Бог ги слуша оние кои се научиле себеси да слушаат

Ние постојано бараме нешто од Бога, на еден или друг начин, во многу животни ситуации. Болните се молат за здравје, сиромашните да не огладнат до смрт, оние кои страдаат бараат среќа, грешниците молат за прошка. Но, нашите барања и молби не се секогаш исполнети, и така со одредена доза на негодување, незадоволство и огорченост, честопати го прашуваме свештеникот на исповед, или пак нашите пријатели и роднини: „Зошто Бог молчи?“ „Зошто не ги слуша моите молитви?“

За многумина, Божјиот молк е знак дека Он не постои. И ако човекот не го добие она што го бара, тој престанува да се моли, се разочарува и се одрекува од Бога. Со такво разбирање на верата, молитвата е сфатена како некој вид на магиски ритуал: Правиш молитва и во истиот момент го добиваш она што си го барал толку долго време. За жал, дури и во молитвата ние бараме некоја трајна придобивка за себе: Ако го добиеме она што го бараме, тогаш со задоволство Му благодариме и Го славиме Бога, но ако не, тогаш лесно се одрекуваме од Него.

Зошто Бог молчи? Ова е прашање што сме навикнале да го поставуваме на сите, не само на нас самите. Ако Бог молчи, постојат дефинитивни причини за тоа. Но, што ако не станува збор за Бог, туку за нас? Можеби ние сме оние кои не сме во можност да го слушнеме Него? Се разбира, Господ ги слуша нашите молитви и ни зборува невидливо во тивкиот шепот на љубовта. Но, зошто Тој не брза да одговори на нашите молби?

Прво, за да ја испита нашата вера во однос на нашата љубов и посветеност кон Него. Времето во кое чекаме исполнување на нашите молитви е најполезното време за човекот кој се моли. Тоа е еден вид на духовен тренинг за трпение и молитва. Потешкотиите нѐ учат да се молиме. Бог очекува да не се потпираме на нашите сопствени сили, туку да го предадеме целиот наш живот во Негови раце. Отец Јован Крестјанкин многупати кажал дека никаде не се молел толку добро како во затвор. „Во затворот беше единственото место каде вистински се молев,“ вели тој. „И, тоа е така бидејќи секој ден бев на работ на смртта.“ За да се научиме да се молиме, мораме да поминеме низ суштината на искушенијата, и затоа потешкотиите се моторот што нѐ учи да се молиме. Еднаш, еден Старец бил запрашан како се научил на непрестајна молитва и тој одговорил дека демоните го научиле. Неговите ученици зачудено го прашале: „Како е тоа можно?“ Тој им одговорил дека демоните толку многу го мачеле, што тој постојано бил во молитва, и тоа ја претворило молитвата од навика во непрестаен труд. 

Второ, ние треба да разбереме дека Божјото молчење зборува само за себе, бидејќи Неговиот одговор е сокриен во тишината, имено: Или она што сме го побарале е штетно и опасно за нас, или сѐ уште не е дојдено времето за тоа што го баравме да ни донесе најголема придобивка на нашата душа. Често, кога бараме нешто, тоа го правиме од незнаење, не разбирајќи го целиот степен на одговорноста и потешкотиите кои може веднаш да следат по исполнувањето на нашето барање. Понекогаш се случува да бараме од Бога една работа, а Тој да ни даде друга. Зашто, моите мисли не се твои мисли, ниту твоите патишта се мои патишта, вели Господ (Ис. 55,8). На пример, некој го моли Господ неговиот син или ќерка да почнат да се поправаат себеси, да се менуваат, а Господ им испраќа ним или на родителите болест, и тие почнуваат да размислуваат и да се каат. 

Трето, нашите барања треба да се во складност со Божјата волја (сп. Јован 5,14). Оттука, Бог ќе го слушне она што е побарано не за наша придобивка, туку она што е според Неговата волја. А, како можеме да ја разбереме Божјата волја? Божјата волја за секој човек е откриена во Светото Евангелие, значи: Сè што извира од Евангелието е Божја определба за нас. Често, поради незнаење, се молиме за работи кои не се во корист за нашето духовно спасение. Св. Исак Сирин предупредува дека ние мора да се плашиме од тоа да не го навредиме Бог во нашата молитва преку барање на земни работи, бидејќи Он Самиот ни дава сѐ што ни е потребно за земниот живот, според Неговата промисла. Често, човекот не го добива она што го бара бидејќи тој не го бара за добро и благослов на неговата душа, туку за да го искористи за исполнување на своите желби (сп. Jaков 4,3). Се разбира, еден верник нема да го бара она што е штетно за неговата душа, но дури и во барањето на христијанските добродетели, важно е да се запомни дека тие не се даваат на човек веднаш, туку тогаш кога е најподготвен да ги прими Божјите дарови. Затоа, опасно е да ја примиме Божјата благодат пред вистинското време, ако претходно не сме подучени од искуството и времето.  

Четврто, пред да се пожалиме дека Бог има тврдо срце и не ги слуша нашите молби, треба да се осигураме колку ние го слушаме Бог и колку сме спремни да живееме според Неговите заповеди од Евангелието. Колку внимателни и сочувствителни сме со молбите на другите, а особено со оние несреќни луѓе кои паднале во тешките времиња? Сетете се само колку пати рамнодушно сме поминале покрај луѓе кои страдале, молеле за помош и не сме ги сфатиле сериозно нивните барања, колку пати рамнодушно сме ги оставиле овие несреќни луѓе да умрат во болка, свртувајќи се од нив, затворајќи ги очите и покривајќи ги нашите уши, сметајќи ги таквите луѓе товар за општеството и мртви за светот. После сето ова, имаме ли право да се надеваме дека Господ ќе нè чуе? И оваа благословена лекција од Бога е исклучително важна за нас, за да се видиме себеси. Пред да побараме нешто од Бога, ние мора да жалиме за бесчувствителноста на нашето срце кон другите, а потоа да се надеваме дека ќе бидеме слушнати.

Предминатата недела беше посветена на раслабениот. Тој страдал од страшна болест 38 години. Но, тој немал никого да му подаде рака, да го спушти во бањите, за да биде исцелен. Овој настан од Евангелието е многу разоткривачки, бидејќи, првенствено, ја демонстрира приврзаноста на секој човек со себеси односно егоцентризмот, јасно изразен во неподготвеноста да ја напуштиме нашата сопствена комфор зона за доброто на другиот.

Спомнувајќи го раслабениот, не очајувајте кога мислите дека луѓето ве напуштиле, кога ја немате надежта за поддршка – Господ нѐ испитува до последно, но во исто време, Он е блиску до нас и го гледа нашиот подвиг. И Он доаѓа кога човекот се обидува да се потпре на себеси и на оние коишто всушност не можат да му помогнат. Ова е вистинското чудо за оние кои можат трпеливо да чекаат. 

Нашата вера првенствено е жива и активна вера, исполнета со добри дела и насочена кон помагање на другите. Човекот мора да остане човек, без разлика на сѐ. Еден грчки философ, Диоген, си дозволувал секакви ексцентрични лудости за да ги прикаже пороците на општеството. Еден сончев ден, тој излегол на градскиот плоштад со фенер и почнал да извикува: „Барам човек, барам човек!“ На овој силен повик, дотрчале луѓето, на кои Диоген им рекол: „Барам луѓе, а не робови!“ Но, ние сме робови на самите себеси на многу начини. Си градиме огромен идол од нашето „јас“, соживувајќи се со него, негувајќи го, правејќи си секојдневни отстапки и не лишувајќи се од ништо. 

Да запомниме дека Бог секогаш одговара на нашите молитви на еден или друг начин, но не секогаш онака како што сакаме, и не секогаш во времето во кое сме планирале.

Божјото молчење секогаш нѐ учи на нешто. Чекањето на одговор од Бога е секогаш прашање на трпение, покајание и лична молитва. Да се научиме да го чекаме Господ секојдневно, бидејќи Он е многу поблиску отколку што ние мислиме. Да се навратиме на она што сме го згрешиле, да се покаеме, да ги исправиме нашите патишта, бидејќи Христос нѐ посетува секојдневно во длабочините на нашето срце, ако пребиваме во скрушено очекување. 

Амин!

Бигорски манастир.