Connect with us

Приказни

“Починатите не се само бројка во статистиката, мојот сопруг не дочека вакцина, Здравко требаше да живее, никој не одговара на прашањата!”

Published

on

Наде Јовчевска е сопруга на Здравко, еден од речиси 7000 илјади македонски граѓани кои го загубија својот живот во битката со Ковидот.

Наде има огромен број прашања поврзани со смртта нејзиниот сакан на кои со месеци нема одговори. Вакви одговори од министерот Филипче и другите здравствени институции чекаат десетици илјади луѓе кои ги загубија своите родители, деца, роднини, пријатели ….

Во продолжение целата ситуација околу смртта на Здравко, човекот што како и сите други жртви на пандемијата требаше да живее:

Починатите од ковид не се само бројка во статистиката, туку се луѓе кои имаат семејства, деца, родители, колеги, пријатели, роднини, кои по губењето на своите блиски остануваат со многу неодговорени прашања….

Мојот сопруг, Здравко Јовчевски, го загуби животот прерано, на само 39 години, на 7 април 2021 година во болницата “8 септември” , на ковид интензивна нега одделение.

Зад себе остави сопруга и две малолетни деца. И многу прашања за кои се уште јас како сопруга, со месеци, чекам одговори кои никако да ги добијам од официјалните институции, и покрај регуларно доставените барања.

Од самата појава на Ковид 19 во Македонија, следевме мерки на заштита и повеќе од она што го препорачуваше државата. Мислам дека ретки беа луѓето кои толку внимаваа на ковид протоколите колку нас. Со месеци чекавме и следевме што се случува со вакцините, како оди набавката на вакцини против Ковид 19 и се надевавме дека брзо ќе пристигне и во Македонија и ќе бидеме безбедни.

Но за жал, мојот сопруг не дочека вакцина. На 20 март 2021 година започна борбата на нашето семејство со Ковид 19. Следејки ги сите насоки од матичната докторка, мојот сопруг пиеше комплетна витаминска терапија и ивермектин уште од појавата на првиот позитивен тест кај синот. Но и тој на 23 март доби позитивен тест. По првата крвна слика, која беше стабилна, меѓу останатото му беше даден и антибиотик Pancef на CRP вредност од 4,6.

Патем, сопругот ниеднаш не беше прегледам од матичната докторка. Се прашувам дали матичната докторка му даде Pancef за да го заштити или себе да се заштити од можни компликации, кога веќе државата не ги заштити ни пациентите ни докторите со креирање на протокол за лекување од Ковид 19?

И додека луѓето од Македонија одеа во соседна Србија да се вакцинираат, ние веќе боледувавме. Задоцнивме две до три недели….а државата задоцни со вакцинацијата за илјадници починати и зацрнети семејства…

На своја иницијатива на 27 март кај приватен рендгенолог направивме и рендген снимка на белите дробови на сопругот која покажа наод на двете белодробни крила. Со снимката Здравко замина на контрола во ГОБ „8 Септември” од каде се врати со насмевка дека докторите го смириле дека „не е ништо страшно, и скоро сите имаат ваков наод”, но со додадена терапија Sumamed двојна доза за 6 дена и продолжување со Pancef, и додадени кортикостероиди Декортин, без воопшто да се направи крвна слика.

Антибиотиците, и тоа два од кои еден во двојна доза се недозволиви за лекување на вирусна инфекција, тоа го знаат и студентите на I година во средното медициско училиште, а не пак ние кои маката не натера на секакви проучувања.

Дента на 30 март 2021 по измерена сатурација под 85 итно заминавме во ГОБ 8 септември каде веднаш беше ставен на кислородна поддршка и му беше земена крв за анализа и рендген на белите дробови.

Не сакам да зборувам што се видов во тријажното одделение тој ден во ГОБ 8 септември, од луѓе кои нема кој да ги упати каде да појдат за рентген снимка, до бабичка која три часа лежеше на болнички кревет во чекална и никој не и ја провери состојбата, дали спие или е нешто друго во прашање, до чекањето три и повеќе часови за резултати, до сестрата која го вртеше регулаторот за кислород на сопругот на ѓутуре.. и тогаш започна вистинската голгота.

Секој ден со часови упорно вртев во одделенијата каде што беше сместен сопругот со цел да добијам информација како е.

Едвај добивав линија.

Скоро секогаш одгвоорот беше дека е стабилен, освен кога докторка ми кажа дека ќе се симне на Интензивна нега поради мониторинг, затоа што имал цитокинска бура…..

Неколкупати прашував дали треба нешто да купам, да донесам некој лек кој можеби го немаат, им кажав дека и под дрво и камен ќе најдам се што треба, но ми велеа дека имаат се. Единствено што ми побараа беше озонотерапија која ја набавив и однесов во рок од еден час и му беше аплицирана.

Не знам зошто не му беше аплициран Tonzicilimb Actemra за кој подоцна дознав дека ја смирува цитокинската бура, која тој ја доживеал двапати.

Но подоцна најдов и порака кај него дека „апаратчето било заглавено, и “и овие овде не знаат што прават”. Не сакам да знам што тоа се може да значи и со каква апаратура располагале, тоа е работа на Државен санитарен и здравствен инпекторат.

Мојот сопруг го добив на телефон последен пат на 03.04.2021 година. Дента претходно и тој ден рече дека е добар и дека примил и крвна плазма и озонотерпаија и дека сите се надевале дека ќе биде се во најдобар ред.

Потоа го снема…

Подоцна добив повик дека е на респиратор поради влошена состојба и вода во белите дробови, за на крај, на 7 април во 19.40 да ми се јават дека ја изгубил битката со Ковид.

Мојот сопруг имаше 39 години, беше комплетно здрав и витален, без ниеден коморбидитет, без никакви здравствени прблеми и непушач.

По неговата смрт почнав да се распрашувам како е лекуван, што се му е давано, да истражувам какви се ковид протоколите на СЗО и во другите земји, кои протоколи се користат кај нас, и не најдов никаков унифициран ковид протокол за сите нивоа на здравствената заштита, ниту за матични лекари, ниту за секундарно, ни терцијално здравство, кои очигледно уште ги нема!

И дојдов до повеќе работи кои беа контрадикторни. Така почна моето барање на одговори од надлежните институции.

Јас имав сомнежи дека мојот сопруг почина меѓу останатото и од негрижа и нестручност и тоа поради повеќе причини за кои побарав одговор во надлежните институции од кои уште од мај немам одговор.

Досега се имам обратено до Министерството за здравство со две барања, едното е Барање за вонреден инспекциски надзор на комплетното лекување на мојот сопруг, за кое не добив официјален одговор и по повеќе контактирања од моја страна, а е поднесено на 14 мај.

Истиот ден е поднесено барање до Државен санитарен и здравствен инспекторат за вонреден инспекциски надзор на лекувањето на Здравко, за кое добив одговор дека документите кои се собрани се пратени на понатамошна ревизија во лекарската комора.

Од лекарската комора, откако јас се јавив и конечно добив некаков одговор кон средината на август, ми кажаа дека на 17 јуни добиле документи но се уште нема составено комисија. Истиот одговор го добив и кон средината на септември годинава.

Колку време им е потребно на Лекарската комора да состават комисија??

Дополнително, во Министерството за здравство поднесов Барање и за вонреден инспекциски надзор на лекувањето на мојот сопруг од страна на независна лекарска комисија од универзитетски професори, за кое не добив никаков одговор, и по моето барање на архивски број.

Со целиот случај е запознаен и Народниот правобранител, кој неколкупати реагираше но нема позитивен исход. Комплетната медицинска историја која ја добив по месец дека безуспешно барање на одговор по мејл, и за која морав лично да одам да поднесувам барања, даде некоја сосема друга слика од она што мене ми беше кажувано по телефон од страна на болницата „8 септември’.

Во медицинската историја како последна потврдена дијагноза на мојот сопруг стоеше сепса, поточно дека мојот сопруг починал од сепса од бактерија и од септички шок, кој според документацијата се јавил дента по интубирањето на респиратор, со огромно покачување на Проталкацилинот.

Освен сомнежите кон примарното и секундарното лекување, се прашувам зошто на мојот сопруг му е прекината терапијата со хепарин и дадени потоа алтернативни антикоагулант и лекарста? Ми кажаа дека имал крварење, дали бил повреден при ставање на респираторот?

Имам многу прашања кои ме мачат како немедицинско лице, и очекувам комплетен медицински извештај од институциите.

Зошто и по приемот во болница од 30.03 е давана комбинирана антибиотска терапија кога тој до 1.04.2021 не покажувал знаци на бактериска инфекција?

Зошто постојано му е уништуван имунитетот без потреба, и кога веќе му требале антибиотици тие да не делуваат на неговата состојба заради претходно непотребно давање на антибиотици на сите нивоа?

Со која количина на кислород е третиран мојот сопруг?

И дали бактеријата која ја добил и е причина за септичкиот шок е добиена во болница, а е, според сите показатели?

Зошто мојот сопруг не добил Cipap маска туку веднаш бил интубиран на респиратор?

Се уште ги чекам надлежните институции, од мај месец, да дадат одговор на моите прашања. А НА КРАЈОТ НА СЕПТЕМВРИ – ОДГОВОРИ НЕМА!

Веќе неколку месеци очекувам одговор и јас нема да се откажам.

Апелирам до сите луѓе во Македонија кои изгубија свои блиски: НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈТЕ ОД ВАШИТЕ НАЈБЛИСКИ! Побарајте си ги сите оние права кои ви следат како на блиски на починати, тоа им го должите и ним, и на вас и семејството. Тоа се ваши загарантирани права кои треба да ги искористите.

Затоа што нашите блиски не се статистички податок, нашите блиски не се бројка, мојот сопруг не е “Починат од Скопје (39)” туку е ЧОВЕК кој се вика Здравко Јовчевски и кој требаше да го живее животот многу подолго од ова!

Истото е и за сите ваши блиски! Ние им го должиме тоа, и тоа е наша обврска, на нас, кои останавме овде после нивното заминување!

Ве замолувам, не се откажувајте од своите најсакани, борете се за нив и не дозволувајте неправдите и грешките, доколку ги има, да поминат неказнето и пред се, да се повторуваат. Затоа што ако имало проблеми при лекувањето, вашите блиски тоа го платиле со живот! Одговорност мора да има!

Нада Јовчевска, сопруга на Здравко Јовчевски

Текст: Експрес.мк

Приказни

Дали за десетина години ќе има кој да прави бурек?

Published

on

На нашите простори пекарските производи, особено бурекот, имаат долга и богата традиција. Со месо, сирење, спанаќ или праз, комбиниран со јогурт или ајран, бурекот е омилен меѓу сите генерации. Но, прашањето кое се поставува е дали за десетина-петнаесет години ќе има кој да го прави.

Пекарскиот занает е тежок и бара посветеност, а интересот кај младите за оваа професија постојано опаѓа. Абдурахим Ештрефи од Скопје е дел од последните генерации македонски бурекџии. Веќе 45 години ги прави највкусните пити, буреци и ѓевреци. Тој го изучувал занаетот три години во стручно училиште, а потоа продолжил да работи во објектот каде што е активен уште од 1980 година. Денес, фамилијарниот бизнис го води со својот брат.

„Тежок е овој занает, но е профитабилен. Веќе 45 години станувам во три-четири наутро. Не е лесно“, вели Ештрефи.

Иако машините значително го олесниле процесот на производство, новите генерации сè поретко се заинтересирани за пекарството. „Ова е стар занает, но младите не сакаат да го учат. Имам синови, внуци, но никој од нив не е заинтересиран. Најдобрите бурекџии заминаа во странство. Сите мои колеги, пријатели – веќе не се тука. Денес има машини и фрижидери, но потребно е да се знае рецептот, да се учи и да се работи посветено“, објаснува тој.

Според податоците на Стопанската комора од 2023 година, просечната возраст на вработените во пекарската индустрија е 57 години. Иако постојат програми за обука, 82% од компаниите се соочуваат со потешкотии да обезбедат стручен кадар.

Дали иднината на бурекот е неизвесна? Ќе зависи од тоа дали ќе успееме да го зачуваме и пренесеме овој занает на новите генерации.

Continue Reading

Приказни

НОСТРАДАМУС ПРЕДВИДЕЛ ПОПЛАВИ ВО 2025 ГОДИНА Јасновидецот прогнозира нова ера на човештвото

Published

on

Откако ќе го постигнеме ова, луѓето ќе можат да комуницираат со повисоки облици на интелигенција. Ова е судбината на човештвото, пророкува Нострадамус во врска со големите откритија во квантната физика.

Нострадамус предвидел големи промени во 2025 година кои ќе доведат до „нов светски поредок“. Меѓу нив се спомнати и поплави кои ќе ги уништат крајбрежните градови и ќе остават милиони без покрив над главата, пишува Унилад.

Но, луѓето на социјалните мрежи коментираа дека пророштвото е само здрава логика бидјеќи минатата година ја одбележаа поплави.

Меѓу страшните пророштва за следната година Нострадамус наводно спомнал и тајни култови кои би ја користеле моќта на „мрачните ритуали“.

Унилад пишува и дека Нострадамус предвидел големи откритија во областа на квантната физика.

„Откако ќе го постигнеме ова, луѓето ќе можат да комуницираат со повисоки облици на интелигенција. Ова е судбината на човештвото“, пророкува Нострадамус.

Тој најави и дека во 2025 година ќе излезат на виделина долго чуваните тајни. Се чини дека теоретичарите на заговор се многу среќни поради ова.

Ова ќе го промени текот на историјата, тоа е почеток на нова ера, толкуваат различни поддржувачи на делата на Нострадамус, кои исто така тврдат дека во 2025 година повторно ќе почне да се цени некоја „древна мудрост“.

Се смета дека јасновидецот кој живеел во 16 век успешно ги предвидел доаѓањето на Адолф Хитлер на власт во Германија, атомските бомби во Хирошима и во Нагасаки и Големиот пожар во Лондон.

Continue Reading

Приказни

31 година од уривањето на авионот „Јак-42“ кај Охрид, погледнете ја реконструкцијата

Published

on

На денешен ден во 1993 година, авионот „Јак-42“ на авиокомпанијата „Авиоимпекс“, кој летал на релацијата Женева – Скопје, се урна во близина на Охрид. Леталото било пренасочено кон охридскиот аеродром поради лошите временски услови, но се срушило на само 4 километри од пистата, меѓу селата Горно Лакочереј и Оровник пишува 4news.mk.

Во оваа трагедија животите ги загубија 116 патници и членови на екипажот. Единствениот преживеан патник подоцна им подлегна на повредите. Како причини за несреќата беа посочени лошото време и наводно недоволната комуникација помеѓу посадата на авионот и аеродромските служби.

Истата година, само неколку месеци порано, на 5 март, на скопскиот аеродром се случи уште една голема авионска трагедија. Патнички авион од типот ФОКЕР 100 на компанијата „Палер Македонија“, кој превезуваше 97 патници, се урна при полетување. Во оваа несреќа загинаа 86 лица. Како причина за падот на Фокерот беше утврдено дека крилјата на воздухопловот не биле размрзнати, што доведе до дефект и пад.

Овие две трагедии го потресоа македонското воздухопловство и јавност. Поради сериозноста на ситуацијата, тогашниот министер за урбанизам, градежништво, комуникации и екологија, Антони Пешев, си поднесе оставка. Овие настани остануваат длабоко врежани во колективната меморија како најцрните денови во историјата на македонското воздухопловство.

Погледнете ја реконструкцијата која за прв пат е направена за овој лет.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк