Уште еден пациент со индиски сој на вирусот ковид-19 е регистриран во државата. Во меѓувреме, македонските државјани вчера масовно заминаа за вакцинирање во Србија, а на сила стапија и новите правила за патување во Грција, кои дозволуваат да се патува и со негативен рапид (брз) тест.
Индискиот сој на вирусот ковид-19 е регистриран кај пациентот кој бил на работа во Ирак – колега со првооткриениот случај со овој мутиран сој во државата. Пациентот не е во ризик, неговата состојба е под контрола.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера напомена дека епидемиолошките анкети кои се правени покажале дека не постои ризик, а со тоа и некаква потреба од некакви дополнителни мерки.
Тој уште еднаш потенцираше дека сите вакцини штитат од тешка форма на болеста или од смртен исход дури и од таква мутирана форма на вирусот.
„Стравување од индискиот сој или таква некоја евентуална нова форма на мутација која што може да биде позаразна од сегашните постои насекаде. Но, битно е дека сите вакцини штитат од тешка форма на болеста или од смртен исход дури и од таква мутирана форма на вирусот. Кон крајот на месецов во С.Македонија ќе пристигнат поголеми количини на вакцини“, рече Филипче.
Инаку, на 28 јуни се очекуваат нови 100 илјади вакцини на „Фајзер“ преку Ковакс-механизмот, а на 27 и 30 јуни треба да пристигнат 500 илјади вакцини на „Синовак“.
Министерот ги повика граѓаните од повозрасна категорија кои се пријавени а уште не се вакцинирани, да аплицираат повторно преку матичните лекари во системот „Мој термин“ за да се коригираат овие пропусти.
Во меѓувреме, македонските државјани вчера масовно заминаа за Србија на вакцинирање. Во Белград и Ниш и вчера и денеска се ревакцинираат најголемиот број од околу 15.000 македонски државјани кои кон крајот на март ја примија првата доза на вакцината „Астразенека“.
Дописникот на МИА од Белград јави дека од вчера наутро на Белградскиот саем, во салите 3 и 11 од 8 часот почна ревакцинацијата за македонските државјани и останатите странски граѓани.
На Белградскиот саем денеска треба да се ревакцинираат 5.000 странски државјани. Македонските државјани и вчера и денеска се ревакцинираат и во Ниш, во салата Чаир, а термин за повторна вакцинација имаат 5.700 македонски граѓани кои во март во Ниш ја примија „Астразенека“, кога вакцинирањето беше организирано преку Регионалната стопанска комора.