Кај нас НЕ СЕ ПУКА САМО НА ПОГРЕБ

Рафалите од оружјето станаа главен белег на заедничките семејни собирања Свадби и разни други прослави проследени со пукотници се доста честа слика во земјава.

За жал, ова претставува навистина сериозен проблем за граѓаните, кои, од друга страна, и покрај тоа што сите овие пукотници од огнено оружје предизвикуваат општа опасност за нив, сепак, се плашат да пријават бидејќи не сакаат да си навлечат дополнителни проблеми. И покрај кампањите на Министерството за внатрешни работи, и покрај казните за некои од „пукачите“, населението никако да се откаже од овие примитивни навики.

Од она што екипата на Нова Македонија го констатира на терен, но и од многубројните поплаки на граѓаните, се чини дека ниту една превентивна и репресивна политика не е доволна причина „пукачите“ да се откажат од примитивното славење со вадење огнено оружје и негово употребување.

Во Арачиново, Чаир, Сарај, Бутел, па и во други градови и села во земјава, пукањето на прослави станува рутина без која не може да се одбележи свечен настан.

Екипата направи обиколка во неколку населени места и она што го забележавме е поразувачко. Нема прослава каде што не се употребуваат најчесто пиштоли, а поретко и автоматски пушки.

Граѓаните со кои разговаравме, а кои не сакаа да ни дадат податоци, поради тоа што се плашат да не им замерат соседите што вообичаено пукаат, велат дека се плашат за своите животи.

– Живеам во Бутел 2 и изминатиов период во нашата населба имаше доста прослави. Имам мали деца што си играат во дворот од семејната куќа, кои, за жал, секогаш кога ќе почнат соседите да пукаат, ги прибирам дома, затоа што се плашам од заскитани куршуми. Не сакам да излезе дека набедувам или измислувам информации, меѓутоа, јавна тајна е дека тука кај нас нема прослава без пукање од огнено оружје – вели нашата соговорничка.
Таа вели дека нема никаква слобода да седне со децата во двор, бидејќи пукотници има речиси секој ден во кој било период од денот.

– Не пријавувам, затоа што се плашам за мене и за моето семејство. Знаете какво време е дојдено, не сакам да пријавам затоа што може потоа да си имам проблеми со соседите. Тој што има пиштол дома, тој е подготвен и да го употреби. Навистина се плашам од реваншизам, се плашам да не ми се закачат на глава, па да имам уште поголеми проблеми. Нема друг спас, освен да трпиме – вели друг соговорник од Чаир.

Преземено од Vecer.mk