Архитектурата го прикажува цивилизацискиот развој на државите, па според тоа, Кина со своите архитектонски дела се наоѓа на самиот светски врв.
Големиот број градителски дела низ цела Кина, од минатото, сè уште ги восхитуваат илјадниците туристи, а современите градби им го запираат здивот.
Едно од современите чуда на кинеската архитектура претставува Националниот театар или Бисерот на вода, како што го нарекуваат во Кина.
Импозантен по своите форма, позиција и габарит, театарот се протега на површина од 219.000 квадратни метри. Ова величествено здание е сместено на вештачкото езеро на пекиншкиот плоштад „Тјенанмен“, има форма на полуелипса, која создава илузија дека театарот плови по водата.
Ентериерот на театарот е смислен така за публиката да биде релаксирана и за да ужива и додека се движи низ него. Особено внимание ѝ е посветено на удобноста на посетителите, така што седиштата се опремени со вентилатори, кои одржуваат пријатна температура во пространите сали, како и со спречувачи на звук, кои овозможуваат при напуштањето на театарот да не се создава бучава што ќе им пречи на другите. Екстериерот е составен од метал на кој се вградени титаниумска мрежа и стакло преку кое, во текот на денот, се одбиваат сончевите зраци и кое служи како небесно огледало, а во текот на ноќта, објектот изгледа како споменик над езерото, осветлен со специјални светла.
Во внатрешниот и во надворешниот дел на театарот преовладуваат златната и црвената боја. Особено впечатливи се ѕидовите, кои се изградени од специјално стакло и кои стануваат проѕирни создавајќи оптичка илузија меѓу внатрешноста и околината надвор, со што се создава ефект на „губење“ во времето и просторот.
Покривот е во форма на стаклена купола и посетителите што ќе купат карта за повисоките ложи, имаат посебно доживување, како да се дел од ѕвездено небо.
Во Националниот театар има опера, голема сцена и концертни сали, што заедно претставува еден културен комплекс што се разликува од традиционалните театарски сцени. Во склоп на театарот има и книжарници, продавници за сувенири, изложбени салони, кафетерии и ресторани, со што целиот простор остава впечаток на еден уметнички кварт под стаклено ѕвоно.
Програмата што се изведува на главната сцена, најчесто ѝ е посветена на кинеската народна песна, поезија и на кинеските претстави и поради тоа, на тој простор, акцентот е ставен на црвената боја во просторот. Магијата на кинеската драмска уметност, која е раскошна и живописна, на оваа сцена често е збогатена со холограми во заднината на сцената, но покрај тоа, се играат и театарски претстави од современите автори, како и од светските драмски класици.
Кинескиот Национален театар е еден од најрепрезентативните примери на врвните достигнувања на современата кинеска архитектура. Посетителите имаат можност да ги гледаат најдобрите светски и кинески достигнувања во театарот, музиката, балетот, но покрај тоа, театарот е посетуван и од голем број туристи, кои сакаат да го видат најголемиот светски театар и модерно архитектонско чудо. Иако најчесто Кина се поврзува со подемот во технологијата и во економијата, сепак, архитектонските достигнувања на оваа земја докажуваат дека и во минатото и денес Кина има традиција на создавање врвни архитектонски дела.
Американски разузнавачи: Путин сака целосна контрола над Украина и пошироки територии во Европа
Американските разузнавачки служби предупредија дека рускиот претседател Владимир Путин има намера да ја окупира целата Украина и да ја прошири контролата над делови од Европа што некогаш припаѓале на Советскиот Сојуз, и покрај тековните мировни преговори.
Украинската разузнавачка служба, предводена од генерал-потполковникот Кирило Буданов, исто така оцени дека Русија продолжува да има амбиции за проширување на територијата.
Според шест извори запознаени со податоците на американската разузнавачка служба, воените цели на Путин остануваат непроменети, што е спротивно на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп и неговите преговарачи дека Путин бара крај на конфликтот. Европските лидери, како и американските експерти, веруваат дека Путин има намера да контролира целата Украина и територии од поранешниот Советски Сојуз, вклучително и некои членки на НАТО.
„Разузнавањето отсекогаш велеше дека Путин сака повеќе“, изјави Мајк Кугли, демократски член на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом. „Европјаните се убедени во тоа. Полјаците се апсолутно убедени, а балтичките земји мислат дека се првите кои го знаеле тоа.“
Во моментов, Русија контролира околу 20% од украинската територија, вклучувајќи ги анектираните покраини Луганск, Донецк, Запорожје, Херсон и Крим. Трамп, како дел од предложениот мировен договор, врши притисок врз Киев да повлече дел од своите сили од мал дел од Донецк, што Зеленски и мнозинството Украинци категорично го отфрлаат.
Иако Белата куќа најавува „огромен напредок“ во мировните преговори, Путин на својата годишна прес-конференција не понуди компромиси и нагласи дека неговите услови мора да бидат исполнети. Според официјални податоци, руските сили напредувале за околу 6.000 квадратни километри оваа година.
Американски официјални лица, меѓу кои и државниот секретар Марко Рубио, признаваат дека е неизвесно дали Путин навистина сака мировен договор или неговата цел е целосна контрола над Украина.
Зеленски: Ситуацијата на фронтот станува сè потешка
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека состојбата на фронтот е сериозна и дека бројот на руски сили се зголемува, што ја отежнува ситуацијата за украинските единици.
„Има се повеќе Руси, станува сè потешко. Пристигнав во Купјанск и ситуацијата беше навистина тешка. Линијата на фронтот беше многу блиску, но нашите вооружени сили го контролираат Купјанск“, изјави Зеленски за Полското радио. Купјанск е стратешка цел за руската армија.
Тој потенцираше дека руските трупи „вршат притисок“ и можат да уништат села или да продрат во одредени области. „Ќе направиме сè за да ги спасиме животите на нашите војници, бидејќи пред сè мора да ја зачуваме нашата вооружена сила. Ова не значи дека сме подготвени да се предадеме“, додаде Зеленски.
Претседателот посочи и проблеми со достапноста на одредени видови ракети, особено противвоздушни, поради различни причини, вклучително и доцнења во испораките. Тој истакна дека Украина се соочува и со тешкотии во снабдувањето со енергетски ресурси и системи за воздушна одбрана, но нагласи дека „ова не е обвинување против нашите партнери“.
Зеленски претходно, на 12 септември, ја посети линијата на фронтот во Купјанск, каде што им се заблагодари на украинските единици за нивната посветеност и резултати.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предупреди дека Русија претставува долгорочна безбедносна закана за Европа и дека е од клучно значење Украина да остане воено силна за да се спречи поширока дестабилизација на континентот.
Во интервју за белгискиот весник „Де Морген“, Руте истакна дека Москва е подготвена да поднесе огромни човечки загуби за минимални територијални добивки. Според него, Русија годинава зазела помалку од еден процент дополнителна територија во Украина, додека губела околу 25.000 војници месечно.
Тој посочи дека Русија издвојува приближно 40 проценти од државниот буџет за одбрана, што изнесува околу 200 милијарди долари годишно, што ѝ овозможува да стекне повеќе оружје од европските земји во рамките на своите економски можности. Руте предупреди и за сè поагресивното однесување на Русија на источниот дел од НАТО, вклучувајќи хибридни напади и развој на хиперсонични ракети.
Според безбедносните служби, постои ризик од напад врз една од членките на Алијансата во периодот меѓу 2027 и 2031 година.
Руте ги отфрли тврдењата дека САД ја суспендирале помошта за Киев, нагласувајќи дека испораките на оружје и разузнавачките информации продолжуваат со полн интензитет, со цел Европа да преземе поголем дел од финансискиот товар.
Тој потврди дека на негова иницијатива е постигнат договор европските земји и Канада да купуваат американско оружје и муниција за Украина. Руте оцени дека падот на Украина под руска контрола ќе бара значително поголеми трошоци за одбрана на долг рок и дека поддршката за Украина е најефикасниот начин да се спречи поширок конфликт.
Говорејќи за можен мировен процес, Руте посочи дека се водат интензивни разговори за силни безбедносни гаранции за Украина, дури и во случај на мировен договор без членство во НАТО, со цел да се спречи повторна руска агресија.
Тој додаде дека работи во координација со САД и европските сојузници за усогласување на ставовите за војната, оценувајќи дека зачувувањето на безбедноста на Украина е клучно за кредибилитетот на НАТО и долгорочната стабилност на Европа.