Connect with us

Uncategorized

„He ми е жaл што ќе умpaм, зaгинaв за Македонија“: Последни зборови на македонскиот бpaнител Марјанчо Бошковски – Рамбо

На денешен ден во 2001 година во 8 часот наутро воено товарно возило со припадници на безбедносните сили на АРМ нагази две противтенковски мини кај месноста Љуботенски бачила, при што загинуваат осум припадници на резервниот состав на АРМ од гарнизонот Скопје. Покрај осуммина убиени имаше и осуммина повредени.

Животот го загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски.

Веднаш по нападот почнува неколкучасовна престрелка меѓу ОНА и втората чета на Третиот баталјон, од каде што се и загинатите војници. Во текот на престрелката е извршен воздушен напад врз формацијата на ОНА со хеликоптери „ми-24“ и тие се повлекуваат.

Кој е Марјанчо Бошковски?
Марјанчо Бошковски е роден на 14 јуни 1973 година во скопската населба Бутел. Најблиските го опишуваат Марјанчо како човек многу го красеше дружељубивоста, работливоста и хуманоста. Марјанчо е момчето од спотот „За доброто на сите“. Режисерот веројатно, кога го зел за снимање, сметал на неговиот ведар лик и постојаната насмевка што го красела неговото лице. Впрочем, поради оптимизмот и позитивната енергија што зрачале од него, Бошковски бил омилен меѓу сите во населбата. Бутел е со мешовито население, а Марјан се дружел со сите: Македонци, Срби, Албанци, Роми и Бошњаци. Тоа го потврдуваше и неговиот погреб. Марјанчо во својот кус живот работеше се и сешто. Од Ѓорче Петров до Драчево и од Водно до Топанско Поле, во изминатите години работеше во повеќе перални за возила и во повеќе колонијални продавници. Ниту еден од сопствениците не го избрка заради неодговорност или поткрадување. По неколку месеци работа во некој дуќан, тој сам си заминуваше. Други, што случајно ќе се запознеше со нив, му ветуваа подобри услови и заминуваше. Му здосадуваше иста работа и бесперпективност и затоа трагаше по попристојна работа и надеж дека еден ден ќе дојде до сопствена работа. Се го интересираше и во многу работи се разбираше. Три години пред да започне конфликот во Македонија починал таткото на Марјанчо.

Бошковски бил гардист во АРМ. Подоцна неколку пати бил земан на вежба. Последен пат е мобилизиран на 19 март 2001 година. Оттогаш до денот на загинувањето, 10 август, со мошне куси прекини, постојано бил по рововите на Скопска Црна Гора. Поради лоша координираност и евиденција, во времето додека бил мобилизиран од АРМ, го барала и полицијата. Луѓето од полициската станица „Бит-пазар“ телефонски го барале неколку пати. Мајка му или сестра му одговарале дека Марјан одамна е мобилизиран во АРМ. По едно навраќање дома, мајка му кажувала на Марјанчо за настанот. Тој пак се насмеал и само одговорил: Не е битно. Можеби некои момчиња се кријат, но ако сите се криеме, кој ќе ја брани татковината? Не се грижете, ќе поминам во станицата и ќе се разбереме. Во текот на војната 2001 година, Бошковски на секого од другарите од рововите барем еднаш му го спасил животот. Во врска со јулскиот земјотрес во Кумановско, соборците велат дека не биле точни радио информациите дека имало посилен земјотрес. Тој ден биле во близина на Матејче. Марјанчо тогаш открил огромен склад за оружје и муниција. Отиде сам и го крена складот во воздух. Долго потоа земјата се тресеше и одекнуваа подземни детонации. Кога се враќале на позициите, претпоставените веќе знаеја кој го сторил тоа, и од милост, Марјанчо го прекрстија во „Рамбо“.

На 8 август 2001 година требаше да се раздолжи и да се врати дома. Веќе му беше подготвено решението за редовен работен однос во АРМ. Бидејќи не беше дојдена комплетната смена, Марјанчо и неговите соборци остануваат уште два дена, до кобниот 10 август, каде што ќе загине кај Љуботенски Бачила. На враќање од позициите, камиончето застанало пред чешмата, се напиле вода и наполниле шишиња. Потоа, само што тргнале, експлозијата го разнела возилото. Десетина, петнаесет метри од патот, имало терористичка заседна со пет до шест вооружени терористи. Тие ги активирале експлозивите, а и припукувале на камиончето. Тогаш од позициите повисоко на планината дотрчал војник пукајќи со автомат да ги заштити настраданите. Терористите се разбегале и немале можност да ги дотепуваат настраданите. Марјанчо починал на патот кон болницата.

Во текот на транспортот, Марјанчо имал кус дијалог со лекарот што бил во екипата за извлекување на ранетите и убиените кај Љуботенски Бачила. „Докторе, однесете ме дома“, му рекол на лекарот. „Стрпи се уште малку и се ке биде во ред“, му одговорил лекарот.

Марјанчо пак, му вели: „Знам дека тука ми е крајот. Однесете ме дома само да ги видам сестра ми и мајка ми. Само да ги видам. Не ми е жал што ќе умрам, загинав за Македонија”

Марјанчо Бошковски постхумно е одликуван со медал за храброст од Претседателот на Р. Македонија. Бошковски остана неженет и без деца.

