Реџепи игра топло-ладно ќе се потпишел на нова иницијативата, па ќе гласал недоверба на Владата

Пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи Зејд вечерва за повеќе медиуми потврди дека го прифаќа предизвикот кој денеска му го предложи координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, да се потпише на нова иницијатива за гласање недоверба на Владата.

Со ваквата изјава, Реџепи ги потврди претходните најави дека конечниот став по иницијативата за гласање недоверба на Владата, Алтернатива ќе го донесе утре.

Реџепи  вчера изјави дека бил „прелажан“ да се потпише на иницијативата за новото парламентарно мнозинство, нагласувајќи дека не сака да учествува во уривањето на Владата заедно со пратеници од Левица. Тој дури најави и дека ќе ја напушти Алтернатива, доколку партијата заедно со Левица учествува во уривањето на Владата.

Мицевски денеска преку Фејсбук му понуди на Реџепи да поднесат нова иницијатива за изгласување недоверба на владата на која тој би се потпишал заедно со уште 19 пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

– Колега Скендер Реџепи, да го сочуваме достоинството на пратениците и затоа Ве повикувам заедно да ставиме крај на газењето на пратениците од страна на хибридниот режим и согласно член 92 од Уставот, изберете 19 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со вас ќе поднесат нова иницијатива до Собранието за гласање на недоверба на владата на хибридниот режим СДСМ-ДУИ, напиша Мицевски на Фејсбук.

Новата иницијатива би била поднесена во Собранието утре, а во рок од три дена треба да се свика седница. Дали тоа ќе значи и одложување на седницата закажана за в четврток ќе се знае откако новата инцијатова ќе биде поднесена.