100 ГОДИНИ од раѓањето на Блаже Конески (Аудио)

Во рамките на одбележувањето на 2021 – Година во чест на Блаже Конески по повод 100-годишнината од раѓањето, во свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите во понеделник со почеток во 11:00 часот ќе се одржи Свечен собир во чест на Блаже Конески.

Свечениот собир е составен од два дела, а во првиот дел ќе се обратат: д-р Стево Пендаровски, претседател на РС Македонија; акад. Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ; проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ; акад. Катица Ќулавкова, секретар на ОЛЛН – МАНУ и раководител на проектот „Критичко издание на целокупните дела на Блаже Конески.“ Со омаж за Конески ќе се претстават акад. Зузана Тополињска и акад. Влада Урошевиќ.

Свечен собир на МАНУ по повод 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески

Во вториот дел на Свечениот собир ќе биде претставено уметничкото и научното дело на Блаже Конески во контекст на критичкото издание на неговите целокупни дела на МАНУ. Се работи за 12 тома со целокупните дела на Блаже Конески, а соодветните томови ќе ги претстават професорите: Венко Андоновски, Наташа Аврамовска, Иван Џепароски, Анастасија Ѓурчинова, Красимира Илиевска, Марјан Марковиќ, Веселинка Лаброска, Људмил Спасов, Лилјана Макаријоска и Станислава-Сташа Тофоска.

На Свечениот собир ќе биде промовирана и веб-страницата со дигиталните изданија на објавените томови од „Критичкото издание на целокупните дела на Блаже Конески“ којашто ја подготви Истражувачкиот центар за ареална лингвистика при МАНУ.

Пристапот до страницата е преку следниов линк: http://koneski.manu.edu.mk/

Матица во годината на својот јубилеј (30 години од своето постоење), на 18 декември (сабота) точно напладне, во 12 часот посакува да се случи средба на која место со чаша вино, ќе се наздрави со книга и на тој начин ќе се направи еден вид омаж за големиот татко на македонската научно-критичка мисла, но и за „патријархот на македонското писмо“ како што го нарекува познатиот грчки поет Костас Валетас во книгата „Светската критика за делото на Конески“.

Преку заедничкото претставување на нејзините книги од самиот Конески и на книгите поттикнати од творештвото на Конески, Матица посакува, како што пишува и Мојсова-Чепишевска во својата книга „Конески како тестамент“ да го растајни всушност завештанието на човекот, филолог, професор и поет, кој преку своето дело го запозна светот не само со македонскиот јазик, туку и со македонското богато фолклорно, културно и книжевно-историско наследство. Претставувајќи го, од една страна како врвен лингвист со енциклопедиско знаење, а од друга страна како продолжувач на вековната Кирило-Методиевска и Климентова традиција, овие книги се за сите оние читатели со префинет вкус, зашто го исчитуваат завештанието на Конески, не само како поттик што ја прави уште подостоинствена нашата национална егзистенција, туку и како трајна инспирација за идните поколенија книжевници и лингвисти.

В очи на точно 100-те години од раѓањето на Блаже Конески, издавачката куќа „Матица македонска“ организира заедничко чествување и наздравување со книги од Конески и најнови изданија посветени на Конески и инспирирани од Конески, и тоа:
„РАЗГОВОРИ СО КОНЕСКИ“ од Цане Андреевски
„СВЕТСКАТА КРИТИКА ЗА ДЕЛОТО НА КОНЕСКИ“,
приредена од Раде Силјан и Паскал Гилевски
„ВРЕМЕТО НА КОНЕСКИ“ од Димитар Пандев
„КОНЕСКИ КАКО ТЕСТАМЕНТ“ од Весна Мојсова-Чепишевска
„ЕПОХАТА КОНЕСКИ“ од Георги Старделов