршил животот, поради што враќањето на неговите мошти во светиот град претставувало голем настан, а браќата биле почестени со големо внимание.Папата, тргнувајќи од некои интереси на папската столица, дозволил во неколку цркви во Рим да се изврши богослужба на словенски јазик, со што го признал овој јазик за службен во црквата. Тој ги зел во заштита словенските книги, Методиј го произвел во свештеник, Константин во повисок калуѓерски ред (со што го добил името Кирил), повеќе ученици добиле свештенички звања, а Климент и Наум станале презвитери.По големите напори Кирил починал во Рим на 27/14 февруари 869 година на голема жалост на брат му Методиј и неговите ученици. Тука бил и погребан, така што и денес неговите мошти почиваат во Рим во црквата „Свети Климент“.
Оттука св. Методиј со своите ученици се вратил во Моравија, одел и во Панонија кај кнезот Коцел, но непријатностите не престанале. Две и пол години минал во затвор, а по ослободувањето (по директна интервенција на папата), морал постојано да оди во Рим и Цариград да се правда од клеветите и да реферира за постигнатите резултати. Чувствувајќи го својот крај во 884 година зел двајца свои ученици-брзописци и за шест месеци ја превел целата Библија на словенски јазик. Починал на 19/6 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград.По смртта на Методиј неговите ученици останале без заштита. Германските свештеници со нив жестоко се пресметале. На Горазд му се губи трагата, некои од учениците биле продадени како робови, други протерани преку Дунав, на југ. Меѓу овие биле и светите Климент и Наум кои делото на своите учители со голема страст и знаење го продолжиле на брегот на Охридското Езеро во древниот град Охрид.Грчката црква не го празнувала споменот на светите Кирил и Методиј. Словенските цркви, пак, споменот на смрта на св. Методиј го одбележувале на 6 април (с.с.) набргу по неговата смрт. Сведоштво за тоа е и „Асемановото евангелие“ (10-11 век) во кое датумот 6 април е забележан како „спомен на смртта на преподобниот наш отец Методиј, архиепископ на горна Моравија, брат на преподобниот Кирил Филозоф.“
Долго време споменот на св. Кирил Филозоф се одбележувал на 14 февруари (с.с.), а на 6 април (с.с.) се одбележувал заедничкиот спомен на двајцата браќа. Бидејќи овој празник е во велигденските пости кога не е дозволено повесело празнување потребен бил нов датум за таа цел. Со указ на светиот Синод на Руската црква, по повод 1000 годишнината од првото осветување на словенскиот јазик, во 1863 година решено е секоја година на 11 мај (с.с.) да се слави празникот на преподобните Кирил и Методиј, со ноќно бдение, со литургија и молебен и со служба која за таа цел била напишана истата година.Светите браќа Кирил и Методиј од страна на Светата црква се прогласени за рамноапостолни поради нивните заслуги за афирмацијата на христијанската вера. „Најголема пофалба за нив, ‒ пишува Григор Прличев во Словото за св. Кирила и Методија, ‒ е оти папата, денешниот папа римски, оценувајќи ги нивните маки и трудови, оценувајќи ја величината на нивните дела, ги нарече рамноапостоли и издаде заповед, писмена заповед, строга повела по сето свое паство да го празнуваат сите денот на св. Кирил и Методија.“
Коментирајќи ја ваквата одлука на папата и на црквата воопшто Прличлев истакнува дека нивните заслуги се големи. „Иако биле болни тие многу направиле за афирмација на Христовата вера, тие пак се трудеа, неуморно се трудеа додека го извршија великото дело, коешто не би можеле да го извршат ни цареви, ни императори, ни самите можеби Христови апостоли, ниеден од апостолите не покрстил толку души колку св. Кирил и Методи.“ Во ова свое Слово коешто не е датирано, но веројатно е кажувано за време на неговото учителствување во Солун 1884-1890, Прличев во едно свое вдахновено расположение искажува умерение дека солунската гимназија „ќе произведе уште многу Кириловци и Методиевци, што ќе бидат светила на нашите училишта, ќе бидат благолепие на нашите цркви, ќе бидат столпници на верата и ќе го прославуваат македонското име.
