Мите Велковски е млад пензионер, вреден, скромен и ведар човек, ги обожава своите четири внучиња и вели дека сè што прави, прави за нив. Во ова ќе се препознаат многумина. Она што го го вбројува во (сè уште) поретките, е тоа што редовно, најредовно, уплаќа лото, без испуштање коло.
Со непоколеблива надеж и верба во среќата, од својата скромна пензија, за секое коло издвојувал по 200/240 денари. Но, тоа што го направи најредок е 7-ката. Најголемата премија за 7-ка во историјата на лото-игрите на среќа кај нас, падна токму со броеви коишто ги содржани една од 10-те комбинации уплатени од Мите Велковски, на продажното место ЈМБ Компани во скопско Визбегово. За само 200 денари тој освои рекордна премија вредна 41 163 771 денар (близу 670 000 евра) – oбјавија од Државната лотарија на Македонија.
Среќен, пресреќен за добивката, сакаше да им ја поддржи вербата на учесниците во играта на среќа лото и да им се заблагодари. Затоа застана пред камерите и ја сподели својата радост и радоста на своето семејство коешто се вброи во среќните лото-семејства на играчи со наградена долгогодишна верба.
Ние, од Државна лотарија, имавме задоволство да го запознаеме семејството Велковски, од скопско Визбегово, при нивната посета (со торта со лого Лото-7), првиот работен ден по извлекувањето. По редовната проверка на уплатеното ливче и официјална потврда на добивката, видно возбудени, ни ја раскажаа среќната приказна и без двоумење се согласија за јавна објава – пишуваат од Државна лотарија.
Имено, во сабота вечерта на 26.6.2021 извлекувањето на 7-те добитни бројчиња од нашата Лото-7 (коло 50), го следела сопругата заедно со внучињата. Како што ни се довери, таа го има задолжението да ги запишува извлечените броеви, кога сопругот не е дома. Кога видела дека била постигната 7-ка и кога на екранот, прочитала испис – продажното место ЈМБ Визбегово, му се јавила на Миле за да ги проверат броевите.
„7-ката е кај нас“ – одговорил Мите. Сè уште не верувајќи, го повикала синот за уште еднаш, заедно да ги проверат седумте броеви.
Вечерта, веднаш по извлекувањето, Мите се јавил во контакт центарот на Државна лотарија и го оставил својот број. Ние, уште истата вечер го контактиравме, а веќе во понеделникот се запознавме. По посета на просториите на Државна лотарија, следуваше гостување во студиото на Лото-7, во Канал 5, на местото каде што разиграните топчиња ја потврдија неговата верба во среќата и се совпаднаа со броевите во неговата 3-та комбинација. Потоа, го посетивме и среќното место „ЈМБ Компани“ во Визбегово, каде што Мите, последните две години, секое коло уплаќа по 10 комбинации. Добитната комбинација: 1, 20, 24, 25, 31, 32, 34 е составена од роденденски датуми, но и од броеви кажани од внучињата.
Мите, 32 години бил вработен како чувар во Македонски железници. Со сопругата (пензионирана негувателка во детска градинка), ќерката, синот, снаата и 4-те внучиња живеат во семејната куќа во Визбегово. Куќата, како што ни раскажаа, ја граделе со години „со свои раце“. Во саботата наутро, посакал да се живи и здрави со сопругата и да дочекаат да пораснат внучињата и направат свои семејства, а дотогаш да успеат да им купат по еден стан „од дедо и баба“.
Среќата, вербата и надежта, очигледно имаат заеднички патишта.
Честитајќи му на Мите и семејството Велковски, сите граѓани над 18 години ги поттикнуваме на верба и надеж. Ние сме тука за да обезбедиме можност за остварување соништа. Не треба посебна подготовка, ниту голема инвестиција за со редовна игра да се дојде до вонредна среќа – стои во објавата од Лотарија на Македонија.
Чарлс откри каква е улогата на Британија ако Русија ја нападне Европа
Британскиот крал Чарлс истакна дека Велика Британија и Германија се подготвени да ја поддржат Европа во услови на закана од понатамошна руска агресија. Тој го пофали заедничкиот одбранбен договор со Германија, нарекувајќи го „уникатно партнерство во срцето на НАТО“, јави Скај њуз.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој е во тридневна државна посета на Обединетото Кралство, изјави дека двете земји работат рамо до рамо за да ја промовираат безбедноста и стабилноста на Европа, со посебна поддршка за Украина. Ова е прва официјална посета на германски лидер на Велика Британија по 27 години.
За време на престојот, Штајнмаер се сретна со британскиот премиер Кир Стармер на тркалезна маса со бизнис лидери, како дел од проект за електрични возила вреден 20 милиони евра, кој ќе отвори 150 работни места во Нортхемптоншир и Оксфордшир. Во јули, двете земји го потпишаа Договорот од Кенсингтон, со кој се зацврстува соработката во прашања како Украина, миграција, економски раст и трговија.
Посетата вклучи церемонијален воен пречек, возење со кралска кочија и положување цвеќе на гробот на кралицата Елизабета Втора во капелата „Свети Ѓорѓи“, а на банкетот во Виндзор кралот Чарлс се пошегува за нивната заедничка љубов кон фудбалот, додавајќи дека „на крајот, Германците победуваат“.
Сите камери за брзина веќе се мапирани од оваа апликација
Додека проектот „Безбеден град“ е во тест-фаза, возачите ширум земјата веќе ја користат апликацијата Waze за да се прилагодат на новите правила и масовното мерење на брзината. Корисниците го прават ова преку дигитално мапирање на речиси сите камери што мерат брзина.
„Waze“ е навигациска апликација која во реално време прикажува сите релевантни информации за патот. Од вчера, речиси целосната мрежа на камери на „Безбеден град“ е веќе внесена од страна на самите корисници.
Апликацијата нуди:
Прецизна мапа на камери за брзина – фиксни, мобилни и новопоставени. Гласовно предупредување при приближување кон камера. Информации за полиција, радари, работи на пат и метеж, внесени од самите возачи. Автоматско пресметување на најбезбедна рута со прикажување на сите критични точки. Можност за пријавување на нови камери од страна на корисниците, со што мрежата постојано се ажурира.
Возачите ја користат апликацијата за да го следат ограничувањето на брзината, да избегнат ненамерни прекршоци и да добијат предупредување неколку стотини метри пред камера. За многумина, Waze стана единствена гаранција дека нема да бидат „изненадени“ од камерите на „Безбеден град“.
Во првите 48 часа од стартот на тест-фазата, бројот на извештаи за камери на Waze драстично порасна, што покажува дека апликацијата е ефикасно решение за безбедно возење.
ВЛЕН: Анкетната комисија мора да ја открие вистината за сите трагични случаи
Коалицијата ВЛЕН целосно го поддржува формирањето на анкетната комисија, нагласувајќи дека со години граѓаните останале без одговори и често биле манипулирани. Според коалицијата, време е оваа пракса конечно да заврши.
Од ВЛЕН посочуваат дека нивниот став отсекогаш бил јасен – потребна е сеопфатна комисија, без селективен пристап и без политички мотиви. Ваква инклузивна комисија, велат од коалицијата, конечно се формира.
Новоформираната комисија ќе ги разгледа сите тешки и чувствителни случаи што со години ја потресуваа државата: трагедиите со „Дурмо Турс“ и „Беса Транс“, пожарот во модуларната болница во Тетово, како и несреќата во Кочани. Само целосен пристап, оценуваат од ВЛЕН, може да ги открие институционалните пропусти што чинеле човечки животи.
Коалицијата очекува комисијата да укаже не само на индивидуалните грешки, туку и на длабоко вкоренетите модели на лошо управување кои овозможиле низа трагедии низ годините. Според ВЛЕН, откривањето на вистината е првиот чекор кон справување со системските слабости и враќање на довербата на граѓаните.