Uncategorized
Ќе бидеме патоказ кон Небото или кон земното и трулежното?
ли мои, веќе се наоѓаме пред прагот на Светиот и Велик четириесетдневен Пост, кој е воедно најстариот и најстрог пост во нашата света православна Црква. Ова богоблагословено поприште на воздржанието и христијанските добродетели за своја цел го има соединувањето со Господа и Спасителот наш Исус Христос, што подразбира наше сораспнување со Него, преку личните крсни страданија, но и наше совоскреснување со Неговото славно Воскресение, преку духовната радост што Светиот Дух ни ја излева.
Пред малку го чувме прекрасното Евангелие изговорено од устата на нашиот Спасител, во кое Он нè поучува каков треба да биде нашиот пост, што треба да правиме за време на постот и како да се однесуваме. Најнапред, ги слушнавте Неговите зборови упатени кон Своите Апостоли, кон луѓето што Го слушале во тоа време, а преку нив и кон сите нас: ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен (Матеј 6,14). Добро е да знаеме дека Господ, пред да ги искаже овие зборови во Евангелието според Матеј, ги подучил Апостолите и луѓето на Господовата молитва „Отче наш“. Како што е општопознато, оваа молитва сите ние ја употребуваме многу често; и во самите црковни богослуженија таа е особено многу застапена. Во неа, меѓу другото, ние секојдневно се молиме: „И прости ни ги долговите наши, како што им ги проштаваме и ние на нашите должници“. Со оваа реченица Господ сака да ни укаже дека доколку ние сме подготвени да им простиме на нашите ближни, на нашите со-луѓе, тогаш ќе имаме право да бараме прошка од Него и за нашите прегрешенија. Господ милостив, сака да нè поучи дека треба да бидеме такви каков што е Он. Затоа на Апостолите им рекол: бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен (Матеј 5,48). Голема мерка ни е дадена. Бидејќи Бог е многумилостив, очекува такви да бидеме и ние, таков да биде секој Христијанин – милостив, да умее да проштава – доколку сака да се нарече со Христовото име и да биде Негов вистински достоен ученик.

Вториот дел, втората поука од денешното евангелско четиво, беше за тоа каков треба да биде постот. И во Стариот Завет имало пост, Евреите исто така го практикувале него, но во времето на Христа повеќе се оддавало значение на неговата надворешна форма, на тоа како ќе изгледаат од страна и дали ќе бидат пофалени од другите луѓе за нивната побожност. Но, денес Господ нè поучи дека не треба да внимаваме толку на надворешноста, колку на внатрешната состојба на нашето срце, на нашето најдлабоко битие; дека треба да ја постигнеме целта поради која постиме, а тоа е стекнување, односно причестување со таинствената духовна благодат што доаѓа од нашата искреност, од нашата добра волја да проштаваме, да се молиме, да љубиме – со еден збор, што доаѓа од вистинскиот пост. Ете зошто Христос вели: Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата нажалени, за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам дека тие веќе ја добиле својата награда. А ти кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно (Матеј 16, 6-18). Со тоа Он ни напомнува дека духовната радост е производ на вистинскиот богоугоден пост, дека постот во нас треба да предизвикува умиление, радост и добра волја.
Постот, мили мои, не е човечка заповед, туку Божествена установа. Светите Отци на Црквата наша говорат дека постот им бил даден на луѓето уште во Едемската Градина, кога на првите луѓе им било речено да не јадат од дрвото на познанието на доброто и злото. Всушност, таа Божествена заповед за привремено воздржание претставувала своевиден пост за Првосоздадените. Но бидејќи тие не се придржале на таа заповед, туку по изборот на својата волја, прелажани од лукавата змија, т.е. ѓаволот и примамени од убавиот изглед на плодот и од сласта кон храната, одлучиле да не го постат првиот пост, со својата постапка се осудиле себеси на прогонство од Рајот и оддалечување од Бога.
Па така, мили мои, со оглед на тоа дека постот е Божествено востановение, да се потрудиме да постиме вистински, оддалечувајќи се од сè што е примамливо, а суетно, од сè што е прелестно, а лажно; со еден збор, да бидеме внимателни и воздржливи кон земните наслади и кон сè што е земно. Тоа е третиот дел од денешната премудра дидактика на нашиот Христос, Кој вели: Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту ’рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат. Зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше (Матеј 6,19-21).

Богатство само по себе не е грев, доколку служи за добро на човекот и на со-човекот; доколку оние што имаат отповеќе, поради дарот што им го дал Господ, го споделуваат тоа и со своите ближни. Тогаш таквото богатство нема да биде пречка за стекнување на Божјата татковина на идниот живот, ами влезница за него. Божествениот Апостол Павле, поучувајќи ги Христијаните, вели: Но вие пристапивте кон Сион и градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим, и кон безбројните ангели, на свечениот собор, кон собранието на првородените, кои се запишани на небесата, и кон Бога, Судијата на сите, и кон духовите на праведниците, што достигнаа совршенство, и кон Исус, Посредникот на Новиот завет (Евр. 12,22-24). Нашиот град, значи, нашиот дом, нашето вистинско богатство не е овде на земјата, туку во Христа Исуса, па затоа треба непрестајно да се трудиме, преку делата на љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, благоста, добрината, верноста, кротоста, воздржливоста (сп. Гал. 5,22), да го стекнеме небесното Божјо Царство.

Навистина е неопходно Христијаните за време на постот да се трудат во сите добродетели, пожртвувано да се даваат себеси за другите. Милосрдието е суштествена добродетел на христијанскиот живот. Оти, доколку постот се состои само од воздржување од одредена храна, тогаш тој не претставува ништо повеќе од една обична диета, од којашто не би имале никаква духовна полза. Христијаните, кога низ историјата се случувале разни тешкотии и искушенија, во зависност од нивниот духовен напредок, или давале добар пример и го влечеле целото човештво напред, кон небесната Татковина, кон целта на нашето суштествување, или пак, за жал, дејствувале спротивно – влечеле наназад, кон земната распадливост.
Деновиве, во еден современ текст од британскиот писател и философ, Џон К. Ленокс, насловен: Where is God in A Coronavirus World? – прочитав нешто мошне интересно. Имено, во вториот век, во Римската Империја се појавила некоја страшна болест, наречена „Антониева чума“, којашто однела една четвртина од жителите на Римската Империја. Замислете, во една таква клима на сигурна смрт, тогашните Христијани воопшто не ги штеделе своите животи, туку самопожртвувано „се грижеле за болните и нуделе духовен образец“. Во следниот, трети век од ерата на Христијанството, исто така, зафатила друга, уште поопасна чума, наречена „Кипријанова“. Еден тогашен современик, епископот Дионисиј, опишува како Христијаните, „без обѕир за опасноста… се зафатиле со болните, грижејќи се за секоја нивна потреба“. Притоа, не треба да заборавиме дека во тоа време повеќето од жителите на Империјата биле пагани, незнабошци, но тоа не им пречело на Христијаните да се жртвуваат за нив, како за свои со-луѓе. Токму таквото, пожртвувано, љубовно однесување на Христијаните за време на болеста во Римската Империја допринело за ширењето на Христијанството. Ете ни очигледни примери какви биле нашите предци, Христијаните од првите векови. Тие не ги штеделе своите животи, па дури и за иноверните. А кога би размислувале како мноштвото денешни Христијани, што би правеле? Сигурно би натрупувале храна и богатства во своите домови (согласно советите на некои духовници што нездраво проповедаат само за крајните времиња) и никако не би излегувале да помогнат, бидејќи, не дај Боже, ќе се изложат на опасноста да умрат. Имено, токму така како што гледаме дека се случува денес со далеку понесмртоносната болест предизвикана од коронавирусот. Мислам дека себичноста кај Христијаните денес е очигледна за сите. Изгледа како новата болест, наречена корона, т.е. круна, да ги крунисала повеќето од нив со круната на стравот, паниката и неверието, што предизвикуваат далеку поопасни психосоматски заболувања. Ова, се разбира, не значи дека не треба да се почитуваат мерките и препораките на медицинските и државните власти, донесени во полза на сите, туку дека треба да се има на ум онаа круна од трње, трновиот венец со кој бил крунисан нашиот Спасител и верата во Неговата избавителна моќ за оние што во Негово име се жртвуваат за другите.

Стоејќи пред самиот почеток на Светата и Велика Четириесетница, да ја усвоиме триделната поука од денешното Евангелие на нашиот Спасител Христос, та да го прифатиме тој вистински спасоносен рецепт што води кон потполно исцеление и вечен живот: прошката, постот и вистинското богатство – добрите дела на милосрдието и љубовта, за да можеме да го дочекаме и еднодушно и со радост да Го прославиме нашиот распнат и воскреснат Господ Исус Христос, соучествувајќи во Неговото спасоносно за нас Распетие и во Неговото светло и славно Воскресение. Токму од нас, од нашиот живот, зависи дали ќе оставиме зад нас вистински последователи Христови. Доколку сме такви какви што нѐ сака Христос, тогаш целиот свет ќе стане христијански. Во спротивно, ако сме себични и егоцентрични, ќе оставаме лош пример, ќе бидеме соблазна за светот. Затоа внимавајте, испитувајте ги духовите (1. Јован. 4,1), да внимаваме што примаме како поука, особено денес, кога на социјалните мрежи може да се види сè и сешто. Самите гледате како на интернет секој си зема за право да поучува, па тоа го прават дури и мирјани, недоволно образовани во верата. Од некадарни личности се отвораат разни страници и се појавуваат разноразни учители. Но, вие бегајте од таквиот дух, одете на страници што се благословени од Црквата, од нејзините избрани епископи, а најдобро е да читате светоотечка литература, да се молите и да се советувате со докажани, здраворазумни духовници на Црквата Божја. Тогаш Господ ќе ве просветли што треба да правите за вашето спасение.
✤
Накрај, смирено барам прошка од сите вас, за сè што сум погрешил, со збор, дело или помисла, во сите денови од мојот живот. Нашиот Христос, нашиот Бог на прошката, љубовта и милосрдието, нека ви прости на сите што Го љубите.
01 март/14 март 2021 лето Господово
You may like
-
НОЌТА ПРЕД ВОДИЦИ Е НАЈМОЌНАТА НОЌ ВО ГОДИНАТА
-
Коледарчињата пејат: Коледе леде….вечерва семејството се собира на вечера
-
Што фатил позлатил, што рекол се остварило: Се ближи Св. Никола – одбележете го правилно, тој ќе ви возврати
-
Небото се отвора во очи Митровден: Оној што ќе ја помине ноќта надвор од дома
-
За многу години: Денеска е Светиот апостол Јаков
-
Денес се празнува Светиот маченик Андреј Стратилат: Голем маченик за верата Христова
Uncategorized
Чарлс откри каква е улогата на Британија ако Русија ја нападне Европа
Британскиот крал Чарлс истакна дека Велика Британија и Германија се подготвени да ја поддржат Европа во услови на закана од понатамошна руска агресија. Тој го пофали заедничкиот одбранбен договор со Германија, нарекувајќи го „уникатно партнерство во срцето на НАТО“, јави Скај њуз.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој е во тридневна државна посета на Обединетото Кралство, изјави дека двете земји работат рамо до рамо за да ја промовираат безбедноста и стабилноста на Европа, со посебна поддршка за Украина. Ова е прва официјална посета на германски лидер на Велика Британија по 27 години.
За време на престојот, Штајнмаер се сретна со британскиот премиер Кир Стармер на тркалезна маса со бизнис лидери, како дел од проект за електрични возила вреден 20 милиони евра, кој ќе отвори 150 работни места во Нортхемптоншир и Оксфордшир. Во јули, двете земји го потпишаа Договорот од Кенсингтон, со кој се зацврстува соработката во прашања како Украина, миграција, економски раст и трговија.
