Connect with us

Религија

„Ако сакаш да бидеш совршен, оди продај сè што имаш и раздели им го на сиромасите” -преподобен Александар

Published

on

Роден е во Азија, школуван во Цариград. По завршувањето на школувањето се предаде на војничка служба и стана офицер. Читајќи го Светото Писмо наиде на зборовите: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди продај сè што имаш и раздели им го на сиромасите, и ќе имаш сокровиште на небото, а потоа појди и врви по Мене“ (Матеј 19, 21). Овие зборови извршија такво влијание врз него, што веднаш продаде сè свое, го раздаде и се оддалечи во пустина. После долготрајни подвизи и трудови за своето очистување, ја востанови Обителта на Неспиештите, со особен устав. Според тој устав богослужбата течеше непрестајно дење и ноќе.

Братството беше поделено во дваесет и четири чреди; секоја чреда си го знаеше својот час од денот или ноќта и одеше в црква да го продолжи читањето и пеењето на претходната чреда.

Патуваше многу по источните страни без никаде ништо, ги просветуваше луѓето со верата Христова, ги побиваше еретиците, чинеше чуда со Божествената благодат, остаре служејќи Му на Господ Исус Христос и најпосле го заврши својот земен живот во Цариград, 430 година, каде што неговите мошти ја пројавуваа чудесната моќ и слава со којашто Бог ги прославува Своите свети слуги

Религија

Денес се празнуваат Преподобните маченици Галактион и Епистима

Published

on

Родени се во финикискиот град Едеса, обајцата од родители незнабошци. Мајка му на Галактион беше бездетна сè додека не се крсти. Потоа, таа го приведе кон верата и нејзиниот маж и го крсти и воспита како христијанин својот син Галактион. Кога стаса за женидба, неговата добра мајка Левкипија се упокои, а татко му го сврши за некоја девица Епистима. Галактион никако не сакаше да стапи во брак, па ја посоветува Епистима да се крсти, а потоа и истовремено со него да се замонаши. Се повлекоа на гората Пуплион, Галактион во машки, а Епистима во женски манастир. И секој од овие двајцата во својот манастир се покажа како вистинско светило. Први во подвигот, први во молитвата, во смирението и послушанието, први во љубовта. Од манастирот не излегуваа ниту се видоа еден со друг освен пред смртта. Настана луто гонење на христијаните и тие обајцата беа изведени на суд. Кога Галактион го биеја, Епистима плачеше. Тогаш и нејзе ја избија. Потоа, им ги отсекоа рацете, па нозете, а најпосле и главите. Нивните тела ги зеде Евтолиј и чесно ги закопа. Овој Евтолиј беше најнапред роб кај родителите на Епистима, а потоа монах заедно со Галактион. Тој го напиша житието на овие прекрасни Христови маченици, коишто пострадаа и примија небесни венци во 253 година.

Continue Reading

Религија

Следната недела е Св.Архангел Михаил: Празник на војводата на сите ангели, а ова се обичаите

Published

on

Православната црква и верниците на 21-ви ноември, го слават еден од најголемите христијански празници – Архангел Михаил или народски нарачен Арангеловден.

Овој светец е водец на небесните војски кој секогаш се јавувал на местата на кои се јавувала и Богородица, така што претставува небесна сила и заштита на земјата.

По црквените преданија, ангелот Михаило прв стапил во борба со лошиот дух и во тоа име по црквено толкување означува „оној кој е како Бог“. 

Меѓу народот владее верување дека овој ангел ги посетува болните и ако застане кај ногата – не е на добро, а ако застане кај главата – болниот ќе оздрави.

Овој празник секогаш се слави на ист датум и во есен, затоа што кога на светците им се делеле улогите, Архангелот Михаил го добил есенското и зимско време – времето на потешкотии. Се верува дека во ова време тој лута облечен како просјак за да ги прекори неверниците и да им помогне на сиромашните.

Едно народно верување вели дека според временските услови на овој ден, може да се одреди каква ќе биде годината, времето на празникот ќе одреди какво ќе биде времето во текот на зимата и пролетта.

Дали денот ќе биде прославен со посна или мрсна трпеза, зависи од денот на кој се паѓа. Ако е во среда или петок, треба да биде посно. Оваа година е во сабота, па трпезата може да биде мрсна. Секогаш на трпезата треба да има пченица, во чест на мртвите, односно упокоените души на светците.

Од длабоката древност Божјите ангели се празнувани од луѓето. Но, тоа празнување често се одметнуваше во обожување на ангелите (4 Царства 23, 5). Еретиците прикажуваа сешто за ангелите. Некои од луѓето, во ангелите гледаа богови, други, иако не ги сметаа за богови, ги нарекуваа создатели на сиот видлив свет. Лаодикискиот помесен собор, којшто се одржа четири или пет години пред I Вселенски Собор, со своето 35 правило го отфрли поклонувањето на ангелите како на богови и го востанови правилното почитување на ангелите. Во времето на папата Силвестер и на александрискиот патријарх Александар (4 век), беше востановен овој празник на Архистратигот Михаил со другите небесни Сили, во месецот ноември. Зошто токму во ноември? Зашто после март, ноември претставува деветти месец. А се смета дека во месецот март било создавањето на светот. А деветтиот месец после март е земен заради деветте ангелски чинови, коишто се најпрво создадени. Свети Дионисиј Ареопагит, ученик на светиот апостол Павле, т.е. на оној апостол којшто беше воздигнат до третото небо, овие девет ангелски чинови ги опиша во книгата „За небесната Јерархија“. Тие чинови се следните: шестокрилите Серафими, многуоките Херувими и богоносните Престоли, Господствата, Силите и Властите, Началата, Архангелите и Ангелите. Војвода на целата ангелска војска е Архистратигот Михаил. Кога сатаната, Луцифер, отпадна од Бога и со себе повлече во пропаст еден дел од ангелите, тогаш Михаил стана и извикна пред неотпаднатите ангели: „Да внимаваме! Да застанеме добро, да стоиме со страв!“ И сите небесни војски на верните ангели громко запеаја: „Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот исполн небо и земља слави Твоеја!“ (за Архистратигот Михаил види во Книгата на Исус Навин 5, 13-15). Меѓу ангелите владее совршено едномислие, еднодушност и љубов, а покрај тоа и потполна послушност на пониските чинови кон повисоките и на сите заедно кон светата Божја волја. Секој народ си има свој ангел пазител, а освен тоа и секој христијанин има свој ангел пазител. Треба секогаш да се сеќаваме дека што и да правиме, јавно или тајно, го правиме тоа во присуство на својот ангел-чувар. А на денот на Страшниот Суд, сето огромно мнозинство ангели ќе се соберат околу Христовиот престол и пред сите нив ќе се објават сите дела, зборови и помисли на секој човек. Да нè помилува Бог и да нè спаси по молитвите на светиот Архистратиг Михаил и на другите небесни бестелесни сили.

Денес именден празнуваат: Ангел, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна, Ратка…

Continue Reading

Религија

Денес се Свети Козма и Дамјан: За да ве следи здравје цела година, се верува дека треба да го направите една работа

Published

on

Македонската православна црква и верниците на 14 ноември го слават празникот посветен на светите Козма и Дамјан, познати како Свети исцелители. Светите Козма и Дамјан биле врачи, т.е. лекари, бесребреници и чудотворци. Двајцата се браќа, родени во Азија и воспитувани во христијански дух.

Во црковниот календар, светите Козма и Дамјан, односно светите исцелители, не се напишани со црвени букви и постот не е задолжителен, а се празнуваат двапати годишно – на 14 јули кога почина Козма и на 14 ноември, кога почина Дамјан.

Се верува дека добиле дар од Бога да лекуваат луѓе, а бидејќи го добиле бесплатно, не наплатувале ни лекување на луѓето, поради што се вели дека биле без пари. Единственото нешто што го бараа за возврат од своите пациенти е да веруваат во Исус Христос или барем да не го изговараат залудно неговото име, дури и ако не сакаат да ја прифатат христијанската вера.

Светците се прикажани во икони и фрески во средновековна облека, со ковчези во кои носеле лекови.

Исто така, се верува дека не треба да се врши тешка физичка работа и дека не треба да се напушта домот освен ако е апсолутно неопходно. Според народното верување, утре е добар ден за молитва за исцелување:

Кон вас, свети бесребреници и чудотворци Козма и Дамјане, како кон брзи помошници и топли молитвеници за нашето спасение, ние недостојните (имињата), клекнувајќи на колена, прибегнуваме и припаѓајќи усрдно повикуваме: Не презирајте ги молењата од нас грешните, немоќните, кои паднавме во многу беззаконија, и кои во секој час и ден грешиме. Умолете Го Господа, да ни даде, нам недостојните Негови чеда, од Својата богата милост: избавете нѐ од секоја мака и болест, бидејќи вие примивте од Бога и Спасителот наш Исус Христос непотрошлива благодат за исцелување, поради цврстата вера, бесплатното лечење и вашата маченичка смрт. Да, угодници Божји, не престанувајте да се молите за нас, кои со вера кон вас итаат: иако според мноштвото на нашите гревови и не сме достојни за вашето милосрдие, сепак, вие, верни и вистински подражатели на Божјото човекољубие, направете, да принесеме плодови достојни за покајание, и во вечниот покој да достигнеме, фалејќи и благословувајќи Прекрасниот во Своите светии Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос и Неговата Пречиста Мајка, и вашето топло застапништво, сега и секога, и во вечни векови. Амин.

Именден празнуваат: Кузман, Кузе, Дамјан, Даме…

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк