Беше СВЕТСКИ ШАМПИОН, а работеше во кафуле како келнер! И Тито го обожаваше

Во 1948 година, според многумина, на 16 ноември е роден најдобриот спортист на поранешна Југославија – легендарниот боксер Мате Парлов. Боксот беше неговиот живот! На 16 години почнал да го тренира овој спорт во БК „Пула“, а по само три години ја освоил титулата шампион на Југославија во полутешка категорија.

Токму тогаш започнува блескавата кариера на овој ас. Првиот голем успех на меѓународната сцена го постигна во 1969 година, кога стана европски вицешампион во Букурешт. Две години подоцна во Мадрид освои златен медал, а во 1973 година во Белград ја одбрани титулата најдобар Европеец во полутешка категорија.

На Олимпијадата во Минхен 1972 година, Парлов освои злато во незаборавното финале против кубанскиот Кариљо. Во овој спектакуларен натпревар и двата ривали завршија на паркетот. Натпреварот беше прекинат во втората рунда кога Кубанецот беше соборен по четврти пат.

Mate Parlov vs Gilberto Carillo (CUB)

Доминацијата на Парлов во полутешка категорија беше потврдена и во Хавана во 1974 година, кога ја освои титулата аматерски светски шампион во полутешка категорија. По завршувањето на аматерската кариера остави белег меѓу професионалците. Во ист стил продолжи и на 10 јули 1976 година во незаборавен меч на „Маракана“ го победи Италијанецот Доменико Адинолфи и ја освои титулата професионален шампион на Европа во полутешка категорија, во верзијата на Светскиот боксерски совет (ВБЦ).

Две години подоцна, Парлов стана и светски шампион, победувајќи го Аргентинецот Мигел Анхел Куељо со нокаут во 9. рунда.

Парлов остана запаметен како еден од најдобрите југословенски спортисти на 20 век.

Осум пати беше шампион на Југославија, пет пати шампион на Балканот, два пати светски првак и еднаш европски првак, а на Олимписките игри во Минхен во 1972 година освои златен медал.

Како аматер, Парлов имал 310 борби, од кои само 13 биле изгубени. Во професионалната кариера на 29 натпревари забележа 24 победи, три порази и две нерешени.

Југоносталгичарите често истакнуваат дека во поранешната држава имало двајца мажи со кои никој не смеел да се плетка… Едниот бил Тито, а другиот Мате!

Парлов беше најсилниот Југословен. Мажите му се восхитуваа, го имитираа, а жените воздивнуваа по него.

Беше најдобар во светот. На врвот од кариерата тој беше непоразен, а оние што се занимаваа со боречки вештини знаеја дека  нема да издржат ниту секунда со шампионот. Имаше и такви кои го провоцираа и од кои насмеано ја вртеше главата.

„Никогаш не бев агресивен, иако бев жесток. Не се борев од основно училиште и немав никакви проблеми надвор од рингот. Не ги ни барав! Имаше секакви искомплексирани момци. Тие сакаа да се докажат на човек кој има освоено некои титули. Но јас го избегнав тоа. Се вртам настрана или преминувам на друга приказна“, изјавуваше Мате Парлов.

Беше вљубеник во поезијата, знаеше напамет стотици народни песни и го обожаваше Белград.

„Белград е град кој секогаш ќе го сакам. Таму ја поминав мојата младост“, велел Мате.

Парлов почина на 29 јули 2008 година. По тешко и кратко боледување, тој почина на 60-годишна возраст во болница во Пула.

„PОДЕН ВО ЗАТВОР“

Семејна трагедија

Малку е познато дека таткото на боксерот, Мате Парлов постариот, неколку години по Втората светска војна бил осуден на затвор во Пула и дека по отслужувањето на казната, семејството го преселил во тој град. Бидејќи семејството Парлов била трговска, се претпоставуваше дека тие биле прогонувани од комунистичките власти како капиталисти и националисти. Излегува дека Парлов сениор бил осуден на смрт со стрелање заради убиство што го извршил за да прикрие други злосторства.

По војната станал директор на фирмата „Турија“, која градела училишта и центри за култура. Неговиот познаник и локален партиски функционер Никица Рако ги одобрил парите за тие проекти. Како што стои во пресудата, Рако на Парлов му дал пари кои таткото на боксерот ги задржал за себе. Откако се заканил дека ќе го пријави кај властите, Парлов решил да го убие. На судењето се појавил елемент кој на се му додава зачин. Обвинителот тврдел дека Никица Рако бил во врска со сопругата на Мате Парлов.

„Обвинетиот според однапред смислен план на свиреп начин му го одзел животот на Никица Рака“, се наведува во судските списи.

Судот пресудил дека како судија на партизанското движење собирал помош за НОБ, која не им ја предавал на оние за кои била наменета, туку ја чувал за себе, а по ослободувањето на Имотски, земал стока од дуќани чии сопственици не им се допаѓале на новите власти. По убиството на Никица Рака, во истражен затвор во Сплит завршила и Мира Парлов, мајката на боксерот.

Помладиот Мате Парлов е роден во 1948 година во Сплит, па оттаму и приказната дека е „роден во затвор“. Смртната пресуда против таткото на Мате Парлов не била извршена, но тој отишол во затворот во Пула на издржување на казната. Малиот Мате останал со својата мајка, братот и двете сестри во Имотски, а познаници од детството го опишале идниот боксерски шампион како доминантна, но истовремено и многу чувствителна личност.

Славко Штимац: Беше светски шампион, а служеше во кафуле каде го провоцираа и враќаа по шеќер

„Парлов ја одбележа мојата младост. Имаше статус на херој во моето семејство и во многу други семејства низ Југославија“, вели Штимац, кој ја игра главната улога во претставата за легендарниот боксер.

„Бил интересна личност, таа дискреција, можеби занес, ја сакаше поезијата, знаеше многу песни од разни поети. Беше светски шампион, а луѓето ги послужуваше со кафе, некои го враќаа по шеќер, вода, луѓето го провоцираа, но тој на ништо не реагираше“, изјавил Штимац.

Текст: Vecer.mk