Слово на Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски и Игумен на Свештената Бигорска Обител г. Партениј, изговорено на Вечерната богослужба за празникот Усекновение на Чесниот Претеча, петок, 10 септември 2021 лето Спасителово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Чесни отци, Преподобни браќа монаси и сестри монахињи, Благочестиви Христијани,
Му благодариме на Господа што и ова година Неговиот славен Пророк, Претеча и Крстител, Свети Јован, нè собра во оваа негова десетвековна Светиња, за да се поклониме на неговата чудотворна икона и на неговите пресвети мошти. Собрани сме да измолиме благодат и мир за душите наши и за светот во којшто живееме.
Зборовите со кои Свети Јован го подготвувал народот во Јорданската пустина за доаѓањето на Месијата, се подеднакво важни и актуелни и денес. Тој го обиколи, вели Евангелието, целиот крај околу Јордан, проповедајќи покајно крштавање за проштавање на гревовите; како што е напишано во Книгата, според зборовите на пророкот Исаија, кој вели: „Гласот на оној, што вика во пустината: пригответе го патот на Господа и рамни правете ги патеките Негови; секоја долина нека се исполни и секоја планина и секој рид нека се снизат; кривините нека се исправат и нерамните патишта нека се израмнат, и секое тело ќе го види спасението Божјо!“ (Лука 3,6) Да обратиме поголемо внимание на зборовите: секоја планина и секој рид нека се снизат. На што би можело да се однесува ова? Секако, не на физичките планини коишто нè опкружуваат, ами на планините изградени од гордост во нашите срца. Гласот на оној кој вика во пустината и денес со истата сила нè повикува сите нас да ги снижиме планините на егоизмот и ритчињата на суетата и на гордоста, а тоа значи да се смириме пред Господа Бога, та да може Он, Словото Божјо, да се всели и да живее во нас.
Оние коишто со смирение го прифатиле повикот на Свети Јован и се потрудиле да ги срамнат планините на гревовното себељубие, се удостоиле да Го препознаат и да Го примат Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе (Јован 1,29). Планините и ридовите во срцето, создадени од гордоста, го прават човека бесчувствителен, егоист, осамен, несреќен. Затоа гордоста се нарекува мајка на сите гревови и на сите зла. Впрочем, поради гордоста се случил и првиот гревопад, кога нашите прародители во Едемската градина се возгордеале пред нивниот Татко небесен и така, први го издигнале ѕидот помеѓу човекот и неговиот Создател. Колку ли планини и ридови на човечката гордост се попречиле како непробојна преграда помеѓу Бога и човекот! Меѓутоа, невозможното за луѓето е возможно за Бога: од преголема љубов кон Своето создание, Синот Божји дојде на Земјата, за да го избави човекот од бедата во која самиот западнал. Со искупителната жртва на Богочовекот Христос, Кого аскетската рака на последниот старозаветен пророк, Свети Јован, Го покажа на сите како Јагне Божјо, Кое ги зема гревовите на светот, на сите луѓе им е предоставена можноста за спасение и за обожение. Но, потребна е аскеза од наша страна, покајание и подвиг за стекнување на смирение, подобно на Крстителот. Тогаш благиот Христос ќе ги исполни долините на нашето смирение со благодатта на Светиот Дух. Свети Јован, значи, нè повикува на смирение, да се смириме во нашите срца и души, за да можеме да се причестиме, да се соединиме со Христа Бога.
Животот на Свети Јован е едно непрестајно големо чудо од самото негово раѓање. Особено пленува и восхитува неговото чудесно смирение. Имено, смирението го направило пријател на Господа, пријател на Спасителот Христос, Кој за него ја искажа најголемата пофалба: „Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител“ (Матеј 11,11). Сиот живот на Свети Јован беше едно огромно смирение. Впрочем, сè што правел, сета негова борба, неговиот животен подвиг бил заради Христа. Трогнуваат неговите зборови изречени за појавата на Спасителот во светот: „Оној што ја има невестата е младоженец; а пријателот на младоженецот, кој стои и го слуша, многу се радува на гласот од младоженецот. Оваа моја радост се исполни. Тој треба да расте, а јас да се смалувам!“ (Јован 3,29-30) Кој е Тој? Христос, Младоженецот на Црквата, за Кого Свети Јован беше испратен, за да Го објави и да Го покаже. Затоа и рече: „Јас ве крштавам со вода за покајание, но Оној Кој иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; Тој ќе ве крсти со Светиот Дух и со оган“ (Матеј 3,11). Односно, со животворна благодат, со несоздадените Божји енергии, преку кои се осветуваме и се присоединуваме со Бога.
Смирениот Свети Јован Му ги предал на Христа и своите ученици, без никаков приговор, без ни трошка посесивност. Во Евангелието читаме како Јовановите ученици, Андреј Првоповиканиот и Јован, на почетокот се сомневале дали Исус Назареецот е вистинскиот Месија, бидејќи им изгледал доста поразличен од нивниот учител. Свети Јован ги поттикнувал да одат со Христа, но тие биле исполнети со сомничавост. Затоа, Крстителот, знаејќи ги нивните помисли, ги испратил учениците кај Христа, за да Го запрашаат дали е Он Спасителот што треба да дојде на Земјата, или треба друг да чекаат. Тогаш Христос им одговорил: Одете и кажете му на Јован што слушате и што гледате: слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат; мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието (Матеј 11,4-5). Со ова, всушност, учениците на Свети Јован се увериле дека Господ Исус е ветениот и долгоочекуван Месија, па го послушале својот учител и Му се придружиле на Христа, Младоженецот на Црквата.
Пророштвото од пророк Исаија, искажано и од устата на Свети Јован во Евангелието, накрај гласи: нерамните патишта нека се израмнат, и секое тело ќе го види спасението Божјо! Доколку се трудиме, значи, да се смируваме, во покајание и во молитва, со тих дух и добри дела, нашите тела ќе Го познаат Бога и ќе станат храмови на Светиот Дух. Тоа е, впрочем, Божјото предназначение за човекот – тој да стане храм на Троединиот Бог, преку Кого се спасува секое човечко битие.
Да го молиме овој голем Пророк, Претеча и Крстител, кој е неуморен во моленијата и постојано стои оддесно на Престолот Божји, застапувајќи се за целиот свет, за да ни даде благодатни сили, та да се смируваме во овие тешки времиња. Несомнено, денес живееме во една чудна и испревртена епоха. Гледаме како во Божјата Црква и меѓу православните Христијани се шират секакви влијанија од другите христијански и иноверни деноминации, коишто не се во согласие со духот и со етосот на Православието. Ваквите влијанија се шират особено преку сообраќајот на социјалните мрежи – виртуелен простор каде што луѓето просто се забораваат себеси, ги погазуваат своите принципи, етичките норми, па дури и својата човечност. Подложени на разни негативни, деструктивни и лажни проповедања, луѓето зависни од социјалните мрежи, релативизираат секаков авторитет, стануваат непокорни, се вообразуваат, сметајќи се себеси за компетентни да коментираат за сè и сешто, да проповедаат, да се прават водачи. Поради тоа во општеството веќе не постојат никакви авторитети, а се релативизираат дури и црковните авторитети, коишто се особено важни за спасението човечко. Свети Јован да ни ги просветли мислите и да ни ги отвори духовните очи, за да разбереме дека без послушание во Црквата не може да се живее. Црквата без епископи и без свештенство не може да суштествува. Сите ние во Црквата, како Тело Христово, сме едно, народ Божји, меѓутоа Бог поставил некои за пастири и учители, преку Светиот Дух ракоположил свештен клир без кој не може да функционира светотаинскиот живот. А денес, за жал, гледаме како голем број од Христијаните, со дрскост и без и најмал страв Божји, критикуваат свештеници, монаси, епископи… Таквите треба да знаат дека секој што застанува против и се осмелува да го критикува клирот на Црквата, кој е од Бога повикан и поставен на тоа место, тој истапува, всушност, против соборноста на Црквата и несвесно запаѓа во ереста на протестантизмот. Во Црквата, отсекогаш, уште од апостолско време, има едно правило кое вели дека не секој може да поучува и да проповеда во соборот на верните. За таа цел, епископите избирале одредени луѓе, на кои им било благословено јавно да поучуваат и да проповедаат. Па макар и некој да бил образован теолог, доколку епископот не го задолжел да зборува, тој не смеел да го прави тоа. Во нашево време, пак, гледаме како на интернет, низ социјалните мрежи, на тој огромен јавен простор, никнуваат разноразни самоповикани теолози, учители, проповедници, пророци и сл., коишто си земаат за право за сè да коментираат. Како да станува збор за директни Божји избраници и сезнајковци. Но, се разбира, сезнајковци меѓу луѓето нема. Господ е Единствен Кој сè знае и сè гледа и Тој сезнаен Бог наш нè поучи никого да не судиме, зашто со каков суд судиме со таков ќе ни се суди.
