ССМ не попушта. Останува на барањето за разрешување на директорот на Водовод.
Бараат најдоцна до утре да се сретнат со скопската градоначалничка околу состојбите во претпријатието, но иако досега испратиле две писма до Арсовска, повратен одговор не добиле, вели Претседателот на синдикатот Дарко Димовски.
Доколку нема средба, најавува, дека веднаш ќе ја почнат постапката за штрајк а ако во рок од 10 дена со помош на медијатор не се изнајде прифатливо решение, вработените ќе престанат со извршување на своите работни задачи. Сепак, уверува дека оваа не е закана дека ќе биде запрено водоснабдувањето, како што првично беше разбрано.
Димовски не се согласува со тврдењата на Арсовска дека Водовод е претворено во канцеларија за партиски вработувања, пред се во администрацијата. Не верува во најавите за хоризонтална реорганизација и, како што кажа, синдикатот нема да дозволи анархија во претпријатието.
Арсовска ги повика надлежните органи да ги спречат најавите за прекин на водоснабдувањето на градот во случај на штрајк. Од Основното јавно обвинителство за Канал 5 истакнаа дека ги следат сите информации и ќе постапат доколку бидат утврдени елементи на кривично дело.

