Connect with us

Приказни

Од дневникот на еден полковник: Припадниците на АРМ оставија траен белег во историјата

Published

on

Езерото мирно го заплиснуваше брегот на преубавата Струга. Месноста Калишта е на неколку километри од центарот на градот, но е вистински епицентар на убавината. Во овој сончев, езерското синило мируваше пред нашите очи. Патот врви долж езерото и ни открива прекрасни струшки пејсажи. Можеме да замислиме како е овде кога ќе „пукне“ пролет или кога е лето. Природата ја дарувала Струга, неизмерно.

Целта на нашата посета на Струга беше да се сретнеме со господинот Стефан Лазарески, пензиониран полковник на АРМ. Сакавме тој да ни раскаже каков беше предизвикот во раните деведесетти години на минатиот век да се почне сè од почеток и да се гради и да се изгради армија која денес е гордост на нашата држава и институција во која граѓаните на Република Македонија имаат најмногу доверба.

Нашите домаќини нè очекуваа. Куќата ја изградиле на преубава локација, со прекрасен поглед кон езерската шир. На прагот нè пречекаа срдечни, многу љубезни луѓе, куќата домаќинска, отворена за добронамерници. Домот убаво среден, во духот на амбиентална Струга, а многубројните книги, енциклопедии, алманаси, дневен печат и фотоалбуми, укажуваа на тоа дека ова е дом на интелектуалци кои сè уште се образуваат и се информираат за современите настани.

Полковникот Стефан Лазарески исправено гази кон осмата деценија од својот живот. Сè уште стамен и исправен, со прецизна мисла и издржана анализа, овој поранешен висок офицер на АРМ успешно им пркоси на годините. Сопругата на полковникот Стефче, Катерина Лазареска, е родена Хрватка од градот Чаковец. Весела и темпераментна жена чија харизма плени. Некогаш вработена во структури на МВР, оваа македонска снаа одлично го говори нашиот јазик и држи лекции за патриотизам.

„Целиот свој работен век бев војник. Не знам за друга професија. Најубавиот период од мојот живот беше службата во АРМ“, го започнува разговорот полковникот Стефан Лазаревски. Воената академија ја завршив во Белград во 1966 година. Првото вработување ми беше во Марибор, Република Словенија. Таму ја запознав Катерина, која беше наставничка. Само што дојдов во Марибор, веднаш поднесов молба за прекоманда во Македонија. Во Струга ми беа родителите и сестрите. Сакав да бидам поблиску за да можам да им помагам.

Image

Условот кој ми беше поставен за да добијам прекоманда беше мојата единица да биде најдобра во гарнизонот. И, успеав во тоа. Ми беше понудено да заминам прво како наставник на Воената академија во Сараево, зашто во Македонија немаше побарување од мојата струка. Копнежот по родната Македонија не стивна ни во Сараево. Повторно барав прекоманда и повторно ме условија, ако имам најдобра група питомци ќе може да заминам за Македонија, така ми ветуваше командантот. Мојата група беше најдобра. И така, по три години поминати во Сараево, добив прекоманда за Битола. Заради високите оценки бев препорачан во Разузнавачкиот центар во Скопје, каде работев само една година, а потоа началникот ме предложи да му бидам аѓутант на генералот Васко Карангелески, командантот на Третата воена област. Пет години му бев аѓутант на генералот, а потоа заминав на постдипломски студии во Белград. По враќањето од Белград ме поставија за командант на Воената полиција. Подоцна сменив повеќе должности. Бев во разузнавачката служба, бев началник на бригада, началник на Центарот за обука на РМ, командант на Обласниот штаб во Тетово“, ни раскажува за својот животен пат полковникот Стефан Лазарески

Разговорот го водиме во насока да ни раскаже подетално за периодот веднаш по осамостојувањето на Република Македонија и за формирањето на првите единици на АРМ.

„Во периодот на осамостојувањето на РМ се затекнав на местото помошник на началникот на Штабот за разузнувачки работи на ТО на РМ. На многу од нас, тогашни старешини од ЈНА, ни беше понудено да се дислоцираме во Србија. Одбив. Реков дека секоја птица си лета кон сопственото јато и дека останувам во АРМ. Се вратив во РШТО. Тој период беше многу тежок и деликатен со оглед на случувањата. Поранешната југословенска армија требаше да ја напушти нашата држава. Се одвиваа преговори на највисоко ниво. Многу одговорност и големи обврски презедовме во тој период. Како што реков и претходно, јас својата иднина ја гледав единствено во Армијата на Република Македонија. Работевме многу. Почетоците беа тешки. Понекогаш талкавме во изборот на моделите, но се корегиравме, создававме единици, се трансформиравме постојано, во од, како што се вели“, ни појаснува Стевче.

Најинтересна ни е приказната за создавањето на првата единица за почести на Армијата на Република Македонија.

Полковникот ни појаснува дека на почетокот на месец март 1992 година добил наредба да се формира почесна единица за пречек на тогашниот претседател на Р. Словенија – Милан Кучан.

„Армијата сè уште не беше пополнета, немавме оружје, опрема, униформи… ЈНА однесе сè. Значи требаше да се најдат војници, оружје, сабја за свечен дочек, ја почнува приказната господинот Стевче. Отидов во тогашните фабрики ‘11 Октомври’ и ‘Железара’. Ми беа потребни околу 600 – 700 луѓе кои беа припадници на ТО на РМ. За неполни 10 дена требаше од овие работници да направам елитна гардиска единица. Секој ден неуморно вежбавме, став, движење, команди… За прв пат требаше да се покаже јавно дека постои АРМ, а јас да рапортирам како командант на елитна единица за почести. Одговорноста беше огромна. Ми беше неопходна сабја. Знаев дека сабја за свечен дочек постоеше во касарната ‘Илинден’. Отидовме таму, но и таа беше однесена. Побаравме помош од колекционерот Блашко Димов и некако успеавме да ја обезбедиме. На генералната проба беше присутен и претседателот Глигоров придружуван од генералот Томислав Трајчевски. Делегацијата од Република Словенија пристигна на 17 март 1992 и беше пречекана и подоцна испратена со највисоки протоколарни почести. Тој датум е забележан во аналите на историјата на Република Македонија како датум кога за првпат при пречек на странска делегација била интонирана македонската химна ‘Денес над Македонија се раѓа’ , за прв пат при пречек на висок гостин била построена почесна единица на Армијата на Република Македонија, било свечено развиорено македонското знаме, а јас бев првиот македонски офицер, командант на почесната единица, кој на македонски јазик му рапортираше на претседател на странска држава“, со видливи емоции ни ги раскажуваше деталите од овој настан полковникот Лазарески.

Разговорот продолжува, на приказните им нема крај. Полковникот Стефан Лазарески е сведок на уште многу важни моменти од развојот на АРМ. Бил шеф на военото разузнавање, командант на полициските и извидувачките единици. Кажува дека кога се формирани специјалните единици на АРМ официјално на 1 март 1994 година, кадровска база за нивно пополнување биле извидувачите и воените полицајци од регрутниот состав на АРМ со кои тој раководел. Колку само картони, војнички книшки, квалификации биле прелистани додека да се изберат најдобрите.

Полковник Стефан Лазаревски бил и професор на тогашниот Факултет за одбрана. Ги држел предметите „Основи на воени вештини“ и „Командно-штабна воена служба“. Подоцна станал и професор на постдипломски студии на Воената академија.

Полковникот Лазарески бил мошне активен и во цивилниот сектор. Бил претседател на СОФК- а на Скопје, активен спортист, а како офицер – љубител на спортот ги водел кошаркарите на МЗТ на службени патувања во Варшава, Полска. Како помлад, во редовите на некогашната армија бил шампион во дисциплината вишебој, најдобар од сите.

Полковник Стефан Лазарески е горд стружанец. Тој е семеен човек кој со својата сопруга и животна сопатничка Кате израснале две деца-врвни интелектуалци од кои имаат внуци на кои се посебно горди.

Во овој дом одлично се пеат староградските македонски народни песни со благ хрватски акцент. Имаат преубава куќа и вешто аранжиран двор со цветни аранжмани покрај езерото во преубавата Струга, во делот познат како Калишта.

„Денес кога ги гледам припадниците на АРМ, новата формација која е по сите стандарди на НАТО-земјите, особено кога слушам за успесите на припадниците на пСО, навистина сум горд што сум бил дел од оваа армија“, ни изјавува со цел глас полковникот на крајот од нашата посета.

Биографијата на полковникот Стефан Лазарески не може да се напише на две страници. Но, затоа ни се остава можност и за повторна посета и дружење со овој навистина посебен човек.

Овој напис имаше една основна цел, да ги потсетиме читателите на некогашните припадници на АРМ кои несомнено имаат за што да раскажуваат и кои оставиле свој траен белег во историјата на нашата армија.

Пред да тргнеме кон Скопје, полковникот ни рече: „ Поздравете ми ги , тој, тој, тој, тој и тој“. Еминентни луѓе кои откако го примија поздравот, со пиетет и почит срдечно му отпоздравија на Стефан Лазарески, пензионираниот полковник на Армијата на Република Македонија.

Автор на текстот: Р.Ш. – списание за одбрана Штит

Приказни

Дали за десетина години ќе има кој да прави бурек?

Published

on

На нашите простори пекарските производи, особено бурекот, имаат долга и богата традиција. Со месо, сирење, спанаќ или праз, комбиниран со јогурт или ајран, бурекот е омилен меѓу сите генерации. Но, прашањето кое се поставува е дали за десетина-петнаесет години ќе има кој да го прави.

Пекарскиот занает е тежок и бара посветеност, а интересот кај младите за оваа професија постојано опаѓа. Абдурахим Ештрефи од Скопје е дел од последните генерации македонски бурекџии. Веќе 45 години ги прави највкусните пити, буреци и ѓевреци. Тој го изучувал занаетот три години во стручно училиште, а потоа продолжил да работи во објектот каде што е активен уште од 1980 година. Денес, фамилијарниот бизнис го води со својот брат.

„Тежок е овој занает, но е профитабилен. Веќе 45 години станувам во три-четири наутро. Не е лесно“, вели Ештрефи.

Иако машините значително го олесниле процесот на производство, новите генерации сè поретко се заинтересирани за пекарството. „Ова е стар занает, но младите не сакаат да го учат. Имам синови, внуци, но никој од нив не е заинтересиран. Најдобрите бурекџии заминаа во странство. Сите мои колеги, пријатели – веќе не се тука. Денес има машини и фрижидери, но потребно е да се знае рецептот, да се учи и да се работи посветено“, објаснува тој.

Според податоците на Стопанската комора од 2023 година, просечната возраст на вработените во пекарската индустрија е 57 години. Иако постојат програми за обука, 82% од компаниите се соочуваат со потешкотии да обезбедат стручен кадар.

Дали иднината на бурекот е неизвесна? Ќе зависи од тоа дали ќе успееме да го зачуваме и пренесеме овој занает на новите генерации.

Continue Reading

Приказни

НОСТРАДАМУС ПРЕДВИДЕЛ ПОПЛАВИ ВО 2025 ГОДИНА Јасновидецот прогнозира нова ера на човештвото

Published

on

Откако ќе го постигнеме ова, луѓето ќе можат да комуницираат со повисоки облици на интелигенција. Ова е судбината на човештвото, пророкува Нострадамус во врска со големите откритија во квантната физика.

Нострадамус предвидел големи промени во 2025 година кои ќе доведат до „нов светски поредок“. Меѓу нив се спомнати и поплави кои ќе ги уништат крајбрежните градови и ќе остават милиони без покрив над главата, пишува Унилад.

Но, луѓето на социјалните мрежи коментираа дека пророштвото е само здрава логика бидјеќи минатата година ја одбележаа поплави.

Меѓу страшните пророштва за следната година Нострадамус наводно спомнал и тајни култови кои би ја користеле моќта на „мрачните ритуали“.

Унилад пишува и дека Нострадамус предвидел големи откритија во областа на квантната физика.

„Откако ќе го постигнеме ова, луѓето ќе можат да комуницираат со повисоки облици на интелигенција. Ова е судбината на човештвото“, пророкува Нострадамус.

Тој најави и дека во 2025 година ќе излезат на виделина долго чуваните тајни. Се чини дека теоретичарите на заговор се многу среќни поради ова.

Ова ќе го промени текот на историјата, тоа е почеток на нова ера, толкуваат различни поддржувачи на делата на Нострадамус, кои исто така тврдат дека во 2025 година повторно ќе почне да се цени некоја „древна мудрост“.

Се смета дека јасновидецот кој живеел во 16 век успешно ги предвидел доаѓањето на Адолф Хитлер на власт во Германија, атомските бомби во Хирошима и во Нагасаки и Големиот пожар во Лондон.

Continue Reading

Приказни

31 година од уривањето на авионот „Јак-42“ кај Охрид, погледнете ја реконструкцијата

Published

on

На денешен ден во 1993 година, авионот „Јак-42“ на авиокомпанијата „Авиоимпекс“, кој летал на релацијата Женева – Скопје, се урна во близина на Охрид. Леталото било пренасочено кон охридскиот аеродром поради лошите временски услови, но се срушило на само 4 километри од пистата, меѓу селата Горно Лакочереј и Оровник пишува 4news.mk.

Во оваа трагедија животите ги загубија 116 патници и членови на екипажот. Единствениот преживеан патник подоцна им подлегна на повредите. Како причини за несреќата беа посочени лошото време и наводно недоволната комуникација помеѓу посадата на авионот и аеродромските служби.

Истата година, само неколку месеци порано, на 5 март, на скопскиот аеродром се случи уште една голема авионска трагедија. Патнички авион од типот ФОКЕР 100 на компанијата „Палер Македонија“, кој превезуваше 97 патници, се урна при полетување. Во оваа несреќа загинаа 86 лица. Како причина за падот на Фокерот беше утврдено дека крилјата на воздухопловот не биле размрзнати, што доведе до дефект и пад.

Овие две трагедии го потресоа македонското воздухопловство и јавност. Поради сериозноста на ситуацијата, тогашниот министер за урбанизам, градежништво, комуникации и екологија, Антони Пешев, си поднесе оставка. Овие настани остануваат длабоко врежани во колективната меморија како најцрните денови во историјата на македонското воздухопловство.

Погледнете ја реконструкцијата која за прв пат е направена за овој лет.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк