Бугарскиот министер за надворешни работи: Казната за Алабаковски е мала

Казната за Алабаковски е најлесната можна, реално очекувавме посериозна пресуда зашто според македонскиот закон за ова дело се изрекуваат од 6 месеци до 5 години, изјави бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков на денешниот редовен брифинг, додавајќи дека овој настан како и фудбалскиот натпревар откриле структурен проблем за правата на Бугарите во Северна Македонија. Милков иако првенствено рекол дека веќе нема да се осврнува на фудбалскиот натпревар, за да не го распалува жарот на оваа тема, која според него треба и да се затвори а за шестмесечната условна казна за Алабаковски, дека сепак е акт на независните судски инстанци, подоцна и двата настани ги окарактеризира како дела на омраза.

– Двете дела извршени во текот на неделата, се дела на омраза, тие испраќаат порака и до народот на Република Северна Македонија и до Бугарија а таа не е позитивна. Треба да се обрне внимание на тоа дека јазикот што е користен на натпреварот, е јазик што го користат политичарите.

Ова е слика на обиди за еродирање на досега постигнатите договори и им покажува на граѓаните на Република Северна Македонија каде стои земјата во однос на преговарачкиот процес со Европската Унија. Обидите за слободно толкување на францускиот предлог и создадената атмосфера во Република Северна Македонија не го фаворизираат процесот пред кого претстои долг пат за изодување. 

Сепак, Милков нагласил дека се уште гледа позитивно и не би навлегувал подлабоко во речникот на фудбалски агитации и дека тоа биле декларации наменети за внатрешна употреба во Македонија и на никаков начин не ја менувале обврската на земјава и во однос на билатералниот договор и во спроведувањето на предлогот на француското претседателство со ЕУ, брифирал Милков. Тој кратко ја коментираше и изјавата на македонскиот колега Бујар Османи дека „исходот од преговорите со Бугарија заврши со 3 спрема 1 за нас“, укажувајќи дека е за внатрешна употреба.

„Мислам дека тоа не е фудбалски натпревар и оваа реакција не е многу соодветна“, рекол Милков. Како што е познато во недела во Бугарија ќе се одржат 4 по ред парламентарни избори за помалку од две години.Аналитичарите стравуваат дека и претстојните избори нема да донесат ништо ново во делот на очекувањата за брзо формирање стабилна влада.