12 септември, зора е. Четврти ден од пеколот во Тетово со четиринаесет жртви и петстотини триесетти ден од првиот смртен случај од КОВИД-19. Досега веќе имаме шест илјади двесте триесет и шест маченици — „and counting“…
Голгота… пеколно крешендо – што кулминираше со живи изгорени луѓе – кои отидоа во вечноста, барајќи спас од вирусот… Длабоко сочувство до семејствата за ненадоместливата загуба!
Се случи неописливо страотна несреќа денес, небаре сме во илјада триста четириесет и шестата – доцниот среден век – кога косеше „црната чума“!
Ќе паднат оставки, се разбира… Што дека?
Шампиони во Европа и светот сме! Шест илјади двесте триесет и шест семејства завиткани во црно! Ми се наметнува прашањето: Зошто не покажавме – и понатаму не покажуваме – барем малку пиетет? Зошто толку грозничаво инсистирање на кафани, журки, свадби, хедонизам? А, истовремено, тука покрај нас, се слушаат ужасни претсмртни крици во болниците…
До таа мера ли сме потонале во тотална, монструозна индиферентност кон несреќата, смртта на ближниот? Од каде толку егоизам и отсуство на емпатија? Перверзен танц на Танатос и Ерос!
Но, не е тоа тема на постов! Темата е – зошто баш ние шампиони во смрт да бидеме?
Многу причини се спомнуваат. Не биле доволно добри мерките! Народот не ги почитувал! Најлошо општо здравје сме имале! Доцна барале лекарска помош болните!
Но, прво срамежливо, па сѐ погласно, почна да се спомнува и една друга причина – отсуство на единствени протоколи (упатства) за третман на болни од КОВИД-19.
Но, тука на сцена е она бекетовско чекање на Годо! Петстотини и триесет дена (или нешто повеќе) го чекаме, а тој никако да дојде!
Се огласи – конечно – Лекарската комора на Македонија (ЛКМ) – точно пред седумнаесет дена… со задоцнување од петстотини и тринаесет дена – затоа што беше прозвана. Ги повика надлежните институции, стручните комисии и лекарските здруженија, „во услови на непостоење на национални протоколи“ (значи, признава дека нема протоколи!) „да споделат со јавноста стручни ставови за сите отворени прашања и дилеми, како би можело граѓаните заклучоци и ставови да градат на точни факти, а не на дезинформации.“
Да споделат стручни ставови!? А зошто не ги повика да изготват протоколи за третман на ковид!? Зошто се бега од протоколи? Зарем досега не стана јасно дека без протоколи голем дел од нашиве доктори се снаоѓаат како „риби на суво“? Слушам по медиуми – тврдат некои – протоколи сме имале!? А зошто тогаш ЛКМ во својот проглас вели дека национални протоколи немаме!?
Ај, да речеме, ги има… можно ли е, во тие „протоколи“ да пишува дека основен елемент на третманот на ковид се антибиотици од широк спектар!? Зашто, секому досега му стана јасно дека мнозинството доктори – на сите нивоа на здравствена заштита – на болни од ковид – нехоспитализирани и хоспитализирани – ординираат антибиотици… многу често дури по два, многу често двојни дози (Сумамед) – па и тројни? Дури и на деца! Во кој протокол во светот пишува дека антибиотиците се столб на третманот на ковид? Во никој! Ако такви протоколи навистина сме имале – фрлете ги во канта!
Но, настрана протоколите… И без нив, ако имаат диплома од Медицински факултет, зарем нашиве доктори (не сите, се разбира) не знаат дека антибиотици не делуваат на вируси? Зарем не знаат дека антибиотик не се дава само за позитивен ПЦР тест? Или само за „црвено грло“? Или само за сува кашлица? Или за растечен нос? Зарем не знаат дека не се дава „за да не се спушти на плуќа“?
Зарем не знаат дека антибиотик не се дава дури и при присутна атипична (вирусна) пневмонија, ако нема доказ во крвната слика за присуство на бактериска инфекција? Зошто буквално се апстрахира крвната слика? Зарем не знаат дека основен столб на одбраната на организмот е сопствениот имунолошки систем? Зарем не знаат дека тој е под „команда“ на цревната бактериска флора?
Зарем не знаат каков масакр прават антибиотиците на таа флора? Зарем не знаат дека тогаш, како последица, доаѓа до компромитација на имуниот одговор и единствената одбрана против вирусот е на колена? И дека тогаш вирусот буквално може да збесне, како во „авлија без кучиња“?
Зарем не знаат дека без заштитната улога на цревните бактерии, лесно се накалемуваат бактерии резистентни на антибиотици – и не само тие? За тогаш буквално да се направи „од готово вересија“… заради што и непотребно се умира, нели!
На што се должи оваа епидемија на ординирање антибиотици на ковид пациенти – и амбулантски и хоспитализирани? Заради незнаење? Заради конформизам ли, затоа што знаат дека тоа го очекуваат пациентите од нив? Зашто, кај луѓето постои став дека ако доктор не им даде антибиотик, тој не е добар доктор?
Зошто, наместо да бидат конформисти, докторите од примарна здравствена заштита не го одберат потешкиот пат – да го едуцираат народот? Нели основна мисија на примарните доктори (и не само нивна) е здравствено да го просветуваат населението и грижа за здравјето, а не лекување на изгубеното здравје (to care not to cure)? Зарем лекување е давање антибиотици за вирусна инфекција – дури и на деца? Јас ќе речам – труење е! Зарем е можно некои да се водат и од лукративни мотиви?
Зошто едукативно не делуваат – голем дел од нив – и на полето на вакцинацијата? Зошто сѐ уште има невакцинирани доктори? Зошто такви има дури и на клиниките? Како може да има само околу 85 проценти вакцинирани доктори? Зошто не дадат личен пример? Како тогаш да очекуваме обичните луѓе да ни веруваат и да се вакцинираат без скепса и страв? Зошто има доктори кои дури и ги одвраќаат луѓето од вакцинирање? Зошто… Има многу „зошто“. Во таков амбиент, се создава плодна почва за теории на заговор! Теории на „мијазма“ на 21 век!
Секако, не смееме да генерализираме. Има многу светли примери меѓу колегите. Мислев дека тие се мнозинство. За жал, малцинство се тие… За нив, секоја чест! Капа долу! Но, неколку ластовици не ја прават пролетта…
Што да се прави? Мораме да се разбудиме од летаргијата. Мораме да ја сопреме инерцијата која води во бездна! Мораме да покажеме дека Хипократ не сме го заборавиле!
Нека се разбудат стручните здруженија при Македонското лекарско друштво. Еснафот е на потег! Нека седнат заедно, нека ги изанализираат состојбите. Нека направат работна група составена од инфектолози, пулмолози, анестезиолози. Конечно да дојде на светло на денот национален протокол, упатство – наречете го како сакате – за третман на болни од КОВИД-19 на сите нивоа на здравствена заштита. Макар со задоцнување од петстотини дваесет и кусур дена. Подобро некогаш, отколку никогаш. А Министерството за здравство да се грижи тие протоколи да се спроведуваат стриктно од секој доктор во Македонија!
Во меѓувреме, го чекаме Годо… Се надевам, нема долго. За животи се работи!
Во продолжение, нудам на увид две упатства како урнек – едното од Светската здравствена организација и другото од Националните институти за здравје во Соединетите Американски Држави. Во ниту едно од нив не се спомнуваат антибиотици во основните протоколи, освен ако постои индикација за бактериска пневмонија!