Во вечерашното гостување на централниот дневник на Сител телевизија, Илија Димовски направи детална политичка анализа за состојбите во Република Македонија. Тој се осврна на актуелните предизвици, улогата на политичките партии и можните резултати на локалните избори.
ДУИ беше политички агресивна, решаваше прашања кои што се однесуваат исклучиво на идентитетот на македонскиот народ во оваа држава во минатото, и сега ја плаќа цената на таа политичка агресивност и доминација во простор кој што апсолутно, на некој начин, не беше нејзин. Политиката на СДСМ кон ДУИ е од краткорочен карактер, затоа што тие имаат непресушна потреба да се дистанцираат и да се заборави историјатот на односите кои што ги имаат. Не знаеме, ќе видиме, СДСМ ќе има уште потешкотии во следната година. Ќе видиме како ќе ги поминат локалните избори, дали ќе изградат некаков однос на соработка со ДУИ во одредени општини на ниво на опозиција. Така што, тука е непредвидливо. Но, генерално, СДСМ има потреба да се дистанцира од ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ, како владејачка, како носечка партија во моментот во Република Македонија, држи константа на она што го зборуваше спрема ДУИ пред изборите, и тоа е примено со поддршка од граѓаните. Доколку тоа се смени, ќе има проблем и ВМРО-ДПМНЕ.
Она што во моментот недостасува во Македонија е очигледно – го гледаме во Собранието – недоволна дебата, недоволно квалитетни иницијативи од страна на опозицијата. Се надевам дека во следниот период пред локалните избори можеби тоа ќе се избалансира, дека ќе видиме реформи. Во СДСМ, тоа што го гледаме како понуда, не е оптимистички во таа насока. ВМРО-ДПМНЕ во следната година има обврска да покаже дека институциите функционираат и функционираат еднакво за сите. Треба да покаже подобрување во правосудството, јавното обвинителство да профункционира, институциите, оние основни кои што пружаат било каква помош, економски да се санира состојбата, енергетски да се санира. Нема да биде дилема кој ќе победи на локалните избори; дилемата ќе биде колку ќе успее власта да измотивира граѓаните да ја поддржат за да ѝ дадат поддршка да ги спроведе своите политики во иднина. Можеби после локалните избори, можеби следната година на пролет, ќе ги гледаме првите знаци на опозициско окрупнување и дејствување во Република Македонија. Сè дотогаш е предвидливо и видливо.
Енергијата која што ја вложува Владата дава знаци позитивни, но сепак фалат конкретни ефекти. Макроекономските податоци одат во добра насока. Гледав некои податоци во енергетскиот сектор – се намалуваат трошоците кои што ги имале, и таму има позитивни резултати. Во делот на капиталните инвестиции очигледно е дека има подобрување.