Случајот Љуботенски бачила не е сосема расветлен.

Uncategorized

Мерц предлага контроверзно решение: Замрзнатите руски средства можат да се употребат

На својот годишен говор пред Бундестагот, канцеларот Фридрих Мерц во средата не донесе добри вести за Германија. Според него, светот се наоѓа во „нова ера“ на длабоки геополитички превирања. Релациите со САД се фундаментално променети, Украина продолжува да страда под агресорска војна спротивна на меѓународното право, а германската економија е под притисок од трговски конфликти и „минати пропусти“ на домашен терен.

„Многу работи што порано беа извесни, веќе не се“, изјави Мерц, предупредувајќи дека глобалниот поредок е заменет со неред. „Германија не може да стои на страна и да гледа како светот се реорганизира. Не сме пиони на големите сили“, додаде тој, повикувајќи на активна улога на земјата во меѓународните случувања.

Фокусот на Мерц е јасен: Германија треба да биде двигател во барањето „праведен мир“ во Украина. По иницијатива на канцеларот, минатиот викенд и во понеделникот украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со преговарачите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Берлин, за координации околу мировниот план.

„Во изминатите денови и часови, повеќе дипломатија од она што се случи во Берлин едноставно не е можно“, порача Мерц. Тој истакна дека Германија не само што снабдува оружје на Украина, туку ѝ дава и шанса на дипломатијата да успее.

Претстојниот самит на ЕУ во Брисел ќе биде следната голема сцена на европската политика. Мерц вели дека Германија, заедно со партнерите, треба да испрати јасен сигнал до Москва: замрзнатите руски средства во ЕУ ќе се искористат за финансирање на брзо завршување на војната, преку реконструкција на Украина и набавка на современо оружје.

Мнозинството од 27-те влади на ЕУ се за планот, кој предвидува издавање на обврзници од околу 90 милијарди евра, обезбедени со замрзнатите руски средства. Русија веќе реагираше со правни мерки против ваквиот потег, но шансите за одлука во Брисел се околу 50-50, оцени Мерц.

Со овој говор, канцеларот испрати силна порака: во време на глобална нестабилност, Германија мора да дејствува – или да ризикува да остане зад светските случувања.

Целата вест можете да ја прочитате на: Мерц се залага за користење на замрзнатите руски средства – DW – 18.12.2025

Continue Reading

Uncategorized

Чарлс откри каква е улогата на Британија ако Русија ја нападне Европа

Британскиот крал Чарлс истакна дека Велика Британија и Германија се подготвени да ја поддржат Европа во услови на закана од понатамошна руска агресија. Тој го пофали заедничкиот одбранбен договор со Германија, нарекувајќи го „уникатно партнерство во срцето на НАТО“, јави Скај њуз.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој е во тридневна државна посета на Обединетото Кралство, изјави дека двете земји работат рамо до рамо за да ја промовираат безбедноста и стабилноста на Европа, со посебна поддршка за Украина. Ова е прва официјална посета на германски лидер на Велика Британија по 27 години.

За време на престојот, Штајнмаер се сретна со британскиот премиер Кир Стармер на тркалезна маса со бизнис лидери, како дел од проект за електрични возила вреден 20 милиони евра, кој ќе отвори 150 работни места во Нортхемптоншир и Оксфордшир. Во јули, двете земји го потпишаа Договорот од Кенсингтон, со кој се зацврстува соработката во прашања како Украина, миграција, економски раст и трговија.

Посетата вклучи церемонијален воен пречек, возење со кралска кочија и положување цвеќе на гробот на кралицата Елизабета Втора во капелата „Свети Ѓорѓи“, а на банкетот во Виндзор кралот Чарлс се пошегува за нивната заедничка љубов кон фудбалот, додавајќи дека „на крајот, Германците победуваат“.

Continue Reading

Uncategorized

Сите камери за брзина веќе се мапирани од оваа апликација

Додека проектот „Безбеден град“ е во тест-фаза, возачите ширум земјата веќе ја користат апликацијата Waze за да се прилагодат на новите правила и масовното мерење на брзината. Корисниците го прават ова преку дигитално мапирање на речиси сите камери што мерат брзина.

„Waze“ е навигациска апликација која во реално време прикажува сите релевантни информации за патот. Од вчера, речиси целосната мрежа на камери на „Безбеден град“ е веќе внесена од страна на самите корисници.

Апликацијата нуди:

Прецизна мапа на камери за брзина – фиксни, мобилни и новопоставени. Гласовно предупредување при приближување кон камера. Информации за полиција, радари, работи на пат и метеж, внесени од самите возачи. Автоматско пресметување на најбезбедна рута со прикажување на сите критични точки. Можност за пријавување на нови камери од страна на корисниците, со што мрежата постојано се ажурира.

Возачите ја користат апликацијата за да го следат ограничувањето на брзината, да избегнат ненамерни прекршоци и да добијат предупредување неколку стотини метри пред камера. За многумина, Waze стана единствена гаранција дека нема да бидат „изненадени“ од камерите на „Безбеден град“.

Во првите 48 часа од стартот на тест-фазата, бројот на извештаи за камери на Waze драстично порасна, што покажува дека апликацијата е ефикасно решение за безбедно возење.

Објави: Скопје1.мк

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг