Connect with us

Македонија

Во Македонија пристигна првиот робот за молзење на крави

Модерната технологија ја почнува својата експанзија во македонското млекопроизводство. „Бимилк“ и УСАИД со заеднички проект за модернизација на малите и средни фарми.

Во Македонија пристигна најавениот робот за молзење и е доставен кај корисникот, фармата „Пивко“, долгогодишен кооперант на Битолска млекара. Оваа инвестиција претставува заеднички проект на „Бимилк“ и УСАИД чија цел е модернизација и унапредување на малите и средните фарми во Македонија. Употребата на овој современ метод за измолзување крави значително ќе ја зголеми продуктивноста и ќе придонесе за унапредување на процесот на млекопроизводството.

Зголемувањето на примарното млекопроизводството и на продуктивноста на кравите е решението за одржливоста на млечната индустрија и за зголемување на домашното производство. Тоа е клучот за намалување на трговскиот дефицит во млечната индустрија каде уште од пред десетина години вредноста на увозот повеќе од двојно ја надминува вредноста на извозот.

„Зголемувањето на примарното млекопроизводство ни е приоритет број еден како компанија најголем преработувач и откупувач на млеко и тоа го правиме во интерес на граѓаните и да даде вредност на подолг период. Само на овој начин, со модернизација и употреба на современи средства, ние како компанија можеме да помогнеме и да влијаеме врз зголемувањето на млекопроизводството и за гарантирање одржливост на целата индустрија, којашто се базира токму врз фармерите млекопроизводители. Ова е една од системските промени што можат да го спречат натамошниот пад на суровинската база. Затоа што ако се фармерите млекопроизводители силни, опстанат и се спроведе развојната база, има добра иднина и за сите нас. Нити има млечна индустрија без партнери, ниту фармерите можат да опстојат ако нема силна млечна индустрија којашто ќе продава не само во земјата туку и во странство. Затоа кооперантите се нашите најважни партнери и на секој можен начин работиме за подобрување на нивната состојба“, истакна Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на Млекара АД Битола.

Фармата „Пивко“ е во водечките 10 фарми според производство на млеко, а една од најдобрите според инфраструктурата и организираноста и прва каде ќе се користи овој робот. Моделот Fullwood M2erlin од Milkomax Solutions laitières е често применет и веќе докажан дека преку автоматизираните процеси придонесува за зголемување на продуктивноста на кравите и добивање поквалитетно млеко.

„Со голема нетрпеливост го очекувавме роботот за измолзување затоа што знаеме дека тука е нашата иднина. Години наназад се соочуваме со недостаток на работна рака што многу влијаеше на нашата продуктивност, а самите како фарма не можеме да инвестираме во ваква модерна опрема. Како долгогодишен кооперант на Битолска млекара редовно добиваме помош во опрема главно за подобрување на продуктивноста и квалитетот на млекото, но обезбедувањето на овој робот за измолзување е голем и вистинскиот чекор кон развојот на нашата фарма“, истакна сопственикот на фармата „Пивко“, Стево Пивковски.

Битолска млекара е долгогодишен партнер на фармерите млекопроизводители. Оваа соработка е од самиот почеток на постоењето на компанијата – компанијата добива квалитетна суровина, а фармерите континуиран и постојан развој. Со инвестициите само во последните пет години вредни повеќе од 226 милиони денари е дадена поддршка преку опрема, поволни заеми како и сточна храна за фармерите. Вложено е во трактори, миксери за храна, шталска опрема, млечен систем, плугови, комбајн, сеалки за жито и друга опрема, којашто директно е наменета за зголемување на количините и квалитетот на суровото млеко, чија цена денес е зголемена за околу 65 отсто во однос на просечната цена во 2017-та година.

Освен материјалната помош, „Бимилк“ одржува и редовна комуникација со фармерите, организира обуки, едукација и консултации со цел подигнување на стандардите на работа, квалитетот на млекото и продуктивноста.

Роботот за измолзување е обезбеден во партнерство со Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, со кој Битолската млекара неколку години по ред, преку билатерални меморандуми за соработка, дава поддршка за семејни фарми со развоен потенцијал.

Македонија

Македонските деца сè порано пробуваат цигари и алкохол: Првата цигара на 9 години, алкохол на 13

Резултатите од најновото истражување ЕСПАД 2024, презентирано од Институтот за јавно здравје, покажуваат загрижувачки тренд кај македонските ученици – дел од децата ја запалуваат првата цигара уште на деветгодишна возраст, додека првиот контакт со алкохол најчесто се случува околу 13 години.

Истражувањето било спроведено во 96 средни училишта со повеќе од 2.800 ученици и укажува и на значителен пораст на употребата на електронски цигари. Повеќе од една четвртина од учениците пробале е-цигари, а секој десетти ги користел во изминатиот месец.

Алкохолот останува најраспространета психоактивна супстанца меѓу адолесцентите, при што момчињата почесто пријавуваат рана употреба, интоксикација и тешко епизодно пиење. Речиси третина од учениците првпат консумирале алкохол на 13 години или помлади.

Иако помал обем се регистрира и употреба на седативи без рецепт, канабис и коцкање, овие појави се особено присутни кај машката популација. Надлежните институции предупредуваат дека овие трендови бараат засилени и современи превентивни мерки.

Од Министерството за образование и наука информираат дека училиштата веќе спроведуваат програми за превенција на злоупотреба на психоактивни супстанци, а од оваа учебна година е воведен и изборен предмет за здравствена писменост. Институтот за јавно здравје нагласува дека резултатите од ЕСПАД треба да послужат како основа за подобрување на политиките и заштита на здравјето на младите.

Continue Reading

Македонија

АХВ засилено ги контролира детските новогодишни пакетчиња: дел од нив повлечени поради неточни декларации

Во пресрет на новогодишните празници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 262 вонредни инспекциски надзори за да ја провери безбедноста на детските новогодишни пакетчиња. Контролите беа извршени во магацини за пакување, маркетите и продавниците кои ги пласираат овие производи.

Поради несовпаѓање на роковите на збирната декларација со поединечните рокови на производите и непотполни декларации, инспекциските служби издадоа 4 решенија за повлекување на пакетчиња од промет. Дополнително, двајца оператори со храна добија наредби за ставање на комплетни збирни декларации на пакетчињата.

Од спроведените 262 инспекциски надзори, не се изречени парични казни и не е поништена ниту една храна како небезбедна. Во споредба со ланската сезона, кога беа утврдени сериозни неправилности како погрешни ознаки, истечен рок на употреба и промени во својствата на производите, годинава се забележани само минимални недоследности кај операторите.

АХВ најавува дека контролните активности ќе продолжат и во наредниот период, особено пред и по новогодишните празници, со цел да се осигура безбедноста на детските пакетчиња.

Continue Reading

Македонија

Итни мерки против аерозагадувањето активирани и во Скопје

По Кичево и Струмица, од денеска итните мерки за справување со аерозагадувањето се активираат и во Скопје, откако мерните станици регистрираа надминување на дозволените концентрации на штетни честички во повеќе скопски општини. Зголемената магла дополнително ја влошува состојбата, а високи нивоа на загаденост се забележани и во други градови низ државата.

Министерството за животна средина и просторно планирање ги активираше протоколите за заштита на јавното здравје, со посебен фокус на заштита на најранливите категории граѓани.

Согласно владините мерки, работодавците имаат обврска да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, како и лицата кои прележале миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста.

Лекарите, особено пулмолозите, апелираат граѓаните да го ограничат престојот на отворено на минимум, доколку нема итна потреба. Според нив, најкритични се раните утрински и доцните вечерни часови, кога концентрациите на загадувачки честички се највисоки. Доколку е неопходно движење, се препорачува користење на јавен превоз наместо сопствени возила.

Надлежните институции ги повикуваат граѓаните редовно да ги следат препораките и официјалните соопштенија сè додека трае епизодата на загаден воздух.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг