Македонија
Ковачевски и порача на Русија да престане со војната во Украина
Published
2 years agoon
By
УредникНеопходно е заедништво на демократскиот свет, сега и понатаму, во надминувањето на последици од светски размери, со коишто се соочуваат државите во Европа и пошироко во светот, рече премиерот Димитар Ковачевски во денешното обраќање во рамки на Генералното собранието на Обединетите Нации, во Њујорк и побара Русија да престане со воените дејства во Украина
Обраќањето на премиерот Ковачевски ви го пренесуваме во целост.
„Силата е во заедништвото. Оваа лекција дека здружено можеме повеќе отколку сами, денес светот ја учи во неочекуваните околности со коишто сме соочени во 21-от век: прво пандемијата, а сега и суровата војна во Украина. Неопходно е заедништво на демократскиот свет, сега и понатаму, во надминувањето на последиците од светски размери, со коишто се соочуваат државите во Европа и пошироко во светот.
Република Македонија, во здружените напори за одговор на почетокот на војната во Украина, се постави веднаш и стопроцентно на линија на надворешната политика на Европската Унија и демократскиот свет. И тоа го сторивме како држава којашто е определена кон мир, кон решенија базирани на дијалог, кон европските вредности. Но и како земја, којашто од сопственото искуство научи дека мирот, силата и напредокот доаѓаат со заедништвото – и кога воспоставивме независност по мирен пат во 1991-та година – и кога се издигнавме над внатрешниот меѓуетнички конфликт во 2001-та година – и денес, кога преку воспоставениот концепт на „Едно општество за сите“, сме пример за функционална мултиетничка демократија, значаен фактор на стабилноста на Западен Балкан, а со тоа и на Европа и доверлив партнер на меѓународната демократска заедница.
Функционалните решенија на еден мал простор, секогаш се патоказ за решенијата на еден глобален простор. Предизвиците, колку и да ги има на едно широко географско тло, кулминираат на едно место, а потоа стануваат потенцијална глобална закана. Денес тоа место е една независна и суверена држава – Украина, чијшто народ се соочува со неприфатлива и недозволива агресија од Руската Федерација.
Два момента се исклучително загрижувачки и го бараат целото наше внимание. Едниот е фактот дека агресијата доаѓа од постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, како што е Руската Федерација. Тоа што низ насилство одлучува да решава предизвик – држава членка на организација којашто во својата основа го има одржувањето на мирот во светот, е спротивно на сите заложби на цивилизираниот свет, да се застане на патот на сите форми на дејствување чиишто последици се човечки животи и загрозување на светскиот мир. Исто така, покажувањето сила на една географски поголема држава, врз една географски помала држава – определена да споделува демократски вредности, е опасен и недозволив преседан. Во заедничкиот свет, составен од географски поголеми и помали држави, ова едноставно мора да се спречи да стане пракса.
Проблемите, како што можеме да видиме, се повеќедимензионални и заеднички. Тоа се предизвиците пред коишто сме соочени сите, во најтешката зима пред нас по втората светска војна: да обезбедиме достапност до храна и енергија за нашите граѓани.
И решенијата мора да бидат заеднички.
Одговорот за испреплетените предизвици е во суштината на темата на оваа дебата: решенија низ солидарност, одржливост и наука.
Кога велиме одржливост, треба да се има предвид уште едно горко искуство од војната во Украина. Битката за мир трае и мирот бара постојана посветеност кон меѓусебното разбирање, будност и брзи реакции.
Почитувани колеги, делегати и присутни,
Сакам јасно да ја пренесам пораката на мојата земја: непредизвиканата агресијата на Руската Федерација врз Украина претставува флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации, како и на нормите и принципите на меѓународното право. Таа не може да се оправда, ниту да се релативизира. Руската Федерација мора веднаш да ја прекине агресијата и да ги повлече своите трупи од Украина. Историјата ни потврдува дека ниту еден проблем не може да се реши по насилен пат. Прекинувањето на агресијата е неопходност и предуслов да се отвори единствениот можен пат до решението. Тоа е патот дипломатијата и дијалогот, којшто може и мора да биде единствениот механизам за разрешување на споровите и предизвиците меѓу државите.
Неизвесноста околу снабдувањето со храна и со енергија ќе ги продлабочи разликите на глобално ниво меѓу богатиот Север и сиромашниот Југ и ќе доведе милиони луѓе на работ на основна егзистенција, дури и во опасност од глад. Ефектите ќе ги почувствуваме сите – и економски повеќе развиените и помалку развиените држави. Мора да се извлечат искуствата од пандемијата – дека меѓународната солидарност не е добро да се води од тоа дали е потребна меѓу развиени или помалку развиени држави, ако сакаме да спречиме отворање нов предизвик од растечко граѓанско незадоволство на глобален план.
Пандемијата потсети дека сите сме еднакви пред заеднички, во случајот невидлив непријател, кој однесе милиони животи ширум светот. И упати колку се значајни солидарноста и единството, преточени во конкретната меѓународна соработка. Овие принципи треба да ја раководат нашата акција и во иднина, во соочувањето со актуелните и идните предизвици.
Конкретно, денес, во надминувањето на последиците на војната во Украина, неопходно е да се удвојат напорите за зајакната меѓународна солидарност и меѓусебно помагање на рамноправна основа во Европа, каде импактот од војната во Украина е најголем и пошироко во светот. Ова посебно се однесува на изнаоѓањето можни решенија за надминување на предизвиците околу снабдувањето со електрична енергија. Но и храна. Во овој контекст, ја нагласувам значајната активна улога на генералниот секретар, Антонио Гутереш, како и на Турција, во посредувањето за извозот на жито од Украина.
Почитувани присутни,
Случувањата во и околу Украина, во втор план ги ставија бројните други конфликти во светот, но фокусот кон нив мора да се држи изострен. Тероризмот, во сите свои форми, останува глобална закана на целото човештво. Бројните хибридни закани предизвикуваат загриженост и неспокој. Лажните вести и можноста што ја даваат социјалните мрежи, преку интернет комуникацијата за нивно масовно ширење, е предизвик за целиот демократски свет. Авторитарните тенденции, под превезот на лажниот патриотизам се сериозна закана за човековите права и потенцијална нестабилност. Останува актуелно и прашањето околу климатските промени – и покрај сите настојувања за заеднички и обединет фронт во спасувањето на Планетата Земја. Неодамнешните катастрофални поплави во Пакистан се само последна, видлива последица во низата екстремни природни непогоди ширум светот, настанати како резултат на климатските промени. Губењето на биодиверзитетот, загадувањето на воздухот и недостатокот на вода се наметнуваат како приоритетни закани, не само за животната средина и екосистемите, туку и за животот на луѓето. Така ќе биде се додека не профункционира свеста кај секој поединец дека природата не е наша, туку е дел од нас и кон неа така треба да се однесуваме. И за сето ова се потребни заеднички акции со засилени консолидирани напори, во коишто тежиштето ќе се стави подеднакво на превенцијата, како и кон решенијата.
Конфликтите, нестабилноста, насилството, климатски промени доведуваат до ширење тешка сиромаштија за милиони луѓе кои предизвикуваат раселување на населението, што добива и размери на егзодус. Емигрантските бранови од претходните години од Сирија и Авганистан не стивнуваат. Сега се соочуваме и со милиони бегалци од Украина.
Република Македонија ги отвори вратите за граѓаните од Украина, кои приморани да ја напуштат родната земја побараа засолниште во нашата држава. Оваа прилика е момент да се оддаде должно признание на државите во светот коишто примија најголем број бегалци, како и на големиот број граѓани ширум светот кои се секојдневно се ангажирани во згрижувањето на бегалците и воопшто во помагањето на оние кои имаат потреба од тоа. Мојата земја, Македонија, во рамки на постоечките капацитети, останува посветена кон исполнувањето на меѓународните обврски на хуманитарен план. За успешно соочувањето со проблемите на имиграцијата од различен вид, неопходно е зајакнување на свеста дека се работи за глобален предизвик кој бара координирана активност, согласно принципите на споделена одговорност.
Почитувани колеги,
Искуствата нè учат дека нема мал проблем. Секој мал проблем е потенцијал за голем проблем. Но, нашето присуство овие денови во седиштето на Обединетите нации е добар потсетник дека силата и решението се во обединувањето околу вредностите. Мултилатерализмот и почитувањето на востановените правила и обврски, тргнувајќи од Повелбата на Обединетите нации, се единствен начин да ја обезбедиме толку неопходната предвидливост во меѓународните односи.
Иднината ја градиме сега и ја градиме заедно. Наспроти сите несовршености на меѓународните механизми, мултилатерализмот и Обединетите нации како негова највидлива форма со универзалната мисија – мир, сè уште се клучниот катализатор во насочувањето на заедничките напори за подобар, побезбеден и поправеден свет.
Глобалните предизвици бараат глобален одговор. Ниту една држава не може сама да се справи со проблемите на 21-от век. Сега, повеќе од кога било, е време да покажеме дека мултилатерализмот функционира во време на кризи. Во тој контекст, извештајот насловен „Нашата заедничка агенда” на генералниот секретар Гутереш, треба да биде водич во глобалните реформи за управување, за да може мултилатералниот централен систем на ОН да се адаптира на иднината и да придонесе кон заедничките заложби.
Агендата за одржлив развој 2030 секако останува појдовна точка во таа глобална акција. Таа не само што ги адресира хроничните проблеми на сиромаштијата и нерамномерниот развој, туку може да послужи и како платформа за решенија за сите останати проблеми, почнувајќи од неопходноста за обединување врз основа на новата агенда за мир, до ставање на човечката димензија во центарот на технолошкиот развој во дигиталната ера.
Република Македонија активно работи на остварување на Милениумските развојни цели и дава поддршка на сите напори за појаки и поефикасни Обединети нации.
Во остварувањето на Милениумските развојни цели, заедно со останатите развојни активности на национален, регионален и глобален план, треба да тргнеме од претпоставката дека сме должни на младите генерации да им обезбедиме услови за напредок.
Младите, нивниот пристап до модерно образование ориентирано кон иднината и решавањето на проблемите што тие ги адресираат, мора да бидат во центарот на нашето внимание и политички ангажман во годините што доаѓаат. Во оваа насока би сакал да истакнам дека втора година по ред, во работата на Генералното собрание учествува и младински делегат од Република Македонија.
Драги пријатели,
Република Македонија од 1 јануари 2023 година ја има честа да го преземе претседавањето со Организацијата за безбедност и соработка во Европа, најголемата регионална безбедносна организација. Ова е и голема обврска, посебно што доаѓа во време кога во Европа се случува воена агресија, со сите пропратни последици за мирот и безбедноста во ОБСЕ- и просторот и пошироко – но, јас сум уверен дека успешно ќе одговориме на дадената доверба. Македонија, некогаш и самата корисник на посредничко-безбедносни механизми, вклучително и на мировната мисија на Обединетите нации, преку сопствен пример ја научи полезноста од мировниот ангажман на меѓународната заедница. Со тоа искуство, подготвени сме да придонесеме во зајакнувањето и развојот на безбедноста во широк контекст. Како претседавач со ОБСЕ во 2023 година, ќе бидеме целосно посветени на благородната мисија во служба на мирот и безбедноста, како предуслов и за економско-социјалниот развој и верувам дека ќе придонесеме и во унапредувањето на мултилатералните безбедносни механизми.
Таа верба е базирана на нашите пракси од заедништвото и придобивките на домашен, регионален и меѓународен план. Претставувам пред вас денеска, држава во којашто сите етнички заедници имаат еднакви, уставно загарантирани права и обврски. Република Македонија ја градиме во граѓанско, демократско општество во кое што разликите се предност, а не пречка. И обединети, како мултиетничка функционална демократија, денес сме успешен пример на Европа во мало, на Балканот. Но, тргнувајќи од значењето на меѓусебното разбирање, почитување и поддршка што ги мотивира заедништвото, заедно со два наши соседи, Албанија и Србија, ја основавме иницијативата „Отворен Балкан“, што е денес успешен пример на регионално поврзување. Тоа придонесува во заедничките заложби за укинување на непотребните бариери во движењето на луѓето, трговијата, пренесувањето стоки и давањето услуги. Но, во актуелен контекст ни овозможи да осигураме достапност до храна за нашите граѓани, со тоа што договоривме да си помогнеме, доколку се соочиме со недостиг на својот, домашен пазар, како последица од глобалната криза и дека нема да имаме забрани за тргување на основните земјоделско-прехранбени производи помеѓу нас. А, активно разгледуваме и опции за меѓугранична трговија со електрична енергија и помош со енергенси, во напорите за надминување на енергетските состојби со коишто е соочен целиот свет. Ги градиме и добрососедските односи со чувство на одговорност и низ дијалог, уверени дека чувањето на националните и државните интереси не е спротивно на пошироките интегративни процеси и унапредената соработка со нашето опкружување, туку напротив – себепотврдувањето најадекватно доаѓа до израз во поширока заедница, на споделени вредности. Водејќи се од овие политики на мостови, преку функционална дипломатија, дијалог и разбирање, постигнавме остварување на стратешката цел – полноправно членство во НАТО и денес сме достоинствена членка на Алијансата. И по 17 години од добиениот кандидатски статус, ги почнавме преговорите со Европската унија. Од исклучителна важност за мојата земја е забрзаната интеграција во ЕУ и ние сериозно работиме на сите потребни чекори кон реализацијата и на оваа втора, државна, стратешка цел.
Граѓаните на Македонија заслужуваат најголем кредит бидејќи предолго го чекаа овој момент, и јас разбирам зошто можеби се чувствуваат фрустрирано и уморно одејќи по тој долг пат кон Европа. Но, ние немаме друга алтернатива која ќе ни овозможи подобар животен стандард, а и никој не рече дека сето ова ќе биде лесно. Напротив, и покрај сите потешкотии, ЕУ е сѐ уште најдобрата опција за нашата иднина, за иднината на нашите деца. Ние, едноставно ја немаме ниту можноста, ниту привилегијата да се откажеме сега. Дотолку повеќе, сега е вистинското време да продолжиме со полна пареа, уште побрзо напред.
Сакам да потенцирам дека членството на Република Македонија во ЕУ е од суштинско значење и за самата Европска Унија, посебно во новите околности на глобален план, кога овој знак на охрабрување – дека процесот на проширување е актуелен го очекува целиот регион, којшто колку и да има прогресивни раководства не е имун на глобалните предизвици. А и, во услови кога треба и мора да се осигура евроинтеграцискиот, демократски пат на државите од Западен Балкан, како придонес во европскиот мир.
Приказната на мојата родна земја, Република Македонија, којашто пред две недели одбележа 31-на година од независноста – е приказна за мир, соработка и разбирање, преку коишто е создадена низ предизвиците за надминување на заканите по внатрешната стабилност и на патот на интеграциите на меѓународен план. Со ова сакам да посочам дека работиме низ фокус на решенија и низ заедништво во предизвиците коишто не познаваат државни граници, етнички, јазични, религиски или други разлики.
Драги пријатели, колеги и присутни,
Ми причинува особена чест и задоволство, што како претседател на Владата на Република Македонија, имав можност, да се обратам на говорницата на Обединетите нации, организацијата – чувар на мирот, солидарноста и просперитетот.
Изразувам благодарност до господинот Абдула Шахид, претседавач на 76-то Генерално собрание, за неговата досегашна успешна работа. Уверен сум дека и господинот Чаба Короши, кој го презеде претседавањето со 77-то Генерално собрание, ќе продолжи во таа насока.
Пандемијата и војната во Украина потсетија на слабостите на човештвото, дури и во еден современ 21-ви век. Но, како што пандемијата ја покажа и моќта на човечката издржливост и жилавост – и силата на инвентивноста и способноста на науката за кратко време да се дојде до потребните вакцини, човештвото мора да продолжи да се потпира на науката и да продолжи да верува во своите хуманистички основи и капацитети и за мир.
Сите сме на истиот брод и немаме друг избор, освен солидарно да се поставиме едни кон други и обединето да дејствуваме во одбраната и унапредувањето на основните вредности – слободата и мирот во светот. Мирот се постигнува преку компромиси, но се чува со меѓусебно разбирање. Благодарам на вниманието, да живее Република Македонија, да живеат граѓаните на Република Македонија.“
You may like
-
Внесувањето на Бугарите во Уставот е во согласност со Крушевската република и АСНОМ (Видео)
-
Ковачевски и Зеленски се фрлија ВО ПРЕГРАТКА (Фото)
-
Ковачевски се заканувал: Прифатите ли промени на францускиот предлог, се селам во Америка!
-
ПЛАТАТА ЛЕГНА – Пендаровски 165 илјади, Ковачевски 156 илјади, Џафери 166 илјади денари !!!
-
Со 3 денари намалување на цените, лекови не се купуваат! – Пензионерка му го „плесна“ на Ковачевски кој се сликаше со артикли во маркет
-
ЗАХАРОВА ЗА АПСЕЊЕТО НА ПУТИН: Одлуката на судот во Хаг нема никакво значење за Русија!
Македонија
ДОДЕЛЕНИ ЧЕТВРТОНОЕМВРИСКИТЕ НАГРАДИ ОД ОПШТИНА БИТОЛА
Published
24 mins agoon
November 5, 2024By
АрлингтонНа Свечената академија која се одржа во Центарот за култура, беа доделени четвртоноемвриските награди за едногодишни достигнувања и наградата за животно дело. Одлуките за наградите „4 Ноември“ ги донесе Управниот одбор, во состав претседател на Управниот одбор Габриела Илиевска и членовите Бојан Бојкоски, Марко Јосифовски, Соња Петреска, Мирјана Захариевска-Ралевска, Јадранка Павловска, Методија Илиевски, и Жаклина Наумовска на седницата одржана на 30.10.2024 година.
Наградата за животно дело на актерот Борис Чоревски му ја врачи градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Чоревски беше предложен заради големото достигнување во областа на уметноста. Борис Чоревски е актер со изграден и дефиниран творечки потенцијал, со широк распон и творечки дијапазон, со висока етичност и професионалност. Потекнува од успешно театарско семејство, и од најмали нозе е присутен во Народниот театар во Битола. Од 1975 год. е постојан член на ансамблот на НУ Народен театар Битола со одиграни околу 150 услоги. Откако го завршил Факултетот за Драмски уметности беше професионално ангажиран во Битолскиот Народен Театар со настапот во пиестата „Елена Четковиќ“ во ликот Вук. Во неа Борис Чоревски покажа дека неговите успешни настапи не се случајни, туку се плод на една извонредна подготвеност и талент. За таа улога ја доби наградата млад актер на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 1975 год. Борис има остварено и многу улоги и во Југословенската драматургија. Помеѓу позабележителните секако се ликовите во „Свечената вечера во погребалното претпријатие“ и „Натемаго на Филозофскиот факултет“ и двете од Иво Брешарн во режија на Владимир Милчин. Во 1999 год. добитник е на наградата за најдобро актерско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп за маестралната креација на ликот на Таткото Полит во „Мачка на вжештениот покрив“ од Т.Вилијамс во режија на Љупчо Ѓоргиевски. За истата улога ревијата „Екран“ му додели награда актер на годината. Таа година и Народниот театар од Битола му ја додели наградата „14-ти Ноември“ за успешна работа на театарската сцена исполнета со креативен набој на модерен актер и богат опус на драмски улоги . Во 2011 год. со улогата на соседот во претставата „Обична приказна“ од М.Ладо Чоревски станува лауреат и ја добива единствената награда на „ФКТ“ Ристо Шишков во Струмица. Неговото исклучително место во актерската мапа, градот Битола го наградува со наградата „4-ти Ноември“ во 1997 год. Во 2011 год. е добитник на наградата за животно дело „Петре Прличко“ што ја доделува Општина Велес и Здружението на драмски уметници на Република Македонија „Џинот“ со која го свртстува во еден од водечките актери на Македонија. За целокупните негови остварувања во театарот, телевизијата и во филмот, Чоревски ја добива заслужената награда за животно дело на 55-то издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“. Со сите овие признанија и награди остава силен печат на актерското мајсторство и на театарскиот живот во Република Македонија, а посебно во град Битола.
