Новиот изглед на просторот околу ТЦ Бисер ги воодушеви аеродромци

Фото-монтажа, рендер или нешто нереално. Вакви се првите коментари по објавените фотографии од новиот изглед на просторот околу трговскиот центар „Бисер“ кој по 40 години целосно е партнерно и хортикултурно уреден.  Жителите на Аеродром, но и оние од другите населби се воодушевени. Со повеќе од 100-тина коментари и повеќе од 2000 лајкови тие се вистински хит на социјалните мрежи.

Вредноста на проектот е 37 милиони денари и истиот опфати замена на дотраените плочки нови, восококвалитетни плочи, како и замена на хидроизолација на платото со нова, комплетно обновување на постојната жардинјера во која се засадени разни хортикултурни содржини од неколку видови, со хидрантска мрежа за нивно наводнување.

Тоа што е обележје на овој простор се двата челични профила, кои се поставени во централниот дел на површината и симболизираат штркови со раширени крилја, како заштитен знак на Аеродром и кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром. На самото плато кај „челичните штркови“, кои со крилјата прават и сенка е поставена и разнобојна гумена и еластична облога за безгрижна игра на дечињата, како и безбедно движење на возрасните.

Во урбаниот парк поставена е нова опрема за велосипедисти, канти за отпадови и клупи. Горната зона на мезанинот е облагородена со големи жардинјери кои ќе се исполнат со садници.Тоа што е посебено интересно и што паѓа во очи се модерните светилки поставени во подната електроинсталација кои даваат посебен сјај во вечерните часови и внесуваат сосема нова димензија на просторот.

Од општината Аеродром информираат дека кај платото ќе се постават и дополнителни нови светилки за поголем ефект и магичен сјај во вечерните часови.