“Марко Цепенков сведочи дека во Прилеп празникот на светите Кирил и Методиј најпрвин бил празник на тутутнџискиот еснаф, а кога овој еснаф се расипал поради Монополот празникот го присвоил брашнарскиот еснаф за свој еснафски празник. Според еден запис на Поменикот на шивачкиот еснаф на дебраните во Солун светите браќа за свои покровители ги имале и шивачите. Авторот на записот повикува да се „остави спомен по себе си на еснавот и на искрата и на изворот на главата свети Кирил и Методија; тија сја на извор на наши народ, што не напоиле со духовно просвештение и со славјанска писмене с славно им имја до века с Оцем и со Сином и свети Духом, амин.“Празникот на светите браќа Кирил и Методиј посвечено почнал да се празнува во 19 век. Марко Цепенков забележува дека овој празник „силум се воведе во црквата (…) при подигнувањето на црковното прашање.
Стефан Тановиќ во своите записи од Гевгелиско вели дека „Св. Кирил и Методиј“ е нов празник кој од скоро почнал да се споменува и да се слави. Го празнуваат само Србите и Бугарите, како Словени, додека Грците не сакат ни да слушнат за него. Бугарите го празнуваат и го присвојуваат како нивни празник, додека пак Србите го празнуваат од општословенско гледиште.
“Според една дописка во цариградскиот весник „Новини“ од 6 јуни 1891 година празникот на светите Кирил и Методиј во Битола бил празнуван многу свечено. Населението од Битола, се вели во оваа дописка, се натпреварувало со населението од Солун во посвечено празнување на празникот на светите браќа. Уште вечерта спроти празникот се гледале радост и воодушевување на лицата на населението. Учителите и учениците со песни виеле венци што ги ставале на вратите и прозорците од училиштата, пансионот претставувал величествена гора накитена со природни и вештачки цвеќиња. Таа слика станувала уште повеличествена со поставените портрети на Султанот и на Егзархот и на двете икони: едната со ликовите на светите браќа и другата со ликовите на светите Седмочисленици. Вечерта од сите страни колони ученици од сите училишта, како и многу народ ја исполниле црквата. Вечерната служба била извршена свечено. На самиот ден се служело во црквата „Св. Богородица“ која била преполна со народ. Архимандритот Козма придружен од сите свештеници и еден ѓакон отслужил свечена служба, а потоа одржал слово во кое зборувал за значењето и светоста на тој празник, и за заслугите на светите браќа. По распуштањето на црквата масата се упатила кон машкото четворокласно училиште. Напред, од двете страни на улицата, во два реда оделе учениците и ученичките, во средината двајца ученици со голем и убав венец во рацете, а по нив се носеле иконите на св. Кирил и Методиј и на св. Седмочисленици. По нив одел народот и свештениците облечени во најсвечена облека. По целиот пат народот се пееле тропарот на празникот и пофални песни. Во дворот на училиштето бил извршен водосвет. На тој обред присуствувале неколку конзули: рускиот, англискиот и германскиот и сите свештеници, учители и учителки. По водосветот управникот на училиштето одржал слово за апостолската дејност на светите браќа, за нивните големи дела и за ширењето на христијанството меѓу словенските народи. Потоа биле почестени сите прусутни во училишниот салон, по што започнала веселба со звуците на гајдата што траела до пладне. Попладнето, сите ученици, ученички, учители и учителки, како и многу народ со четири гајди тргнале низ градот кон „Св. Недела“ каде што на зелената ливада, под густите сенки на дрвјата се играло и пеело и се кажувале здравици до доцна во ноќта.И во селото Ваташа, Тиквешко, празникот на светите Кирил и Методиј бил празнуван со училишни приредби, со слово за светителите, со хорски песни, со литургија во црквата, со духовни поворки во кои се носеле икони, знамиња, литиски икони и други црковни предмети итн.
Во селото Нестрам, Костурско, пред Балканските војни празникот на светите Кирил и Методиј се празнувал многу свечено на 24 мај. Заедно празнувале и учениците и родителите. Учениците од двете училишта биле изведувани надвор од селото, во шумата на Св. Мина. Тука во гората имало убави полјанки со студена вода. Учениците изведувале пригодна програма пред своите родители, а еден од учителите читал реферат за значењето на празникот. Потоа следувала богата музичка програма со ора и песни. По 1913 година овие празнувања биле забранети од страна на грчките власти.И во Солун, според написот во „Дебарски глас“, од 17 мај 1909 година, овој празник бил празнуван многу свечено во присуство на многу народ и некои странски претставници. По службата што ја извршил струмичкиот митрополит Герасим во салонот на машката гимназија имало водосвет, а потоа директорот г. Стоилов одржал впечатлива беседа за празникот. По ручекот во паркот Бешчинар се одржала веселба што траела до доцна во ноќта.
За празнувањето на Св. Кирил и Методиј во Горноџумајско пишува Васил Шарков во написот за овој град. Тој пишува дека во 1890 година архимандритот дошол во Горна Џумаја за да се сретне со населението и да направи борбен план против грчкиот владика во Малник и да му нанесе удар со срцето на грцизмот. Бил повикан народот на масовно празнување на празникот на светите рамноапостоли Кирил и Методиј на 11 мај (с.с.) Се планирало да се соберат и сите свештеници и да отслужат молебен во црквата „Св. Богородица“ во градот. За таа цел архимандритот Гологанов испратил специјална покана до општините и свештениците во Горно Џумајската каза да дојде населението и да прусствува на светата литургија во црквата и на водосветот во училиштето.Колку и да се држеле во тајност овие подготовки не останале незабалежани од Грците. Тие се обиделе пред турските власти ова опразнување да го претстават како комитска работа. Сепак, архимандритот Гологанов успеал да го убеди кајмакамот дека се работи за чисто верско празнување.Утрото на празникот градот бил преполн со население од целата околина. Цел ден се играло и се пеело на плоштадот до реката.
Марко Цепенков во поглавјето за соништата и нивно толкување пишува и за сон поврзан со светите Кирил и Методиј, односно со нивниот параклис во варошкото маало. Имено, невестата од Илија Дундов во 1893 година три години боледувала од грлобол. Кога веќе сите изгубиле надеж дека ќе оздрави сонувала дека се нашла во параклисот „Свети Кирил и Методија“. И додека се чудела како се нашла тука каде што никогаш порано не дошла „туку је се преставил пред неа еден стар чоек со брада (зер св. Кирил, ја св. Методија) со еден диск в раце, во дискот вода и песок и је рекол:‒ Повели, напи се од водава, шмркни троа во носот, изми се за да оздравиш од грлото што те боли. Зела од водата, се напила, се измила и си оздравела. Е што радос беше е дошло, веќе нечкај“.Кога се разбудила почувствувала олеснување и почнала да се подготвува да оди во параклисот. Домашните се чуделе и ја запирале зашто била болна и тешко дека ќе можела да појди до параклисот. „Ами вакваа учена си на училиште да веруаш сонои! Коџамити царцки еќими не можат крајо да ти го најдат, со сонои сакаш да оздравиш! Седи си тука, не ти треба црква одење, да не настиниш, та да се сториш полоша!“И покрај тие спротивставувања на домашните, сепак, пошла во параклисот. Таму, пак, се зачудила на тоа што го водела, зашто било истото што го гледала на сонот. „Седела дури се слугало литургијата и на отпус ошла кај бунаро и се измила од водата, се напила, шмркнала во носо и на часо сетила една голема леснина. Дури си ошла дома, се оздравела, како да не боледувала никогаш.
“Во Македонија празникот на светите браќа Кирил и Методиј отсекогаш се празнувал свечено и со многу активности, како што се служби, литии, беседи за значењето на светителите и сл. Но по Втората светска војна имало извесен дисконтинуитет во празнувањето. За тоа ни сведочи едно писмо на Димитар Влахов до Јосип Броз Тито, од 7 мај 1948 година, во кое зборува за потребата од празнувањето на овој празник во Македонија. Притоа Влахов нагласува дека во Бугарија овој празник се празнува како државен празник, притоа се прават и обиди браќата Кирил и Метдоија да се претстават како бугарски просветители. „Другар Маршале, на 24 мај кај нас и посебно во Македонија, како и воопшто кај другите словенски земји се прославува празникот на словенските просветители Кирил и Методиј. Прославата на тој ден во минатото играше голема улога во преродбата на националната свест на нашите браќа Македонци за нивното обединување и за јакнењето на нивната борба за национални, културни и политички права.Тој празник беше еден од најголемите празници на македонскиот народ. Во градовите, а особено меѓу интелегенцијата тој заземаше највисоко место. Тој беше вистински народен празник. Тој ден се собираше целото население од градовите и од селата и беа организирани црковни служби, чествување, игри веселби. Особено активно учество на тој празник земаше училишната младина, затоа што денот на Кирил и Методиј се сметаше главно како ден на словенската култура и просвета. Тој ден е една од главните пројави на традицијата на македонскиот народ. Денот на Кирил и Методиј се прославува уште од моментот кога македонскиот народ почна да ја води својата борба за културно, национално, политичко и социјално-економско ослободување, т.е. од пред еден век и половина.
“Натаму Д. Влахов пишува дека во Бугарија тој празник се празнувал како државен празник и бил искористуван за големобугарската пропаганда. Притоа нагласува дека во Македонија овој празник не се празнувал, а меѓу интелегенцијата во Македонија имало незадоволство во врска со тоа. „Засега ние во Македонија не го прославуваме тој празник. Јас имав можност да ги слушнам одгласите, не многу поволни за нас, од старите прогресивни луѓе кои ефективно учествувале во прославувањето на денот на Кирил и Методиј. Сметам дека тој ден треба да се празнува како празник на словенската солидарност и братство.“ Влахов уште пишува дека празникот треба да се празнува најсвечено, така како што некогаш се правело, кога тие празнувања имале и пошироко значење. „Посебно за Македонија тој ден треба да биде најсвечено поставен, да добие значааење какво што имаше во врмето кога ние Македопнците се боревме против ропството на Фенерот и турските паши и султани за своето ослободување. И во Македонија тој ден, исто така, може да биде присутен и пожелно е да биде присутен. На таа свеченост треба да учествуваат не само учениците и работниците на културно поле, туку би требало да учествуваат и нашите народни избраници на чело со нашата влада, со нашите народни претставници.“ На крајот од писмото Влахов го повикува Маршалот да најде време, да ја разгледа оваа сугестија и да се донесе решение „кое ќе биде од корист за сите братски народи на ФНРЈ.“Очигледно од писмото се гледа духот на времето кога е пишувано. Се бара празнување на празникот, но никаде не се споменува нивната света димензија. Дури тие и не се нарекуваат светители.
You may like
-
Светлозарниот спомен на Светите Кирил и Методиј !
-
„Цар Самуил је пуно шетао, и Кирил и Методиј су радили исто такве ствари…“
-
Путин ни пpaти чecтиткa зa Бaдник и нoж вo гpб нa Бугaриja co филмoт дeкa Мaкeдoниja ja дaлa cлoвeнскaтa aзбукa
-
Џамбаски и Иванов против Путин: Кирил и Методиј се Бугари, како и Климент Охридски, срам да ви е!
-
Руската амбасада: За Путин, словенската писменост во Русија дојде од Македонија
-
Радев со авионот ќе го собере и Пендаровски од Скопје па ќе слават „Кирил и Методиј“ во Рим
Uncategorized
Детален неделен хороскоп – 24 до 30 март: Што ве очекува оваа недела? Еден знак може да очекува подобрување на финансиите
Published
4 days agoon
March 22, 2025By
Арлингтон
Последната недела од март 2025 година ќе донесе многу интересни, но и нејасни моменти. Оваа недела ќе биде парадоксална – како во поглед на енергијата, така и во однос на настаните што ќе се случуваат.
Во последната недела од март, на 29-ти, се очекува делумно затемнување на Сонцето, кое ќе има различен ефект на секој хороскопски знак.
Еве што ви подготвија ѕвездите за периодот од 24 до 30 март, последната недела од првиот пролетен месец:
Овен – Чувајте ја енергијата!
Овните треба да се фокусираат на штедење енергија. Во понеделник, ќе почувствуваат силен прилив на активности, но тоа брзо ќе исчезне до среда. Бидете внимателни кога се движите кон своите цели, бидејќи може да навредите некои блиски личности. Советот е да внимавате на новите познанства, да не трошите пари под влијание на емоции и да обрнете внимание на здравјето во втората половина на неделата.
