Јавното обвинителство допрва испитува дали има кривично дело во објавата на поранешната директорка на Службата за заеднички работи на Клиничкиот центар, Шкодране Дардишта…
Владата почна иницијатива за испитување одговорност за Шкодране Дардишта по силните реакции во јавноста и оградувањето на Македонски телеком од ставовите на својот член на управниот одбор за повиците за дестабилизација на земјава која таа ги напиша на социјалните мрежи. Но од владата засега нема конкретен одговор дали Дардишта ќе биде повлечена од позицијата која ја има во Телеком.
„Сите избрани и именувани функционери се должни да го почитуваат Кодексот за етичко постапување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од Владата. Во спротивно се покренува иницијатива за испитување одговорност и нивно разрешување, доколку се потврди дека го прекршиле Кодексот. Принципиелно, како и во неколку досегашни случаи, Владата пристапува со сериозност и на овој случај.
Случајот со воинствените објави на Дардишта ги следи и јавното обвинителство од каде велат – ако се утврди постоење на кривично дело ќе биде гонета од законот.
„Јавното обвинителство ги следи информациите и ќе ги испита сите околности во врска со објавата. Доколку бидат утврдени елементи на кривично дело кое се гони по службена должност, Јавното обвинителство ќе постапи согласно своите надлежности,
Првиот човек на ЦУК Стојанче Ангелов и поранешен учесник во конфликтот како поранешен припадник на специјалните единици на МВР смета дека е добро што од ваквите објави се огради и ја осуди лидерот на ДУИ, но и ја советуваше Дардишта да го намали партиотското доживување, да биде дама.
Вчера по завршувањето на состанокот на врвот на ДУИ лидерот Ахмети се огради од ваквите ставови на Дардишта како ставови кои не ја одсликуваат каузата на партијата која се залага за евроатласнки интеграции и стабилност на државата.
Во меѓувреме Емагазин објавува дека хонорарот на Шкодране е 39 илјади денари во Македонски Телеком:
https://emagazin.mk/emagazin-otkriva-kolkav-nadomestok-zema-vo-makedonski-telekom-dardishta-od-dui-ko-a-se-zakani-so-vo-na/
Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека екстремните форми на говор на омраза, со кој директно се повикува на извршување на дела од омраза, се аларм кој конечно треба да го активира Јавното обвинителство да постапува во овој сегмент од неговите законски надлежности и обврски, стои во писменото соопштение.
Игнорирањето на говорот на омраза и неговите последици, отсуството на процесирање на ваквите случаи и речиси непостоечката судска пракса на ова поле, директно ја овозможува неговата ескалација во чувствителни општествено-политички моменти. Деновиве повторно сведочиме како новонастанатата политичка криза во државата автоматски предизвика силен бран омраза заснована на етничка и политичка припадност и тоа преку закани со војна, реваншизам, бесење, силување и други најави на насилство кон ,,другите’’, реагираат од Хелсиншкиот комитет.