Посетата вклучи церемонијален воен пречек, возење со кралска кочија и положување цвеќе на гробот на кралицата Елизабета Втора во капелата „Свети Ѓорѓи“, а на банкетот во Виндзор кралот Чарлс се пошегува за нивната заедничка љубов кон фудбалот, додавајќи дека „на крајот, Германците победуваат“.
Uncategorized
Сите камери за брзина веќе се мапирани од оваа апликација
Додека проектот „Безбеден град“ е во тест-фаза, возачите ширум земјата веќе ја користат апликацијата Waze за да се прилагодат на новите правила и масовното мерење на брзината. Корисниците го прават ова преку дигитално мапирање на речиси сите камери што мерат брзина.
„Waze“ е навигациска апликација која во реално време прикажува сите релевантни информации за патот. Од вчера, речиси целосната мрежа на камери на „Безбеден град“ е веќе внесена од страна на самите корисници.
Апликацијата нуди:
Прецизна мапа на камери за брзина – фиксни, мобилни и новопоставени. Гласовно предупредување при приближување кон камера. Информации за полиција, радари, работи на пат и метеж, внесени од самите возачи. Автоматско пресметување на најбезбедна рута со прикажување на сите критични точки. Можност за пријавување на нови камери од страна на корисниците, со што мрежата постојано се ажурира.
Возачите ја користат апликацијата за да го следат ограничувањето на брзината, да избегнат ненамерни прекршоци и да добијат предупредување неколку стотини метри пред камера. За многумина, Waze стана единствена гаранција дека нема да бидат „изненадени“ од камерите на „Безбеден град“.
Во првите 48 часа од стартот на тест-фазата, бројот на извештаи за камери на Waze драстично порасна, што покажува дека апликацијата е ефикасно решение за безбедно возење.
Uncategorized
ВЛЕН: Анкетната комисија мора да ја открие вистината за сите трагични случаи
Коалицијата ВЛЕН целосно го поддржува формирањето на анкетната комисија, нагласувајќи дека со години граѓаните останале без одговори и често биле манипулирани. Според коалицијата, време е оваа пракса конечно да заврши.
Од ВЛЕН посочуваат дека нивниот став отсекогаш бил јасен – потребна е сеопфатна комисија, без селективен пристап и без политички мотиви. Ваква инклузивна комисија, велат од коалицијата, конечно се формира.
Новоформираната комисија ќе ги разгледа сите тешки и чувствителни случаи што со години ја потресуваа државата: трагедиите со „Дурмо Турс“ и „Беса Транс“, пожарот во модуларната болница во Тетово, како и несреќата во Кочани. Само целосен пристап, оценуваат од ВЛЕН, може да ги открие институционалните пропусти што чинеле човечки животи.
Коалицијата очекува комисијата да укаже не само на индивидуалните грешки, туку и на длабоко вкоренетите модели на лошо управување кои овозможиле низа трагедии низ годините. Според ВЛЕН, откривањето на вистината е првиот чекор кон справување со системските слабости и враќање на довербата на граѓаните.
Трендинг
-
Црна Хроника1 day agoХорор на патот Охрид–Струга: Возач двапати тргнал кон полицајци и успеал да избега
-
Црна Хроника1 day agoДрама на автопатот Тетово – Гостивар: Ги пресретнале со ротација им го пресекле патот, па ги истепале
-
Македонија3 days agoМВР со конечна одлука еве кога почнува „Безбеден град“
-
Црна Хроника2 days agoКривични пријави против полицајци од Штип – МВР со детали
-
Црна Хроника4 days agoПретрес во тетовско, пронајдени дрога, оружје и муниција, приведени две лица
-
Црна Хроника3 days agoФизички нападната девојка на работно место во Брвеница
-
Црна Хроника5 days agoПолицијата во Тетово со полни раце работа – Уапсени пет лица
-
Република4 days agoПо децении најави, Тетово конечно добива Саат кула