Наградите за едногодишни достигнувања ги додели претседателката на Советот, Габриела Илиевска, на следните добитници:
- Факултетот за Информатички и Комуникациски Технологии – Битола
Предложен заради досегашните врвни достигнувања во областа на науката и високото образование. По само 10 години постоење стана факултет со најголем број на студенти во Битола. Како резултат на големата посветеност на наставно-научниот кадар во едуцирање и продуцирање на високопрофесионален ИТ кадар, богатата наставна, научно-истражувачка, стручно-апликативна високообразовна дејност во Битола во последниве години ИТ секторот доживува подем – отворени се повеќе ИТ компании со седиште во Битола.Наставата се одвива во 2 студиски програми на прв циклус, 7 студиски програми на втор циклус и 2 студиски програми на трет циклус. ФИКТ се грижи за студентите да им обезбеди најсовремени ресурси. Формирани се 4 лаборатотии на факултетот, дел од опремата во овие лаборатории се уникатни. Факултетот е коорганизатор на меѓународна Конференција за Применет интернет и ИТ од 2015 год., Меѓународна Конференција за применети Интернет и информатички конференции AIIT 2023 се одржа во Битола на кои беа презентирани рекорден број на трудови, Саем на кариера (Career EXPO 2024), „Паметна околина и паметни алатки“. Во изминатиот период се реализирани и два прекугранични проекти со Грција, два билатерални македонско-кинески научно-истражувачки проекти, два проекти финансирани од Германската служба за академска размена и и многу други проекти.
- Компанија САЈТИРО ДОО
Предложена заради врвни достигнувања од областа на стопанството. Компанијата Сајтиро ДОО Битола е визионерска компанија за развој на VR (Виртуелна реалност) софтвер која ја трансформира обуката на работната сила преку напредни технологии за виртуелна реалност. Со своите VR решенија имплементирани во повеќе од 100 организации на глобално ниво (САД, Велика Британија, Австралија, Канада и ЕУ) оваа компанија придонесува во индустрии како автомобилската и производствената. Импресивна листа на клиенти се: Тојота, Јагуар Ленд Ровер, Аксалта, ППГ, БАСФ, LKQ, i-Car. Овие решенија придонеасоа за подобрување на перформансата на вработените и оперативната ефикасност, и истовремено намалување на трошоците и ризиците по безбедноста при обуките.
- м-р БИЉАНА СТОЈАНОВСКА – ЃУРИЌ
Предложена поради големо достигнување во областа на литературата и културата, промоција на македонскиот јазик во Риека и во цела Хрватска.
Овие активности што ги иницира Стојановска-Ѓуриќ беа препознаени од Хрватската радио-релевизија, која сними документарец со наслов –„Дворец од букви“ во кој посебно место зазема Битола, како нејзин роден град. Филмот беше премиерно прикажан на ХРТ1 во февруари годинава по повод 21 февруари, Меѓународен ден на мајчиниот јазик. Три години Стојановска-Ѓуриќ беше и учителка по македонски јазик во ОУ „Центар“ во Риека. Им држеше настава на учениците од прво и осмо одделение, а денес Стојановска-Ѓуриќ е лекторка по македонски јазик на Филозофскиот Факултет во Риека, Хрватска. Таа исто така е авторка на бајката „Змејот од Пелистер“ во којашто се појавува реален топос – врвот Пелистер. Оваа бајка е издадена заедно со уште 15 други современи македонски бајки. Во мај 2023 год. Стојановска-Ѓуриќ иницираше и организираше прослава по повод јубилејот 15 години Лекторат по македонски јазик во Риека.
- ВАЊА АТАНАСОВ
Предложен поради големо остварувања во спортот. Тој учествуваше и успешно го заврши екстремниот триатлон „Ironman“ кој се одржа во септември 2023 год. во Р. Италија. Ironman триатлонот претставува една од серијата триатлон трки на долги растојанија организирани од Светската Федерација за Триатлон која се состои од пливање од 3,9 км, возење велосипед од 180,2 км и трчање 226,3 км. Нашироко се смета за еден од најтешките еднодневни спортски настани во светот по екстремни терени и во екстремни временски услови, кои вклучува ноќно пливање во ледени езера и големи промени на надморска височина за време на делот на возење велосипед и трчање. Секој учесник кој ќе го заврши триатлонот во овие временски ограничувања е назначен за Ironman. Вања ја заврши трката за 12 часа и 47 минути. Во 2024 год. учествуваше на уште еден триатлон во Црна Гора на планината Дурмитор каде е прв Македонец кој успешно има завршено ваков тип на натпреварување.
- БРАНИСЛАВ АНГЕЛОВСКИ
Предложен поради големо остварување во спортот. Ракометната кариера ја започна во матичниот Пелистер. Стана пионерски, кадетски и младински шампион на Македонија и се наметна во сениорска конкуренција и во младинските репрезентации. Низ децениските настапи во Македонија освои шампионски и куп-титули со Пелистер, Металург и Вардар. Има забележителна и меѓународна кариера исполнета со нови искуства и трофеи. Настапуваше за Загреб, Винтертур (Швајцарија), Тримо Требње (Словенија), Ал-Аин (ОАЕ), Тулуз (Франција), Костанца (Романија). Има вкупно освоено 11 шампионски и 10 Куп-Титули со сите клубови во четири различни земји во својата кариера. 2 децении го носеше дресот на репрезентацијата на Македонија и дел од најголемите успеси на нашиот ракомет, Играчката кариера ја заврши со импресивен проштален натпревар во Битола. Потоа ја започна својата тренерска кариера во националниот тим.
Со Мулти Есенс стана младински шампион на Македонија во сезоната 2022/2023, а во првото искуство во Суперлигата ја освои шампионската титула со Еурофарм Пелистер во сезоната 2023/2024.
Македонија
„Нискоградба“ започна со обнова на мостот наспроти Музејот на Албанската азбука во Битола
Published
27 mins agoon
November 5, 2024By
АрлингтонНискоградба Битола известува дека од денеска работи на реконструкција на мостот во близина на Музејот на Албанската азбука во Битола. Мостот нема да биде во употреба до завршување на градежните работи!
Македонија
НАШЕТО ЗНАЕЊЕ ГО НАСОЧУВАМЕ КОН ПРОЕКТИ ЗА ПОУБАВА БИТОЛА – ОБРАЌАЊЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ ПО ПОВОД 80 ГОДИНИ ОД ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ГРАДОТ
Published
10 hours agoon
November 4, 2024By
АрлингтонПо повод „4 Ноември“ – Денот на ослободувањето на Битола, во Центарот за култура се одржа Свечена академија на која беа доделени четвртоноемвриските награди. На свеченоста на која присуствуваа голем број делегации и гости, свое обраќање имаше градоначалникот Тони Коњановски, кој направи кратка ретроспектива на значењето на денешниот ден за градот и реализираните проекти од локалната самоуправа во изминатата една година:
„Вечерва се потсетуваме на борбата и храброста на нашите предци, на направените жртви, но и на издржливоста на нашиот народ, во очекувањето на светлината на новата зора, исполнета со надеж и можности.
Оние кои некогаш сонуваа за посветла иднина, презедоа акција за да го направат сонот – реалност. Наследството живее во нашата посветеност да ги поддржуваме вредностите на слободата, правдата и мирот. Наша должност е да се погрижиме нивните жртви никогаш да не се заборават, а лекциите од историјата да не водат во нашата потрага по подобро утре.
Токму затоа, денес продолжуваме да се бориме со нашите интелектуални капацитети за понатамошен раст на Битола, нејзин развој и напредок во сите области, пред се преку активна вклученост на младите во сите области на делување.
Изминатите денови, почнувајќи од 26 октомври направивме едно поврзување на спортот, културата, уметноста, односно се она што е гордост на Битола и за што нашиот град, можам да речам дека е расадник на голем број таленти, покажани и докажани на нашите простори, но и во светски рамки.
Синоќа, добивме и една посебно значајна честитка од нашиот фудбалски клуб „Пелистер“ со победата над екипата на „Вардар“, на првиот ноќен натпревар на Стадионот Петар Милошевски по поставувањето на рефлекторите.
Поддршката на спортот и културата е само дел од она што ни овозможува напредок, додека инфраструктурната изградба е главниот услов за економски просперитет во убав, уреден и град кој нуди многу можности.
Како локална самоуправа, продолжувајќи ја визијата за Битола и изминатата година, се насочивме кон реализација на проекти кои значајно ја подобруваат инфраструктурата, овозможуваат подобри услови за живот на сите граѓани, ја збогатуваат културно – туристичката понуда и придонесуваат за економско заживување на градот и нови инвестиции, што се потврдува со новонајавените инвеститори во Индустриската зона Жабени, новоотворениот трговски центар БЛИС, најавениот ЛИДЛ.
Битола повторно станува привлечно место за инвестиции, како резултат на повеќе капитални проекти со кои веќе се случуваат видливи промени.
Традиционално, на 4 Ноември, правиме краток осврт на она што сме го направиле изминатата година во интерес на Битола.
Во тој контекст изминатата една година:
Покрај доделувањето на наградите, Програмата беше збогатена и со културно – уметнички перформанс на кој преку настап на културно – уметнички друштва, хорови, актери, новинари, пејачи и изведувачи беа прикажани значајни настани, фестивали и други карактеристични обележја на Битола, кои постоеле во минатото, а многу од нив и денес се значајни промотори на Битола.
ДОДЕЛЕНИ ЧЕТВРТОНОЕМВРИСКИТЕ НАГРАДИ ОД ОПШТИНА БИТОЛА
„Нискоградба“ започна со обнова на мостот наспроти Музејот на Албанската азбука во Битола
НАШЕТО ЗНАЕЊЕ ГО НАСОЧУВАМЕ КОН ПРОЕКТИ ЗА ПОУБАВА БИТОЛА – ОБРАЌАЊЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ ПО ПОВОД 80 ГОДИНИ ОД ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ГРАДОТ
Активноста во индустријата во еврозоната намалена и во октомври
Трајановски за договорот „Бехтел и Енка“: Нормално е да прифатиме нешто што е веќе договорено и има донесено специјален закон
Револтиран угостител до Филипче: 15 години сум дел од ова не може да седам на страна без кажан збор!
БОМБА НА МАКЕДОНСКА ДОКТОРКА: Од 10 заболени вчера ревакцинирани со 2 дози се 8
Мехмети: Не прашувајте како изгоре болницата-Таа ја ИЗГОРЕВМЕ СИТЕ!
Затвор ли е Идризово, кафана ли е ? (Видео)
„Спремен сум да влезам во инфективна и со заболените БЕЗ МАСКА да седам 24/7 седум дена„“ – Предизвик до Филипче
(Видеo) Драма во Албанија: Гори 12-катница, 40 лица се заробени во становитe
Мистepиja на гpoбот на Свети Никола: И покрај paзopниот земjoтpec останал целoceн – се останато било yништено (ВИДЕО)
ПАЛЧО СО ИСТАТА БАНДА ВО МАЈ БЕШЕ ФАТЕН СО ПИШТОЛ БЕЗ ДОЗВОЛА како бара злато (ФОТО)
ВО ЖИВО ОД МВР – ФАТЕН Е И УАПСЕН ПАЛЧО (ВИДЕО)
(Видео) Излегов да берам дренки кога пред мене излезе мечката и ме нападна
Трендинг
-
Македонија7 days ago
Драма на тетовскиот плоштад: Три жени демолирале кафуле
-
Македонија16 hours ago
ИЗВЕСТУВАЊЕ ОД ЕВН: Без струја утре повеќе градови и села
-
Македонија7 days ago
Апсење во ценатрот на Тетово
-
Македонија6 days ago
Седум работници од Бангладеш исчезнаа од фирма во Тетовско – се трага по нив
-
Uncategorized16 hours ago
Без струја делови од Тетово и тетовско известуваат од ЕВН
-
Македонија6 days ago
Без струја утре делови од Тетово
-
Uncategorized7 days ago
Тешка сообраќајна незгода во Тетовско
-
Македонија6 days ago
Нова градинка во Тетово сè уште не е отворена поради недостиг на кадар