Некои од тие критикувачи на свештениот клир на Црквата се повикуваат на тоа дека тој и тој епископ или свештеник нешто згрешил, па затоа мораат јавно да го разобличат. Меѓутоа, не сме ние кои треба да судиме за нечија погрешка, бидејќи за клирот постои посебен црковен суд, кој единствен има надлежност да ги разгледува и да одлучува за таквите прашања. Свештеникот одговара пред својот епископ, а епископот одговара пред неговиот Свет Синод, односно пред соборноста на Црквата. Народот може да го напушти својот епископ само во случај тој да паднал во некоја ерес, но и за тоа најнапред треба да испита и потврди Светиот Синод. Само соборот на Црквата е меродавен да пресуди дали некој паднал во некоја ерес. Па така, гледате и самите во каква заблуда се сите тие самоповикани проповедници и „очистители“ на Црквата. Тие постојано манипулираат со свештените канони на Црквата, несоодветно расфрлајќи се со нив, а самите се покажуваат како најголеми рушители на тие канони, запаѓајќи во самоволие и протестантизам. Така го поткопуваат темелот на Светата Црква и стануваат виновни за голем грев. Затоа, ве замолувам, бидете посебно внимателни. Таквите самоволија и ереси се појавувале често пати низ историјата. Како еклатантни примери за тоа ги имаме богомилството на Исток и протестантизмот на Запад. Но, тие се присутни и во поново време, и тоа среде православните Христијани. Во Русија, на пример, кон крајот на 17 век се појавиле верници, кои под влијание на протестантизмот од Запад, застанале против духовенството на Црквата и затоа се наречени беспоповци. И до ден денес во Русија постојат неколку општини на беспоповци. Тие погрешно си мислат дека Црквата може да постои без епископи и без свештеници. Се разбира, тоа е невозможно, но гледајте до каде може да се заблуди човек. Денес, со лесниот достап до широката јавност преку социјалните мрежи, ваквите заблуди непречено наоѓаат простор за ширење и заразуваат бројни души.
Навистина живееме во едно тешко и збунувачко време. Затоа, да стоиме право во вистината, во верата и во правомислието, а ќе стоиме исправени само доколку ја надминеме сопствената гордост, доколку се научиме да се смируваме, да си кажеме на себеси: не, јас не сум повикан да судам, особено, пак, не некого од светиот клир на Црквата, туку сум повикан да се покајувам, да се поправам себеси, да го победувам стариот човек во мене, преку подвигот на смирението и на послушанието. Исто така, да кажеме дека има свештеници коишто се осмелуваат да зборуваат на секоја тема и ги повикуваат Христијаните да стануваат против својот епископ. Таквите нека знаат дека утре истите тие Христијани ќе станат и против нив. Има, за жал, и такви од клирот на Црквата, кои водени од страста на зависта, ги повикуваат нивните духовни чеда да пишуваат против одредени духовници. Тоа е многу страшна и жалосна појава во Црквата. Нема да зборувам за она што се случува со луѓето надвор од Црквата, бидејќи најголемата одговорност за злото во светот, за оладената љубов во светот, не е во другите, ами во нас, во луѓето од Црквата. Сетете се што вели Господ Христос за крајните времиња: Тогаш мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат и еден со друг ќе се мразат; многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина; и бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе олади (Матеј 24,10-12). Кога, значи, љубовта ќе олади кај Христијаните тогаш ќе дојде крајот на светот. Сепак, ние знаеме дека Исус Христос е ист вчера и денес и во веки (Евр. 13,8) и Тој ќе остане наш Спасител до крајот на светот. Сите што во смирение ќе Го призиваат Неговото свето име, ќе бидат спасени, како што вели пророштвото на Исаија и сечесната уста на Свети Јован Крстител, дека секое тело ќе го види спасението Божјо.
Да му заблагодариме уште еднаш на милиот наш Свети Јован и да стоиме право, согласно повикот на Светиот Архангел Михаил, кој кога се случил падот на Сатанаил и на неговите ангели, на сета небесна војска, како Архистратиг ѝ извикал: да стоиме право, да стоиме со страв, да внимаваме! Така, секој Христијанин е должен да стои право, во послушание кон Црквата и во љубов едни кон други, не судејќи никого, туку смирувајќи се и просејќи ги молитвите од Свети Јован Крстител и од сите Светии, кои се, всушност, глас Божји кој вика во пустината. Пустината, пак, се нашите оладени срца, нашиот стар човек во нас, на кого му е потребен лекот на смирението. Светиот Апостол Павле советува да го отфрлиме од себе стариот човек, кој се распаѓа во измамливите желби, за да се обновиме со духот на својот ум и да се облечеме во новиот човек, создаден според Бога во вистинска праведност и светост (сп. Ефес. 4,22-24). Ние како Христијани сме облечени во Христа и треба во сè да Го следиме Него, за да ја сочуваме облеката на крштението света и непорочна, итајќи кон светото обожение.
Свети Јован Крстител нека ни е напомош на сите! За многу години!
Телата на девет лица кои исчезнале минатиот месец во јужниот дел на Мексико, биле пронајдени масакрирани на автопат, заедно со торба во која се наоѓале нивните раце, пренесува Дејли Меил.
Остатоците биле откриени во багажник на напуштен автомобил во Сан Хозе Миахуатлан, на границата помеѓу мексиканските држави Пуебла и Оаксака, околу 280 километри од Мексико Сити. Се смета дека ова е уште едно брутално убиство поврзано со наркокартелите.
Мексиканската влада започна неофицијална војна против наркокартелите во 2006 година, во која до денес загинаа повеќе од 300,000 луѓе, а околу 60,000 лица се исчезнати.
Во однос на последно објавеното соопштение на ФК Силекс, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Одборот на судии во рамки на ФФМ на чело со претседателот Александар Ставрев, најостро ги осудуваат непрофесионалните, неетичките, неоснованите и злонамерни напади насочени кон претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ и комесарот Јосип Бартон, како претседавач со Комисијата за делегирање на судии. Овие обиди за дискредитација претставуваат неприфатлив притисок врз стручните тела во ФФМ што работат исклучиво во интерес на македонскиот фудбал.
Како водечка институција во македонскиот фудбал, ФФМ ќе продолжи со професионално и одговорно управување, без да подлегне на надворешни притисоци или било какви други влијанија, а ќе ги искористиме сите расположливи механизми за заштита на интегритетот и нема да дозволиме било каков обид за манипулација и нарушување на угледот на ФФМ и нејзините официјални претставници.
Впрочем, за контрадикторноста и злонамерата во испратеното соопштение е токму фактот што претседателот на ФФМ многу децидно, уште по преземањето на функцијата, јасно кажа дека прв и основен приоритет на ФФМ е воведувањето на ВАР технологијата за што и се започнати активности. Притоа, неколкупати посочи дека дејствувањето и работата на Судиската организација е оставена на стручните лица, членови на истата и во ниту еден сегмент ниту некој може да влијае, ниту обидите за влијание на било кој член на судиската организација ќе минат без последици.
Во таа насока, загрижува фактот што ФК Силекс е единствениот клуб кој во изминатите две кола од Прва МФЛ и за мечот од Купот на Македонија низ разни „канали“ бараше делегирање на посакувани судии за своите натпревари.
Се разбира, преку ТВ Сител даваме можност во „Куќа на фудбалот“ да добијат потврда и докази на овие тврдења, но само доколку јавно во своите информативни изданија ги споделат доказите за посоченото. ФФМ е подготвено да ги објави.
Загрижувачки е тоа што телевизиски канал, во директни врски со ФК Силекс, ја користи својата медиумска моќ за да врши непотребен притисок врз ФФМ врз основа на неосновани тврдења. Времињата кога надворешениот притисок и закани можеше да влијае на раководните тела на фудбалот поминаа.
Изнесените квалификации и манипулации во овој случај не служи како ваше алиби за резултататите, туку многу повеќе. Самите не верувате во соопштението и го користите најгрубиот начин во намерата да создадете алиби и да ја обвините Судиската организација и ФФМ за вашите резултати оваа пролет. Простете, но исполнување желби, повеќе нема да има.
Загрижувачки, но во исто време и недолично за еден од најдобрите клубови во Македонија е што дозволува во своите структури да биде инволвирано лице со сомнително минато и фудбалски манипулатор со постапки кои не веруваме дека и се познати на сопствениците на ФК Силекс.
Долг е списокот на натпревари на кои директно беа оштетени клубовите – противници на ФК Силекс, но доколку сакате, немаме проблем повторно да ги посочиме.
Имаме разбирање дека тешко се забораваат старите навики и претходниот начин на дејствување и треба време за да се прифати еден нов, професионален и чесен начин и пристап на работа.
Се надеваме дека ќе ги осознаете своите лични и колективни потенцијали и евентуални квалитети со вредностите кои ги промовираме и повторно ќе го вратите Вашиот клуб патот на успехот.
Одборот на судии заедно со стручните соработници го следи секој натпревар со најголемо внимание и има конзистентен професионален пристап. Имено, натпреварите се контролираат од страна на искусни контролори кои биле врвни поранешни републички или интернационални судии, но вклучително и од целиот Судиски одбор.
Во изминатите две одиграни кола во Првата и Втората МФЛ и одиграните натпревари од ¼ финалето на Купот на РМ, Одборот на судии генерално е задоволен од целокупните судиски перформанси, но исто така јавно и транспарентно ги потврди сите погрешни судиски проценки.
На последно одиграните четвртфинални Куп натпревари, конкретно на натпреварот Вардар – Силекс, во 68. минута направена е погрешна проценката од првиот асистент судија при постигнувањето на голот на домашната екипа и истата уште по завршување на натпреварот е потврдена од контролорот.
Исто така, во посочената 6. минута од презентираната видео снимка, тврдењето дека „играчот со бр.8 на гостинската екипа е удрен со лакт од противнички играч“ е неиздржано, од причина што одбранбениот играч со бр. 3 на домашната екипа прв стигнува до топката и со испружена рака гради простор при што напаѓачот удира во него. Оттука, би можеле да прифатиме дека не е досуден прекршок, но во никој случај не и некакво удирање со лакт на противнички играч.
Притоа, контрадикторно на тврдењето на гостинската екипа, во 51. минута играчот со бр.75 на домашната екипа стартува преостро врз противничкиот гостински играч со бр. 8 за што правовремено е покажан и жолт картон, нешто што во прикажаното монтирано видео е исечено и не е презентирано на јавноста.
Воедно, ФК Силекс во информирањето до јавноста презентираше и неточни и непрецизни податоци од извадената статистика за бројот на одсудени натпревари на главниот судија, кој во најмала рака е двојно повеќе од презентираното, имајќи предвид дека истиот суди натпревари во Првата МФЛ од 2021 година и навистина како Федерација не би не радувал фактот доколку ФК Силекс вака „педантно и точно“ води статистика и за своите играчи.
Истовремено, Одборот на судии информира дека и на натпреварот помеѓу екипите на ФК Брера и ФК Аресими во 78. минута е направена погрешна проценка од главниот судија и не е досуден пенал за гостинската екипа.
Свесни сме дека фудбалот е динамична игра. Натпреварите од Првата и Втората МФЛ, како и КУП натпреварите се изедначени по квалитет, а судиите го носат „притисокот“ од значењето што секој натпревар го има и очекувањата од нив се големи. И покрај најдобрите напори, ненамерните погрешни судиски проценки се составен дел од секој спорт.
Сепак, изолираните погрешни судиски проценки, кои патем до сега се сите негативно оценети од контролорите на судењето, во никој случај не смее да фрли сенка врз кредибилитетот, професионалноста и интегритетот на судиите, а ФФМ ќе остане посветена на зачувување на интегритетот и транспарентноста во својот ангажман и нема да дозволи неосновани обвинувања да го нарушат кредибилитетот на Федерацијата и нејзините претставници.
Атина– Двегодишнината од железничката несреќа кај Темпи во која загинаа 57 лица, утре во Грција ќе биде одбележана со генерален штрајк што буквално ќе ја парализира земјата, нема да функционира бродскиот, авионскиот и железничкиот сообраќај, дел од рестораните, таверните, кафулињата, ноќните клубови, театрите ќе бидат затворени, а закажани се над 340 протести во земјата и странство, јави дописничката на МИА од Атина.
Железничката несреќа се случи на 28 февруари 2023 година при директен судир на товарен и патнички воз, кои се движеа на истата шина во различни правци, по сударот следеше и експлозија, а животот го загубија 57 лица, од кои поголемиот број беа студенти.
Иако поминаа две години од една од поголемите трагедии во Грција, несреќата во изминатиот период одново е актуелна во земјата и поради тоа што две години подоцна остануваат многу неодговорени прашања, но и поради тоа што во медиумите континуирано се објавуваат нови информации и аудио и видео документи.
Во рамките на генералниот штрајк закажани се вкупно 345 протести, од кои 243 се на различни локации во Грција, а 102 се низ целиот свет, додека пак според најавите и судејќи според демонстрациите што се одржаа минатиот месец, се очекува утрешните протести да бидат особено масовни.
Исто како и за време на масовниот протестот одржан на крајот на јануари, така и сега главниот слоган е „Немам кислород“ по објавениот аудиозапис од телефонски повик на бројот 112 за итни случаи во кои се слушаат повиците за помош, меѓу кои и женски глас што вели „Немам кислород“, а главното барање е правда за жртвите.
Генералниот штрајк е закажан од најголемите грчки синдикати на вработените во државниот сектор (АДЕДИ) и на вработените во приватниот сектор (ГСЕЕ), како и синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија, а 24-часовниот штрајк го поддржуваат низа здруженија, федерации итн.
Во штрајкот ќе учествуваат и адвокати, фармацевти, лекари, студенти, ученици, просветни работници, голем дел од угостителските објекти нема да отворат, а ноќните клубови и клубовите со жива музика, односно популарните бузуки, во кои настапуваат познати грчки пејачи, утре ќе останат затворени во спомен на жртвите.
Бродовите ќе останат закотвени на пристаништата од раните утрински часови, железничкиот сообраќај ќе биде целосно во прекин, а 24-часовен штрајк најавија и контролорите на летање, со што откажани се сите летови од и кон Грција со исклучок на: летови кои со шефови на држави, премиери; летови на грчките воздухопловни сили кои учествуваат во оперативни мисии и закажани вежби; летови од медицински или хуманитарна причини; летови на авиони за потрага и спасување.
Јавниот превоз во Атина, односно автобусите, тролејбусите, трамваите ќе учествуваат во штрајкот и нема да сообраќаат, а единствено метрото ќе работи од 9 до 17 часот со цел да им овозможи на граѓаните да стигнат на протестот во центарот на градот.
Грчката метропола ќе биде и без такси превоз, со оглед на тоа што такси возачите организирани од нивниот синдикат учествуваат во штрајкот, меѓутоа започнаа иницијатива „такси на солидарноста“ – нешто што првпат се спроведува во Грција, односно на четири различни локации ќе има таксисти волонтери, кои бесплатно ќе ги пренесуваат граѓаните до плоштадот Синтагма каде што ќе се одржи протестот.
Во Атина собирот е закажан за 11 часот по локално време, а ќе се преземат зголемени безбедносни мерки, според грчките медиуми, со ангажирани над 5.000 полицајци.
Министерот за заштита на граѓаните Михалис Хрисохоидис во чија надлежност е и полицијата во интервју за радиото „Параполитика“ вчера рече дека „се прават големи подготовки за полицијата да ја постигне својата централна цел, а тоа е демонстрациите да завршат мирно и пред сè безбедно за граѓаните кои ќе учествуваат“.
Непосредно пред утрешната годишнина, грчката Национална управа за истрага на авионски и железнички несреќи и безбедност на транспортот, претпладнево ќе го презентира извештајот од истрагата на експертите за причините за железничката несреќа и експлозијата што следеше по судирот на патничкиот и товарниот воз.
На вчерашната владина седница грчкиот премиер Кирјакос Мицотаки се осврна на втората годишнина од железничката несреќа кај Темпи, посочувајќи дека „мнозинството Грци сакаат вистината да блесне, правдата да биде задоволена и никогаш повеќе да не доживееме слична трагедија“, истакна дека „националната драма треба да го обединува општеството под заедничко барање за вистина и правда“, а за протестите нагласи дека се уставно загарантирано право на граѓаните, но и дека државата треба да ги заштити демонстрантите, а „одредени ќе протестираат против Владата“.
Следната седмица, односно во вторник и среда во Парламентот ќе се одржи расправа за формирање предистражна комисија за несреќата, а Мицотакис посочи дека тогаш партиите ќе можат да ги претстават своите ставови, но и дека ако опозицијата сака, ќе може да достави предлог за гласање недоверба на Владата.