Бик – Импулсивни одлуки
Биковите ќе бидат зафатени со секојдневните обврски. За време на затемнувањето, ќе бидат подложни на емоционална нестабилност, што може да ги натера да донесат импулсивни и неразумни одлуки. Ова може да доведе до конфликти со партнерите или роднините. Финансиски ќе бидат стабилни и можат да се почестат со нешто скапо, како нова облека или посета на салон за убавина.
Близнаци – Бидете внимателни со финансии
Близнаците треба да бидат внимателни во викендот, особено кога се работи за финансиски трансакции, инвестиции и долги патувања. Ризикот од грешки поради погрешно толкување на информации е голем. Некои Близнаци можат да имаат здравствени проблеми поради аспектите на Меркур со Сонцето, што ги прави подложни на повреди или изгореници. Препорачливо е да се фокусирате на кариерата, бидејќи тоа ќе донесе подобрување во финансиската состојба.
Рак – Време за себеспознание
Раковите ќе влезат во период на самоспознавање, кој ќе им помогне да ги разберат своите емоции и постапки. Ова ќе им помогне да ги подобрат односите со блиските и да стекнат нови пријатели. За време на затемнувањето, ќе биде препорачливо да ја намалат комуникацијата и да посветат време на здравјето.
Лав – Мешана недела
Лавовите ќе имаат мешана недела. Од една страна, може да имаат конфликти поради егоизам, а од друга страна ќе чувствуваат недостаток на внимание. Меѓутоа, ќе најдат време за креативност и пријатели, а оние кои работат во уметноста ќе имаат можност да блеснат благодарение на својот талент. Здравјето ќе биде стабилно, но ќе може да се почувствува замор и апатија во периодот на затемнувањето.
Девица – Понуда за напредок
Девиците ќе бидат целосно фокусирани на кариерата, а нивните амбиции ќе се остварат многу брзо. Можат да добијат нова позиција или понуда за работа. Кон крајот на неделата, ќе треба да бидат внимателни со комуникацијата и да проверуваат информациите. Здравјето ќе биде стабилно, но важно е да се грижат за себе.
Вага – Романтика и креативност
Вагите ќе бидат фокусирани на креативните активности и хобито. Овој период ќе им донесе позитивен став кој ќе им помогне да ги решат недоразбирањата на работа и личните предизвици. Во љубовта, можни се нови познанства, враќање на стари љубови и возбудливи средби. Финансиската состојба ќе се подобри кон крајот на неделата.
Скорпија – Духовни откритија
Скорпиите ќе се занимаваат со езотерија, филозофија и психологија. Лесно ќе ги читаат емоциите на другите, што може да предизвика страв кај околината. Медитацијата и духовните практики ќе им донесат одлични резултати. Финансиските можности ќе се подобрат по затемнувањето, а во љубовта се очекуваат интересни и перспективни врски.
Стрелец – Центар на внимание
Стрелците ќе имаат исполнета недела и ќе бидат во центарот на вниманието. Ќе играат водечка улога, организирајќи настани и привлекувајќи луѓе околу себе. Во љубовта, ќе уживаат во вниманието од партнерите и новите додворувачи. Кон крајот на неделата, ќе имаат изненадувања и интересни креативни проекти.
Јарец – Поправка на финансии
Јарците ќе треба внимателно да го распределат своето време и да одржуваат баланс помеѓу работата и одморот. Ќе треба да обрнат внимание на сонот и да избегнуваат интензивни физички активности. Препорачливо е да се фокусираат на прошетки и да пијат многу вода. Долгите патувања треба да се остават за по затемнувањето. Финансиската состојба ќе се подобри неочекувано кон викендот.
Водолија – Признание за трудот
Водолиите треба да се фокусираат на планирање на своето време и активности, но исто така да остават простор за хобијата. Ќе бидат инспирирани и ќе најдат начин да ја изразат својата креативност преку уметност или готвење. Оние кои работат во медицината, социјалната помош или хуманитарните дејности ќе добијат поголемо признание.
Риби – Внимавајте на важни одлуки
Рибите ќе се фокусираат на завршување на започнатите обврски и остварување на своите цели. Сепак, треба да бидат внимателни со детали или луѓе кои не им одговараат. Не се препорачува да потпишуваат важни документи, да започнуваат нови врски или да инвестираат во ризични проекти за време на затемнувањето.
Uncategorized
Пронајдени тела на девет мексикански студенти, на сите им биле отсечени рацете
Published
3 weeks agoon
March 5, 2025By
Арлингтон
Телата на девет лица кои исчезнале минатиот месец во јужниот дел на Мексико, биле пронајдени масакрирани на автопат, заедно со торба во која се наоѓале нивните раце, пренесува Дејли Меил.
Остатоците биле откриени во багажник на напуштен автомобил во Сан Хозе Миахуатлан, на границата помеѓу мексиканските држави Пуебла и Оаксака, околу 280 километри од Мексико Сити. Се смета дека ова е уште едно брутално убиство поврзано со наркокартелите.
Мексиканската влада започна неофицијална војна против наркокартелите во 2006 година, во која до денес загинаа повеќе од 300,000 луѓе, а околу 60,000 лица се исчезнати.
Uncategorized
ФФМ со одговор на Силекс: И самите не верувате во вашето соопштение!
Published
4 weeks agoon
February 27, 2025By
Арлингтон
Соопштението од ФФМ ви го пренесуваме во целост:
Во однос на последно објавеното соопштение на ФК Силекс, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Одборот на судии во рамки на ФФМ на чело со претседателот Александар Ставрев, најостро ги осудуваат непрофесионалните, неетичките, неоснованите и злонамерни напади насочени кон претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ и комесарот Јосип Бартон, како претседавач со Комисијата за делегирање на судии. Овие обиди за дискредитација претставуваат неприфатлив притисок врз стручните тела во ФФМ што работат исклучиво во интерес на македонскиот фудбал.
Како водечка институција во македонскиот фудбал, ФФМ ќе продолжи со професионално и одговорно управување, без да подлегне на надворешни притисоци или било какви други влијанија, а ќе ги искористиме сите расположливи механизми за заштита на интегритетот и нема да дозволиме било каков обид за манипулација и нарушување на угледот на ФФМ и нејзините официјални претставници.
Впрочем, за контрадикторноста и злонамерата во испратеното соопштение е токму фактот што претседателот на ФФМ многу децидно, уште по преземањето на функцијата, јасно кажа дека прв и основен приоритет на ФФМ е воведувањето на ВАР технологијата за што и се започнати активности. Притоа, неколкупати посочи дека дејствувањето и работата на Судиската организација е оставена на стручните лица, членови на истата и во ниту еден сегмент ниту некој може да влијае, ниту обидите за влијание на било кој член на судиската организација ќе минат без последици.
Во таа насока, загрижува фактот што ФК Силекс е единствениот клуб кој во изминатите две кола од Прва МФЛ и за мечот од Купот на Македонија низ разни „канали“ бараше делегирање на посакувани судии за своите натпревари.
Се разбира, преку ТВ Сител даваме можност во „Куќа на фудбалот“ да добијат потврда и докази на овие тврдења, но само доколку јавно во своите информативни изданија ги споделат доказите за посоченото. ФФМ е подготвено да ги објави.
Загрижувачки е тоа што телевизиски канал, во директни врски со ФК Силекс, ја користи својата медиумска моќ за да врши непотребен притисок врз ФФМ врз основа на неосновани тврдења. Времињата кога надворешениот притисок и закани можеше да влијае на раководните тела на фудбалот поминаа.
Изнесените квалификации и манипулации во овој случај не служи како ваше алиби за резултататите, туку многу повеќе. Самите не верувате во соопштението и го користите најгрубиот начин во намерата да создадете алиби и да ја обвините Судиската организација и ФФМ за вашите резултати оваа пролет. Простете, но исполнување желби, повеќе нема да има.
Загрижувачки, но во исто време и недолично за еден од најдобрите клубови во Македонија е што дозволува во своите структури да биде инволвирано лице со сомнително минато и фудбалски манипулатор со постапки кои не веруваме дека и се познати на сопствениците на ФК Силекс.
Долг е списокот на натпревари на кои директно беа оштетени клубовите – противници на ФК Силекс, но доколку сакате, немаме проблем повторно да ги посочиме.
Имаме разбирање дека тешко се забораваат старите навики и претходниот начин на дејствување и треба време за да се прифати еден нов, професионален и чесен начин и пристап на работа.
Се надеваме дека ќе ги осознаете своите лични и колективни потенцијали и евентуални квалитети со вредностите кои ги промовираме и повторно ќе го вратите Вашиот клуб патот на успехот.
Одборот на судии заедно со стручните соработници го следи секој натпревар со најголемо внимание и има конзистентен професионален пристап. Имено, натпреварите се контролираат од страна на искусни контролори кои биле врвни поранешни републички или интернационални судии, но вклучително и од целиот Судиски одбор.
Во изминатите две одиграни кола во Првата и Втората МФЛ и одиграните натпревари од ¼ финалето на Купот на РМ, Одборот на судии генерално е задоволен од целокупните судиски перформанси, но исто така јавно и транспарентно ги потврди сите погрешни судиски проценки.
На последно одиграните четвртфинални Куп натпревари, конкретно на натпреварот Вардар – Силекс, во 68. минута направена е погрешна проценката од првиот асистент судија при постигнувањето на голот на домашната екипа и истата уште по завршување на натпреварот е потврдена од контролорот.
Исто така, во посочената 6. минута од презентираната видео снимка, тврдењето дека „играчот со бр.8 на гостинската екипа е удрен со лакт од противнички играч“ е неиздржано, од причина што одбранбениот играч со бр. 3 на домашната екипа прв стигнува до топката и со испружена рака гради простор при што напаѓачот удира во него. Оттука, би можеле да прифатиме дека не е досуден прекршок, но во никој случај не и некакво удирање со лакт на противнички играч.
Притоа, контрадикторно на тврдењето на гостинската екипа, во 51. минута играчот со бр.75 на домашната екипа стартува преостро врз противничкиот гостински играч со бр. 8 за што правовремено е покажан и жолт картон, нешто што во прикажаното монтирано видео е исечено и не е презентирано на јавноста.
Воедно, ФК Силекс во информирањето до јавноста презентираше и неточни и непрецизни податоци од извадената статистика за бројот на одсудени натпревари на главниот судија, кој во најмала рака е двојно повеќе од презентираното, имајќи предвид дека истиот суди натпревари во Првата МФЛ од 2021 година и навистина како Федерација не би не радувал фактот доколку ФК Силекс вака „педантно и точно“ води статистика и за своите играчи.
Истовремено, Одборот на судии информира дека и на натпреварот помеѓу екипите на ФК Брера и ФК Аресими во 78. минута е направена погрешна проценка од главниот судија и не е досуден пенал за гостинската екипа.
Свесни сме дека фудбалот е динамична игра. Натпреварите од Првата и Втората МФЛ, како и КУП натпреварите се изедначени по квалитет, а судиите го носат „притисокот“ од значењето што секој натпревар го има и очекувањата од нив се големи. И покрај најдобрите напори, ненамерните погрешни судиски проценки се составен дел од секој спорт.
Сепак, изолираните погрешни судиски проценки, кои патем до сега се сите негативно оценети од контролорите на судењето, во никој случај не смее да фрли сенка врз кредибилитетот, професионалноста и интегритетот на судиите, а ФФМ ќе остане посветена на зачувување на интегритетот и транспарентноста во својот ангажман и нема да дозволи неосновани обвинувања да го нарушат кредибилитетот на Федерацијата и нејзините претставници.
Трендинг
-
Македонија5 days ago
Има ли ова крај – нова несреќа во Кочани: Се преврте воено возило полно со припадници на АРМ!
-
Македонија3 days ago
„А мене со вас ме нема“: Ќе се наежите од снимката на која е Панчо
-
Македонија6 days ago
Полицијата почна да одзема возила
-
Црна Хроника6 days ago
Престрелка во Скопје, едно лице застрелано – имало и бркотница низ градот
-
Црна Хроника6 days ago
Тетовец мислел ќе се сретне со жена со која се допишувал, но го начекале две лица и го нападнале
-
Црна Хроника1 day ago
Ќерката на газдата на ,,Дискотеката на смртта” ја подигнала лажната лиценца, уапсена е и сопругата
-
Црна Хроника4 days ago
Последната заедничка објава на Андреј и Панчо ќе ви ги НАСОЛЗИ ОЧИТЕ – еве каков човек изгубивме!
-
Македонија6 days ago
Сопственикот на фирмата која раководела со „Пулс“ во Кочани однесен за Литванија