Шопската салата стана луксуз зимава. Краставиците имаат неверојатно висока цена, а и доматот, пиперот и младиот кромид исто така. Единствено по стара цена ќе може да го купите сирењето и маслото за јадење бидејќи овие производи имаат замрзната цена, велат граѓани и негодуваат дека секоја година јадат сè поскап и понеквалитетен зеленчук. Земјодлеците, пак, велат дека како што идат годините сè помалку ќе има зеленчук од домашно производство, а цената и квалитетот ќе ја утврдуваат цените на репроматеријалите и енергенсите кои се користат при одгледувањето.
Цената на краставиците во маркетите во земјава се движи од 239 до 279 денари за килограм, доматот има цена од 89 до 159 денари за килограм зависно од бојата, благата зелена пиперка се продава по цена од 139 до 265 денари килограм, црвената чини 32 денари парче, лутата, пак, исто така по парче има цена од 14 до 24 денари, а китка младиот кромид има цена од 23 до 26 денари.
Повисоки цени има и зелката кај која цената се движи од 39 до 75 денари зависно од тоа дали е стара или млада. Потоа компирот кој го има по цена од 34 денари до 43 денари за килограм стар или од 145 до 219 денари млад компир.
За разлика од овие цени податоците од земјоделскиот пазарен информативен систем кој се базира на цените на зелените пазари и пазарот на големо во земјава просечните цени на истите производи во јануари годинава споредено со истиот месец лани се далеку повисоки. На пример просечната цена на краставица во јануари била 117 денари и е поскапа за 28, 1 отсто ланската просечна цена која изнесувала 91,8 денари за килограм.
Граѓаните не се изненадени од новите цени на зеленчукот, но велат дека не можат да излезат на крај со платите.
– Сè поскапе и нормално беше да поскапи и зеленчукот и овошјето, независно дали е од увоз или домашно производство. Најверојатно и кај земјоделците пораснале трошоците, па ги продаваат своите производи поскапо. Тука доаѓаат и трговците кои пресметуваат маржи, даноци и слично, а цената расте. Додека дојде до трпезата краставицата стигна до 280 денари. Но сè е поскапено и на зелените пазари – вели скопјанка.
Земјоделците имаат свои пресметки при утврдувањето на цената на својот производ. Тие велат најмногу цената ја зголемуваат поскапените репроматеријали, без да се зголеми и цената на трудот.
– Ние како земјоделци ја очекувавме оваа состојба. Со години укажуваме дека не се само субвенциите потребни за развој на ранградинарството, дека е потребна стратегија на организирање на производството, откупот, утврдување на цените, но 30 години само нè слушаат и ништо не се презема. Се плашам дека како што одат годините нема да има домашно производство, зашто за нас е неисплатливо производството, а немаме ниту обнова на земјоделците. По некоја година, ако ништо не се преземе, мислам дека на пазарот ќе останат само големите производители, помалите нема да можат да се занимаваат со земјоделство – вели Ристо Велков, од синдикатот на земјоделски производители.
Според него, годинава е посебно скапа и за земјоделците.
– Поскапеа енергенсите (нафта, струја, дрво) и сите репроматеријали за производство. Кај дел од репроматеријалите поскапувањето оди и над 300 отсто. Најниско поскапување е 50 отсто. Еве да речеме за еден декар само за пластична фолија се потребни 1.000 евра, но и сè друго е поскапено, ѓубрива, семенски материјал, заштита, и огрев. Сето тоа, влегува во производните трошоци и формирањето на производната цена – вели тој.
Во однос на квалитетот на зеленчукот Велков вели дека домашното производство има стандарден квалитет, но увезениот зеленчук, малку се контролира во однос на квалитетот и содржината.
Според него, тешко дека во наредниот период ќе може да се произведува евтин зеленчук и затоа повторно апелира, државата да донесе соодветна стратегија.
Чарлс откри каква е улогата на Британија ако Русија ја нападне Европа
Британскиот крал Чарлс истакна дека Велика Британија и Германија се подготвени да ја поддржат Европа во услови на закана од понатамошна руска агресија. Тој го пофали заедничкиот одбранбен договор со Германија, нарекувајќи го „уникатно партнерство во срцето на НАТО“, јави Скај њуз.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој е во тридневна државна посета на Обединетото Кралство, изјави дека двете земји работат рамо до рамо за да ја промовираат безбедноста и стабилноста на Европа, со посебна поддршка за Украина. Ова е прва официјална посета на германски лидер на Велика Британија по 27 години.
За време на престојот, Штајнмаер се сретна со британскиот премиер Кир Стармер на тркалезна маса со бизнис лидери, како дел од проект за електрични возила вреден 20 милиони евра, кој ќе отвори 150 работни места во Нортхемптоншир и Оксфордшир. Во јули, двете земји го потпишаа Договорот од Кенсингтон, со кој се зацврстува соработката во прашања како Украина, миграција, економски раст и трговија.
Посетата вклучи церемонијален воен пречек, возење со кралска кочија и положување цвеќе на гробот на кралицата Елизабета Втора во капелата „Свети Ѓорѓи“, а на банкетот во Виндзор кралот Чарлс се пошегува за нивната заедничка љубов кон фудбалот, додавајќи дека „на крајот, Германците победуваат“.
Сите камери за брзина веќе се мапирани од оваа апликација
Додека проектот „Безбеден град“ е во тест-фаза, возачите ширум земјата веќе ја користат апликацијата Waze за да се прилагодат на новите правила и масовното мерење на брзината. Корисниците го прават ова преку дигитално мапирање на речиси сите камери што мерат брзина.
„Waze“ е навигациска апликација која во реално време прикажува сите релевантни информации за патот. Од вчера, речиси целосната мрежа на камери на „Безбеден град“ е веќе внесена од страна на самите корисници.
Апликацијата нуди:
Прецизна мапа на камери за брзина – фиксни, мобилни и новопоставени. Гласовно предупредување при приближување кон камера. Информации за полиција, радари, работи на пат и метеж, внесени од самите возачи. Автоматско пресметување на најбезбедна рута со прикажување на сите критични точки. Можност за пријавување на нови камери од страна на корисниците, со што мрежата постојано се ажурира.
Возачите ја користат апликацијата за да го следат ограничувањето на брзината, да избегнат ненамерни прекршоци и да добијат предупредување неколку стотини метри пред камера. За многумина, Waze стана единствена гаранција дека нема да бидат „изненадени“ од камерите на „Безбеден град“.
Во првите 48 часа од стартот на тест-фазата, бројот на извештаи за камери на Waze драстично порасна, што покажува дека апликацијата е ефикасно решение за безбедно возење.
ВЛЕН: Анкетната комисија мора да ја открие вистината за сите трагични случаи
Коалицијата ВЛЕН целосно го поддржува формирањето на анкетната комисија, нагласувајќи дека со години граѓаните останале без одговори и често биле манипулирани. Според коалицијата, време е оваа пракса конечно да заврши.
Од ВЛЕН посочуваат дека нивниот став отсекогаш бил јасен – потребна е сеопфатна комисија, без селективен пристап и без политички мотиви. Ваква инклузивна комисија, велат од коалицијата, конечно се формира.
Новоформираната комисија ќе ги разгледа сите тешки и чувствителни случаи што со години ја потресуваа државата: трагедиите со „Дурмо Турс“ и „Беса Транс“, пожарот во модуларната болница во Тетово, како и несреќата во Кочани. Само целосен пристап, оценуваат од ВЛЕН, може да ги открие институционалните пропусти што чинеле човечки животи.
Коалицијата очекува комисијата да укаже не само на индивидуалните грешки, туку и на длабоко вкоренетите модели на лошо управување кои овозможиле низа трагедии низ годините. Според ВЛЕН, откривањето на вистината е првиот чекор кон справување со системските слабости и враќање на довербата на граѓаните.